Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Nov 6, 2010

0
Смешки

Премногу сум млад за да можам да зборувам за лустрацијата од позиција на некој што живеел во претходната држава и знае како функционирал системот и за што се се одговорни оние што кодошеле, колку човечки судбини се уништени и какви се последиците од нив. Сепак, доволно сум стар за да можам да направам еден преглед и да го дадам насловов на колумнава врз основа она што сега се случува со процесот на лустрација.

Комисијата за верификација на факти, која е носителот на овој процес беше формирана и почна со работа уште во јануари минатата година но првите резултати од нејзината работа ги видовме дури една година подоцна, кога на почетокот на оваа година кажаа дека ги провериле премиерот, претседателот на државата, претседателот на Собранието како и уште 60-тина функционери на највисоките позиции во државава и дошле до заклучок дека во врвот на државата нема шпиони. Откако го дознавме ова и ни олесна ја оставивме комисијата да продолжи со својата работа и да ги проверува и останатите во потрага по првиот шпион во државава.

Сепак, отскочната даска кон вниманието на јавноста за лустрацијата дојде неколку дена подоцна и беше отсликана во насловната страница на „Време“ од која ѕиркаше документ кој покажуваше дека главниот уредник на два провладини медиуми бил соработник на српската тајна служба. Латас уште истиот ден успеа да си добие белешка од МВР која го негираше ова.

Ова се случуваше во јануари годинава а два месеци подоцна Уставниот суд одлучи лустрацијата да важи за периодот од 45-та до 91-ва, а не како што определуваше законот – до 2008-ма. Нормално, како и за секоја, така и за оваа одлука, уставните судии добија еден куп критики од владејачката партија.

Но интересното започнува дури неколку месеци подоцна, односно некаде во август годинава. Сцената е сместена во Комисијата за лустрација од каде тогашниот претседател Јанаќе Витановски ја обвини МВР за упад во работата на комисијата поради потврдата која му ја издала на Латас. Два дена му требаа за да се демантира самиот бидејќи, како што рече, имал погрешни информации.

Во меѓувреме се смена и претседателот и на чело на комисијата дојде Томе Аџиев но резултатите никако не доаѓаа па партиите решија дека треба да ја преземат работата во свои раце и да почнат со заканите. Прва беше ДПА која се закани дека има информации за кодоши во редовите на ДУИ и дека ќе ги објави доколку комисијата не си ја заврши својата работа. Слични закани стигнаа и од ВМРО НП која исто така имала информации за висок функционер на ДУИ како и за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои кодошеле. По ова лустрациската сцена почна да се вжештува па и претседателот Аџиев се почесто почнавме да го гледаме пред камерите. При крајот на минатиот месец конечно откри дека работата тргнала и веќе имале потенцијални кандидати за титулата прв кодош.

ДПА и ВМРО НП и понатака притискаа а Љубчо Георгиевски и Никола Груевски си разменија и писма со меѓусебни обвинувања. Во меѓувреме почна да се шушка и дека првиот кодош е на чекор до прогласување. Според информациите се работеше за член на Уставниот суд па и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ побрзаа да се оградат и да кажат дека немаат никаква врска со него. Неколку дена подоцна сите дознавме дека се работи за претседателот на Уставниот суд а тој побара јавно пред комисијата да докажува дека не кодошел. Наместо тоа, тој себеси се претстави како жртва. Но подоцна испадна дека сведочењето пред комисијата му било за џабе бидејќи го прогласија за кодош а притоа воопшто не го разгледувале она што тој имаше да го каже во своја одбрана.

Па се појави и совесниот граѓанин од Тетово во чиј двор паднале три белградски досиеја за тројца функционери на ДУИ во кои има докази дека биле соработници на тајните служби . Досиејата ги достави во комисијата каде не беа сигурни што треба да направат бидејќи ова било прв пат некој да донесе досиеја а бидејќи постапката за сите тројца веќе беше завршена се поставуваше прашањето дали се ќе треба да се почне од почеток. Па кон лустрациската приказна се приклучи и претседателот Иванов кој ја искористи својата посета на Србија да побара од претседателот Тадиќ пристап до досиејата кои се наоѓаат во Белград. Па „Дневник“ го објави и досието за Ибар во кое ДУИ го препозна лидерот Ахмети и обид за негова дискредитација.

Последниве денови секојдневно го гледаме претседателот на комисијата Аџиев со контрадикторни и збунувачки изјави и постапки. Иако на претседателот на Уставниот суд му овозможија да се одбрани, испадна дека и со и без неговиот исказ тие го прогласија за кодош. Иако постапките се завршени, од комисијата решија да ги разгледуваат и досиејата што слетуваат по дворови или редакции. Иако испаѓа дека најголемиот дел од досиејата останале во Белград, освен барањето на претседателот Иванов, на никого досега не му текна да направи нешто за да ги добие и да спроведе вистинска лустрација. Иако луѓето од врвот на државава веќе се поминати и се чисти, ако на некого по дома му се наоѓа досие и му фаќа прашина може слободно да го извади од фиока и да го фрли в двор па ќе ги поминуваме уште еднаш и уште еднаш и така се додека има слободни дворови.

По година и осум месеци од формирањето на комисијата, со само еден прогласен кодош и со многу нејаснотии и нелогичности испаѓа дека лустрацијата не е ништо друго туку само една голема смешка.

(Авторот издава двор кој може да се користи за секакви намени со капацитет и до 83 досиеја)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 30
10 2010
)