Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jun 15, 2011

0
Прашања за убиството на плоштад


Прашањата поставени подолу се однесуваат на убиството на Мартин Нешковски и настаните кои следуваа потоа а се дел од емисијата „На рапорт со Јофе“, од изданието емитувано на 12 јуни 2011, кое целосно можете да го погледнете на овој линк.




  • Што правел тигарот Спасов вечерта на плоштадот? Дали бил дел од обезбедувањето на премиерот Груевски? Ако бил, тогаш информацијата на братот на Мартин навистина има смисла. Дали Мартин бил претепан до смрт затоа што се обидел да се качи на бината?

  • Кои биле полицајците што му помогнале да го пренесе телото на тревникот пред МЕПСО? И зошто дозволиле да си замине од местото на настанот? Дали тие знаеле дека Мартин бил убиен и го премолчиле тоа што ги прави соучесници, или пак, поверувале во верзијата на осомничениот убиец дека на Мартин му се слошило? И во едниот и во другиот случај, зошто го пуштиле Спасов да замине од местото на настанот?
  • Кој бил лекарот што констатирал дека на телото на Мартин немало повреди ако од судска медицина велат дека му бил скршен носот и имал други повреди, а левата страна на телото при обдукцијата била во распаѓање?
  • Зошто од МВР реагираат во администрацијата на Фејсбук за да се бришат групите во кои се најавуваат протестите? Во насловот и описот на групите нема никакви повици за насилство. Да, во групите има индивидуални повици но постои можност да се бришат поединечно. Дали МВР ја злоупотребува својата позиција и тоа што во администрацијата на Фејсбук не разбираат македонски па ги брише групите за да го спречи организирањето на протестите, а со изговор дека во групите има насилни повици?

    Ако толку многу сте загрижени за насилството на Фејсбук, ве повикувам, да реагирате и на други групи кај кои во насловот има повици за насилство или ликвидирање јавни личности. Групите стојат со месеци!!! Овие групи, за протестите, немаа повици за насилство во насловот и описот но сепак стоеја само неколку часа по што беа избришани.
  • Кој се заканувал на семејството на убиеното момче да молчат за случајот?
  • И најважното прашање. Дали МВР и институциите на системот се обидоа да го сокријат убиството?
  • Како тоа од СВР Скопје констатирале дека на телото немало траги на насилство а обдукцијата покажа дека на телото имало видливи и прилично сериозни повреди?
  • Како тоа Иво Котевски не знаеше за убиството во понеделникот во 15 часот кога претставници на министерството биле во институтот за Судска медицина уште пет часа претходно... од 10.30 до 12.30. Според директорот Алексеј Дума тие во 13 часот усмено биле известени дека момчето починало од крварење во мозокот, поради удари во главата.
  • Ако тигарот Спасов самиот се пријавил во понеделникот попладне, зошто од МВР тоа не го соопштија уште тогаш?
  • Зошто институциите за убиството известија дури по 38 часа, откако сведоштвата се објавија во медиумите а низ главниот град почнаа и протести?

    Има само две објаснувања. Ако се случило убиство а екипа од СВР Скопје излегла на терен но констатирала дека нема убиство и пласираше информација дека на момчето му се слошило и немало видливи повреди, се работи за НЕСПОСОБНОСТ. Ако на СВР Скопје може да им се провлече убиство, тогаш прашање е колку сме безбедни со такви служби.

    Ова е страшно, но второто објаснување е уште пострашно. Ако екипата на СВР Скопје знаела дека се работи за убиство, и ако уште утрото во понеделникот од институтот за судска медицина им кажале дека момчето починало од крварење во мозокот, поради удари во главата... а Иво Котевски и СВР Скопје велат дека не знаат или дека на некого му се слошило и починал... тогаш институциите на системот се одговорни за прикривање убиство!

    Ова се двете логични објаснувања на молкот на институциите. Ако има трето, повелете кажете.

    Што значи... дали ако немаше сведоци, и истите тие сведоци не им ги кажеа своите сведоштва на медиумите, а младите не излезеа на протест... дали сега ќе знаевме за убиството?

    И ако ова е точно, тогаш колку пати претходно се случило истото?

Ова се прашања кои мора да се одговорат!

За фактите кои им претходеа на прашањата, како и самите прашања - целата емисија:


Nov 6, 2010

0
Смешки

Премногу сум млад за да можам да зборувам за лустрацијата од позиција на некој што живеел во претходната држава и знае како функционирал системот и за што се се одговорни оние што кодошеле, колку човечки судбини се уништени и какви се последиците од нив. Сепак, доволно сум стар за да можам да направам еден преглед и да го дадам насловов на колумнава врз основа она што сега се случува со процесот на лустрација.

Комисијата за верификација на факти, која е носителот на овој процес беше формирана и почна со работа уште во јануари минатата година но првите резултати од нејзината работа ги видовме дури една година подоцна, кога на почетокот на оваа година кажаа дека ги провериле премиерот, претседателот на државата, претседателот на Собранието како и уште 60-тина функционери на највисоките позиции во државава и дошле до заклучок дека во врвот на државата нема шпиони. Откако го дознавме ова и ни олесна ја оставивме комисијата да продолжи со својата работа и да ги проверува и останатите во потрага по првиот шпион во државава.

Сепак, отскочната даска кон вниманието на јавноста за лустрацијата дојде неколку дена подоцна и беше отсликана во насловната страница на „Време“ од која ѕиркаше документ кој покажуваше дека главниот уредник на два провладини медиуми бил соработник на српската тајна служба. Латас уште истиот ден успеа да си добие белешка од МВР која го негираше ова.

Ова се случуваше во јануари годинава а два месеци подоцна Уставниот суд одлучи лустрацијата да важи за периодот од 45-та до 91-ва, а не како што определуваше законот – до 2008-ма. Нормално, како и за секоја, така и за оваа одлука, уставните судии добија еден куп критики од владејачката партија.

Но интересното започнува дури неколку месеци подоцна, односно некаде во август годинава. Сцената е сместена во Комисијата за лустрација од каде тогашниот претседател Јанаќе Витановски ја обвини МВР за упад во работата на комисијата поради потврдата која му ја издала на Латас. Два дена му требаа за да се демантира самиот бидејќи, како што рече, имал погрешни информации.

Во меѓувреме се смена и претседателот и на чело на комисијата дојде Томе Аџиев но резултатите никако не доаѓаа па партиите решија дека треба да ја преземат работата во свои раце и да почнат со заканите. Прва беше ДПА која се закани дека има информации за кодоши во редовите на ДУИ и дека ќе ги објави доколку комисијата не си ја заврши својата работа. Слични закани стигнаа и од ВМРО НП која исто така имала информации за висок функционер на ДУИ како и за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои кодошеле. По ова лустрациската сцена почна да се вжештува па и претседателот Аџиев се почесто почнавме да го гледаме пред камерите. При крајот на минатиот месец конечно откри дека работата тргнала и веќе имале потенцијални кандидати за титулата прв кодош.

ДПА и ВМРО НП и понатака притискаа а Љубчо Георгиевски и Никола Груевски си разменија и писма со меѓусебни обвинувања. Во меѓувреме почна да се шушка и дека првиот кодош е на чекор до прогласување. Според информациите се работеше за член на Уставниот суд па и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ побрзаа да се оградат и да кажат дека немаат никаква врска со него. Неколку дена подоцна сите дознавме дека се работи за претседателот на Уставниот суд а тој побара јавно пред комисијата да докажува дека не кодошел. Наместо тоа, тој себеси се претстави како жртва. Но подоцна испадна дека сведочењето пред комисијата му било за џабе бидејќи го прогласија за кодош а притоа воопшто не го разгледувале она што тој имаше да го каже во своја одбрана.

Па се појави и совесниот граѓанин од Тетово во чиј двор паднале три белградски досиеја за тројца функционери на ДУИ во кои има докази дека биле соработници на тајните служби . Досиејата ги достави во комисијата каде не беа сигурни што треба да направат бидејќи ова било прв пат некој да донесе досиеја а бидејќи постапката за сите тројца веќе беше завршена се поставуваше прашањето дали се ќе треба да се почне од почеток. Па кон лустрациската приказна се приклучи и претседателот Иванов кој ја искористи својата посета на Србија да побара од претседателот Тадиќ пристап до досиејата кои се наоѓаат во Белград. Па „Дневник“ го објави и досието за Ибар во кое ДУИ го препозна лидерот Ахмети и обид за негова дискредитација.

Последниве денови секојдневно го гледаме претседателот на комисијата Аџиев со контрадикторни и збунувачки изјави и постапки. Иако на претседателот на Уставниот суд му овозможија да се одбрани, испадна дека и со и без неговиот исказ тие го прогласија за кодош. Иако постапките се завршени, од комисијата решија да ги разгледуваат и досиејата што слетуваат по дворови или редакции. Иако испаѓа дека најголемиот дел од досиејата останале во Белград, освен барањето на претседателот Иванов, на никого досега не му текна да направи нешто за да ги добие и да спроведе вистинска лустрација. Иако луѓето од врвот на државава веќе се поминати и се чисти, ако на некого по дома му се наоѓа досие и му фаќа прашина може слободно да го извади од фиока и да го фрли в двор па ќе ги поминуваме уште еднаш и уште еднаш и така се додека има слободни дворови.

По година и осум месеци од формирањето на комисијата, со само еден прогласен кодош и со многу нејаснотии и нелогичности испаѓа дека лустрацијата не е ништо друго туку само една голема смешка.

(Авторот издава двор кој може да се користи за секакви намени со капацитет и до 83 досиеја)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 30
10 2010
)

Oct 23, 2010

0
Плачковци

Во вторникот во Скопје дојде најголемиот европеец, претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпуј. Се повоза низ скопските улици, се сретна со премиерот и претседателот и си замина, на пат кон следните дестинации – БиХ и Албанија. Човекот беше прилично отворен и уште еднаш го повтори она што сите овде многу добро го знаеме. Тоа е дека мора да го решиме спорот со името со Грција доколку сакаме да мрднеме напред на патот кон ЕУ. И уште повеќе, Ромпуј рече дека скорешното решавање е единствена шанса за влез низ европската врата.

Се разбира, премиерот го ислуша и му кажа дека правиме се што можеме за да најдеме решение. „Македонскиот пристап и понатаму ќе биде проактивен и конструктивен со цел изнаоѓање решение кое нема да наштети на двете држави, кое што би било прифатливо од двете држави и од двата народа“, рече Груевски на заедничката прес конференција по средбата.

Да видиме како изгледа македонскиот проактивен и конструктивен пристап. Ќе ја земеме за пример конструктивноста на претседателот Иванов.

Тој пред еден месец беше во седиштето на ОН. Таму заменувајќи го Груевски се сретна со грчкиот премиер Папандреу. Според информациите од Њујорк, средбата имала за цел да придонесе во градењето на доверба меѓу двете земји а и двајцата соговорници се согласиле дека треба да преовладува позитивната реторика. Нашиот претседател го замолил грчкиот премиер да внимаваат со црвените линии и споменувањето на промена на Уставот бидејќи тоа е чуствително за македонските граѓани, а Папандреу имал разбирање за ова.

Сепак, само два дена пред таа средба Иванов имаше обраќање пред Генералното собрание на ОН каде и не покажа нешто преголема чуствителност а и не се мачеше да одбира зборови опишувајќи го односот на Грција кон Македонија. Како што кажа Иванов, со блокирањето на влезот во НАТО и ЕУ Грција директно го спречува економскиот развој на Македонија, нешто слично како ембаргото од деведесеттите.

По средбата нашиот претседател се обрати и на 65-то Генерално Собрание на Обединетите нации. Таму обвинувањата му беа поблаги но сепак ја искористи и таа прилика за уште еднаш да се пожали на неправедната политика на нашите соседи.

Еден месец по Њујорк, деновиве во Стразбур, нашиот претседател се обрати и на 60-годишнината од донесувањето на Европската конвенција за човекови права во Советот на Европа. Искористувајќи го поводот тој удри по Грција и храбро и порача – „Нема ниту една држава, ниту една влада и ниту една сила која може да им го оспори правото на Македонците да бидат Македонци, бидејќи човековите права се и посилни и потрајни од минливоста на одредени влади или одредени политичари“.

Тооооооооо претседателееееееее! Секоја чест, конечно некој им ја плесна целата вистина в лице!

Вака изгледаат голем дел од коментарите на интернет на овој а и на претходните говори на претседателот Иванов пред меѓународните институции каде ја покажува целата своја силина додека во меѓувреме дома или молчи или не знае што ќе прави во врска со измените на законот за разузнавање. Колку за потсетување, со измените се предвидува спојување на Агенцијата за разузнавање и Управата за безбедност и контраразузнавање под капата на МВР со што претседателот ќе ја изгуби можноста за добивање разузнавачки информации, дел од неговите уставни надлежности.

Сепак, претседателот во очите на многумина е херој за изјавите за името, кои се дел од стратегијата за која пишував на ова место пред две недели во колумната под наслов „Фантастични стратегии“.

„Стратегијата која ја користат нашите власти се состои од бескрајно повторување дека грчиштана се лоши и дека поради нив не можеме да напредуваме, дека тие се најголемата препрека на патот на нашата успешна иднина. Ова се повторува насекаде низ светот, на сите средби, и со официјални претставници на ЕУ и НАТО, и со претставници на нивни земји членки“, пишував на 9. Октомври. Тогаш зборував и за невозможната мисија која ја промовираа нашите власти - барање членство под привремената референца и паралелни преговори со Грција за името.

Иако сите што се барем малку упатени во ЕУ и НАТО интеграциите знаат дека ова е невозможно, сепак нашите властодршци го продаваа како можна варијанта па мораше уште еднаш и официјалните претставници на организациите каде сакаме да влеземе да повторуваат дека тоа не може да се случи. Тоа тогаш го повтори генералниот секретар на НАТО, Расмусен, а сега истото го потврди и Ромпуј од ЕУ.

И овие двајца а и сите останати повторуваат дека доколку сакаме да напредуваме во евроатланските интеграции мора да најдеме решение на спорот. Но ако нашите власти се одлучат конечно да го решат спорот и да го најдат тој фамозен разумен компромис, откако ќе го направат тоа па додека да ги почувствуваме благодетите од членството во НАТО и ЕУ ќе помине мноооогу време па и политичките поени ќе дојдат мноооогу подоцна. Она што не мора да се чека и може да дојде веднаш се политичките поени кои се собираат со плачење и обвинување на Грција на секој чекор проследено со чукање в гради.

(Авторот е доумерено облачен со повремени врнежи од дожд и појава на магла по котлините)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 22
10 2010
)