
Синоќа македонската публика можеше да го види првото издание на новото шоу „Ексклузив со Јофе на рапорт“ а ќе може да го гледа два пати неделно, во среда и недела во дози од по 10 минути. Централниот лик во емисијата е Јофе (Јован Постолоски), кој е автор и водител и кој ги презентира и коментира вестите на еден сосема поинаков начин од она на што сме навикнати.
Во синоќешното прво издание на тапет беа измените во законот за електронски комуникации, Бранко Црвенковски и митингот на неговата СДСМ, Влатко Ѓорчев со обвинувањата за опозицијата за тајни преговори и продажба на името, премиерот Никола Груевски во приказната за долгот на државата кон стопанството, „освојувањето“ на првото место на листата на невработеност и пропаѓањето на инвестицијата на компаниите Хајер и Тривју во слободната економска зона Бунарџик.
- Кога гледаме вести редовно ги коментираме и им се смееме на политичарите и глупостите кои тие ги кажуваат и прават. Дали се работи за изјава која нема смисла, ненадејно сменет став по одредено прашање или говор на тело кој го издава говорникот, таквите работи секогаш се присутни. Јас решив коментирањето од удобноста на дневната соба да го пренесам на малите или евентуално големите плазма екрани и да ја дополнам празнината во македонскиот тв-простор – вели Јофе.
Тој веќе една година пишува редовна неделна колумна насловена како „З`ш да не?“,
најпрво во неделникот „Сега“ а моментално секоја сабота во весникот „Шпиц“. Во емисијата ветува многу смеа и добар хумор и им порачува на политичарите да не се срамат и да продолжат и понатака со успешната работа која, како што вели, ќе му биде поттик за што поуспешни емисии. Ветува дека нема да биде поштеден никој а освен политичарите, во емисијата ќе може да се најде секој кој ќе си го заслужи тоа.
Се работи за емисија која спаѓа во рамките на жанрот њуз сатира и претставува своевидна пародија на вестите. Најпознатите емисии од овој тип се „Дејли шоу“ со Џон Стјујарт и „Колберт рипорт“ со Стивен Колберт кои се емитуваат на американската тв-мрежа Комеди Централ, а ова е прва емисија од овој тип во Македонија. Ќе се емитува секоја среда пред вестите и секоја недела по вестите на А1 во 19 часот.
текстот е објавен во дневниот весник Шпиц на 8 јули 2010
клик на сликата за поголеми димензии
Jofe na raport na A1 televizija
Кликнете на YouTube логото за да го посетите YouTube каналот и да ги погледнете сите досегашни изданија на емисијата.
1 comment:
Аирлија! ;)
---
ADLF
Post a Comment