Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Aug 7, 2010

Писмо од Јофе до премиерот

Драг Никола,

Долго размислував дали да се впуштам со свој личен коментар... Се зезам бе. Па сигурно нема да му го земам целото писмо на Протоѓер. Му ја зедов само блискоста во него.

Друг ми е мене муабетов. Јас тебе лично воопшто не те познавам, се имаме сретнато околу два, три пати во животот, на некои си настани, а по телефон, никогаш не сме комуницирале.

Ете видиш... пак му го крадам писмото на Протоѓер. А сакав само да ти пишам за говорот на Мечкин Камен. Ептен ти беше добар и инспиративен. Не знам кој ти го пишувал ама секоја му чест.

Посебно ми се допадна делот за слободата и идеите за неа од Гоце, Даме, Јане... Делот каде велиш дека никој не може да ги води нашите битки наместо ние самите и дека слободата тогаш, а денес развојот, обединувањето, сплотеноста, правдата, борбата за подобар стандард и подобри услови за живот, за демократија и просперитет, мора да биде извојувана, а никако поклонета.

Само ќе морам да те поправам. Бидејќи слободата и тогаш а и сега, мора да биде извојувана. Народот мора да си ја земе слободата која секоја власт му ја одзема. Но не онаа слобода која подразбира ослободување од ропство за која говореле револуционерите туку слободата на умот, слободата на мислата, слободата на говорот.

И немој да ми речеш дека тоа е одамна извојувано бидејќи не е. Тоа се гледа секогаш кога новинари се бркаат од работа токму поради тоа што сакале слободно да мислат и тоа да и го пренесуваат на јавноста. Тоа се гледа секогаш кога некои кои одбиваат да молчат и зборуваат гласно завршуваат уапсени под чудни околности. Тоа се гледа секогаш кога ги лепите етикетите на сите оние кои размислуваат различно од вас. И бранковите, и платеничките, и предавничките и сите останати. Тоа се гледа секогаш кога некој излегува на улица да протестира а полицијата не му обезбедува никакви услови за тоа. Тоа се гледа секогаш кога некоја група излегува да протестира за нешто во кое верува а друга група прави контра протест и тргнува да ги тепа оние неподобните.

Да, тоа се дел од ситуациите каде се гледа. Но има и потрагични ситуации, кога не се гледа, кога не може да се слушне. Кај сите оние кои имаат многу што да кажат но молчат. Молчат поради стравот од загуба на работното место, шансите за негово добивање, можностите за некаков просперитет во животот. Има и најтрагични ситуации. Тоа се оние кога луѓето веќе и заборавиле на таа можност. Кога заборавиле дека отпорот е опција, дека искажувањето на револтот е благодет на едно демократско општество.

Но ова, почитуван Никола, ти добро го знаеш и совршено ти одговара. И тебе, и на оние пред тебе, и на оние кои ќе дојдат по тебе. Токму затоа и јавната администрација се шири до недоглед, токму затоа и парите кои од буџетот одат за плати, хонорари, субвенции и слично се повеќе се зголемуваат. За овците да молчат а овчарот мирно да си лежи под сенката на големиот јавор.

Што можам да направам друго освен да ти честитам, и да ти посакам да продолжиш понатаму со истото темпо, драг Никола?

Ќе пишував писмо за овците ама нив им треба многу повеќе од писмо за да се освестат. Треба да ги заболи, треба да ги пече и да не можат да спијат од болки па за да им текне на слободата.

Честит Илинден, драг Никола.

(Авторот заминува на одмор па во следните две недели нема да чкрта по странициве)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на
07 08 2010
)
(Наредната во сабота на 28 08 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment