Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jul 31, 2010

Приказна за еден тажен крал

Дозволете ми да ви раскажам една приказна. Сместена е на едно место во едно време. И има една главна улога. Еден крал. Срамежливо и од никаде се појави но успеа да дојде на чело на кралството. Кога доаѓаше носеше со себе една тегла со мед и со него ги премачкуваше сите жители на кралството. Им велеше дека тој е поинаков од сите претходни, дека ќе го направи кралството поубаво место за живеење, цвеќињата ќе цветаат пошарено а птиците ќе пеат помагично.

Народот?

Народот многу пати дотогаш излажан и ограбен му веруваше а и го сакаше. Му дозволи да го поведе кон подобрата иднина и пофантастичното утре.

Но снегот од кој беа направени брдата и долините полека почнуваше да се топи а кралот се почесто ја облекуваше својата темна наметка. И наместо, како што им велеше на своите поданици, да ги натера краловите од другите кралства да носат златници во неговото, почна се повеќе да им ги зема златниците на жителите на кралството.

Потоа, додека поданиците умираа од глад, тој почна да ги троши нивните пари на некои чудни идеи за, како што велеше, разубавување на кралството. Поглемиот дел од жителите си молчеа и ја почитуваа волјата на кралот, но мал дел од нив реши да се побуни па се собра баш на местото предвидено за разубавување. Но нивниот собир не заврши славно. Беа натепани додека кралската војска си седеше и го гледаше тоа.

Се собираа и други жители на кралството кои си го бараа она што го загубиле поради тој или некој од претходните кралови. Но, не само што кралот не сакаше да чуе за нивните барања, туку неговата војска ги оставаше и сами да се расправаат или да бидат газени од кочиите на другите поданици.

Иако беа малку, сепак имаше и жители на кралството кои беа многу гласни и насекаде зборуваа за злото кое ги снашло поради кралот. Но нему не му се допаѓаше тоа, па, иако ги имаше насекаде околу нив, успеваше да им најде забранети билки само на нивните ниви и ги затвораше во темните зандани каде беа тепани а потоа оставани да размислуваат за тоа што го направиле.

Постоеја и гласници. Многумина од нив го пренесуваа зборот на кралот трубејќи на розевите труби кои им ги беше купил, но имаше и такви кои одбиваа да го направат тоа и ги ваѓаа своите труби, кои веќе беа посивиле.

Што се случуваше со нив? Епа, дел од нив веќе не се гласници. Им ги зедоа трубите и ги фрлија на улица. Можеби и треба да бидат среќни што се таму а не се во темните зандани.

А што се случи со кралот и каков е крајот на неговата приказна?

Крајот сеуште не е дојден но ќе дојде. И ќе биде тажен. Многу тажен...

(Авторот пишува измислени приказни)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 31
07 2010
)
(Наредната во сабота на 07 08 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment