Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jan 27, 2010

0
Пу, пу, пред мене, зад мене, никој да нема – инвестирам!

Добро утро со штотуку зготвен појадок в кревет. Не. Така е само на филм.

Добро утро со кафе и цигара. Не. Па јас не пушам цигари.

Добро утро со кафе и прашањето – Која банка ја ограбија денес? Да. Апсолутно совршен начин да се почнит ден во Македонија. Појќе не се чудам ко ќе слушнам дека ограбиле банка. Во последно време ко ќе ја видам најавнана шпица за вестине и презентеркана ко ќе речит дека вестите следувале после рекламите одма и враќам – ај да не должиме, кажи која банка ја ограбиле денес па пуштај Шехерезад. И така нишо друго интересно не се дешават во државава.

Ау да, освен играна во која шо цела јавност пробвит да погодит кој споменик стигнал од Фиренца. А властодржциве си ќутат. Ни џокер не ни давет. А точниот одговор ќе го дознајме некое утро ко ќе се разбудит плоштадон пополнат со споменици, цркви, џамии и џедај храмови. Тогаш ќе скокнат од позади копитата на Букефал и ќе се развикет– српраааааајззз..

Градоначалникон на Центар, Тодоровиќ немат да викат. Тој ќе се лизгат со портокалови лизгалки на лизгалиштено на плоштад и ќе бит зачуден, заедно со нас. Пошо тој нишо не знајт. Шо и да го прашат чоек за дешавките во неговата општина тој појма си немат. Секоја средба со новинарине му е нов повод за чудење и вртење по тие околу него, дан знает тие нешо случајно. Ако не пак, во наредните деној ќе ни кажит. Нормално. Ќе си почекаме ние. А и шо ќе прајме друго... То ни е работа.

Само Коце немат да ќутит. Пошо тој знајт. Знајт дека Скопје е град на солидарноста и град изграден од солидарноста. Солидарноста на многу светски земји по земјотресот од шеестрета. Зато сега и тој е солидарен со луѓено од Хаити. Толку солидарен шо од градската каса ќе одвојт цееееели 25.000 евра за донација. За да го изградат градот одново де. Според моите извори, сакал да одвојт појќе пари ама му требеле за рестартирање на сатон шо застана со скопскиот земјотрес и шо го означуват времето на неговото случување.

А Тодоровиќ пак означи друго време. Го означи крајот на кризата. Така рече, жими све. Кризата поминала, сега мојте да излезите од бункерите пошо опасноста е завршена. Немат од шо да се плашите појќе. И сеа пошо имаме миљони на располагање мојме да ги изградиме сите споменици на светов. Ни се мојт бе. И плус остај шо имаме наши пари. Секој ден идат нови и нови паришта од цеееел свет. Пошо цел свет решил да инвестират во Македонија сега владава е во интензивни преговори со соседниве земји за купвење ново земјиште кај шо ќе можат да се сместат фабриките на странскиве инвеститори.

И не само шо е во потрага по ново земјиште, ко шо прочитав во оглас во весник пред некој ден, Агенцијана за странски инвестции е во потрага е по уште 8 нови економски промотори за да не промовирет во Обединетоно Кралство, во Белгија, Јужна Кореја, Данска, САД, Канада, Србија, Бугарија, Хрватска и Словенија.

Пошо промоторите шо моментално не промовирет (21 на број) во 19 земји прекрасно и волшебно си ја завршија својата работа, сега ни требат уште 8 нови. Така сега Агенцијата, наместо ланските 3 милиони, сега имат буџетче од 7 миљончиња во евричи. И пошо лани имаше 3 миљончиња толку беше и успехот шо го оствари. Или во превод, во првите девет месеци од 2009, странските инвестиции се намалија за три пати во однос на истиот период од 2008 година, или во пари, од 319,8 милиони на 103 милиони евра.

Е сеа требит да се напрајт само една проста математичка пресметка. Пошо сега имет не три, туку седум миљончиња пари за трошење, и ефектот шо ќе го постигнат ќе бит, не три, туку седум пати. Надолу, многу нормално. Значи – 103 милиони евра делено на 7 = 14,7 милиони евра. Преродбата продолжува. Надградена и проширена. Македонија – инвестициски рај 24/7.

Поради екстра успешните економски промотори Македонија моментално е и на место број 1 по бројот на странски инвестиции во друштво на соседните земји. Така, ако ние во првите шест месеци на 2009 имаме 78,8 милиони евра, БиХ имет само 257 милиони а Црна Гора бедни 269 милиони евра. Уште полузерска е состојбата во Хрватска, со вложени 900 милиони евра, а тука е и бедниот сосед Србија со 893 милиони евра. Така им е ко не знает да се промовирет ко нас.

А ние имаме стратегија бе брат. Ни помалку ни повеќе, туку ние најотворено им викаме на странциве – донесете ни ги парите. Кај нас најубо ќе мојте да си ги потрошите. Така се бркет инвеститори. Исто ко купувачи на чоколада. Ги напаѓаш со реклами од сите страни и ќе немет шо да прает, па ќе ти го купат производот, онака, колку да пробет. Така и со инвеститориве. Пошо во слободно време инвестирет во земји за кои шо прв пат слушет, едвај ја чекет рекламата за инвестирање на СиЕнЕн, па ги пакувет куферите и трчет навака за да ни ги остает парите. Или пак ако не ја фаќет СиЕнЕн, го чекет нашиот економски промотор со кафе ил чајче за да им раскажит како Македонија е инвестициски рај. И за да им ја раскажит успешната приказна на најголемата и најјаката инвестиција наречена Сведмилк. Ако инвеститорот не повервит во приказната, промоторов наш му дават визит картичка од Моше Баум и така чичкото со парите од прва рака ќе мојт да слушнит за македонскиот инвестициски рај. Ко шо разбрав, промоториве од новиов оглас со себе ќе носеле и по еден млекар, задоволен од Сведмилк, за да мојт на инвеститорите поблиску да им ја доловит рајската приказна.

Од ко ќе му ја продает розовата бајка на инвеститорот, и кога веќе ќе е убеден да ни ги дајт сите пари, ќе им се јавит на австријцине од ЕВН, ко пример за странска инвестиција. Тие ќе му го потврдат сето то шо претходно им го кажал промоторот и ќе раскажат и за екстра добрата соработка со македонската влада. Немат да заборает да ја спомнет и арбитражата во Вашингтон и уште два три пати да потврдат дека се премногу задоволни и дека ваква влада за соработник, и ваква држава за инвестирање, не се наоѓат уш еднаш.

Затоа, јас мислам дека требит сите пари од буџетот да ги насочиме кон рекламирање по домашниве медиуми за да знајме колку ни е најубо шо живејме овде и сега, и за реклами по светскиве медиуми, за на странциве да им е криво шо не живеат кај нас. Исто така, требит да се дает уше седум пати по седум миљончиња за економскиве промотори, за на странциве уш појќе да им е криво, а то шо ќе останит да се инвестират во споменици и во восочни фигури. Се преродуваме или шо?

Или некој имат нешо да се побунит? Ако имат нека кажит сега, или нека молчит вечно, ко во шпанскине серии, нааали... Некој пензионер на пример да имат нешо да искритикуват, вака дур сме расположени... Еве, некој пензионер од Фиџи да сакат да си кажит нешо против владата? Е ќе кажит, ќе кажит... ама после пензијата кврц, ја папа маца...

Ако не ми вервите, прашајте ги пензионерите од оваа островска земја во Океанија, чиј премиер се закани со укинување на пензиите, за сите пензионери кои ќе го критикувет неговото, или работењето на владата. Ко шо си објасна чоекот, со оваа мерка ќе промовирал стабилност во земјата. А овде кај нас, не само шо можат да критикувет и ни денар од пензијата да не им фалит, туку уште и на бања за без пари се праќет. И само ако чујам некој пензионер нешо лошо да речит за владава...

Впрочем, какво лошо, скраја било, во последно време се подобро почвам да мислам за владава. Посебно по средбата на Колета со новиот генерален секретар на НАТО, Расмусен. Чоекот уште еднаш ни повтори дека без решавање на спорот со името не не примет во НАТО, а ние уште поупорно му повторвиме дека ќе го зголемвиме и зголемвиме бројот на војници. Моментално сме четврти по учеството во мисијата ИСАФ и пропорционално имаме многу појќе војници во Авганистан отколку поголемиот број земји-членки. Ама ние си имаме стратегија и не застанвиме тука. Ќе продолжиме да го зголемвиме бројот на војници се дури не станиме број еден земја според учество, и дур се свестат ќе ги зезниме сите – ќе го презејме цело НАТО под наша контрола, па тогаш ние на грчиштана ќе ги избркаме и ќе им побараме да извает корен од 736.392, да го претворат во дропка, да му извает косинус па после да барет прием.

Дур се мачат тие со математиките ние ќе си фатиме и едно фино местенце во Гинисова пошо со моменталниот единаесетти циклус на програмата за подготовка за членство во НАТО, ги кршиме сите рекорди. Досега ниту една друга земја не поминала низ олку долга подготовка за членство таму. Со еден удар печес муви.

Па накрај ќе испаднит – кој последен се смејт... слабо сфаќат вицој и преговарачки тактики. Е не...

(Авторот барат друштво за кршење екстремитети на лизгалиштено на плоштад. Енибади?)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 21 01 2010 )

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 28 01 2010 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 02 02 2010 )

Jan 20, 2010

0
Сега му е мајката... За граѓански активизам

Секоја шега е мала револуција. Што и да е тоа што го уништува достоинството и ги паѓа моќниците од своите удобни фотелји, по можност со силен тресок, е смешно. И колку е посилен тресокот, толку е поголем хуморот. Ова го вели Џорџ Орвел за хуморот како форма на одговор на општествените случувања и погрешните политики на властите.

Една своевидна револуција во последниот период прават тетовчани со серијата протести за решавање на проблемот со најголемата дива депонија во Македонија која се наоѓа кај железничката станица во Тетово, на стотина метри од училиште и детска градинка. Неподносливата смрдеа и можностите од зараза испровоцираа група тетовчани која се нарекува „Свесни и совесни граѓани“ со серија активности да ја анимираат јавноста и надлежните за нивните проблеми.

Тие најпрвин на неколку денови пред новата година на градскиот плоштад накитија новогодишна елка, но наместо лампиони украсите беа отпадоци. Со тоа, како што кажаа, сакаа да покажат какво е нивното секојдневие и како ќе ја дочекаат новата година. А уште во вториот ден од 2010 нивниот Дедо Мраз ги услиши желбите на тетовчани и се појави на градскиот плоштад. Но за разлика од останатите Дедо Мразовци од плоштадите кои нудат фотографирање и пакетчиња и си го наплаќаат тоа, овој Дедо Мраз навистина даваше подароци. Неговите подароци беа тегли со чист воздух, бидејќи, како што рече, тоа била најголемата новогодишна желба на граѓаните на Тетово. Активностите на групата се одвиваа на градскиот плоштад во последната сабота од 2009 и првата од 2010 и освен членовите на групата, ретки беа граѓаните кои им се приклучуваа но веќе минатата сабота организираа и поголем протест на кој се собраа околу 300 граѓани. Тие направија протестен марш насловен како „Будење“ со кој сакаа да ги разбудат одговорните, да го видат нивниот проблем. За таа цел членовите носеа различни инструменти, тенџериња, свирчиња, за со бучавата да ја победат смрдеата. Нивниот марш заврши на дивата депонија каде поставија цвеќе со кое порачаа дека на тоа место сакаат парк и зеленило а не депонија. Здружението на свесни и совесни граѓани најави продолжение на ваквите протести секоја сабота се додека не се реши проблемот а веќе има најави од надлежните дека решението ќе дојде наскоро.



Во услови кога оние кои народот ги плаќа да ги решваат проблемите не го прават тоа, и создаваат нови проблеми, ваквите активности се сосема оправдани. Доколку политичарите или луѓето од јавната администрација не се отворени за проблемите и ставовите на „обичните“ граѓани, протестите се секогаш добар начин за да се покаже дека граѓаните не се само обична гласачка машина која заокружува бројка еднаш на четири (или со трендот на предвремени избори на помалку) години. Протестите и активностите секогаш стигнуваат до медиумите а оттаму и до одговорните па под притисокот на јавноста и новинарите тие мораат да направат нешто или барем да дадат одговор на прашањата.

Се разбира, протестите не секогаш завршуваат славно. Тука ќе го споменеме примерот од 28 март минатата година, кога на плоштадот протестираа студенти од Архитектонскиот факултет и други граѓани, кои беа нападнати од друга група на граѓани, кои, како што кажаа, спонтано се собрале. Тие тогаш беа спречени да го искажат своето мислење за изгледот на плоштадот во главниот град но токму тој настан испровоцира поголема јавна дебата за изградба на верски објекти но и за слободата на говор во државава. На неколку дена по тој протест беше организиран и уште еден поголем наречен „Плоштад слобода“ со кој беше испратена порака против насилството, за остварување на правото на слободно и различно мислење како и правото на слободен протест. Од таму се роди и здружението на граѓани „Плоштад слобода“ кое од тогаш активно реагира на одлуките поврзани со градот Скопје.



Дел од активистите на ова здружение и други млади лица се вклучени во хорот Распеани скопјани и секоја сабота настапуваат со различна песна на различна локација во главниот град. Песните ги избираат во зависност од актуелните случувања и преку нив ги испраќаат своите пораки. Бидејќи не ги најавуваат своите настапи и никој не знае за локацијата на која ќе се појават следната сабота, публика им се само случајните минувачи кои најчесто се чудат што се случува или пак ги прифаќаат и ги снимаат со мобилните телефони. Токму снимањето е клучниот елемент. Тие ги снимаат сите свои настапи и потоа ги закачуваат на видео мрежата Јутјуб. Понатаму видеата се шират преку социјалните мрежи а според бројот на прегледи, пораките кои ги испраќаат стигнуваат до многумина. Нивното најгледано видео има скоро 9.000 прегледи а на него е изведбата на песната Дирлада од групата Меморија пред грчката амбасада во Скопје која зборува за невозможната љубов помеѓу македонец и гркинка поради визните бариери. Како што пишуваат на Јутјуб од хорот, со стиховите „љубовта Јорго нема граници“ го поздравуваат премиерот на Грција, Јоргос Папандреу и сакаат да придонесат во затоплувањето на македонско-грчките односи. Настапот го завршуваат со стиховите од седумдесетите - „Why can`t we be friends?“, или зошто не би можеле да бидеме пријатели?

Првата нивна изведба е на песната Чија си од Славе Димитров, изведена пред МАНУ а алудирајќи на спорната енциклопедија издадена од академијата. По позитивниот извештај на Европската комисија во октомври хорот прославуваше со песната Unite Unite Europe на Тото Котуњо. За денот на ВМРО, Распеаните скопјани застанаа пред музејот на ВМРО кој што е во изградба и ја запеаа детската песничка Ние сме македонци, а хорот со песна одговори и на предизборното ветување на градоначалникот Коце Трајановски за ресетирање на часовникот на Старата железничка станица кој е застанат за време на земјотресот од 1963. Ја испеаа Временска машина од Нокаут и му порачаа на Трајановски, освен ресетирање и изведба на по една народна песна на секој час, да го намести часовникот да врти во обратна насока со што ќе ги врати граѓаните во времето кога се играше на диско ритамот, во барови што работеа до сабајле и продавници кои продаваа алкохол и по 19 часот. Распеаните скопјани го поддржаа и маршот на толеранцијата и на нетолерантните им ги испеаа стиховите „Не сум како тебе, немам иста боја, омразата е твоја, твојата боја...“ на песната Убиј ме од Bernays пропаганда.

Како одговор на сечењето на дрвата од Илинденска Трајановски ја доби изведбата на The Lumberjack Song (песната на дрвосечачот) од Монти Пајтон. Од паркингот позади Соборниот храм ги упатија и свештениците од МПЦ да помогнат сами во обновата на манастирот Св. Јован Бигорски, наместо да бараат пари од граѓаните. Ја пееја и песната Mercedes Benz во која Џенис Џоплин го бара од Господ токму овој автомобил. Утрото на 19 декември, денот кога се случи либерализацијата на визниот режим, хорот во 7 часот од пред владата со песна ги испрати граѓаните кои заминаа на бесплатно патување во Париз. Тие ја пееја песната Freedom од Џорџ Мајкл за да порачаат дека покрај слободата на патувањето, ЕУ гарантира и слобода на изразување.



Последниот настап на групата беше неодамна кога активистите на Плоштад слобода со картонски коцки на главите се појавија на плоштадот и протестираа против идејата на градоначалникот за враќање на коцката. Тие потоа се упатија и до седиштето на Градот каде што му испеаа преработка на народната песна Коце берберот, насловена како Коце таткото низ чиј текст му порачаа дека градот не е само негова сопственост и дека граѓаните треба да бидат консултирани за одлуките поврзани со него. Распеаните скопјани велат дека решиле своите пораки да ги испраќаат само преку новите медиуми на интернет и дека не сакаат да даваат изјави за традиционалните изјави но најавуваат и понатамошни изненадувања на локации низ главниот град. Дека нивните акции се добро прифатени зборуваат и солидните бројки на прегледи на Јутјуб и многуте позитивни коментари. Хорот дури има и поддршка од соседна Србија.

Уште еден од примерите за креативен граѓански активизам доаѓа од минатата година кога пред споменикот на Мајка Тереза на улица Македонија се најде шолја поставена на постамент на кој стоеше напишано „Празнење“, „изработено од Павел Шатев“, како и натписот „Културата на Министерството на РМ“. Иако поставувачот не се појави да каже зошто го направил тоа, лесно може да се заклучи дека гестот претставуваше исмејување со владиниот проект за поставување 35 скулптури во централното градско подрачје. Сепак, властите покажаа дека немаат смисла за хумор и шолјата беше експресно отстранета, што наиде на осуда од Максимилијан Хартмут, историчар на уметноста при Универзитетот „Сабанци“ во Истанбул, на трибина на „Форум Скопје 2009“.

- Златната веце-шолја е уметност. Авторот на ова дело не треба кривично да се гони. Напротив, Република Македонија треба да му даде орден, бидејќи ако немаше ваква реакција ќе се сметаше дека меѓу граѓаните владее песимизам - рече тој а пренесе весникот „Дневник“. Според него, одлуката за распределување десет милиони евра за споменици и статуи преку ноќ без објаснување е постапка што ја потврдува чудноста на целиот проект. А дека постапката им се допаѓа на многумина говори и Фејсбук групата „ Вратете ја шолјата на улица Македонија!!!“ која има близу 4.000 членови.

Ваквите начини на изразување револт се секојдневие и во светот а еден од поистакнатите примери доаѓа од САД каде групата граѓани наречени „Милјардери за Буш“ ја исмеваше политиката на поранешниот претседател. Тие во една прилика за време на партиска конвенција им ставаа лажни пари на полицајците в џеб со благодарност што не ги угнетуваат, а како одговор на војната во Ирак поставуваа штандови на кои бараа од граѓаните да ја дадат својата крв во замена за нафта, нешто што, според нив, всушност и се случувало.

И дефинитивно секој граѓански одговор на случувањата околу него заслужува внимание од јавноста, посебно оние во кои е вложена и креативноста. А веќе помина и првата половина од првиот месец во новата 2010 година. Ние означуваме, а вие дејствувајте – Сега му е мајката за граѓански активизам!

(Текстот е објавен во неделникот Сега на 14 01 2010)
фото 1 - Утрински Весник
фото 2 - Дневник
фото 3 - Јутјуб

Jan 19, 2010

0
Свештеникот со кибритчињата

Абе јас она момичено Шехерезад го мислев за поштено моме шо се чуват за прва брачна и дека немат шанси пред то да му дајт на Онур ама пред некој ден ми кажаа дека веќе му имала даено. Тој ги извајл парите, таа го наместила креветот. Срамотилаци! Све спонзоруши бе брат. Какви времиња дојдоа, во никого поверење да немаш... А онака на телевизија ко ќе ја гледаш, си мислиш – еееееееееее, уште имало женски на место, а ти само си ја пропуштил епизодата...

Само Аце, охридскион градоначалник, не ја пропуштил епизодата во која Коце раскажвеше како си поминал Париз ко бил. Да бе, Париз. Славниот град на коцките. То со светлината и Ајфеловата кула немат врска. Уште ве лажат комунистине. И пошо Коце појќе шетат по светов отколку Аце, Аце решил да го послушат Коцета па сега и Охрид ќе си ја враќат коцката. И пошо Коце ќе ја враќат коцката на плоштадон во Скопје, и Аце ќе ја враќат само на плоштадон во Охрид, иако порано коцка имаше и по цела чаршија. И исто ко шо од Скопје ја изваде Пенов шо не е од ВМРО (од ЛДП беше) а ќе ја враќат Коце шо е од ВМРО, така и во Охрид – ја изваде Никола Наумов од шо не е од Есдеес (од ВМРО беше), а ќе ја враќат Аце од Есдеес. И ај после речи дека ВМРО и Есдеес све шо праеле за инает било, едните од другите. Еве бе брат, еве ти совршен пример за почитување и преземање на добрите идеи. Сеа чекам некој ден Аце да речит и дека ќе рестартират некој саат во Охрид. Само, немаме баш и некој саат шо е за рестартирање. Ама ако е паметен ќе изградит еден саат, па ќе го викнит Коцета да го застанат. После ќе можат фино лепо еден формат на Це да му мавнат па прво да му влезат преку сејв мод и на крај да го рестартирет, по сите прописи.

После можат заеднички да појдат до Битом Оџански, град со четири илјади жители на југозападот од Полска, да си го посетат другарчето градоначалник Јацек Саутер па да научат нешо и од него. Тој не го чистит снегот од градот и викат, з`ш би фрлал пари за чистење ко на крај и така сам ќе си се стопит. „Одев еднаш по исчистен тротоар, а сепак се лизнав и паднав. Тогаш се запрашав каква смисла има да се чисти снегот. На претпријатието за чистење требаше да му се плати 30 илјади евра, а ако зимата потрае, и два пати повеќе“, викат градоначалников. Ко Коце. Одев еднаш по улица во Париз и забележав коцка. Тогаш се запрашав каква смисла има само Париз да има коцки. Дај и ние ќе си инсталираме. Само јас сепак имам некое си претчуство дека нашиве власти веќе го знает полјаков и се во некакви подалечни роднински врски со него. Нив секоја година ги изненадвит снегов.

И во МПЦ се изненадени. Се чудат како то тие требало да плаќет даноци. Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар се жалит и викат – „Ние немаме ниту фабрики ни претпријатија од кои остваруваме приходи за да плаќаме даноци“. Убо викат чоеков. З`ш црквиве би требало да плаќет даноци? Еве, з`ш некој шо немат фабрика би требало да плаќат данок? Чудна држава бе брат. Еве јас уште на следното одење кај берберон мој ќе му пренесам поздрав од дедо Петар и ќе му речам да престанит да плаќат данок пошо немат фабрика. Само берберница имат, шишат и бричит луѓе и им наплаќат за услугата. Не произведуват нешо па да плаќат данок. Не одам на педикир и маникир и немам своја козметичарка, ама ако имав и нејзе ќе ја поздравев и ќе и речев да не плаќат данок. И адвокатине не требит да плаќет данок. И таксистине... Море никој да не плаќат данок! Шо било то, плаќање даноци... Пак нашле и од кого да барет да им платит данок. Од црква ли се барало, даночници едни низаедни... Па тие немет за леб да јадат, живеат со силата од Господ шо им ја дават преку молитвата... Колку им е тешко сами не се свесни. Ама за пред народов глумат дека се им е во ред и живеат во палати и возат скапи џипој. За да не помислат луѓево дека нешо не е во ред па да почнет да собирет хуманитарни прилози за да им помогнат.

Ко шо собирет пари за повторна изградба на Бигорски. Народов де. Црквата и така немат пари. Уствари имат ама за црква на плоштад ги чуват. Сеа пошо ја тргнаа црквата од плоштадот од урбанистичкиот план ќе ги пренасочат. Веројатно во Фондот за купување скапи џипови за маскирање на бедната состојба во која се наоѓа македонското свештенство. Само не знам з`ш лошите чичковци шо го праеле најновиот урбанистички план за центарот на Скопје ја тргнале црквата шо му се сонила на Николче. Јас на почетокот бев против изградба на верски објекти на плоштад ама сега видов дека уствари стварно била потребна. То го сфатив ко прочитав за Св. великомаченик Димитрија, црквана шо е одма после Камени, накај Стара чаршија, на минута и шеснаес секунди пешки од плоштад. Од преголема конкуренција на нефабрики во околината, пред се на најголемата нефабрика наречена Соборен храм, свештениците од оваа црква викет дека никој не им одел и им пропаѓал небизнисот па ќе требело да ја затворат нефабриката. Шо би се рекло со бизнис јазикот, шо патем кажано, им е далечен на свештениве лица, нелојална конкуренција.

А бар да беа барем така помали фирмички и да праеја по некој денар... Еве, ако не појќе, бар да имаа ценовници кај шо ќе пишеше дека барет од 4.000 до 5.900 за венчавка, 2.500 до 3.000 за крштевка, 2.000 до 3.000 за погреб и уште ред други неуслуги за кои земет непари па да излезеа некако на крај. И вернициве да им даваа уште по некој неденар или неевро за бакшиш многу полесно ќе им беше. Вака...

Само цела среќа шо Господ ги услиши нивните молитви и така малце ги потсмена правилата за Бадник. И сеа големите огној во секоја населба и пијанењето шо порано беа пагански обичај се сосем христијански и дозволени. Ко шо разбрав јас од извори блиски до едно црковно Ауди, Господ на господинот пута два Стефан му пратил мејл со новите правила и со нив појќе пагански обичаи ги преименувал во христијански, само за да можат да преживеат свештенициве наши.

Така годинава, а богами и минатите, попојве цела вечер гла не можеа да кренат од трчање од еден оган до друг. Дури не можеа ни на раат да го дочекет Ристета да се родит од многу трчање. Ама шо ќе прајш. Едно светење на лепче со паричка на еден оган – 1.500 денари. Во другата населба друг оган – уште 1.500. Шо да се прајт. Шом Господ така рекол во мејлот, морат така да прает. Чункииии, шо би рекол Колозов, не можат да го порекнат зборот Господов. А и не можат да им кршат атер на кумојте ако наместо 1.500 им дает 2.000, или 50 евра. Или ако немет кусур да вратат. А и да имет. Кај се барало враќање кусур од поп. Со то го враќаш Господа од тебе... Или скраја било далеку да помислиш дека требит државава да им побарат по една фискална да си носат со себе. Пу, пу, да те серат кокошките!

Да ги серат кокошките и чичковцине од Регулаторнана за енергетика шо не ја услишија молитвата на Синодот на МПЦ, да плаќет струја ко за домаќинства а не ко за фирми. Сега свештеницине се ко од она тажнана приказна за момено со кибритчињана. Пошо немет пари за струја, на кибритчиња ќе требит да се греат. А и од кај би имале пари за струја? Веќе расчистивме дека не се фирми и не прает пари. Аман! Ама шо да им прам јас ко не разбирет. З`ш во рајон немат да имат место за тие шо ќе живеат луксузно од парите на народот кој шо едвај преживуват.

Ама во МПЦ то многу добро го знает. Им пишело во мејлот.

(Авторот барат да се воведит Ден на благодарноста. Осветување мисирки и не е така лош бизнис...)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 14 01 2010 )

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 21 01 2010 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 26 01 2010 )

Jan 13, 2010

0
Колку вреди вашата работа?

Сте се запрашале ли некогаш колку време работа ви е потребно за да заработите и да купите одреден производ? Дали за 15-минутното пазарување во супер маркетот ви биле потребни исто толку минути работа или требало да работите цел ден за да можете да ја подмирите сметката која сте ја направиле?

http://cdn.picapp.com/ftp/Images/d/9/f/a/Female_office_worker_b046.jpg

Заводот за статистика ги решава дилемите. Тие во своите истражувања за просечната плата вклучуваат и вакви информации. Така, за просечната плата по работник за септември 2009, која изнесувала 20.044 денари, требало да се работи 22 дена со работно време од 7 часа. Пресметката вели дека дневната заработка изнесувала 911,09 денари, или по 130,16 денари за секој час, или пак, пресметано во минути, по 2,17 денари за секоја минута работа.

Така најмалку треба да работите за еден киловат електрична енергија во ноќната тарифа, односно само една минута, а една минута повеќе треба за да ја подмирите обврската кон ЕВН за еден киловат во дневната тарифа.

Со три минути работа можете да купите едно јаје од кокошка чија просечна цена изнесува 6,55 денари. Седум минути работа ви се потребни за да им помогнете на новинарите од вашиот омилен дневен весник да продадат еден примерок чија цена е 15 денари. Следно на листата со 11 минути работа е сијалица од 60 вати која изнесува 23,69 денари.

За да ја остварите стандардната утринска потрошувачка навика од еден леб и еден литар млеко ќе треба да одвоите 24 минути работа, односно 10 за лебот и 14 за млекото. Доколку пак сакате и да имате нешто на трпезата за да го јадете со лебот, одлуката може да падне на јунешко месо. За еден негов килограм (334,98 денари) ќе ви бидат потребни 2 часа и 34 минути од вашето работно време. Доколку сакате поевтино да поминете, изборот може да ви биде еден килограм пилешко месо кое чини 174 денари и за кое ви требаат 1 час и 20 минути работа. За по ручекот можете да изберете и една чоколада од 100 грама чија цена е 51,89 денари. За неа ќе треба да работите уште 24 минути.

http://london.blog.qype.com/wp-content/uploads/2008/12/chocolate.jpg

Доколку вие решите да го купите кафето со кое ќе ги честите колегите во наредните работни денови ќе треба да поработите 15 минути пред да им го сварите. А пак доколку сте пушач и кафето не ви оди без цигари, за тоа задоволство ќе треба да останете уште 24 минути со вашата работа и потоа ќе имате една кутија Родео супер лајт.

За 10-минутното пострижување кај вашиот бербер вие ќе треба да поработите 55 минути а за да го измиете автомобилот еден час и 16 минути. Две минути повеќе ви требаат за да се фотографирате за лична карта во фото студио а за да гледате филм во кино еден час и една минута.

Ако сакате да се подновите со нови обувки, за спортски патики од марката Адидас од 3.152 денари би ви требале 3 дена и 3 часа работа, а за женски чизми до колена што чинат 3.036 денари ви требаат 3 дена и 2 часа работа. За да го подновите домот со нова гарнитура за седење (34.520 денари) ви требаат месец и 16 дена а доколку ви се расипе машината за перење алишта, за нова (15.998 денари) потребно е да одвоите 17 дена и четири часа во работа. За нов колор телевизор со ЛЦД екран и 81 сантиметар што чини 28.407 денари потребни ќе ви бидат 1 месец и 9 дена работа.

http://www.alcazarfurniture.com/assets/images/Modloft_Furniture/Wall_Units/Plasma_TV_Stand_Wenge_Ann_Wall_Unit_123_Modloft_Furniture.jpg

Доколку пак, сакате да се подновите со нов автомобил, ќе треба во наредните две години и 14 дена да не јадете и пиете и да работите само за него. Ќе успеете да купите ново Фиат Пунто (494.400 денари).

Jan 12, 2010

0
Сега му е мајката за... Лаптоп

(постар текст)

Минатата недела му беше мајката за пуштање мустаќи а оваа ја прогласуваме за недела на лаптопите. Доколку сеуште не сте пуштиле брк тогаш послушајте го новиот совет за купување лаптоп па потоа и така ќе сте возбудени и преокупирани со новиот лаптоп па нема да имате време за бричење. А следната недела, откако ќе го купите новиот број на весников, избричете ја само брадата а оставете ги мустаќите. Тогаш ќе сте комплетен фраер – со мустаќи и лаптоп. Зошто мустаќи, ви кажавме. Редно е да ви кажеме и зошто лаптоп.

Па... најпрво бидејќи е фраерски а секој сака да биде фраер, нели. Фраер е и авторот на овие две страници бидејќи токму овој текст е пишуван на лаптоп при скок со падобран од новите авиони за гаснење снег, пардон, пожари. И, што би можеле да заклучите од претходно-реченично-наведеното освен фраерскиот дел? Дека авиони за гаснење пожари се набавуваат пред да почне летото и сезоната на пожари и притоа треба да се има и обучени луѓе кои би ги возеле истите а не само пилоти од Шпанија кои би свртеле две три кругчиња за пред камери? Да, можете да го заклучите тоа, а можете да заклучите и дека лаптопот ви овозможува максимална мобилност и слобода во движењето. Ако не ми верувате пробајте да пишувате нешто на вашиот десктоп компјутер додекате летате со падобран. Откако ќе пробате вратете се и дочитајте го остатоков од текстов.

А во остатокот од текстот уште еднаш – авторот е фраер а фраери се и останатите луѓе кои го прават овој магазин бидејќи сето она што го читате на овие страници е напишано на лаптопи на најразлични локации. Да бевме дневен весник за ставовите на премиерот за името ќе известувавме директно од контејнер, еден од оние 20.000 пред кои премиерот даваше изјави за спорот. А и не мора да сте новинар за да бидете фраер со лаптоп. Многу често гледаме луѓе кои со лаптоп одат на кафе со своите пријатели или со своите дечко или девојка. И така седнати еден спроти друг наместо да предизвикуваат осудувачки погледи од околината за бакнежи и страсти на јавно место си праќаат вирутелни гушки и бакнежи преку Фејсбук. На крај на келнерката и плаќаат со тоа што и префрлаат чипови на Тексас Холдем Покерот.

http://www.corolus.com/Images/LaptopCouchGirl.jpg

Со оглед на тоа што бесплатни вајарлес интернет зони има насекаде, по кафе-барови, ресторани, трговски центри, па дури и паркови и Старата скопска чаршија, имањето лаптоп е многу поисплатлива варијанта од плаќање интернет по интернет кафеа. А и ќе придонесете за успешноста на проектите на бесплатен интернет на отворено низ главниот град. Дел од зоните се наоѓаат во Градскиот парк како и во паркот Жена – борец но таму ретко можете да видите пензионери како играат шах на лаптоп. Сеуште се употребуваат старите дрвени фигури на уште постарите клупи изгравирани со срциња во чија внатрешност се наоѓаат три букви од кои онаа средната е секогаш „и“.

Доколку немате, шетајќи со лаптопот низ град можете да си фатите и женска. Начините се безбројни а еден од нив е да и покажете колку „лајкови“ имате на вашата најнова фотка на Фејсбук по што и таа ќе посака да ве „лајкне“, нешто за што ќе треба да ве додаде за пријател. Откако сте се „лајкнале“, се е веќе полесно.

Дека имањето лаптоп е фраерско покажува и информацијата од минатата недела која доаѓа од Прилеп. Таму две млади девојки сакајќи да бидат фраерки, украле 2 лаптопа. Тие ноќта меѓу 27 и 28 октомври, шетајќи по улицата Кеј Први мај, ги забележале лаптопите во излогот на продавницата за компјутерска опрема „Твист“. Во нивните глави тогаш светнала идејата да ги украдат компјутерите, но не веднаш, туку решиле првин да се подготват за грабежот.

- Двете осомничени отишле во домот на едната од нив, се пресоблекле, зеле две црни маски-фантомки и по извесно време се вратиле пред продавницата - велат од полицијата.

Девојките ги украле компјутерите од излогот, кршејќи го стаклото, но начинот на кој го сториле тоа е по малку комичен. Прво се обидела едната девојка со камен да го искрши стаклото од излогот, но откако не успеала, каменот го зела нејзината помлада пријателка и го удрила од стаклото. Но пак ништо, излогот останал како недопрен. Бариерата што ги делела девојките од нивниот плен, на крајот паднала во парчиња, кога двете во исто време удриле со нозете во стаклото – пренесува Нова Македонија.

http://aura0.gaia.com/photos/30/293294/large/LaptopAdventure.jpg

Оваа возбудлива прилепска прикаска потсетува на онаа на советниците од скопската општина Кисела Вода. Паметните чичковци и тетки таму (фраери з.н.) решија да си ги задржат лаптопите кои им беа дадени на користење кога ја напуштаа функцијата пролетва. Бидејќи платите што ги земале биле премногу мали, немале пари за да си купат свои ги зеле општинските и сеуште не ги враќаат и се големи фраери со нив. Новите советници пак донесоа заклучок дека треба да се набават нови компјутери ако наскоро не бидат вратени присвоените.

За фраерското кај лаптопите говори и тоа што два од приватните универзитети ги користат за да привлечат студенти кај себе. Се работи за ФОН и Европскиот Универзитет. А ни владата не заостанува кај трендот. Нема кој не чул за проектот „компјутер за секое дете“. Нема да зборуваме за успешноста, но ќе дадеме забелешка дека десктопите не се доволно фраерски но затоа пак владата се покажува кај прво, второ и третоодделенците на кои им дава мали лаптопи. Со нив беа израдувани учениците во основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје на крајот на минатиот месец. Таму премиерот Груевски информираше дека половина од компјутерите од претпоследната набавка се веќе распределени, а останатите ќе се поделат во текот на месецов. Покрај лаптопите за малите ученичиња, владата ќе подели и лаптопи за наставниците и професорите во сите училишта низ Македонија со што нашето образование ќе стане фраерско во целост. Тоа што најголемиот дел од наставничкиот и професорски кадар не знае да работи а и не сака да научи е друг муабет.

http://www.funny-potato.com/images/computers/laptop/egg-laptop.jpg

За фраерското во кај поседувањето лаптоп на листава го додаваме и фактот што со лаптопот можете да продолжите со работата дури и во вецето, седејќи на шолјата. Далеку пофраерско од читањето весници. Така, нема да изгубите ниту дел од работниот ден, секако, доколку сте толку многу загреани за работа, а и ќе допринесете за вашите колеги да ве гледаат почудно од вообичаено. Во секој случај ќе бидете фраер. Со лаптоп можете дури и не одите на работа и да работите од дома. Ќе речете дека тоа може и со обичен десктоп компјутер но можностите кај лаптопот се граничат со бесконечност. Така, најзагрозените видови воркохолици ќе можат да се посветуваат на работата дури и кога се во кревет со своите партнери помеѓу две партии.

Во прилог на ова оди и едно истражување спроведено во Велика Британија според кое скоро две третини од Британците кога би требало да бираат помеѓу својот компјутер или својот партнер го одбираат компјутерот и се гушкаат со него. А ако е десктоп не можете да се гушкате, нели... има премногу големи делови кои не би можеле да ги опфатите во една гушка. Резултатите велат дека дури 37 проценти од испитаниците го земаат својот лаптоп на пауза со себе. Младите најчесто го користат за проверување на профилот на Фејсбук и комуникација со пријателите додека луѓето постари од 50 години си го носат својот лаптоп на одмор и преку него откриваат повеќе за местата кои ги посетуваат.

А со многуте бесплатни интернет зони како и усб-стикчињата кои ги нудат мобилните оператори интернет конекцијата може да се оствари буквално секаде. За среќа нашите министри и пратеници имаат интернет во Владата и Собранието па нема потреба да издвојуваат и дополнителни пари за такво нешто од својот тенок џеб. Тие исто така активно ги користат. Владата најмногу на отворените седници кои се пренесуваат и репризираат како шпанска серија на Собранискиот канал, а пратениците на своите седници кои исто така се пренесуваат на тој канал.

Во една дебата која зборуваше за односот помеѓу пратениците и новинарите дознавме и дека дел од пратениците своите лаптопи ги користеле за да гледаат порнографски материјали за времетраење на седниците. Тоа веројатно е поврзано со муабетот за Британците кои повеќе ги љубат своите компјутери отколку своите партнери. Е сега, со оглед на тоа што недостигот од секс може негативно да влијае врз работните резултати, ваквата замена кај нашите народни избраници, ќе се сложите, е прекрасна и допринесува за попаметни одлуки од кои државата ни цвета и мириса како јоргован. Ете, така, фраерски и со „хепи енд“ ја завршуваме нашата приказна и убедување да си набавите лаптоп доколку сеуште не сте го направиле тоа.

Сега им кликаме „сејв ес“ на овие две страници и преку лаптопот ги пуштаме на печатење за вие да можете да ги прочитате. Ах, па вие веќе сте го направиле тоа...

(Текстот е објавен во неделникот Сега на 19 11 2009)

Jan 6, 2010

0
Писмо по гулаб до Дедо Мраз

(првиот дел)

Кај си бе Дедо Мразу бе, љубави стара. Знам дека со нетрпение го чекаше мејлот мој ама јас да ти кажам право си имав нешо проблеми со компјутерот. Таман го напишав и кликам ентер да го пратам, кога ми викат – ерор, сајт нот фаунд, преродбата продолжува, проект на владата на Р.М. И ај шо ќе прам, зедов, го препишав писмото, се потпишав своерачно и ојдов да барам гулаби. Ќути среќа, комшијана Перо имат гулабарник па му го украдов гулабов, му го стајв писмово в џеб, му дадов пеефче едно кафе да пиет, и го пратив да те барат по светов. Шом го читаш ова, значи си го добил.

Е сега... во мејлот шо ти го пратив минатиот четврток ти објаснував шо се дешаваше во државава наша најуба во првата полојна на 2009, до јуни, а сега ќе ти раскажвам за втората полојна. Ако ти теквит, на крајот од мејлот ти го спомнав Трајко Славевски со изјавата дека Македонија ќе подвлезела тро во рецесија во вториот квартал. Ама пошо во никаква рецесија нит сме влегле, нит ќе влезиме, Коле го избрка Трајчета од министерската позиција. И иако пред то новинарине му викаа дека ќе го избркат, тој викаше дека немало шанси и глумеше Анџелина Џоли. И на крај од ко сфати дека госпоѓа Џоли си го сакат господин Пит, а не него, си замина, ама на крај, со спакувани куфери кажа дека требело под итно да се напрајт ребаланс на буџетот или држава ќе заминела во банкрот. Е добро де, тогаш му текнало на чоекот, тогаш кажал. Шо имат врска шо дотогаш бил министер за финансии и шо буџетот бил во негова надлежност...

Ама Дедо Мразу, да ти кажам право, Трајче ич не беше умно дете. Дури неговите другарчиња така спонтано пишеа оставки, тој така си седеше и чекаше друг да му дајт оставка. Ич не е спонтан, да ти кажам право, и не заслужвит пакетче. Неговото пакетче да им го поделиш на бившиот вицепрепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, бившиот министер за образование, Перо Стојановски, за земјоделство Ацо Спасеновски, и неговиот заменик Христијан Делев, како и на бившиот генерален секретар на Владата, Стојан Тодоров. По едно пакетче заслужвет и новите луѓе шо дојдоа на овие позиции ама гледај најголемото пакетче да му го дајш на министерон за образование Тодоров, и гледај во него да имат некое лаптопче со македонска поддршка за да не пишит си-вија на латиница и со утнати букви. А така!

Во истиот месец јули, Џоле му даде орден за заслуги за Македонија на Мориконе, чоекот шо рече дека случајно дошол во Македонија и чија единствена заслуга беше отворањето на годинешното Охридско Лето. После за малку и на Ламбета ќе му доделеше помилување, поради оној лошион чичко Бранко, шо му го подметнал во списокот за помилување. Цела среќа шо си го имаме Бичиклиски да ни кажвит такви работи па да не се секираме. Мразу, пази се и ти, опасен е овој Бранко, мојт да ти подметнит некоја бомба во пакетчињата шо ги носиш, па да настрадаш и ти и ирвасите. Зато најубо ти е да си го зејш Бичиклиски за ирвас и мирна глата...

После, дедо, во август, покрај сите ѕвезди шо ги си имаме во државичево, се појави уш една. Спаска Митрева е ѕвездата и со нејзе си се забавувавме цеееел месец. Е добро, во меѓувреме сите партии, кабинети на претседатели и државни архиви го бараа Рамковниот договор ама никој не успеа да го најт, али то не е нешо многу значајно пошо и не е некој значаен документ шо напрајл големи промени па да се чуват. После и на дечкине шо сакаа да го гледет фудбалскиот меч – Македонија – Шпанија им напрајвме да им е интересно и да си се подружат пред билетарници дур чекет да сменет билети и дур паѓет во несвест поради убајте температури. После то едни други дечки шо гледаа фудбал тргнаа да покажвет меѓуетничка љубов и толеранција во Нерези.

Пред почетокот на учебната година детето на кое требит да му донесиш лаптоп со македонска поддршка објави дека ќе им дават бесплатни учебници на сите ученици од основните и средни училишта во државава. И пошо е многу дарежлив уште им дават, се до Нова Година и второ полугодие, и по малку ти навлегвит во твоите надлежности, али аку, нека дават, нека си учат децана, па после да пишат си-вија пола-пола, и на кирилица и на латиница. Кога сме веќе кај децата и образованието, на почетокот на учебната година се отпуштија над 1.000 наставници, од кои повеќето со поголемо работно искуство и експресно се вработија нови, се со цел поуспешно да се преродуваме.

На почетокот на септември во Охрид потона и Илинден и освен то шо загубивме 15 животи, добивме и нов херој. Херојот се викат Миле Морал и во овој момент го прогласвам за најморален чоек за минатата 2009-та година. На Милета му го пуштам и дедо Блаже Ристовски, да му прајт друштво на тронот на луѓето кои оставиле најголем печат на годинава шо си заминвит. Да не беше неговата енциклопедија јас стварно не знам шо ќе праевме цел септември, па и дел од октомври. Вака си листавме и си баравме кого го имат а кого не, броевме кој колку реда имат, кој е шиптар а кој планинец... После во октомври го избркаа од уредничката позиција на енциклопедијата и сега нова ќе прает. Се надевам дека пак ќе имат со шо да си се забавуваме ко ќе ја напишат.

Во меѓувреме за подобро место на грбот се бореа лавот, орелот и петокраката. Никој не победи. Само петокраката изгуби и сеа си имаме јајцевиден грб. Изгореа и конаците во Бигорски, и сега граѓаниве македонски збирет пари за пак да се изградат. Парите од МПЦ се чувет за нови цркви, шо ќе им е гајле за старите... И на чичко Обама ич не му е гајле. Си доби Нобелова за мир во време на војна. И за да ја оправдат го зголеми и бројот на војниците во Авганистан. Точно Дедо Мраз, баш како што и размислуваш. Не е за пакетче тој. За пакетче на пример, ти е Медо, новион студентски лидер, кој тргна да ги водит студентиве кон посветла иднина, по стапките на Самоил. Моментално со студентите е стигнат до пред седиштено на ЕУ во Скопје и таму ја пцујат Европа. Студентите му се од оние повозраснине, собрани со автобувчиња од по државава, онаму кај шо имат дисперзирани студии... штабој шо ги викет. Добро, то беше сега во декември ко не ни дадоа датум, а тогаш ко го избраа него ни дадоа, ама препорака за старт на преговори. Истиот месец и Албанија и Косово ги сакаа моштите од Мајка Тереза од Индија ама не ги добија, ни едните ни другите. Битно си поиграа малку со нив, ко на пазар...

Минатиов месец сите си се плашевме од свинскиов грип и шетавме со маски по улици а сега ко дојдоа вакцините никој не се плашит и не ојт да се вакцинират. Дедо Мразу, ако планираш да носиш свински грип, уште од сега да ти кажам да не се мачиш пошо ич не му се плашиме да ти кажам право. Ко можеше Коле да не се плашит од Ричард Квест на СиЕнЕн, шо останвит за нас. И дедо, аман, заман, гледај да не стигнит писмово до Квест, после ќе требит да му објаснувам шо сум сакал да кажам и дали сум ги делел европските вредности... Кога веќе го спомнав Колета, да ти кажам Дедо Мразу, Коле во ноември дури два пати си се виде со Јорго и сега големи другарчиња си се. Првиот пат во Брисел заедно книги читаа а вториот пат во Преспа риби ловеа.

И дедо, вака ко за крај на годинава, не пуштија да мојме без визи да шетаме по Европана, и зато, ако не ти отворат некој ко ќе ојш да му носиш поклон, да не се секираш, сигурно е негде на шетање заминат. А после шетањето сигурно ќе се вратит со некоја идеја за разубавување на државава и нејзин развој. Ко Коце шо се врати од Париз со идејата за враќање на коцките на плоштад. Поседи и ти овде кај нас појќе време па можда ќе добиеш некоја идеја за унапредување на бизнисот со ногододишни желби и подароци. Уствари најубо ќе ти е да дојш овде за везден, да си ги проживејш пензионерските деној. Таман ќе го фатиш условон од Колета, па можда и на бања ќе те пратит без пари. Не само ти да даваш поклони... Туку дур сме кај поклони, шо ти требеше бе Мразу еден низаеден, да им даваш поклон на ЕВН и на Топлификација та да ни идет сега повисоки сметки за струја и парно... А? Срам те било!

Е сега, за да се оправдаш ќе требит да ми исполниш по некоја желба новогодишна... Да видиме шо викат списокот...

Ко прво, сакам во новата 2010 година секој ден на насловна во Вечер да се појавуват нова листа со предавници, па да се дознает кој се сите предавници кој шо го кочет развојот на државава и воедно патот до европскана иднина и античконо минато. Ако е можно, и на Томиќ да му дајш емисија секој ден со по три репризи следниот ден и да ја зголемиш таксана за МТВ шо требит да ја плаќаме, пошо ептен сме задоволни од програмата шо ни ја нудит. Прашај го Љубе Бошковски да виш колку е задоволен...

Ко второ, да ни ги дуплираш, а ак мојш и труплираш министрине за странски инвестиции пошо постигнувет неверојатно-фантастични резултати и Македонија е веќе инвестициски рај број еден во светов. Истото ако мојт да се напрајт и со рекламине би било уште попрекрасно. И оние по СиЕнЕн шо им кажвет на странцине колку ни е розево, и оние по МТВ шо ни кажвет нас колку ни е розево.

Исто така, Дедо Мраз, би сакал да мојш да ги смениш закониве и да ставиш таму некој член со кој шо сите јавни набавки, тендери и слично, ќе ги добиват Линк Медиа Плус, маркетинг агенцијана шо успешно го украсвит Скопје, набавуват маици и панцири за полицијана и све по список. Бар да е регулирано со закон, а не вака во неизвесност да сме кој ќе го добиет следниот тендер.

Мојш да напрајш и некој закон со кој шо сите граѓани ќе се вработат во државнана администрација. Така сите ќе бидат среќни и задоволни. Само ако планираш да ми ја исполниш желбава, во пакетчињата шо ќе ги носиш по државава реди и по една партиска книшка, за пуба позиција. Дај веќе еднаш да го решиме проблемов со невработеноста. Сите во јавна администрација и готово...

Во пакетчињата шо ќе ги носиш мојш да ставаш и по едно цеде од Колета или од Џолета кај шо објаснувет дека Грција не мразит, дека не сакат да си играт со нас и дека не сакат да се решит проблемот со името.

Сакам и смена на законине шо се за избори. Ако мојт да се средит избори да имаме секоја година. А не вака да сме во исчекување дали ќе имало или не ќе имало предвремени. Така ќе си знајме и не ќе се возбудвиме на секое. Имам и една желба шо не е за мене, ама ако мојш да ја исполниш многу голем ќејф ќе ми напрајш. А и не е тешка – сакам да го смениш седиштето на католичката црква од Ватикан во Паљурци и Џоле да го ставиш за папа. Сакам и да го запознам чоекот шо ги смислуват филмскине имиња на операциине во МВР. Оние де, „Змиско око“, „Бумеранг“, „Пепел“...

Ако не мојш некоја од овие желби да ми исполниш и не е така страшно ама следнава... најважна ми е. А и не само мене туку и на уш три-четвртини Македонија. Слушај ваму Дедо Мраз! Дај види среди работа во 2010 да се земат Шехерезад и господинот Онур и да напрает гооооооолема свадба. Па здравје за 2011 и дечиња... Ете така Дедо Мразу... оди сега фаќај се за работа, пошо имаш многу работа вечерва. Се читаме до година, а јас одам да го чекам први на компјутерон закачен на интернет...

Среќен нов лимит!

(Авторот посакуват да ви се исполнат сите пиперки за Нова Година)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 30 12 2009 )

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 14 01 2010 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 19 01 2010 )