Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jul 28, 2009

3
Скопјанишча, полека со топлата вода!

Уанаби поп или рок-стар личностите сосема ги разбирам, стварно блескаво изгледат таквиот сон. Ама зато никако не можам да ги сфатам уанаба фолк-ѕвезда луѓето чиј сон е да бидат ко оние од Пинк, телевизијана, не пејачкана, да се разбериме. А во Македонијава и никогаш не се створи некоја фолк естрада или пак некоја ѕвезда ко шо ги имат кај соседиве. Добро, извини, ја заборајв Благица Павловска. Жената која своите дојки ги сметат за национално благо и ги ваѓат по весници во секоја можна прилика. Дури и Памела Андерсон мојт да и подзавидит, жими тебе. Колку се израдвев ко прочитав пред некое време дека му била верна на маж је, кој да ти бил затвор, та освен шо му била верна дури и зела да варосат и да зачистит по дома, да не случајно немојт да ја поднесит промената ко ќе се вратит, да не го мавнит дамла ако наместо затворскиот лукзуз на кој е навикнат најт флека на ѕидон...

И остај шо му била верна нему, дури и на Бога да ти била верна, читам како и се јавил Св. Јован на сон и и кажал во која црква да однесит три кила масло за да имат со шо да прает салата летово попојте таму. Добро, можда и не беше приказната со масло, не памтам баш пошо одамна беше, ама многу добро ги памтам фотките, море не да ги памтам, ми останаја ко траума од детство и ги сонвам понекогаш... Благица, распослана на плочки во поза „си го барам паметот, да не ми го видел некој“, или качена на скала во поза... море бегај таму, какви пози, ти викам трауми си имам сега, се будам понекош во пет сабајле и си повторувам „нема секс без Саше, нема секс без Саше, има будали колку да сакаш, има...“ И стварно имат. Само уште не можам да сфатам кој се палит на братски подадената дојка или чесниот асексуален збор на тетка Благица...

Од каде Благица на почетоков на приказнава охридска? Епа баш пред да почнам да ја пишам приказнава вртев по канали на телевизорон и случајно на една телевизија налетав на некој батко со име Рубинчо и ми го разубај денов да ти кажам право. Еден од оние гореспоменатите уанаба фолк-ѕвезда луѓе. Нешто слично ко оние шо пееја „Две солзи ми капнаа“ или „три кила банани“ само позабавен. Батево викат – „ Нека пукнат сите знаааај, за нас двајца нема крааај, нека пукнат сите знаааај, за нас двајца нема крааај. Јас за тие зелени очи љубовна рана срце ми кочи, јас за тие зелени очи минувам безброј неспани ноќи...“. Не знам дали пукнале сите ама јас стварно пукнав... од смеење. Покрај вака ретардиран текст уште и ко ќе фрлеше некој манијакален поглед кон камерманот, па ко ќе заденсаше, ко ќе се свртеше за 360, ко ќе се расфрцкаше со газон... да ти е криво шо не си камерманот.

Рубинчо да ти кажам право секој ден би го гледал, барем ќе те насмејт чоекон. А шо да речиш вести ко ќе гледаш, да не знајш на која попрво да се расплачиш. Таман си ги забришал солзите, оп – поскапел бензинот. Таман си решил да се возиш со автобус, го поништиле тендерот. Али ко ќе гледам вести најмногу се радвам ко ќе видам како двајца полицајци наоружани со противтенковска артилерија и црни чорапи на глајне носат некоја тетка пред пензија во оние пепел, мепел акции. Е дури тогаш си викам, имало правда бе да му онадам матер, браво бе Гордано, стварно најјака си. Сигурно и теткине шо ги носат то си викет дур пробвет да се сетет дали пресумпција на невиност беше да не ти ја удрет глата ко ќе те ваѓет од Дифендер или да ти дозволет да се нашминкаш за пред камерине и блицојне.

Пред некој ден и кај нас во Охрид, ми се чинит за прв пат, имаше вакво спектакуларно апсење на некој чоек шо пренесвел оружје од Албанија.Аку, аку, дај малку и охриѓани да се уверат во познатата девиза „секој е невин се додека не се докажит спротивното, или дури не излезит на телевизија“, или во онаа на Енди Ворхол дека во развиените општества ќе дојт време кога сите ќе доживеат свои пет минути слава. И пошо Вучиќ одамна ги заврши својте пет минути, МВР останвит храбро да ја бранит оваа девиза. А ако случајно не те стигнит пендрекот на правдата, и така не се прославиш, отсега ќе мојш негде во ЕУ да тргниш во потрага по својата слава.

Ќе ни ги укинат визине бе ееееееееееееј! Можда не ќе мојме да работиме по Европа ама сигурно ќе мојме да ојме на одмор таму. За пари не е проблем, ние пари немаме, а и шо ќе ни се, ко не е се во парите. Најмногу се радвам шо конечно скопјанишчана ќе можат да одат во некоја европска земја да видат малку каква е таму услугата па да не се жалат после дека во Охрид не чинело. А кај нас све европско имплементирано. Или ако ништо друго бар европски цени имаме, а тие пак муабети ни ваѓет. Ам шо море, Струга пубо дан е? Или пубај плажи дан имет, или спасители на плажите дан имет, или дан те пречекат некој на автобуска... Добро, додуша не сум бил на автобуска таму па не знам шо се дешават али пред некој ден поминвам кај нашана автобуска и осеќам ме влечит некој за мајца. Се вртам да видам шо е работава и ко гледам, една бабичка ми се смејт и ме тргат настрана.

„Абе синко, ти си онај шо пишит по весници за скопјанишчана?“ „Тој сум“ – гордо и враќам. „Е, убо кај шо те најдов, ти ми требеше“ – викат бабичкава и потскокнуват од радости. „Шо бе бабе, шо си олку среќна, да не беше кај Брацо да те опуљит?“ „Пу, пу, скраја било, ја Павлета мој си го сакам и не го давам ни за Брацо ни за Брацојца“ „Не бе бабе, не ти зборвам за швалер, за Брацо ти велам, онај бајачон од Хрватска, пред некој ден Скопје шо беше“ „Аууууу, за него ми велиш... абе слушнав за него и му велев на Павлета да појме до Скопје ама тој ми велит – Туристиве кој ќе ти ги чуват, ќе ни ја кренат и куќа и све, не мојш да си сигурен во скопјанишчава. И убо ми рече да ти кажам право синко, не мојш раат да си од нив, а и ја кај Митра комшивкана секој ден одам, та на кафе и на грав знајт да гледат, и ни пари не ми зе...“ – и уште недовршена реченицава ја гледам бабичкава, се затрчвит накај влезон од автобускана и почвит да се карат со некој колега нејзин.

„Море Коле, рековме дек ја ќе ги земам овие, шо прајш сега вака? Малку ти беја тие прееска?“ – фати да се карат бабичкава со чоеков, а дур се караа туристиве си излегоа и веќе и такси си фатија. Таман си реков да избегам дан ми се фрлит и мене да ме карат ил тепат ама дури се спремав веќе се врати и ми викат „Пу, да би пуст останал, онај Коле сите туристи од пред рака ни ги земат, туку шо ќе ти велев тебе... Е, да, напиши, кажи им таму на скопјанишчана да не лажат по многу и да не претервет со барањана.“ „Е шо бабе, шо ти барет скопјанишчана, кажи си, таман ќе ми се најт за следнава колумна...“ „Шо барет... речи шо не барет. За соба од 500 денари сакет и клима внатре да имало, ко ова хотел да е. Еден пак и компљутор или како се викет оние пустине, си донесол, и го уклучвит во штекон, кузнајт колку струја трошит. Едни дечишта некни распуштиле некој музики ѓаолски со дерење, ко им се качив горе, им кажав убо, ги избркав два дена порано... Едни други ми барет чисти чаршафите да биле, а тие само два дена користени, тие шо беа пред нив лежеа само, ја не знам шо сакет, секој ден да перам јас... Пак и научени се, секој ден по два-три пати да се капеле, бољерон нон-стоп уклучен, ко тие да ми ги плаќет сметкине за струја. Абе ако ме вервиш само за струја не ни стигет парите шо ги ваѓаме од гостиве. А и не знам шо луѓе ќе беа, ние напред на времето в село еднаш месечно дали се капевме речи, а овие по неколку пати во еден ден. После од ко почнавме на работа ни рекоја таму секоја недела демек да се капиме ама ај убо то, ама шо било ова... Мало дан им е езероно, искапи се овде, искапи се таму, па пак овде... Молимте кажи им таму, пошо ја не можа веќе да се расправам...“ – ми кажа бабава и замина кај Коле, некој нови гости дојдоа... „Бабеееее, како рече дека се викаш, да знам шо да напишам?“ „Стојна, Стојна напиши таму, и кажи им убо...“

Епа еве ви кажвам убо... Скопјанишча, полека со топлата вода, се карат баба Стојна. Потака ме застана и еден таксист, тој викат скопјанишчава им го земале лебот, пошо Вип, мобилнион оператор, почнал да носит луѓе по плажине со комбе за 2 денари, сега никој со такси на плажа не одел. И слушнал дека Космофон планирале да почнат педалинки да издавет за 4 аТи-Мобајал соби за 7 денари. „А ЕВН струја ќе дават за топла вода?“ – му враќам јас, со надеж дека конечно ќе се решит проблемов на баба Стојна.

Ако не се решит нејзиниот проблем, барем се реши проблемот на уметнициве чии концерти во рамките на „Охридско Лето“ беа закажани во црквана Св. Софија. Владикана Тимотеј уште еднаш докажа дека парите се најбрзиот пат до Бога. Џабе ти е и на виолина да знајш да свириш, и да пејш. За да те чујат светците од небото, а посебно светциве од џипојне, требит да си брцниш во џебот, кој требит да е шо подлабок, бидејќи брзината со која молитвите стигвет до Бога е правопропорционална со големината на сумата која ќе им ја дајш. Немат врска шо државава им дават поклон црква на најубото место во Скопје, битно е тие да не дает нешто така... Пошо нели, Тимотеј ја изгради или реставрираше црквана Св. Софија па сега мојт да го рекетират „Охридско Лето“ или Министерствоно за култура, или пак сите граѓани кои сакет да влезат во некоја од црквиве низ градов а за каде треба да платат по стотче. Еден турист да влезит во пет цркви денес, ете ти ја сумата шо ја ваѓат баба Стојна од истиот турист, а кај нејзе дури и топла вода ќе потрошит.

(ак не се приметвит, авторот е охриѓанец)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 23 07 2009)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 13 08 2009 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 18 08 2009 )

Jul 27, 2009

0
Џорџ Бенсон направи вечер за паметење во Антички театар

Енергичен настап, препознатливо моќен глас и одличен флерт со гитарата, кој публиката не ја остава рамнодушна. Ако се додаде и одличната придружба на другите членови од бендот, се добива впечаток дека се работи за уште еден успешен концерт. Ова може да го потврди и триилјадната публика, која во саботата вечерта го пречека легендарниот американски џез-музичар Џорџ Бенсон во целосно исполнетиот Антички театар во Охрид.

Концертот, кој беше најавен за во 21 часот, почна со 20-минутно доцнење за што веројатно беа заслужни и дел од посетителите, кои се' уште доаѓаа и по најавениот термин за старт. Сепак ова може да се разбере бидејќи Охрид викендов беше преполн, а во периодот од 18 до 21 часот патот од плажите и централното градско подрачје се преблокирани, а и ако се движите пешки ќе ви требаат посебни вештини за пробивање низ метежот во тесните улички на стариот дел од градот. Дополнителен проблем беше жешкото време и забраната да се внесат вода и други течности за разладување. Но, сето тоа се заборави уште со појавувањето на десеткратниот добитник на наградите „Греми“, Бенсон, и почетокот на концертот. Своевидното загревање траеше околу половина час, по што дел од публиката веќе почна да станува и да игра, но кулминацијата се случи за време на еден од неговите најголеми хитови Give Me The Night, кога буквално сите беа на нозе и пееја заедно со него.

По вжештувањето на атмосферата Бенсон и бендот продолжија со енергични хитови, поради кои голем дел од публиката остана на нозе и со аплауз го придружуваше ритамот на Never give up on a good thing, Kisses in the Moonlight, Shiver, а на On Broadway публиката одлично се снајде во улогата на ехо на Бенсон. А легендарниот изведувач со својата виталност, играње и држење на сцената воопшто не изгледа како 66-годишник. Со своето препознатливо движење со колковите и секогаш насмеаниот израз на лицето слободно може да се измеша меѓу помладата публика и одлично да и' парира.

По брзиот ритам некаде на половината од концертот изведувачите се повлекоа од сцената на една минута по што дел од посетителите помислија дека се работи за крај на концертот, но следуваше претставување на членовите на бендот и прашањето „дали сакате уште“ по што забавата продолжи. Во вториот час од концертот највпечатливи беа баладите како што се Nothing’s Gonna Change My Love for You, The Greatest Love of All, In Your Eyes“, You Are the Love of My Life, на кои дел од публиката го осветлуваше Античкиот театар со своите мобилни телефони, а дел беше во прегратките на своите партнери.Бенсон можеби е и првиот музичар што настапува во Античкиот театар, а кој се пошегува и со сите што беа над и околу театарот и бесплатно го следеа концертот, што е вообичаена практика за сите концерти што се одржуваат таму.

- Некој треба да почне да им собира пари на луѓето од куќите горе. Педесет концерти годишно? О, па тоа се навистина многу пари - рече тој, по што наиде на смеа кај публиката, чиј добар дел за волја на вистината претходно коментираше за високата цена на влезниците - од 2.000 и од 3.000 денари. Меѓу публиката имаше и многу познати личности, а особено многу македонски пејачи и музичари. Во Античкиот театар беше присутен и претседателот Ѓорге Иванов со својата сопруга.Останува впечаток дека Бенсон и неговиот бенд во речиси два часа успеаја да направат вечер за паметење на присутните и надеж за уште вакви имиња во нашата земја. Концертот беше дел од неговата летна европска турнеја на која ги изведува своите најголеми хитови, дел од оф-програмата на Охридско лето и дел од серијата настапи на проектот „Културен шок“ во организација на „Авалон продукција“. На 7 јули во Скопје настапи Дејвид Брн, а за 20 ноември е најавен концертот на џезерката Дајана Крол.

Текст - Јован Постолоски

Фото - Дарио Јанковиќ

(Текстот е објавен во дневниот весник Дневник на 27 07 2009)

Jul 23, 2009

0
З`ш да не... колумна четврта

Во денешното издание на неделникот „Сега“ четвртата од серијалот колумни насловени „З`ш да не...“ Денешната со наслов „Скопјанишча, полека со топлата вода!“ на 52 и 53 страница.

Хајлајц момент - „За соба од 500 денари сакет и клима внатре да имало, ко ова хотел да е. Еден пак и компљутор или како се викет оние пустине, си донесол, и го уклучвит во штекон, кузнајт колку струја трошит“.

Цената на неделникот е 50 денари со кои имате четиво за цел викенд... па и повеќе, зависи со која брзина читате :)

Ако сепак сте скржави и не ви се дава пеевче, денешната колумна на Мојон Блог во вторник фор фри.

Jul 22, 2009

0
Почна големиот бран во Охрид

Полни плажи, чаршија и кафулиња и километарски колони од автомобили од плажите кон градот е сликата на Охрид од минатиот викенд. Шпицот на сезоната конечно почна. Низ градот има многу забави, познати личности, печена пченка, бижутерија, промоции, кловнови, музичари, сликари, циркус... Низ градот се слушаат многу дијалекти, но и многу јазици од кои најчест е српскиот. И без да ги прашате хотелиерите и станоиздавачите, може да заклучите дека српските туристи деновиве се најмногубројни во Охрид.

А само ден-два пред викендот впечатокот беше сосема различен. Ја немаше раздвиженоста, а плажите и угостителските објекти беа полупразни. Размислувањата се поделени, едни велат дека конечно почнала туристичката сезона, а другите дека Охрид ова лето може да се пофали само со викенд-туризам, но сите се согласуваат во едно, дека оваа туристичка сезона се очекува да биде посиромашна од претходната за триесетина отсто. Таков е впечатокот и на Дончо Танески, претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија.

Хотелиерите го чекаат август

- Викендов имавме гости што дојдоа заради маратонот и другите настани, но повеќето веќе ги напуштаат хотелите. Минатиот исто така имавме гости заради отворањето на Охридско лето, но и тие беа дојдени на ден-два. Општиот впечаток е дека оваа сезона е послаба од претходната - вели тој.

Тој вели дека нема големи резервации и за периодот што претстои. Повеќето гости, како што вели тој, доаѓаат тука на неопределен период. Кај хотелиерите останува надежта дека август ќе донесе повеќе туристи, а ако тоа не се случи сезоната ќе ја спасуваат веќе закажаните аранжмани во периодот од 15 август до 20 октомври од кои голем дел се семинари. Танески потсетува на барањето од мај со кое хотелиерите и угостителите бараа од Владата да го намали ДДВ од 18 на 5 насто со што би се создале поконкурентни цени во споредба со регионот.

Од градското туристичко биро „Лихнидос“, кое посредува во приватното сместување, се согласуваат дека сезоната е послаба од минатогодишната, но се надеваат дека бранот на туристи што викендов го зафати Охрид означува и почеток на туристичката сезона. За досегашниот период велат дека најголемиот дел од туристите престојувале во викендот, на 2-3 дена. Во приватните капацитети најмногубројни се гостите од Србија, Холандија и од Германија, но, како што велат од „Лихнидос“, сите се жалат на висината на цените. Цената е иста како и во почетокот на месецов со што соби во приватното сместување може да се најдат по 300 денари па нагоре, во зависност од местоположбата и условите.

Концесионерите на плажите исто така полагаат надеж на шпицот на туристичката сезона, односно периодот од еден месец, кој претстои. Илија Џепароски, сопственик на плажата „Корали“, вели дека досегашниот период е задоволителен, но послаб од лани, иако годинава плажите може да се пофалат со подобри услови поради големите вложувања од концесионерите. Во врска со зголемувањето на концесиите, Џепароски вели дека успеале да издејствуваат од Министерството за транспорт и врски да останат истите цени.

- Министерот е млад човек и има разбирање за нас и нашите вложувања и заложби за поубав лик на охридското крајбрежје. Па, оваа година нема да ги зголемат цените за концесии - задоволен е Џепароски.

Спасувачи на сите плажи

Светската економска криза и неконкурентноста на цените во споредба со нашите соседи се посочуваат како најголеми виновници за послабата туристичка сезона. А што се однесува до понудата, таа е навистина богата. Покрај вообичаените секојдневни забави по ноќните клубови и дискотеките, има и целодневни, но и вечерни журови на отворено по охридските плажи. Оваа недела во Охрид гостуваат и неколку диџеи од странство, како и турбо-фолк ѕвезди од нашите северни соседи. Македонските изведувачи се исто така присутни, а Охрид деновиве покрај другото има и циркус, сместен до спортската сала „Билјанини Извори“. Има и богатапонуда на настани од културата секоја вечер во рамките на фестивалот Охридско лето.

По акцијата на Министерството за транспорт и врски и охридската Капетанија од викендов, кога осум плажи беа забранети за капење, завчера сите концесионери потпишаа договори со Црвениот крст од Охрид и поставија спасувачи на плажите. Ако не го направеа тоа им се закануваше одземање на концесијата.

- Очигледно забраната имаше ефект и веќе сите охридски плажи имаат спасители. Продолжуваме со ригорозни контроли и во Охрид, но и во Струга. Таму повеќето плажи немаат спасители, но досега не сме изрекле казни, а ако не постават, ќе се случи и тоа - предупредува капетанот на охридската Капетанија, Љупчо Настоски.Илија Џепароски, концесионер на „Корали“, една од плажите што беше забранета за капење, потврдува дека склучиле договор со Црвен крст, но додава дека не се задоволни од нивните услуги и токму затоа досега немале спасители.

- Плаќаме многу пари, спасителите ни седат по шанковите, а и не се доволно опремени. Ако има давеник на поголема оддалеченост немаат ниту гумен чамец за да стигнат до него. Ние иако немавме ангажирано спасители од Црвениот крст, имавме наши спасители опремени со чамци и глисери и плажата беше безбедна - вели тој.

Последниот случај со давење во Охрид беше предминатиот викенд, кога две момчиња што изнајмиле педалинка се удавија на плажата пред хотелот „Парк“, каде имаше спасители, но не успеале да ги спасат.

Текст - Јован Постолоски

Фото - Дарио Јанковиќ

(Текстот е објавен во дневниот весник Дневник на 22 07 2009)

Jul 21, 2009

0
Да Шит Стрит – свецко чудо во Охрид

Си била некоја подморница и си летала над некоја пустина. И така одеднуш видела долу, некој зајак си пливал по пустината.Подморницава се спуштила и го прашала зајаков колку е сатот, а овој извајл топломер и и рекол вторник е. Глуп е вицов? Не е ништо попаметно ни ова шо ни се дешават во државава. Секој факинг ден се ограбувет те банки, те коли со кој шо ги пренесувет парите од банкиве, те бивши министри ваѓет бугарски пасоши и фаќет џаде па нашиве может само да им се фатет, те сегашни министри земвет ем плати, ем пензии, ем се возат со државни мечки, а полицијава наша ојт по паркојне и им дават онакви за дување, алкотестој де, на пешаци, ем малолетници. Пошо нели, сите овци ни се на број, уше децана требит да ги избркате од по паркојне па мојме да ги пакуваме куферите и да тргниме накај Европскана Унија. Уа партибрејкери!!! Фатиле да ги малтретирет децана шо немет пари за фенЦи ноќни клубчиња а сепак сакет да си се дружат па и да се поднапијат, и продавачине шо скришум продавет пиво после седум, за да можат овие првиве да се напијат исто ко и нивнине другарчиња шо оставет и по печес пати појќе од набавната цена за пијачките по клубојне. А и многу е важно да ги фатите сите пијани пешаци пошо се многу поопасни од оние со бесни коли шо одет по јакине клубој.

Пак сега рекоја и ќе се смилувале, ќе го сменеле онај глупион закон па ќе дозволеле на лето да се продават алкохол и до девет сатон. Е стварно фала ви, баш сте фини. И шо им менвит тој законот на оние продавници шо работет до девет ил десет? Апсолутно ништо... освен дваејс иљадарчиња за лиценцата. И после ќе ги слушаш баба ти и дедо ти ко ќе ти раскажвет како порано немало дискотеки и кафичи туку си се дружеле на отворено, во природа, по чаршија... Ој сега да те видам така дружи се, одма те прогласвет за државен непријател број два (местоно број еден е резервирано за Дора Бакојани, нели) и ти давет да дуваш. Се знајт кај смејш да се дружиш... по кафичи и дискотеки. Ак немаш пари сеј си дома, шо ќе ти е дружење! Да ти се мочам во логиката, ко скопјанишчана шо ни се мочет во езероно.

И остај шо се мочет, пак некој мучки ни прает. Виде онај изборон за свеЦки чуда? Влеговме, ами како. А ги слушам нив, викет, шо било толку чудно езероно пак да бидело свеЦко чудо, исто ко секое друго било... Да де, исто, иту исто ко вашено... шо го немате! Е! Све намќори, бреееееј! Еве јас, прв пат ко ме однесоја мојне на пристаниште и ко го видов езероно, уште од прва се зачудив, за малку шо не припаднав внатре. Море шо езероно, цел град е за чудење. Бев пред некој ден кај црквана Свети Јован Канео, по стоти пат можда во животов, али сега не бев појден неколку месеци, па пак се изначудив. Убајни, убајни... и кој турист да дојт зачуден си ојт дома му. И не само Канео и останатине цркви и локалитети, туку и по градов да шеташ пак ќе се чудиш. Ене мене шо ми имет кажвено едни женски, се возеле лани со такси од кај Поштана до кај Гимназијана и оп – 150 денари им побарал таксистот. И овие, многу нормално, зачудени останале. Друг ми кажвит, седнал во некој кафич, чекал пол сат да дојт келнерон, па ко дошол му рекол „шо е море, шо сакаш“, па од ко порачал чекал уш пол сат да му ја донесит порачката, и на крај ко му ја донесол сметката, не да се зачудил, за малку в езеро шо не паднал од чудење (до езеро му била масата де). Све зачудени луѓе, со импресии, со приказни за по дома да раскажвет, а овие ваму, не било чудо. Мрш бре таму, реков прошлиот четврток, ќе речам пак – Абе од такви... баш од такви луѓе ни пропаѓат нас државава, не од друго, од нив. Ама пак ти е гајле, си влеговме во полуфинале, па сега ќе идат и од СиЕнЕн и од цел свет да не снимет ем сликет шо сме убај.

Еве дур зборвам за чудава, не знам дал си чул, дал си во тек али минатава недела пештанци (луѓено од селоно Пештани де) се бунеја и бараја Аце, градоначалникон наш да ги примит да си ги кажет маките ама наводно (горе на Водно, на планинана) им рекол „Кој сте вие и шо барате овде, јас не ве познавам и нејќум муабет да прам со вас“. Демек не ги дружел пошо не биле од официјалната месна заедница туку така си се собрале неформално. И убо им напрајл да ти кажам право, уш поубо шо не им напрајл муабет, пошо ак им напраеше ќе му кажеја шо проблем имет па можда и ќе им го решеше. А тие демек мака имет, а то уствари мојт ко туристичка атракција да се искористит ама на кого да му текнит. За да ви доловам за шо се работит ќе пробам да ви цитирам еден чоек шо зборвеше на една локална телевизија овде. Викат чоеков „Кај го имат ова море, во двајспрви век уште канализација немаме, со септички јами, во гомна се давиме. Ој снимајте онаму по улицана гомна кај шо пливет...“ Е ако гледаш така за плачење е, ама ако гледаш од другата страна на медаљата, да се изразам вака метафорички и јас, и за фалење е да ти кажам право.

Еве зеј го првиот дел од цитатов - „Кај го имат ова море, во двајспрви век уште канализација немаме...“ Ете видиш, нигде го немат, единствени сме, уникатни, свеЦко чудо да не речам. Наместо да зејт некој, да ја спакуват приказнава (не буквално), па да им ја продаваме на туристиве, и да ги носиме таму на сред улица соси камерманов да видат, тие зеле ми кукет онде. Требит бе, си требит малку да имаш така осет за бизнис и за чуда свеЦки. Еве мене нека ми ја дает та улицата под концесија, имат да ја средам, и шанк и лежалки и диџеј ќе донесам, пубо од плажине ќе ја напрам. Еве дури и име и смислив како да ја крстам, сеа уште кум и поп ми фалат и спремна е за крштевка. Пази ова... Да Шит Стрит. Дури и рима имат... ко ќе дојдат оние од СиЕнЕн за гла да се фатат од чудење, на секој сат ко брејкинг њуз да не давет. Маседониа Тајмлес пица пирошка да јајт, а Вол Стрит јогурт од Сведмилк да ни носит. И плус ќе договориме некој термин на три-четири-позор-сат цело село во веце да ојт и то ќе ни бит Хепи Ауар или мојме и Бул Шит Тајм да го крстиме. Ќе речев да почекат туристичкава атракција до некој следни избори па некој политичар да фрлит лопата ама немат потреба, цело село е изорано веќе за септичкине јами, доста им е. Мојме да го зејме Груевски да ја пресечит црвената лента на отворањето ама не знам шо би му дале да се напиет. Пошо тогаш Сведмилк ко го отвораше јогурт пиеше, сега овде ич не ми теквит шо би пиел... Или да го остајме него, си имат работа чоекот, требит со Анџелина Џоли да се убедит кој ја заебал економијава, а и можда ќе требит да се чудит ако му стигнит уш некоја неочекувана оставка поради епидемијава.

Ако не, мојме Џолета да си го зејме на отворањето, и така се заседа чоекон, цела недела по градов ни шетат. Не велам не, и ја би седел во вилана Биљана, ко е пуба од она на Водно, а и на пубо место е клаена. И плус си се дружит со убај луѓе. Му дојде прво онај чичконо од Дивион Запад, па Џоле му даде орден, Мориконе му посвети концерт, а нашиов пак му побара и уш еден концерт, ама тој не за него туку за Македонија, да ја промовирал демек. Јас пак мислев него го избравме да ни ја претставуват и промовират земјава, ама си се снаоѓат бе, ко не го викет него по светов, Мориконе сигурно ќе го викнит некој. Паметно, паметно.

Добро, и не е баш дека нигде не шетат. Ете тогаш уше од прв ден Груевски го прошета до Брисел да го запознајт со чичковците таму. А и со Папана си се виде. Не знам нему дал му рече да се помолит за Македонија до седмо колено. Али сепак на Џолета најмногу му ојт муабетон со комшискиве прецедатели... Како почна, секоја недела си се гледет. А и само то го прајт ми се чинит од ко ни стана прецедател, само канит некого, само на почетокот не му ни идаја. Ќути сега почнаја да идат, ене го Сејдиу дојде, и ни тепих ни нишо не побара. Добро сега, имам тајна информација од извори блиски на Биљанините дека Џоле му дал космодиск али сепак како и да е, си нашле луѓето разумен компромис. Ваљда зато не се побуна ко му дадоја мавровска наместо охридска пастрмка. А и шо ќе се бунит, кај ќе видит во Косово ваква убајна, ем покрај езеро, ем со Џоле да ручат... И плус тазе прскано против комарци, дента пред да дојт Мориконе. Немаја прскано три години ама сега ко испрскаја, маме им плакаа, дури и државнине комарци ги испрскаја, сега немат ни да ти затребит, или да ти се нажалит, не ќе имат шо да те каснит, ќе требит од кучињана скопски да си носиш, ак најш некое живо, нормално.

Али сигурно побргу ти куче ќе најш отколку градоначалникон наш место шо најде да седнит на отворањето на Охридско Лето. За чоекон немало место во ви-ај-пи ложата кај шо беа Џоле, министрите и странските гости, али зато имаше место и за нивните секретарки. Аце наш мораше да седит во поттрибинскион простор заедно со новинарине и техничкине лица. Сите знајме дека централната власт не мојт да го смислит Петрески пошо е еден од малкуте градоначалници од спротивната политичка опција ама бар на вакви настани мојте да глумите дека не е така. Не за друго, од почит кон функцијата и граѓаните шо го избрале. Страм ве било!!!

И за крај би сакал само да ги искарам нашиве градски татковци и мајковци. Види ги прилепчанине шо напраја. Си ја викнаја тетка Северина и сега си снимет алтернативни порно-филмчиња со мајмунчиња. И плус сега наместо шампањско во јахта пиет пиво на Пиво-Фест. А ние прајме овде културни манифестации, Охридско Лето демек. Јас да сум ко вас ич не се мислам, прилепчани – Северина? Охриѓани - Анџелина еј кеј еј Славеска Џоли, па да видиме кој ќе испаднит по фраер. Плус мојме и Чак Норис да си го викниме па заедно со Џоли ќе ни го решат проблемов со имево. Конечно ќе најме разумен компромис – Република Чак Норис (Македонија – јави се Јужна). И само нека писнат после грчиштана па да видат тие чија мајка Црна Река плива...

(ак не се приметвит, авторот е охриѓанец)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 16 07 2009)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 23 07 2009 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 28 07 2009 )

0
„Нора“ ја остави публиката без зборови

Неколку минути громогласен аплауз и овации поради кои актерите се вратија на повторно поклонување на сцената. Вака беше поздравен крајот на претставата „Нора“, во режија на познатиот Харис Пашовиќ на „East west“ - театарскиот центар од Сараево. Тазе поставената сцена од задната страна на црквата Св. Софија во Охрид беше доволна да ја прими целата публика заинтересирана за претставата, со тоа што останаа и дваесетина празни места. Освен охриѓани, посетители имаше и од други градови, но и многу гости од соседна Србија, кои овој период ги има во голем број во градот. И сите тие си заминаа задоволни, но и со многу отворени прашања за размислување.

Како што велат од театарот, претставата треба да ја гледаат сите што се во брак и сите што планираат да стапат во брак, бидејќи таа еднакво говори и за мажите и за жените, а особено ја третира темата за еманципација на жената. Претставата направена според драмата на Херик Ибзен од 1979 година, говори за млад брачен пар, чиј брак на прв поглед е совршен. Мажот има успешна кариера и многу пари, а жената ужива во трошењето на тие пари бидејќи нивното шушкање најмногу ја возбудува. Имаат и бурен сексуален живот, во што можат да се уверат и гледачите на претставата бидејќи има повеќе еротски сцени, но сепак нивниот брак е далеку од совршен. Како одминува времето така повеќе се откриваат проблемите и лагите со кои живеат и на крај жената тргнува во потрага по својата слобода.

Речиси два и пол часа актерската екипа нуди и смеа и солзи, и среќа и тага, и голотија и еротика, хитови од светската музичка сцена и класична музика, но и многу психолошки елементи. И сето тоа за да докаже дека ослободениот поединец е основата на здравото општество.Театарот „East west“ и режисерот Пашовиќ пред охридската публика настапуваат и вечерва. Ќе ја изведат претставата „Класен непријател“ според прочуениот текст на Нигел Вилијамс. Претставата е актуелна и зборува за соочувањето со се' поголем број млади луѓе што се однесуваат агресивно, наркоманијата е во пораст, пребрзото возење секојдневно има фатални последици за младите луѓе. Кај многу од нив владее чувството на безнадежност. Ова е дело што говори за она што ние го пропуштаме во воспитувањето на младите генерации, зошто тие се оддалечуваат од нас, стануваат груби. Се' почесто се свртуваат кон криминалот. Со дозвола на авторот, режисерот го адаптирал текстот, така што дејството се одвива во едно од средните училишта во БиХ, при што се направени опсежни опсервации на учениците односно младите луѓе. Почетокот е закажан за во 21 часот, во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски“, во близина на Горна порта и црквата Св. Богородица Перивлепта.

Текст - Јован Постолоски

Фото - Маја Златевска

(Текстот е објавен во дневниот весник Дневник на 21 07 2009)

Jul 16, 2009

0
З`ш да не... колумна трета

Во денешното издание на неделникот „Сега“ третата од серијалот колумни насловени „З`ш да не...“ Денешната со наслов „Да Шит стрит - свецко чудо во Охрид“ на 52 и 53 страница.

Хајлајц момент - „Наместо да им ја продаваме приказнава на туристиве и да ги носиме таму, на сред улица, соси камерманов, да видат чудо, улицана во Пештани гомна кај шо пливет, тие зеле ми кукет онде!“.

Цената на неделникот е 50 денари со кои имате четиво за цел викенд... па и повеќе, зависи со која брзина читате :)

Ако сепак сте скржави и не ви се дава пеевче, денешната колумна на Мојон Блог во вторник фор фри.

Jul 14, 2009

0
Коњи, чашитки и ченки варени

Некој турист од оние скопјанишчана дошол Охрид и си ја паркирал колата покрај некоја куќа и му излегла некоја баба на пенџере па му рекла „Кревет синко“ и овај и вратил „Не фала, си имам стан“. „Аморе синко кревет“ и овај пак и викат „Не ми треба сместување, си имам свој стан!“. И чоеков ошол да шетнит тро, поминале неколку сати, се враќат и глеат колата нигде. Почнал да се чудит и да пцует а бабава му излегла пак на пенџере и му викат – „Аморе синко, ти реков кревет... ги кревет со пајакон“.

И после некој ќе речит охриѓани не чинеле. Ем најгостопримливи, ем вака да ти се најдат ко ќе си во незгода, ем све. А скопјанишчана секогаш викет демек ко ќе дојделе кај нас полицајцине им ги ваѓале таблицине од по колине ко ќе виделе „СК“ и казни им пишеле. А еве сами си признавет дека тие си се криви. Вицов шо мислиш, ја дан го измислив... Од скопјанишчана е овај, демек нас ќе не заебавет ама уствари сами си се заебале. Виде бабичкава, одма да му се најт, да го предупредит, ама кој му е крив на овај шо не разбират. Е пак нек се смејт на дијалектов да го видам, ко ќе се опрчит онаму в полиција некоја иљадарка.

А пак и најде кој да кажвит за дијалектов. Како се нервирам на лето ко ќе слушам по градов „Кај ќе искачаме по дискачиве...“ Ам ако ви е за скачење, могли би да скачете и од Канео мор другови и другарки. Се наполнале со србизми онаму и тие мене ќе ми продавет приказни за јазиков. А од овде и Климче и Наум и универзитети и писменост и све си почнало. А ко ќе дојдат кај нас трчет да се сликет со Климчета на плоштад и со Кире и Мето понака на кејон. А да ги прашаш ни знает ни кој биле ни шо биле, и плус не знает да зборвет македонски и на крај тие ќе прает вицој за дијалектов наш... Абе од такви... баш од такви луѓе ни пропаѓат нас државава, не од друго, од нив...

Зато и во Европска Унија уште не сме влезени. Да беше до Охрид уште од четрс-друга ќе бевме таму туку... Ние шо можевме да напрајме напрајвме, ој на листана од УНЕСКО, први сме по убајни, а другиве шо... шо имет напраено за државава?!? И после пак се жалет скапо им било во Охрид, зато не идале. Ваш проблем бе, појќе езеро за нас. И пак шо, лошо дан ни е со бугаркине... мх, мх, мх, какви имат баче, ја за вас ќе плачам...

И ај шо ти велам во УНЕСКО сме, туку и за него гледам овие скопјанишчава прает некој дубари за да не тргнет од листата таму. Се жалеле чичковците таму многу се градело, многу се загадувало... Дека никој немат храброст да кажит мислите не знајт некој кој е крив... Еве ја ќе кажам бе, скопјанишчана се криви, кој мојт друг. Сине згради шо се изградени и шо ни пискет од УНЕСКО за скопјанишчана се изградени, им прает станој за после да можат да ги издавет, пари од туризмов наш да прает. Мислите некој трева пасит, ние не знајме шо се дешават... и после ќе слушаш „охриѓани го запустија градон и езероно“ а за све тие се криви. И шо викет за загадвењево... и то ти е све од скопјанишчава бе брат. Ој на лето на некоја плажа и глеај колку од скопјанишчана одат во вецињана по плажине. Николку! Сите намерно ни го мочет езероно за после ко ќе дојдат од УНЕСКО да мерат да речат сте го загадиле. Стратегија... стратегија ти е то бе брат. Ама дур си ќутиме ние ќе си мочет тие. Требит бе да се станит, да се кренит глас, ако требит и некоја улица да се блокират. Кајчињата и ждранк Подмоље, да не мојт никој да поминит навака. И ќе ги чуваме, не ќе ги пуштаме ни од коли да излегвет, па ко ќе им дојт за мочање да требит внатре да се помочет, да видат како е... Тие мислат езероно така е, кој како стигнит ќе се мочат... Не бе брат, морат нешто да се напрајт, до кога вака...

А за многу работи да ти кажам вака искрено немат правда. Ене види Скопје шо прает, прво компјутер на секое дете па после споменик на секој чекор. Кај нас ништо... А шуба замисла иам вака да ти кажам право, како мојт да се напрајт Охрид со споменици, по, по, пооооо, Рим кисела вода со лимон да ни носит... Пази планов – почвиш од кај Чинарон, до фонтанана онде – бам еден динусаурус. Поголем ќе е од бикон Скопје, ем поубав. И плус порано Охрид стварно имало динусауруси, а не ко Скопје шо ги лажат со бикојне.

Динусаурус клаен? Клаен! Следно – скопјанишчана имет шмизла? Имет! Е шо, ние да не не мојме да стајме некој споменик на женско со чудно име... мојме, иту како... ти бе дете, да те прашам вака, си чул за варошка чашитка? Не си чул?!? Ој фрли се од Кукуле ак не! Не знајш кај е Кукуле? Ти дете дан не си од Охрид случајно??? Кукуле бе, од кај шо се фрлавме тогаш море, од Канео она карпана море, ти теквит? Е шуќур кај ти текна, туку шо ќе ти велев, не е едно, све морат да ти објасвам, ништо ич да не се знаело... Е де, за варошка чашитка ќе ти кажвев. То ти е дете онаму во Варошон горе, знајш де, куќине ко шо се збиени една до друга да прдниш ќе се чует, не пак друго. И уствари овие чашиткиве ти се жените таму шо стоеле на пенџере излезени и глеале, слушале све шо се дешават и после се збирале и раскажвеле кој шо напрајл, со кого напрајл... Е, и сега е останато то чашитка... и чашитлама де, то ти е изведено од првово, требит ја тебе речник да ти дам да ги проучиш тро охридскиве термини, пошо те гледа не пара ме разбираш... Е сега, шо ќе ти велев, ко шо имет скопјанишчана шмизла ние мојме да опниме една варошка чашитка, онаму наспроти црквана Света Софија.

Динусаурус клаен? Клаен! Чашитка клаена? Клаена! После, ти теквит на онај фраерон наспроти шмизлана онаму Скопје? „Ехеј“ го имет него крстено, демек и викал на шмизлава а ова ич рецка не му мавала... Е сеа, ако прајме споменици со викање ние Охрид мојме уш шес пати пубав да напрајме. Ти ги соберам оние од кај автобускана шо викет „Смештај дечко, смештај дан требит?!?“, да ти испозирет за еден споменик ќе виш шо е туристичка атракција после... Мојш и „Смештај“ и „Соби“ и „Станоиздавачи“ и како сакаш да го крстиш, и пак поубав ќе е од тој фраерот демек Скопје. И плус мојме да исценираме некоја ситуација кај шо му се имет собрано на некој туриста и го тргет за мајца за да ојт кај нив. Кај нас море секој туриста е важен, ој на други места да виш, слегвиш на автобуска никој ни да те пречекат, ни да те прашат смештај дан ти требит, ни да ти понудит нешо, ни за мајца да те тргнит... А сум шетал, стварно многу сум шетал по светов, негде немат ни куче да те каснит, не пак за соба да те прашет, ама пак скопјанишчана се неблагодарни... Туку остај ти скопјанишчана, имаме ние побитна работа, требит градов да го разубајме со некој споменик.

И до кај стигнавме паше... Динусаурус клаен? Клаен! Чашитка клаена? Клаена! Смештај клаен? Клаен! Скопјанишчана имет „Ретардирано девојче на пешачки“, шо никако не мојт улицана да ја преминит. Епа ние овде си имаме кајчари со пенти, со све, и не само шо можат пешачки да ти преминат, без проблем и граничен премин ти преминват и Албанија ак сакаш те носат. Значит... едно кајче ќе бапниме онде на кејон и ен кајчар ќе извајаме со ракана на пентана а горе ќе го остајме бесплатно за да мојме да ги заебаваме туристине ко на песнана од Ка-петнајс. И ќе му монтираме еден звучник на тој кајчарот, ќе му снимиме и ќе му ставиме на секој 2 минути да викат „Ај една тура до Канео“ за поавтентично да е. Ете ти уш ен споменик.

Значит... ај уш еднаш. Динусаурус клаен? Клаен! Чашитка клаена? Клаена! Смештај клаен? Клаен! Кајчар клаен? Клаен! Ова ти се вака овие помаливе споменичиња. Е сеа, скопјанишчана ќе го носат Ацета соси Букефал на плоштад. И си мислев ја, да мојме ние, пошо овие ќе имет само еден коњ, да напрајме еден хиподром на плоштад Охрид, и да донесиме бар печеес коњи па нека се тркет, после ќе мојме и од кладење на туристине пари да им земаме. „Колку рече дечко? Иљадарче на тројка? Арно, арно, еве ти и една ченка варена гратис“ Ете ти, ем пубав споменик од скопјанишчана, ем туристичка атракција – кладење на коњи со ченки варени гратис... на сред плоштад!

Црква на плоштад не ни требит, си имаме ние, ехееееј, уше од кога, во Скопје тогаш ни плоштад немаше... Да не почвам муабет и за идејава шо ни ја украдоја... Иту приватна сопственост е она кај нас, ама бар знајш кој ќе ги земит парите шо ќе ги остајш. По другине не си сигурен, ова епархија, она епархија... Охрид барем си знајш. Не знајш? Еми ако не знајш распрашај се по градов, ќе ти кажат одма чива е и кој ги земат парите од таму, глупо е сега вака по весници да кажвам. Значит плоштадон исполнет... мислам дека ќе останат уш неколку метри квадратни така празни ама тие ќе му ги дајме на некој кафич да стајт уш некоја маса за да не се жалет туристине дек место немало кај да седнат и оп полн плоштад, убајни!

Триумфална капија исто не ни требит, си ја имаме Горна Порта ние, не ни требет други порти. И плус уш една порта имат горе кај тврдинана од Самоила... и една долу кај црквана Канео, ехеееееј, саде порти сме Охрид, немат потреба, фала ви...

Само уш една желба имам вака да си кажам... ако се мојт некако да ја зејте Статуана на слободана од Њу Јорк и да ни ја донесите Охрид, негде на сред езеро да ни ја клајте. Ја мислам дека ептен убо ќе си дојт. Сеа ко можевте во Скопје бикон од Вол Стрит (улицата на волојте) од Њу Јорк да го соберите, ќе мојте и теткана со факелон да ни ја донесите в езеро. Таман ќе ви светит да ви се гледат за да мојте и на вечер да ни го мочате езероно.

Е така малце, дај напрајте нешо и кај нас, шо било то, само Скопје споменици, види шубај идеи ви дадов, иту ја ни пари не ви барам, само напрајте ги овие рабојќе па ќе јајме по една пастрмка од оние шо се забранети и шо никој ни ги ловит, ни ги продават...

(ак не се приметвит, авторот е охриѓанец)


(Колумната е објавена во неделникот Сега на 09 07 2009)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 16 07 2009 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 21 07 2009 )

Jul 11, 2009

3
ВМРО да е жив и здрав!

Налетав на едно интересно јутјуб видео кое не можам а да не го споделам.

Уживајте!

Ќе повторам нешто што го реков на старион блог.

Лесно на тие политичари што имаат ваков народ...

Jul 10, 2009

10
Ак не ви чинит не идајте

И ти викам брат, овие од весников ме натераја колумна да им пишам. И сега сакале ја да им го раскажвам животов овде во Оридов наш најубав цееееело лето. Си велам да им речам – дојте, видете си сами шо се дешават, ама знам скопјанишчана стегнати луѓе се, не давет така пари. И ај шо ќе прајш... реков ај ќе им пишам вака летово по некој збор колку ни е најубо ваму тро лиги да им прам, и си мислам, ак требит и ќе лажам некогаш ама кај можам ја за Охрид нешо лошо да кажам.

И шо ќе ви велев, можда вие не ме знајте, и убо кај шо ми текна, дај да се запознајме. Не е за фалење многу, многу, ама ја вака тро искрен да си бидам, девет месеци онаму горе Скопје беф, реков да поднаучам тро нешто, ме интересират новинарство а само во Скопје го имат... ја не зна шо држава ќе бевме, све шо прает таму прает, ние по другиве градој ај да умриме ак не.

Море шо други градој, Охрид не е друг град. Град на Унеско бре ееееееј! Само езероно да го опулиш од горе од Канео и не ти требит друго, све си видел во животот. Абе Охрид... убајни, убајни земски. То езеро, то цркви, то манастири, то чаршија, то све бе брат, све. Само се нервирам оту скопјанишчана ни се мешет во туризмов ама не знам шо да речам. Требит та работа градоначалников да си се подзамислит, ја не зна како можит така да им дават те кафичи, те кафани, те дискотеки, и ај сега почнаја и плажине да им ги давет. Ам ај ак не и езероно соберете го во некој авион од оние за пожари шо се и однесете им го, истурете им го таму и напрајте им езеро да им поминит ќефот.

Можда после не ќе трчет ваму соси теглине ајвар, пак уште и пиперки, патлиџани си носат од дома. А ние овде на, олкав охридски јабучар. Остај то, и лајци си носат, тие велет демек за да сркале од ајварот ама то на друг нека му го кажвет. Знам ја шо им е нив... ти теквит ко ќе велеја овде, да может со лајци ќе ни го иссркет езероно? Епа почнаја, лајци, виљушки и ајде ќе го скркаме. Кај мојте така бре, библиски град, уште од пред Христа овде и езеро и све си имало вие ќе го сркате. Мал ви е Вардар таму... ојте таму капете се да ве видам, туку пак овде ни трчате. И после од ко ќе дојдат ова не им чинело, она не им чинело, нив све нешо не им чинит. Ам шо да ви речам бе, ак не ви чинит не идајте. Дан ве потера некој сосила, дан ве крена да ве донесит овде.

Не бе, ја не знам шо луѓе ќе беа, све намќори брееее... ене пред некое време гледам на насловна од Вест опнале наслов „Охриѓани ќе учат да се смеат“. Демек ние не знајме да се смејме, тие нас ќе не учат... Ене вчера излегов в чаршија, све насмеани, то продавачки, то келнери, келнерки, дури и еден таксист видов кај шо се смејт. Му викам - шо бе брат, дај кажи вицот да се насмејме и ние...

- Абе каков виц, ми текна дек сезонава идет, сега кај и да е таксиметаров на дупло ќе почниме да го клаваме за скопјанишчана, па смешно ми дојде.

И после охриѓани не се смееле. Абе оди бегај таму. Ене на пример ја ко идев од на факултет од Скопје... слегвам на автобуска со куферите и одма уште не слезен ко шо требит, уште не здивнат шо се велит, одма насмеани луѓе гледам и сите сложно си викет – Смештај дечко, смештај дан требит?!? Соби дечки, ајде соби на пет минути од центар. А го гледам чоекон, знам од негде познат ми е, и после од ко заминав ми текна, Даљан онаму кун Струга живејт. Уште не знам зжш рече пет минути од центар ама шо мојш да знајш, можда се преселил чоекот. И одма до овие со смештајов уште понасмеани, колеги од овај од пред малку таксистов шо ви кажвев, и слушаш така, ем се смејат ем такси ти нудат.

Абе одма, уше не дојден шо се викат гледаш насмеани, љубезни луѓе. Ој Скопје на автобуска да виш дал ќе те пречекат така некој. Абе ајде... и пак после охриѓани не чинеле. Абе реков и пак ќе речам, ак не ви чинит не идајте. Сосила никој не ве терат.

Тукуууу... прошлана недела времиштено ич не се погоди, ја не зна шо го најде, да не мојт чоек во дворон да излезит, не пак на плажа да појт. Ама ќути викендов се распрај малце од малце и се наполна градов. Одам по чаршија, слушам српски се цепит, чак некој и на англиски спикаја.

Абе све то убо, нека си идат луѓено, нека одморат, голем е градов, за сите место имат, ама ептен се нервирам ко ќе видам некој туристи основна култура кај шо немет. Ене пред некој ден одам в пекара да каснам нешо, ај внатре шо прает гужви пак уште и се бунат. Еден го слушам пола македонски, пола англиски зборвеше, викат хот му било млекото чоколадно и бараше да го вратит. Шо мислит тој, ак го земвит од фрижидер внатре мразулци дан требит да имат?!? Пак уште фатил се карат со продавачкана. Та све му искуца, дури и фискална му истаде тој запнал хот, та хот. Еми ако ти е хот ој во езероно излади го. Онолко езеро тој фатил за едно млеко чоколадно да се бунит. Ама пак убо му го плесна продавачкана. Му викат „Да ми простите господине, ама вие не знајте шо сакате!“. Плескање... да не му текнит уш еднаш Охрид да се вратит. Не бе брат, охриѓанкиве знает како требит... културно, со смеење, господине, вамте, тамте и ќе ти го напикет. И после охриѓани не знаеле да се смеат. Абе оди бегај таму.

А и ова со млеково... сеа стварно имат опција на касиве фискални да минусираш нешто таму ак згрешиш во куцањето ама момичено не е криво шо не му кажале како требит. Ама пак и убо си се снајде, да беше некоја друга ќе се збунеше можда, ама ова му го рече и го засрами чоекон. Ја слушам после им објасвит на колешкине, им викат „Сеа ја све искуцано тој топло му било... Ми идаше да му ја бапнам една, да вит тој убо...“

И да му ја бапниш, така требит, да се научет туристине кој е главен, и за некоја година ќе почниме и семинари да прајме, да ги учиме оние од западон како се прајт туризам. Тие запнале, стратегија та стратегија ни требит... Море каква стратегија, момиња вакви златни ти требат, шо знает како со туристине, да ти е ќеф и бонус да им дајш на крај од месецот.

Ене после петокот дојдоја од цела Европа, ѓо играорци, „Разиграно оро“ ќе праеле на плоштад. Пак после застанале онде Мекдоналдс да јадат и гужви прает. Убо им рече и она продавачкана таму – Чекајте вие шо мислите овде преку ред... Ќе си почекате малце, ред да не се знаело... Можда и не ја разбра то детето пошо од Полска од негдека беше ама барем му објасна убо ова. Ја стварно не знам шо им е на туристиве, основни познавања од туризам да се немало. Сигурно не го знает она – Продавачката е секогаш во право. Посебно ако е во ПМС.

(ак не се приметвит, авторот е охриѓанец)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 02 07 2009)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 09 07 2009 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 14 07 2009 )

3
Welcome

Еми ај добредојдовте и добро ве најдов.
Мојон Блог реши да се пресели па отсега ќе си се дружиме тука.

Колку за потсетување... Старион Блог

И ко за добредојде еве ви една песничка...