Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jul 31, 2010

0
Приказна за еден тажен крал

Дозволете ми да ви раскажам една приказна. Сместена е на едно место во едно време. И има една главна улога. Еден крал. Срамежливо и од никаде се појави но успеа да дојде на чело на кралството. Кога доаѓаше носеше со себе една тегла со мед и со него ги премачкуваше сите жители на кралството. Им велеше дека тој е поинаков од сите претходни, дека ќе го направи кралството поубаво место за живеење, цвеќињата ќе цветаат пошарено а птиците ќе пеат помагично.

Народот?

Народот многу пати дотогаш излажан и ограбен му веруваше а и го сакаше. Му дозволи да го поведе кон подобрата иднина и пофантастичното утре.

Но снегот од кој беа направени брдата и долините полека почнуваше да се топи а кралот се почесто ја облекуваше својата темна наметка. И наместо, како што им велеше на своите поданици, да ги натера краловите од другите кралства да носат златници во неговото, почна се повеќе да им ги зема златниците на жителите на кралството.

Потоа, додека поданиците умираа од глад, тој почна да ги троши нивните пари на некои чудни идеи за, како што велеше, разубавување на кралството. Поглемиот дел од жителите си молчеа и ја почитуваа волјата на кралот, но мал дел од нив реши да се побуни па се собра баш на местото предвидено за разубавување. Но нивниот собир не заврши славно. Беа натепани додека кралската војска си седеше и го гледаше тоа.

Се собираа и други жители на кралството кои си го бараа она што го загубиле поради тој или некој од претходните кралови. Но, не само што кралот не сакаше да чуе за нивните барања, туку неговата војска ги оставаше и сами да се расправаат или да бидат газени од кочиите на другите поданици.

Иако беа малку, сепак имаше и жители на кралството кои беа многу гласни и насекаде зборуваа за злото кое ги снашло поради кралот. Но нему не му се допаѓаше тоа, па, иако ги имаше насекаде околу нив, успеваше да им најде забранети билки само на нивните ниви и ги затвораше во темните зандани каде беа тепани а потоа оставани да размислуваат за тоа што го направиле.

Постоеја и гласници. Многумина од нив го пренесуваа зборот на кралот трубејќи на розевите труби кои им ги беше купил, но имаше и такви кои одбиваа да го направат тоа и ги ваѓаа своите труби, кои веќе беа посивиле.

Што се случуваше со нив? Епа, дел од нив веќе не се гласници. Им ги зедоа трубите и ги фрлија на улица. Можеби и треба да бидат среќни што се таму а не се во темните зандани.

А што се случи со кралот и каков е крајот на неговата приказна?

Крајот сеуште не е дојден но ќе дојде. И ќе биде тажен. Многу тажен...

(Авторот пишува измислени приказни)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 31
07 2010
)
(Наредната во сабота на 07 08 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

Jul 26, 2010

0
ВМРО и СДСМ, фала ви, баш сте срциња

Почитувани,

Најпрвин би сакал да ви упатам многу поздрави и честитки за храброста со која долго време останувавте цврсти под нападите на предавничките медиуми и Антикорупциската комисија кои, замислете бе, велеа дека вашите функционери не го почитувале Законот за судир на интереси и незаконски земале по две плати извршувајќи по две функции, најчесто како советници во општините и како директори на јавни институции.

Исто така, би сакал да упатам и поддршка за одредени од функционерите како Владимир Бахчовановски, кои не само што не ги слушаа повиците на гореспоменатите предавници, туку и ја имаа таа храброст да им се спротивстават со прашања кон новинарите од типот на „Ти си таа што ме пљукаше?“ и слично.

Би сакал да ја искористам приликава и да упатам посебна поддршка и благодарност до градоначалникот на Битола, господин Владимир Талески, кој на предавниците мошне убаво им објасни дека за татковината се работи и дека нивните функционери се жртвуваат за нејзино добро, работејќи на две функции и земајќи по две плати од буџетот, бидејќи нема кој друг да го прави тоа. Мала е земјата беа вашите зборови господине Талески. Дефинитивно една од најпаметните работи кажана во последно време.

И за крај најогромната благодарност би сакал да ја упатам кон двете партии чие име може да се пронајде во насловот на оваа благодарница. Во секој случај поголема кон ВМРО-ДПМНЕ бидејќи оваа партија најпрво одржа состанок на Централниот комитет на кој беше решено дека нивните функционери ќе мора да се откажат од една од функциите. Но, се разбира, не поради апелите од предавничките медиуми и Антикорупциската комисија, туку поради нивните лични убедувања и заложби за подобра Македонија. Благодарност упатувам и до СДСМ, бидејќи веднаш по нивните владејачки колеги, и тие решија и им го наложија на своите функционери истото.

Тука ќе морам да се запрашам и што ли ќе се случуваше да не постоевте вие, драги партии, па да се грижите за спроведувањето на правото и законите во оваа држава. Сигурен сум дека башибозук ќе беше правиот збор. Цела среќа што сме се нашле тука на ова волшебно парче земја на кое вие одредувате што е закон а што нема врска, и што треба да се почитува а што не. Ептен ви благодарам.

Со почит,

Центар за комуникации на Јован Постолоски

(Да, да, авторот има свој центар за комуникации)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 24
07 2010
)
(Наредната во сабота на 31 07 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

Jul 17, 2010

0
Јајаје коко џамбо, јајајеееееее

Знајте колку е само најјако на цел свет да си лежиш на лежалка на плажа, покрај најубово на цел свет Охридско Езеро? Ама лежалката да е малку поткрената за да мојш да разгледвиш шо се дешават околу тебе, лево од тебе да си имаш коктел, фенци со „ц“ наочари и сламено шеширче на тебе, како и диџеј кој шо моментално ја вртит јајаје коко џамбо, јајајеееееее... или како и да се пишит. Околу тебе да се шетет еден куп убај женски, а на неколку метри пред тебе да е езерото со тамам температура на водата, ама погодена, поубо ни сам да не мојш да си ја погодиш ко ќе се тушираш по дома.




И ак сакаш да си се капиш, ак сакаш да си се излежаваш в езеро на лежалка од оние шо се на надувување, ак сакаш да си се возиш со педалинка, ак сакаш да си се пушташ по тобоган, ак сакаш да трчаш и да се превртвиш во оние топкине внатре, да бе, оние новине шо се... ак сакаш шо си сакаш да си прајш.

И после ко ќе се вратиш од вода да си зејш од оние убајне големи сладоледи во корнет од печеес денари и да си уживаш во него на претходно спомнатата лежалка. Некаде низ торбата да ти се наоѓат и по некоја уба книга за читање уз сончање и уба музика на мобилниот за слушање на слушалки ако случајно тој диџејот зезнит и ти пуштит некоја песна шо не мојш да ја поднесиш, а се вртит на сите можни радија и телевизии. Да бе да, и јас на Алехандро, Роберто и слично од Лејди Гага мислев.

Дури фаќаш боја пред тебе поминвит теткана со крофнине, а зад тебе чичконо со, ко шо викат, тазе млади варени ченки. Пченки не јадам, па дури ни да се тазе и млади, ама зато крофни од рандом теткичка на плажа и не се баш така лош избор ако ти се јадит, а те мрзит да се помрдниш од лежалката и да побараш нешо друго.

А бе, ко ќе помислам, и карти не се баш така лош избор, посебно ко шо немам играно со месеци. Пошо сме четворица, мислам дека најпаметно ќе ни е да играме кент. Ние двајца ќе појме во вода и таму ќе договориме финта, а тамам и ќе се искапиме, а вие двајца поседите овде и смислите нешто. Јас ги обожавам финтине со кажвење нешто. Еве, на пример, ако соберам јас четири исти карти, ќе речам - „требеше да си земам пченки од чичконо прееска“, а ако собериш ти, ќе речиш - „ај бе на тобоганон попосле“. Мојме да користиме и лажни финти, ко намигвење, на пример, или некој глупости, па да помислат дека ја прајме финтата, да речат стоп кент и да ги зезниме. Само слушај шо зборвам дан соберам карти и да ја кажам финтата, а да не слушниш, па после да требит да ја повторвам и да не фатат.

И обично така и се дешават. Си ги собрал четирите кецој и кажвиш - „требеше да си земам пченки од чичконо прееска“, а овој замислен за женската шо продават сладолед од фрижидерон десно од шанкон, не те перцепират. После викаш - „а пробал некој од пченкине уствари, убај се?“, а овој пак не слушат, и веќе на третата проба уште не си докажал „пченка“, овие те фатиле, сфатиле и рекле стоп кент.

Кога веќе изгубивме мојме слободно да се впуштиме во реализирање на лудата идеја од прееска. Изнајмување педалинка за саат време и впуштање во пловидба до пристаниште. Ко ќе стигниме таму ќе му кажиме на некој кајчар шо сме напрајле и ќе му ја остајме педалинката да му ја вратит на газдата.

Али пошо се уште не сме до толку ненормални, после картите, наместо крадење педалинка, најубо ќе е да си го извам лаптопон од торбана и да фатам да ја пишам колумнава, да ви ја пренесам атмосферата од плажава прекрасна. А и од кај мојш поубо да опишиш плажа освен точно од овде, од на лежалка.

И тоа на замислена лежалка на едно 180 километри подалеку од плажата, во главниот ни град. Да бе, читатели наши најубави. Ако случајно читајќи ја колумнава си помисливте - види шубо му е на Јофе, онаму покрај езероно, сега мојте да го смените то во - види шубо му е на Јофе дури си замислуват дека е онаму покрај езероно, а уствари следит циркузанти кои две недели не можат да напрает една мочана анкетна комисија и циници шо располагет со државните пари, а се понашет ко да се нивни и освен шо не ги прашвет граѓаните шо да прает со нив, не ни кажвет шо им напрајле.

Али не бе, не сум за жалење. Иако на срединава на јули кога имат најмногу туристи во роднион ми Охрид јас сум во Скопје, сепак си се забавувам со новоно шоу на А1 - „На рапорт со Јофе“. Ако го читате весников во сабота, тогаш – гледајте го четвртото издание утре во 19.50. Ако го читате во недела, тогаш - гледајте го четвртото издание денес во 19.50. Е, ако сте го купиле уште петок навечер... ај да не ви објаснувам, големи сте, си знајте.

Забелешка за МВР - ниту една педалинка не беше повредена при пишувањето на оваа колумна.

(Авторот многу сакат да си замислуват)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 17
07 2010
)
(Наредната во сабота на 24 07 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

Jul 10, 2010

0
Ова е репринт. Ак не ви чинит, не читајте!

Ееееееј, вие прекрасни читатели на овој уште попрекрасен весник! Чисто информативно, јас, лека полека, стигнав до мојата јубилејна 50-та колумна. Почнав во неделникот „Сега“ во јули минатата година, а од март годинава ме читате во „Шпиц“. И пошо моментално сме во истиот период како кога почнав, само со многу полоши временски услови, решив да ви дадам можност да ја прочитате првата објавена колумна во неделникот „Сега“ на 2 јули 2009 година оригинално насловена како „Ак не ви чинит, не идајте“. Е, па повелете.

И ти викам брат, овие од весников ме натераа колумна да им пишам. И сега сакале јас да им го раскажвам животов овде во Охридов наш најубав цееееело лето. Си велам да им речам - дојте, видете си сами шо се дешават, ама знам скопјанишчана стегнати луѓе се, не давет така пари. И ај шо ќе прајш... реков ај ќе им пишам вака летово по некој збор колку ни е најубо ваму тро лиги да им прам, и си мислам, ак требит и ќе лажам некогаш ама кај можам јас за Охрид нешо лошо да кажам.

И шо ќе ви велев, можда вие не ме знајте, и убо кај шо ми текна, дај да се запознајме. Не е за фалење многу, многу, ама јас вака тро искрен да си бидам, девет месеци онаму горе Скопје бев, реков да поднаучам тро нешто, ме интересират новинарство, а само во Скопје го имат... јас не знам шо држава ќе бевме, све шо прает таму прает, ние по другиве градој ај да умриме ак не.

Море шо други градој, Охрид не е друг град. Град на УНЕСКО бре ееееееј! Само езероно да го опулиш од горе од Канео и не ти требит друго, све си видел во животот. А бе Охрид... убајни, убајни земски. То езеро, то цркви, то манастири, то чаршија, то све бе брат, све. Само се нервирам з'ш скопјанишчана ни се мешет во туризмов, ама не знам шо да речам. Требит та работа градоначалников да си се подзамислит, јас не знам како можит така да им дават те кафичи, те кафани, те дискотеки, и ај сега почнаја и плажине да им ги давет. Ам ај ак не и езероно соберете го во некој авион од оние за пожари шо се и однесете им го, истурете им го таму и напрајте им езеро да им поминит ќејфот.

Можда после не ќе трчет ваму соси теглине ајвар, пак уште и пиперки, патлиџани си носат од дома. А ние овде на, олкав охридски јабучар. Остај то, и лајци си носат, тие велет демек за да сркале од ајварот, ама то на друг нека му го кажвет. Знам јас шо им е нив... ти теквит ко ќе велеа овде, да может со лајци ќе ни го иссркет езероно? Е па почнаа, лајци, виљушки и ајде ќе го скркаме. Кај мојте така бре, библиски град, уште од пред Христа овде и езеро и све си имало вие ќе го сркате. Мал ви е Вардар таму... ојте таму капете се да ве видам, туку пак овде ни трчате. И после од ко ќе дојдат ова не им чинело, она не им чинело, нив све нешо не им чинит. Ам шо да ви речам бе, ак не ви чинит не идајте. Дан ве потера некој сосила, дан ве крена да ве донесит овде.

Не бе, јас не знам шо луѓе ќе беа, све намќори брееее... ене пред некое време гледам на насловна од Вест опнале наслов „Охриѓани ќе учат да се смеат“. Демек, ние не знајме да се смејме, тие нас ќе нe учат... Ене вчера излегов в чаршија, све насмеани, то продавачки, то келнери, келнерки, дури и еден таксист видов кај шо се смејт. Му викам - шо бе брат, дај кажи вицот да се насмејме и ние...

- А бе каков виц, ми текна дек сезонава идет, сега кај и да е таксиметаров на дупло ќе почниме да го клаваме за скопјанишчана, па смешно ми дојде.

И после охриѓани не се смееле. А бе оди бегај таму. Ене, на пример, јас ко идев од на факултет од Скопје... слегвам на автобуска со куферите и одма уште не слезен ко шо требит, уште не здивнат шо се велит, одма насмеани луѓе гледам и сите сложно си викет - Смештај дечко, смештај дан требит?!? Соби дечки, ајде соби на пет минути од центар. А го гледам чоекон, знам од негде познат ми е, и после од ко заминав ми текна, Даљан онаму кун Струга живејт. Уште не знам з'ш рече пет минути од центар, ама шо мојш да знајш, можда се преселил чоекот. И одма до овие со смештајов уште понасмеани, колеги од овај од пред малку таксистов шо ви кажвев, и слушаш така, ем се смејат ем такси ти нудат.

А бе одма, уше не дојден шо се викат гледаш насмеани, љубезни луѓе. Ој Скопје на автобуска да виш дал ќе те пречекат така некој. А бе ајде... и пак после охриѓани не чинеле. Абе реков и пак ќе речам, ак не ви чинит не идајте. Сосила никој не ве терат.

Тукуууу... прошлана недела времиштено ич не се погоди, јас не знам шо го најде, да не мојт чоек во дворон да излезит, не пак на плажа да појт. Ама ќути викендов се распрај малце од малце и се наполна градов. Одам по чаршија, слушам српски се цепит, чак некој и на англиски спикаја.

А бе све то убо, нека си идат луѓено, нека одморат, голем е градов, за сите место имат, ама ептен се нервирам ко ќе видам некој туристи основна култура кај шо немет. Ене пред некој ден одам в пекара да каснам нешо, ај внатре шо прает гужви пак уште и се бунат. Еден го слушам пола македонски, пола англиски зборвеше, викат хот му било млекото чоколадно и бараше да го вратит. Шо мислит тој, ак го земвит од фрижидер внатре мразулци дан требит да имат?!? Пак уште фатил се карат со продавачкана. Та све му искуца, дури и фискална му истаде тој запнал хот, та хот. Еми ако ти е хот ој во езероно излади го. Онолко езеро, тој фатил за едно млеко чоколадно да се бунит. Ама пак убо му го плесна продавачкана. Му викат „Да ми простите господине, ама вие не знајте шо сакате!“. Плескање... да не му текнит уш еднаш Охрид да се вратит. Не бе брат, охриѓанкиве знает како требит... културно, со смеење, господине, вамте, тамте и ќе ти го напикет. И после охриѓани не знаеле да се смеат. А бе оди бегај таму.

А и ова со млеково... сеа стварно имат опција на касиве фискални да минусираш нешто таму ак згрешиш во куцањето ама момичено не е криво шо не му кажале како требит. Ама пак и убо си се снајде, да беше некоја друга ќе се збунеше можда, ама ова му го рече и го засрами чоекон. Ја слушам после им објасвит на колешкине, им викат „Сеа ја све искуцано тој топло му било... Ми идаше да му ја бапнам една, да вит тој убо...“.

И да му ја бапниш, така требит, да се научет туристине кој е главен, и за некоја година ќе почниме и семинари да прајме, да ги учиме оние од западон како се прајт туризам. Тие запнале, стратегија та стратегија ни требит... Море каква стратегија, момиња вакви златни ти требат, шо знает како со туристине, да ти е ќејф и бонус да им дајш на крај од месецот.

И јас стварно не знам шо им е на туристиве, основни познавања од туризам да се немало. Сигурно не го знает она - Продавачката е секогаш во право. Посебно ако е во ПМС. Не бе брат, од такви луѓе нас државава не ни ојт напред. Само маани да се наоѓале... Ак не ви чинит не идајте. Дан умриме пак без вас...

(ак не се приметвит... авторот е охриѓанец)

п.с. во средата почнав ново шоу на А1. Се викат „Јофе на рапорт“, дел е од „Ексклузив“, и ако немате попаметна работа гледајте во среда пред вестите и во недела по вестите во 19 часот.

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 10
07 2010
)
(Наредната во сабота на 17 07 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

Jul 8, 2010

1
Политичари пазете се, Јофе рапортира

Помеѓу сериозното и забавното. Таму некаде можете да го пронајдете Јофе со неговиот рапорт. Или попрецизно кажано, во рамките на емисијата „Ексклузив“ на А1 телевизија.

Синоќа македонската публика можеше да го види првото издание на новото шоу „Ексклузив со Јофе на рапорт“ а ќе може да го гледа два пати неделно, во среда и недела во дози од по 10 минути. Централниот лик во емисијата е Јофе (Јован Постолоски), кој е автор и водител и кој ги презентира и коментира вестите на еден сосема поинаков начин од она на што сме навикнати.

Во синоќешното прво издание на тапет беа измените во законот за електронски комуникации, Бранко Црвенковски и митингот на неговата СДСМ, Влатко Ѓорчев со обвинувањата за опозицијата за тајни преговори и продажба на името, премиерот Никола Груевски во приказната за долгот на државата кон стопанството, „освојувањето“ на првото место на листата на невработеност и пропаѓањето на инвестицијата на компаниите Хајер и Тривју во слободната економска зона Бунарџик.

- Кога гледаме вести редовно ги коментираме и им се смееме на политичарите и глупостите кои тие ги кажуваат и прават. Дали се работи за изјава која нема смисла, ненадејно сменет став по одредено прашање или говор на тело кој го издава говорникот, таквите работи секогаш се присутни. Јас решив коментирањето од удобноста на дневната соба да го пренесам на малите или евентуално големите плазма екрани и да ја дополнам празнината во македонскиот тв-простор – вели Јофе.

Тој веќе една година пишува редовна неделна колумна насловена како „З`ш да не?“,
најпрво во неделникот „Сега“ а моментално секоја сабота во весникот „Шпиц“. Во емисијата ветува многу смеа и добар хумор и им порачува на политичарите да не се срамат и да продолжат и понатака со успешната работа која, како што вели, ќе му биде поттик за што поуспешни емисии. Ветува дека нема да биде поштеден никој а освен политичарите, во емисијата ќе може да се најде секој кој ќе си го заслужи тоа.

Се работи за емисија која спаѓа во рамките на жанрот њуз сатира и претставува своевидна пародија на вестите. Најпознатите емисии од овој тип се „Дејли шоу“ со Џон Стјујарт и „Колберт рипорт“ со Стивен Колберт кои се емитуваат на американската тв-мрежа Комеди Централ, а ова е прва емисија од овој тип во Македонија. Ќе се емитува секоја среда пред вестите и секоја недела по вестите на А1 во 19 часот.

текстот е објавен во дневниот весник Шпиц на 8 јули 2010

клик на сликата за поголеми димензии

Jofe na raport na A1 televizija


Кликнете на YouTube логото за да го посетите YouTube каналот и да ги погледнете сите досегашни изданија на емисијата.

Jul 3, 2010

0
Поранешна Џунгловска Република Мунгла 4


Лека полека, почитувани читатели, стигнавме и до четвртиот и последен дел од басната наречена Поранешна Џунгловска Република Мунгла, басна која зборува за една глутница лавови, која живее во својата Мунгла во пустината. По бегањето од џунглата и осамостојувањето таму живеат речиси 20 години и можеме да забележиме дека им е убаво. Некогаш е премногу жешко и не се издржува, некогаш немаат што да јадат, но, сепак, се уште се тука и не се жалат многу.

Само што имаат еден голем проблем. Проблемот со нивното име. Име кое од Република Мунгла се претвори во Поранешна Џунгловска Република Мунгла и по кое ги викаат останатите животни од пустината. Ајкулите се нивни соседи и нивна најголема ноќна мора. Поради нив мораа под тоа име да влезат во Обединетите животински нации (ОЖН), а сега не им дозволуваат да влезат во друштвото наречено БАТО кое се грижи за безбедноста во пустината како ни во Пустинската унија (ПУ), која најмногу се грижи за пустинската економија.

Но, по петнаесет години проблеми, лавовите го избраа Коле - Кралот Лав за нивен предводник. Така го викаа, а и многу го сакаа сите лавови. Ама сите. Од најмладо до најстаро. Коле беше нивниот пастир. Ги водеше и ги бранеше од сите што сакаа да им наштетат. А такви имаше многу. Еден цел куп. Кој од кој полош. Ама лавовите го имаа Коле - Кралот Лав и не се плашеа од никого. Беа среќни и весели. А и како да не бидат кога се им беше прекрасно и волшебно. Се, освен една работа. Проблемот со името и лошите ајкулишта.

Всушност, лавовите го избраа Коле токму поради тоа што тој најгласно рикаше кога стануваше збор за името. Тој велеше - Едно име имаме, во лавовсково срце го носиме, за тебе живот даваме, оооооооо Мунглооооо најубаваааааа...

Лавовите во тој период веќе беа кандидати за членство кај големите батковци слонови во БАТО, а една година пред доаѓањето на Коле на чело на глутницата лавови, станаа и кандидати за членство во Пустинската унија. Лошите ајкулишта и не беа толку многу лоши. И покрај се, тогашниот главен ајкул Кара Манлис не им постави блокада и им го дозволи тоа. Всушност, драги читатели, ајкулите во тоа време се плашеа дека лавовите ќе победат во битката за името. А и имаа и зошто да мислат така. Една година пред тоа, најголемите и најсилните од сите животни во пустината - китовите, решија да ги викаат лавовите како што тие си сакаа - Република Мунгла. Лавовите имаа поддршка и од многу други силни и големи животни, а орелот посредник од ОЖН Ним Иц предложуваше по 3 години од влегувањето во друштвата сите да ги викаат под името Република Мунгла.

На почетокот од царувањето на Коле, ајкулот Кара Манлис се закануваше дека лавовите ќе можат да влезат во БАТО и во ПУ ако најдат ново заемно прифатливо решение или како Поранешна Џунгловска Република Мунгла. Втората опција на лавовите кои веќе долги години го користеа тоа име и не им се чинеше многу страшна. Баш напротив, можеме да кажеме дека дури и им одговараше.

Сепак, Коле - Кралот Лав не мислеше така. Тој реши да го преименува аероживотнодромот на кој слетуваа орлите, гулабите, јастребите и другите птици во Касандра, да стави постер од Касандра и Ранду пред неговиот дом во Мунглата, а сакаше да и направи и гооооолем споменик среееед Мунгла.

Ќе речете, па добро, што има тоа врска? Па, и има да ви кажам право, драги читатели. Многу од лавовите ја сакаат Касандра и ја сметаат за свој предок, но проблемот е што има и многу ајкули кои го мислат истото за неа и кои ваквите потези на Коле ги сфатија како провокација. Дури и некои од лавовите го обвинија Коле за тоа, но тој почна да им вели дека тие не се за тука, дека треба да одат кај ајкулите, а во Мунглата полека се отвораше војна за тоа кого треба да го сакаат повеќе, дали Касандра или Шехерезад.

Во меѓувреме слоновите од БАТО одржуваа состанок на кој лавовите очекуваа покана, но тоа не се случи. А не се случи поради ајкулите и нивната висока блокада. Сепак, ајкулите велеа нешто друго. Според нив, лавовите со Касандра ја кршеле времената спогодба од Кит Јорк, па токму затоа не можеле да ги пуштат во БАТО.

Потоа, лавовите уште повеќе почнаа да ги мразат ајкулите, а Коле ги собра сите лавови од својата глутница и им даде уште една шанса да кажат дали сакаат тој да ги води. Тие среќни што нивниот крал им го зачувал името, повторно го избраа и тој продолжи да владее се до крајот на оваа басна.

Во двете години што поминаа Коле и лавовите околу него се повеќе ги обвинуваа ајкулите за сето зло што им се случуваше, а се бараа и виновници кај лавовите кои немаа никаква моќ во глутницата. Главниот кит и голем поддржувач на лавовите, Борџ Џуш, си замина од кралската позиција кај китовите, се помалку животни од пустината ги дружеа лавовите, а предлозите кои доаѓаа како решение за името беа се полоши и полоши. Лавовите имаа се помалку храна и почнуваа да јадат и корења, но не се откажуваа од одбраната на нивното име. Само што не сме баш најсигурни кое име го бранеа. Дали тоа првичното - Република Мунгла, или тоа новото со кое сите ги нарекуваа, каде и да одеа - Поранешна Џунгловска Република Мунгла.

Иако ова е последниот дел од оваа басна, приказната на нашата глутница лавови се уште не е завршена. Коле е се уште нивен крал лав и лавовите се уште го сакаат најмногу, но што ќе се случува понатаму со нашите јунаци најмногу зависи од самите нив, најмногу од Коле - Кралот Лав. Знаеме ние дека е мудар и дека ќе ја донесе правилната одлука, нели драги читатели?

(Авторот требит да частит... веќе цела година пишит колумни во неделникот „Сега“ и во „Шпиц“)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на
03 07 2010
)
(Наредната во сабота на 10 07 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)