Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Mar 27, 2010

0
Коле не знајт да читат!

Добро бе, до кога со криминал во државава... до когаааааа?!? Ќе видиме ли некогаш транспарентност и отвореност? Ќе видиме ли тендер без скандали? Додуша, во последно време, ни тендери не се прает. Еве, да те прашам друже, си видел ли ти негде по весници тендер за најповолен ограбувач на банка, на пример?

Не бе, брат. Секој ден се ограбуват по некоја нова банка, без тендер, без помината законска процедура, без услови, без ништо ич. Наместо да се напрајт еден прописен тендер, па да се дает услови - да имаш ограбено најмалку 3 банки, да имаш прописен чорап на глата, да имаш фин однос кон вработените во банката, да им речиш добро утро ко ќе ги ограбвиш, по можност да им однесиш и кафе од автомат, пошо нели, почеток на работно време...

А ваму, ништо. Кој ќе стигнит, ограбуват. Ко шо разбрав, тие последните шо ограбија банка немале ни убај чорапи на глајте, туку некои чкарт од Бит-пазар купени. Па, дајте ви се молам, бидете малку достоинствени, реномирани банки се ова, со признанија од странство, со се по список, а вие... И баш штета шо ја сменија Мирјана Димовска од претседателското место во Антикорупциска. Баш сакав да и речам да видит шо е финтава шо немат тендери за банкиве.

И ова шо ќе ви го кажам можда ќе ви звучит скандалозно, али мили, драги и најубај мои, јас мислам дека нашиот ни мил премиер не знајт да читат. Како инаку да си го објаснам то шо рекламана кај шо ме убедвет дека јас сум Македонија ја читат Тино, а не Коле. И уште појќе, како да си го објаснам то шо кога и да го прашат некој нешто за шо пишеле веснициве, тој не го имат видено то. Не го имаше видено интервјуто со Друцас, сега не ја имаше видено анкетата во некојси таму Дневник... Сега ми е јасна и кампањана шо викат дека знаењето било сила, знаењето било моќ. То ви го викат чоек шо најдобро знајт како е да не знајш (освен на тематски прес-конференции и на интервјуа на „ти“), па зато сакат да ве поучит да не бидите како него. Послушајте го и знајте!

Од другите настани... Во четвртокот бев на Илинденска 24/7. Од факултет не однесоа да ја видиме внатрешноста на зградата, која стечајците два дена пред то ја маваа со јајца. За разлика од нив, ние влеговме внатре. Не пречека владиниот портпарол Мартин Мартиновски и заедно со него шетавме низ преродбеничките ходници и сали. Додуша, од салите, успеавме да ја видиме само онаа кај шо се одржвет групнине прес-конференции, додека салата кај шо се одржвет владините седници успеавме да ја видиме само однадвор, внатре не влеговме поради, како што ни беше речено, безбедносни причини.

Туку, друг ми беше муабетот. Портпаролот Мартиновски да ти бил многу фин човек. Ни се отвори и со нас комуницираше сосема пријателски. Само веројатно заборај дека на гости му дошле студенти по новинарство и односи со јавност, па кажа и некои работи кои веројатно обично не ги кажвит пред новинари. Во неколку наврати го спомна поранешниот владин гласноговорник и вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски, нагласувајќи дека во полето на односите со јавноста веќе не е како во времето на „ликот Боцевски“. Колегите ми кажаа дека го нарекол и „Двоцевски“, но, за жал, јас не успеав да го фатам тој момент. Како и да е, кога во јуни Боцевски даде неотповиклива оставка, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека се задоволни од соработката и дека била отворена можноста за понатамошна нивна соработка. Ама океј, од тогаш досега поминаа девет месеци, па веројатно повеќе не им треба соработка со „лик како Боцевски“.

Кога сме веќе кај ликовите, Мартиновски ни спомна и пример за некоја тематска прес-конференција на Министерството за финансии. Ни се пожали дека цели две недели ја спремале и ја напрајле да бидит топ, но сето то им паднало во вода, бидејќи, како што велит Мартин, „ќе ти влета лик како Мишко Иванов и ќе ти постави прашање кое нема врска со темата“. Испадна дека прашањето на колегата од А1 имало многу врска со секторот финансии, но не било баш позитивно, па зато не им се допаднало.

А за да им се допаднете на Илинденска, треба да исполнувате многу критериуми. Како што ни кажа и Мартиновски, брифинзи за спорот за името се праеле само со „новинари кои ги штитат националните интереси“. За предавниците немало место во владините кабинети.

И да, со Мартиновски зборвевме и за работата на останатите владини служби, па посебно го истакна и го пофали протоколот на премиерот Груевски, односно ни кажа дека премиерот има „беспрекорен протокол“. Мојата констатација беше - „ако протоколот на премиерот е беспрекорен, тогаш тоа значи дека тој не прави грешки, па логично е и дека редовните доцнења на Груевски од по минимум половина час се беспрекорно испланирани“. За жал, не добив одговор, па ќе си почекам тематска прес-конференција посветена на владиниот протокол, за да си прашам пак.

Рецесијата помина, преродбата продолжува... ако видите некои луѓе со јајца пред владана, игнорирајте ги, лажат дека немет пари тие. Кај најдоја пари за јајцата, а?!?

(Авторот во слободно време ги штитит националните интереси. Во остатокот пишит предавнички колумни, како не му е срам!)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 27 03 2010)

(Наредната во сабота на 03 04 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

Mar 24, 2010

0
Заглавени во втора димензија

Неодамна бев во Софија на обука за новинари со неколку мои колеги од Македонија, ама сега нема да ви зборувам за обуката. Ќе ви раскажам за нешто што се случи по неа, во делот за слободни активности. Решивме да прошетаме низ градот и завршивме во еден трговски центар. На неговиот надворешен дел со големи букви пишуваше „Mall of Sofia“ и со неговата грандиозност ветуваше добар избор за шопинг, само што по кратката обиколка на бутиците сфативме дека освен скапи брендови, не може ништо друго да се најде, па ни пропадна шопинг-планот.

Но, кога ќе ти пропадне еден, на патот ќе ти се испречи друг план. Добро, да бидеме искрени, на нашиот пат не се испречи друг план, туку двајца, на прв поглед кловнови, а веќе на втор поглед - маскирани забавувачи, едниот облечен како Шапкарот, а неговата колешка како Алиса. Шетаа низ трговскиот и го најавуваа новиот, сега веќе филмски хит и број еден на Бокс офисот - „Алиса во земјата на чудата“ на Тим Бартон.

Датумот за кој ја најавуваа премиерата во киното, во трговскиот центар беше 5 март, што всушност претставува и негова светска премиера. Беше јасно дека сме подраниле за тој филм, но, сепак, отидовме до киното за да го видиме целосниот репертоар. На наше изненадување, плакатите залепени пред киното најавуваа филмови во 3Д, а меѓу нив беше и спектакуларниот „Аватар“ на Џејмс Камерун - филм на кој, според многумина во Холивуд, му беше нанесена неправда од страна на Филмската академија со тоа што не му беше доделен Оскар за најдобар филм.

- Ииииииииии... „Аватар“ во 3Д?!? Морам да го гледам!!! - вака некако изгледаше мојата реакција и побрзав да ги видам термините во кои беше предвидено да се емитува за тој ден. Бев возбуден иако го имав гледано уште пред два месеца во Скопје, па зедов и флаерче и почнав да ги убедувам моите колеги да дојдат да го гледаат.

Првата тура убедување и не беше баш најуспешна, но веќе вториот пат успеав да го обезбедам друштвото на две од моите колешки. Дел од останатите се премислуваа, но доцниот термин (беше останато уште едно емитување од 23.20 часот) беше пресуден за да решат да останат во хотелот.



Трите билети ги резервирав преку интернет на сајтот на киното. А сајтот има навистина добар систем преку кој можеш дури и да го видиш распоредот на седиштата, да видиш кои се дотогаш зафатени и да си одбереш најпогодно место од слободните. Треба само да се остават податоци, како името и презимето, а плаќањето е на касата на киното. Единствено се бара да бидеш таму најдоцна 10 минути пред почетокот на филмот. А бевме таму дури и побрзо од тоа. Резервираните билети не чекаа, а ние возбудени тргнавме кон киносалата. На влезот ни дадоа и пластични поларизирани очила за гледање филмови во 3Д. Салата во која требаше да седнеме беше прилично голема, а платното беше дефинитивно најголемото што дотогаш го имав видено. Ние бевме во првите редови и го очекувавме стартот. А за да дојдеме до него моравме да изгледаме и десетина трејлери за други филмови, кои (ќе) се емитуваат во киното. Додека траеја, повеќепати ги стававме очилата, но ништо не се случуваше. Заклучок - овие филмови не се во 3Д.

Но, конечно се појави трејлер, чијшто филм знаев дека е во 3Д. Беше тоа трејлерот на „Алиса во земјата на чудата“. Веднаш ги ставив очилата, па откако видов дека постои разлика, се развикав (веројатно звучело непристојно) и им кажав и на моите колешки да го направат истото. Трејлерот не траеше повеќе од минута и половина, но тоа беше сосема доволно да не обземе 3Д-магијата и да почнеме заеднички да се чудиме и да се восхитуваме на тоа што го видовме. А тоа продолжи и понатаму, бидејќи веднаш по трејлерот почна и филмот за кој бевме таму. Стартуваше „Аватар“, а веројатно ние тројца бевме највозбудени во целата сала. Ама и вредеше. Гледањето филм во 3Д е едно поинакво доживување на филмот. Со 3Д-технологијата филмските ликови не се повеќе заробени во платното. Сега тие доаѓаат кај вас, а со себе го носат и целото нивно опкружување. А кога опкружувањето е вештачки создадено, навистина има што да се види. Па, така, доста чести беа моментите кога пружав рака пред очилата за да ги фатам разните растенија и животни на Пандора.

Можеби најдобро од целиот филм се доживува сцената во која Џејк Сали за првпат доаѓа на Пандора и бега од едно страшно животно. Можеби беше така затоа што тоа беше првата интензивна сцена откако се соочив со чудото наречено 3Д, но знам дека по завршувањето на сцената срцето ми биеше како лудо. Велам по завршувањето, бидејќи за време на сцената немав време да размислувам за него, мислите ми беа насочени кон барање безбедно засолниште за аватарот на Сали. Дефинитивно, 3Д-искуството не се опишува со зборови. Тоа е нешто што мора да се доживее!

Проблемот е што во Македонија таквото нешто не е возможно. Иако градот Скопје се пофали со 3Д визуелна презентација за проектот „Скопје 2014“, неа немавме каде да ја видиме во 3Д.

Сепак, можеби и премногу бараме со оглед на тоа што во повеќето градови во Македонија не ни има кино. Во некои градови, филмови се прикажуваат во домовите на културата, но ретко каде има посетители. Со нив може да се пофали киното во трговскиот центар „Рамстор“ во Скопје, кое, пак, мора да признаеме се почесто приредува и значајни светски премиери (во исто време со остатокот од светот). За да можат македонските граѓани да погледнат филм во 3Д, моментално мора да одат во Белград, Софија или во Солун - најблиските градови од соседството со 3Д-киносали.

Сакајќи да дознаеме до кога ова ќе биде практика, контактиравме со раководството на кината во главниот град. Во дел од нив не сакаа да зборуваат на оваа тема, а останатите, пак, се во тек со светските трендови и велат дека наскоро 3Д-технологијата ќе стане и наша реалност.





Златко Стефковски, директор на МКЦ, под чија капа се кината „Милениум“ и „Фросина“, вели дека размислувале за опремување на таква киносала, но дека за подетални информации ќе мора да почекаме додека нештата се конкретизираат.

А нешто конкретно за унапредување на состојбата со кината во земјава е проектот за дигитализација на киносали на европскиот филмски фонд „Еуроимаж“.

- Идејата е да се покријат и да се поддржат киносалите кои се влезени во мрежата на Еуроимаж, а не се членки на медија програмата. Кај нас тоа се три сали - Домот на културата во Битола и салите во кината „Фросина“ и „Рамстор“ во Скопје. Еуроимаж покрива една третина од средствата за опремување киносала со дигитална технологија - вели директорот на македонскиот Филмски фонд, Дарко Башевски.

Тој објаснува дека донацијата изнесува околу 20.000 евра по киносала, а проектот остава можност и за купување поскапи проектори или опремување на 3Д-киносала, со доплата. Проектот треба да се реализира годинава, а покрај Македонија, опфатени се и Србија, БиХ, Албанија и Турција.

Решивме да ги изоставиме техничките детали за тоа како функционира 3Д-технологијата или колку таа чини, но ќе ви ги доставиме информациите од Холивуд. А тие велат дека филмаџиите имаат инвестирано милиони и милиони долари во оваа технологија. 3Д-филмовите навистина добро поминуваат во кината, а минатата 2009 година овие филмови (иако во мал број) собрале 10 отсто од целокупната заработувачка. И додека нас од 3Д-технологијата не делат стотици километри и граници, големите компании од типот на Сони, Панасоник и Самсунг работат на носење на оваа технологија во домовите на гледачите со правење домашни кина во 3Д. Планирано е да се појават на американскиот пазар во средината на оваа година, а според едно истражување 80 отсто од гледачите кои виделе филм во 3Д на големо платно, би сакале да го гледаат и во домашни услови, исто така во 3Д.

А ние тројца? Ние излеговме од киното максимално возбудени и радосни што имавме можност да бидеме дел од светските трендови, но и тажни што за неколку дена подранивме и не можевме да уживаме и во 3Д-магијата на „Алиса во земјата на чудата“. Останува да се надеваме дека наскоро нема да има потреба од минување граници за гледање филм во 3Д, или барем дека тоа ќе дојде кај нас пред низ светот да се појават и кина со мирис или со реални ефекти - како, на пример, прскање на публиката со вода за време на бродолом на филмското платно.

(Текстот е објавен во неделникот Сега на 11 март 2009)

Mar 20, 2010

0
И волкот сит и Бранко е крив!

Кај си бе, Јофе бе, дете голомеше бе... те немат дури девет дена, веќе сомнително ми стана, си реков дан си заминал Австралија да го спасвиш езероно охридско, или во Африка по транзициски слоној и жирафи за пред седиштено на СДСМ, али еве гледам тука си бил. Јас уште четвртокот појдов во трафика кај она продавачкана шо имат ролка ко Шехерезад и и викам: - Ој девојче, девојче, ти транзициска жртво, дај ми СЕГА! Таа ми викат: - Море момче, бре будало, не можам да ти дам сега, зар не гледаш, други муштерии имам јас? Јас и враќам: - Ој девојче, девојче, не ти викам за то мори, немам толку пари сега во мене... весник ти барам да ми дајш, еј ти чупе бре... - Море момче, бре будало, шо не кажиш така побрзо... само шо ќе морам да те разочарам, појќе не ти давам во четврток, отсега само во сабота... во „Шпиц“! - Ој девојче, девојче... штом сакаш да играш со шпиц, ќе ти пресудам јас тебе фаул, па ќе се решиме на пенали на крај...

Еми, ај здраво и од мене на странициве. Гледам, сте си напрајле муабет со замисленово другарче, па си викам дај и јас да си посакам добредојде во Шпицостферава. Странициве не се толку мазни ко порано али како и да е, ни магазин, ни дневен весник не мојш да користиш во веце за друго, освен за читање. Тоалетна си е тоалетна, бе... ама од она помекана ако е, белана.

И Бранко си е Бранко, бе. Ко шо мојт Бранко да ти е крив, никој друг не мојт! Ти каснит платата за државната администрација? Кој е крив? Бранко! Ти пропаѓат главната странска инвестиција и млекари истурет млеко по улици? Кој е крив? Бранко! Претседателот ти потпишвит указ за помилување на чоек шо нејќеш да бидит помилуван? Кој е крив? Бранко! Ти претеквит Охридско Езеро? Кој е крив? Бранко! Жена ти ставила црни чорапи заедно со белата облека во пералната, па сега омилените бели пантолони ти се сиви? Немај гајле. Бранко е крив за сите твои проблеми!

Но, чекајте! Тоа не е се! Доколку донесете крава на Бихаќка, во следните петнаесет минути ќе добиете и подарок - гратис музеј наспроти хотел „Бристол“. А за најбрзите и екстра подарок - страница во весник платена од преродбениците. Изненадувањата не завршуваат тука. Дојди кај нас, учествувај во играта „Пљукни го новинарот“, освои ги лавот, мајмунот, нилскиот коњ и Тарзан и однеси му ги на Бранко да ги чуват со неговата пензија... да видиме како ќе сврзит крај со крај... Биди и ти - жртва на транзицијата!

И така ви викам, драги гледачи, по рекламите се враќаме во студиото сто пеешес на Македонската телевизија, пошо студиото сто четрсдва беше зафатено од Томиќ, работит на неговиот нов проект - „Мењам жену за Македоноид“, едиција - „Фати го предавникот“. Доколку ги слушнавте пораките од рекламите и решивте да влезите во наградната игра, ве молиме спонтано да си излезите од дома, мирно и смирено да дојте пред штабот и најспонтано шо можит да си влезите во автобусите. Таму ќе си добиете по еден транспарент и по една крава и ќе ве носиме Скопје. Ако ве прашат некој новинар нешо, само развикајте се „Бранко е крив!“ и бегајте шо подалеку, да не ве прашат кој ве организирал. Ако случајно ве стигнит и успејт да ве прашат, речете му „Ма каква партија, немат врска партија, ние спонтано си се собравме. Си седиме така пред кооперација, си пијуцкаме пивце и кога гледаме - поминвит крава. Само се погледнавме еден со друг и не требеше ич муабет да прајме, знаевме шо требит да напрајме. Ја зедовме кравата, три дена на раце ја носевме збрана и му ја остајвме овде на Бранко да ја молзит и сирење и кашкавал да прајт од млекото. После ќе го продајт и со парите ќе ни купит по една фабрика за да работиме во нејзе. И ти ќе ме прашвиш кој не организирал... Ти ја лупнам една, море дете...“.

Ама речите вие шо сакате, јас ги поддржувам овие жртвиве на транзицијава. Се гледат дека луѓено си имет мака. Само од фотосесии за реклами по весници не се живејт, а и секој мојт да забележит дека имет реални проблеми. Не се ко оние стечајцине шо ко демек штрајкувет со глад во Куманово и се збирет на протести пред владана. Или оние шо истурет млеко или јаболка по патиштана. Или оние шо рошкет по контињери ко ќе забележат фотограф од некој весник во близина. Не бе брат! Све е то режија од Бранко! Да имаа реални проблеми, сигурно ќе платеја реклама во барем три весници по цела страница, а не вака само со протести. А шо е најтрагично, ни крави немет.

Зато, остајте ги нив. Дајте да им најдиме решение на жртвине од транзицијата. Ко шо стојт ситуацијава на теренот - луѓево имале проблеми со Бранко пред дестина-петнаес години и сакет да си ги решат сега. Владава нон стоп го потенцират то, викат дека не мојт нишо да напрајт поради Бранко и ги поддржуват во протестите. Сепак, ко шо рекоја и самите жртви, ги сакале споменицине и проектон Скопје 2014, з’ш било поубо да се градит отколку да се крадит.

Зато предлагам еден разумен компромис да напрајме и да го решиме натпреваров. Дај да го остајме Колета да го вратит Скопје во барокот на Ацета Големион, па после нека му ја дајт фотелјата на Бранко за да ги решит останатите проблеми во државава. Знам дека од ВМРО ќе бидат супер задоволни со идејава. Фини луѓе се тие. Побитна им е државава од фотелјата, па пошо Бранко не ги остават да ја средат државава, со задоволство би му ја отстапиле фотелјата за тој да ја средит. И Бранко, дај не заебавај, дај прифати го предизвиков. Еве, ко бонус ќе ти го дает Бичиклиски. Само ќе требит да му смениш цедето „Бранко е крив“ со ново со наслов „Никола е крив“ и готово.

Преродбата продолжува - со ПП апарат од две кила шо немат кај да се најт!

(Авторот спонтано се собра и од „Сега“ дојде во „Шпиц“)

(Колумната е објавена во
весникот Шпиц
на 20
03 2010
)
(Наредната во сабота на 27 03 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

Mar 16, 2010

0
Сто два кома седамнаес посто суперистични

Не бе брат, не ми идет и не ми идет. Никако не сакат да дојт. Обично ова време другпат ми идет ама сега ја немат. Ми каснит брат... ми каснит инспирацијава. А без инспирација не се пишит колумна.

А пак шо се секирам и јас. Ако не ми дојт ќе му ѕвонам на Ацета Петрески, тој ќе му се јавит на другарчето му Бојко од мајка Б'лгарија, тој пак ќе му ѕврцнит на некој б'лгарски колумнист и ете, готово, свршена работа.

З'ш ја имаме мајка Б'лгарија... Ако не ти помогнит мајка ти, кој ќе ти помогнит... Сега од ко ни го испија езероно и од ко му покажавме на Колета дека мојме и без него, мојме да тргниме во мисија за спасување и на светов.

Прво ќе почниме со комшииве, со Грчиштава, ќе им купиме неколку острови и ќе им дајме некој денар за да си ги платат долгојте, па после продолжвиме во мисија за спас на планетава. Со Ацета и со Бојко ќе напрајме една мисија „Спаска за спас на светов“ и ќе ги решиме сите проблеми - од глобално затоплување преку хранење на гладните и запирање на војните... После то веќе ќе имам добиено инспирација и ќе можам и сто колумни ако требит да напишам.

Ама дур добијам ќе се послужам со нешо шо го напишав пред скоро три и пол месеци на истово ова место. Колумната се викаше „Враќање од иднината“, а датумот беше 19 ноември 2009. Пошо ептен многу ме харесват ко ќе сум во право еве ви дел:

„Светло, СТОП. Крајот на тунелот, СТОП. Усвоена резолуцијата за укинување на визниот режим, СТОП. Среќа, СТОП. Радост, СТОП. Пакувам куфери, СТОП. Идам, СТОП. Трчам, СТОП. Летам, СТОП. О Европа, СТОП. Оу јеа, СТОП. 19 декември, СТОП. На граница, СТОП. Е з'ш СТОП?

- З'ш ова не е телеграма бре. И з'ш не планирам да пуштам секакви голтари без пари во Европа. Дај џебојте ваму да видам.

- Ама чичко граничар... Ама јас едвај чекав да дојт овој свечен, сончев, волшебен, себеспознавачки, в небовоздигнувачки, круцијалнозначенички деветнајсто-декемвриски ден „Д“... Ама јас уште од летото ги имав спакувано куферите и го чекав денов за да можам да забегам шо подалеку од овде и ни око да не свртам наназад. Ама јас...
- Ама ти немаш е..н денар в џеб за да можам да те пуштам...

- Е да ми извиниш, ама такви денари имаме колку да сакаме... кај нас, сите ги еб...е. Ние државава ја онаквивме, за некој книџиња било проблем...

Пауза. Тишина. Црн екран. Големи црвени букви на него - „Враќање од иднината“. Продорен машки глас - „Наскоро... на граничните премини блиску до вас... Не пропуштајте!!!“.

А така! Се надевам ви се свиѓат трејлеров за новиов македонски филм во европска копродукција. Се викат „Враќање од иднината“ и се работит за истинита прича чие дејствие се случвит на граничен премин и во која граничарот ве враќат од вашата замислувана и посакувана светла иднина за живот далеку од античкиве убајни. Ако не ти се свиѓат трејлеров, тогаш можда ќе ти се свиѓат филмот, кој е многу веројатно дека мојт да го видиш и ти. И една инсајдерска информација - имаше и едно алтернативно сценарио за филмов во кое напатеново Македонче го пуштет во Европа и таму сфаќат дека се заебало уш појќе, ама решивме да ојме со ова сценарио за да му ги скратиме маките уште од почеток“.

И пошо знам дека ич не е убо ко ќе ти речит некој нешто, а ти не ќе го послушаш, па после тој ко ќе ти речит „ти рекоооов?“, еве ви и од мене едно - „ви рекоооооов?“.

Сега извинете шо испадна вака, али во последен момент европската копродукција со која соработувавме реши дека алтернативното сценарио пубо ќе одговарало и ќе напраело појќе пари, па дејствието наместо на граничниве премини, реши да го сместит во европската престолнина Брисел. И то не било каде, туку кај нашите туристи таму. Да бе, туристи, луѓе шо имале отпојќе пари па решиле да шетнат, да ја видат Европава малце... А шо, ти мислеше тие одат таму нешо работа да барет, азил, Бразил...? Не бе брааааат. Прашај го Амди Бајрам. Одма ќе ти ја кажит вистината, а вистината е една и единствена - на ромине во Шутка им е најубо! И немат врска оној Влатко Стефановски... само лажит дека Шутка и Топана имале една маана, а мааната да ти била шо не биле во Индија. Слушај ваму Влатко, чичко Амди да ти кажит тебе убо… На Ромине од Шутка им е суперистично! То ти е збор шо е изведен од супер и фантастично и е посупер и пофантастичен од двата заедно, или во проценти - сто два кома седамнаес! И друга работа... Ромине од Шутка имет пари во секое време да појдат и до Белгија и до Индија, а богами и до мој је живот Швицарска! Е така да си знајш... безобразен еден!

Иту безобразен исто ко оние млекарине од Битолско. Премиерон ојт по селана, се прајт со калој по кондурине, фрлат лопати, сечит ленти црвени... тие средба сакале... Каков е овој безобразлук невиден?!? Какво е ова невоспитување бре?!? Ако некој сосем случајно се нашол на отворање млекарница и ако уште послучајно пиел јогурт на отворањето, па после најслучајно на цел свет рекол дека инвестицијава е топ, и ти си топ, и пак сум топ... Шо ми беше муабетов... А, да... Ако го напрајл само то на отворањето сега тој ви е крив шо не ви имет исплатено печес миљончиња?!?

И да ви кажам право, од толку шо беа безборазни, премиерското обезбедување ги избркало и не останале за да видат како Пастирот го пуштат во употреба водоводот помеѓу општините Новаци и Могила.

Сега ќе речите - добро, шо им е битен на млекарите водовод, тие за млекото биле појдени таму... Епа баш во то е финтата бе луѓе. Коле од водоводот планирал да пуштат мед и млеко. Многу логично, млекото сакал да го откупвит од млекарите од битолско, а медот од оние шо седат покрај патон кај Кичево, па ќе имало добивка за сите. За млекарите и медарите - пари, за жителите на Новаци и Могила - мед и млеко, а за цела Македонија - туристичка атракција плус. Па, така за четири години во аранжманите, на туристине наместо само прошетка низ Дизниленд 2014 и веслање со гондола низ охридските сокаци, ќе можевме да им понудиме и извори со мед и млеко ама... Некои луѓе стварно не можам да ги сфатам...

А некои пак совршено добро можам. Еве на пример господин Селмани - македонскиот Обама. Совршено добро го разбирам човекот кој сакаше да биде претседател на сите граѓани и за кого гласаа еден куп Македонци, кога го гледам како жестоко се бори само за правата на Албанците... или за владејачка фотелја...

Уште подобро ги разбирам женине од Есдеес. Беа на протестен марш за Осми март, маршираа низ метрополата и си ги бараа своите права. Цветанка Ивановска во изјавата за медиумите се испожали колку многу и е тешко на македонската жена и рече дека во Македонија имало политичка диктатура. Море потполно се слагам со Цветанка! Коле и неговата гарда спроведувет политичка диктатура во земјава, а најголеми жртви се жените! Затоа предлагам жените од Есдеес да побарет помош од нивниот претседателски кандидат - господинот Фрчкоски, чоекот кој одеше на чело на минатогодишниот марш, веднаш до жените од првите борбени редови кои го носеа плакатот на кој пишеше - „Жените гледаат напред“.

И молим ви се... следен пат немојте со вакви катастрофални грешки. Кај се видело и чуло - марш за Осми март без маж на чело. За следната година да си се организирате поубо и без Фрчко или Бранко на чело да не ве видам!

И само ако чујам уште некој да ја искритикувал маестралната идеја на ЈСП - интернет во автобуси. Пази ова - Утрински весник викат дека пред некој ден се замрзнале ем заглавиле вратите на „осумка“ на постојка на Илинденска и не можело да се излезит од автобусот. Дур дошла служба да ги одглавит поминале 20 минути, а луѓето каснеле, кој за на работа, кој за на школо...

А замисли да имаа интернет... Отвораш Фајарфокс, пишиш Јутјуб.ком, па на срчон бараш „Скопје 2014“ и добиваш видео долго 6 минути и 27 секунди. Иииииих... во 20 минути мојш трипати да го изгледаш, и трипати да ти поминит нов двокатен автобус пред триумфалнана капија.

Преродбата продолжува... откако ќе се одмрзнат вратите!

(Авторот и е многу добро познат на редакцијата. Дури и кафе имат пиено со уредниците!)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 11
03 2010
)

(Наредната во сабота на 20 03 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц*)

*Минатиот 43-ти број на неделникот Сега беше всушност и негов последен број и весникот нема повеќе да излегува. Причините беа наведени во последното издание но еве ги и тука.
Накратко - весникот успеа за релативно кратко време да се пробие на пазарот и според продаваноста да стигне на второто место во конкуренција на политички магазини. Сепак, не успеа да ги привлече огласувачите, а без тоа нема добивка. Логичниот чекор на издавачот беше да престане со издавање.
Добрата вест е дека колумнистите и аналитичарите на „Сега“ продолжуваат да пишуваат - секоја сабота во прилог наречен „Сега“ во дневниот весник Шпиц. Таму продолжува и овој серијал на колумни насловен - „З`ш да не...“
Се читаме во Шпиц!

Mar 9, 2010

0
Проблем за секое решение

Отсекогаш сум се чудел з'ш во болница или в аптека ти викет добар ден. Како добар бе луѓе? Да бил добар сигурно немало да дојдам кај вас! Ама зато ич не ме чудит ко ќе го чујам Бранко ко ќе шетат по градој и села и ко ќе им викат добар ден на луѓено. Не знам од кај излезе детено ама се гледат дека имат елан, енергија, дека е способен да им помогнит на луѓено и шо е најбитно, дека сакат!

Јас стварно не знам кај беше овие дваес години и шо чекаше досега, ама убо кај шо се појави да не спасит сите сега кога ни е најпотребен. Ене на пример го гледам пред некој ден појде кај стечајцине Куманово, ги сослуша нивните маки, го обвини Колета, му рече да ги остајт спомениците и да им помогнит на луѓево. Све од убо поубо. А вака од страна гледано немат никаква обврска кон нив. Ај да речиш да беше премиер или претседател, или пак во политика многу години па да го окривиш за судбините на луѓено, ама не бе брат. Не, не и не! Бранко е многу фино дете, се гледат дека е од уба фамилија, во цутот на младоста е... сосема невин и без дамки, без сомнителни приватизации, октоподи, татовци, без лажни ветувања, брда и долини... абе ништо, ништо ич. Можда ќе речите - како мојш да му вервиш, нов е во политикава и неискусен - ама јас одма ќе ви вратам - па баш то ни требит - свежа крв, нешто поинакво од сиве овие лажговци низ годиниве.

Ќе ме прашате и како ќе успејт да ги решит проблемиве во државава ама и то ќе ви го одговорам. Бранко, мили ем драги мои, дури овие другиве ја крадеа државава решаваше равенки со по шест непознати и се припремаше за решавање државнички проблеми.

Така да, сега ко ќе дојт на власт не очекувам нишо помалку од решавање на проблемите на стечајците, млекарите, јаболкарите... море на сите можни проблеми! Очекувам и да вработит бар по петнаес души од секое семејство на први септември. Или беше по еден на петнаести септември. Море како еден, испод печес души Бранко не ве остават! Бранко е чоек од збор! Бранко никогаш во животот немат нишо излажано! Тој дури и ко ќе немал домашна работа на учителката не и викал дека кучето му ја изело тетратката туку и ја кажвел вистината - дека бил зафатен со изнаоѓање решенија за Македонија и зато немал време за пишење домашна. Си знаел уште од тогаш шо му се приоритетите.

А и Коле не е лош за одредување приоритети. Ко се урна цела планина од камења на патон Маврово - Дебар тој поставуваше камен-темелник за изградба на карпа за спортско качување во Карпош. А и во право е. Радоста во животот ја прает малите работи. Шо ќе се секираш и ќе се трудиш да расчистуваш миљон стари камења ко мојш да напрајш само еден, ама вреден бре! И нов пред се! А и требит да се вложвит во спортот. Шо би праеле дебарчани да не е карпата од Колета. Пошо не можат да поминат по патот ќе си седат дома пред телевизор и ќе си гледет спортско качување на карпата во Карпош.

И шо ќе им се секираш на охриѓани. Езероно им претеквело па зеле се бунат. Будала работа! Во Сахара вода ни за лек немет, па никој не излегвит пред камери за да дават изјави и да собират политички поени. А и не само таму. И кај нас луѓено имет проблем со недостиг од вода. Зато Коле наместо во Охрид кај Ацета Петрески, си појде во Кратово кај другарот му Ѕинго и пушти во употреба резервоар за вода. Е не, само охриѓани ќе имет вода...

А и убо решение најде на проблемон со луѓено шо одат Брисел да барет азил. Пошо имат многумина од Шутка кои наводно (не на Водно, туку во Шутка) ги организирал Амди Бајрам, им појде таму и фрли неколку лопати и означи старт на реконструкцијата на патот од Шутка до селото Горно Оризари. Шо ќе ви е Брисел бе дечки. Види шубав пат ќе имате сега. И плус немат да имат никакви ограничувања и ќе мојте кога сакате да ојте по патот. Е шо... ваљда Брисел не е погоре од Горно Оризари...

Абе ти викам, Коле е чоек со визија. Ене и на стечајцине им најде решение. Пошо нели се бунеа дека многу време поминале во зградана во Куманово кај шо се штабојне од сите партии и никој не пошол да ги видит, Коле пред некој ден фрли лопата и на камен-темелникот за изградба на фискултурна сала во Трубарево. Шо имат да протестирате бе луѓе и да штрајкувате со глад па да се разболувате. Фино лепо ќе си дојте во Трубарево и ќе си вежбате, ќе си се рекреирате со слоганите - во здраво тело, здрав дух, јас сум Македонија, а ти си стечаец итн, итн... Ако во меѓувреме се зголемит бројот на стечајци, технолошки вишоци и слични категории немат проблем. За секој случај Коле фрли лопата и на спортска сала во школо во Тетово. Ако се преполнит салата во Трубарево, вишокот стечајци спонтано ќе се соберат, спонтано ќе влезат во автобус, и ќе ги префрлиме Тетово. Плус ќе имет водич во автобусот и дури одат натака тој ќе им објаснуват кај се моментално.

- Драги стечајци, од нашата лева страна можете да го видите местото каде се реконструира пат каде лопата фрли нашиот почитуван премиер, Пастирот охридски и македонски, господин, господин Коле. Па тука имаш спонтани овации и скандирања, бранови во публиката...

Така се решавет проблеми бе брат! Лопатата во рака и во поход - на изградба на државата! Ножиците во рака, лентата црвена пред тебе и остварувај! Еве ние дома денојве го реновиравме вецено, нешто нови плочки, доводи, одводи, го исчистивме бигорот од бољерон, ставивме нова чешма, а богами и шолја... На почетокот јас ја фрлив првата лопата и свечено го одбележав почетокот на изведбата на градежните работи. Викнавме и сликар од едно фотостудио да го овековечит моментот, а фотките после ги закачив на Фејсбук. Добив... да не претерам, ама сигурно имаше појќе од триесет лајкој. Се гледат дека народот ја препозна мојата посветеност на решавање на проблемите и активно работење на исполнување на ветувањата дадени во програмата, како и заложби за поголема удобност за време на тврда столица. Само све то убо, ама не знам шо да прајме за свеченото пуштање во употреба. Малку глупо ќе испаднит пак јас да се сликам, па би сакал да го поканам Колета да дојт и да ја исечит црвената лента. Ако сакат можам да го пуштам и прв да ја искористит новата шоља. Таман, портокалова е, ќе му одговарат на вратоврската.

И така ти викам. Овај Коле ти е нон стоп паметен и умен, се грижит за нашата иднина и не преродуват, а овај Бранко иако е нов ми се чинит дека мојт да ја унапредит државава уш појќе и дека ги имат вистинските решенија за сите проблеми. Или проблеми за сите решенија, како и да е... Можда минатите политичари ни го сјебаа минатото, али битното е дека со вакви политичари, ич не требит да се секираме за иднината!

П.С. Гледам дека од Министерствоно за транспорт и врски по вторпат во весник објавија листа на луѓе кои го прекршиле Законот за јавна чистота, односно плукнале, мочале, фрлиле ѓубре на земја и слично. Листата со имиња, презимиња и адреси на живеење ги викат луѓето во рок од 5 дена од објавата да појдат во министерството за да им ги даеле известувањата за поднесување прекршочни пријави против нив.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци по втор пат им кажвет дека објавувањето е казниво според Законот за заштита на лични податоци ама кој да ги слушат. Миле морат да ги ставит пљукачите на страницата на срамот, пошо ѕид, нели, немаме. Епа пошо јас немам пари за да платам оглас во весник ќе ја искористам колумнава за да ја објавам следната:

Листа на сите граѓани на Република Македонија кои знаат што е тоа морал:

1. Миле Јанакиевски

(Авторот се возит со петка и сурфат на интернет. Моментално е закачен на Јутјуб кај шо го гледат видеото за Скопје 2014)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 0
4 03 2010
)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 11 03 2010 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 17 03 2010 )

Mar 5, 2010

0
Оскари 2010 - Avatar vs The Hurt Locker

Доаѓаат Оскарите - една од најпопуларните манифестации во светот и еден од најгледаните ТВ-настани. Награди на Американската академија за филмски уметности и науки кои го верификуваат успехот на најдобрите во кинематографијата, пред се, во Холивуд.

А кога се зборува за Оскарите не се мисли само на 34-сантиметарската статуетка што ја добиваат филмските работници. Освоениот Оскар значи и дополнителна популарност и зголемени приходи, како на филмовите, така и на актерите, режисерите и на сценаристите. Од 16 мај 1929 година и свечена вечера за 270 луѓе затворена за јавноста, па се до денес, со милиони гледачи од над 200 земји, веќе 82 година по ред се одржува оваа манифестација. Годинава се закажани за 7 март и ветуваат добра забава, а ние ветуваме дека во овој текст ќе прошетаме низ номинациите, предвидувањата и интересните факти поврзани со овој настан.

„АВАТАР“ Е ФАВОРИТОТ БРОЈ 1

Номинациите беа објавени на почетокот од овој месец, а според нив во трката за најдобра машка главна улога влегуваат Џеф Бриџис, Џорџ Клуни, Колин Фирт, Морган Фримен и Џереми Ренер. Кај понежниот пол за оваа титула во рингот се позиционирани Сандра Булок, Хелен Мирен, Кери Малиген, Габори Сидибе и Мерил Стрип. Оваа година Академијата за најдобри зад режисерската палка ги смета Џејмс Камерун за „Аватар“, Кетрин Бигелоу за „Наредникот Џејмс“, Квентин Тарантино за „Неславните неранимајковци“, Ли Даниелс за „Драгоцено“ и Џејсон Ритман за „Горе во воздухот“.

Кој ќе ја добие наградата ќе дознаеме на крајот од следната недела, а интересно е дека филмовите на сите пет номинирани режисери се наоѓаат и во најважниот избор на манифестацијата - изборот за најдобар филм. Интересно е и тоа што Академијата годинава одлучи да го зголеми бројот на номинации во оваа категорија. Така, од досегашните пет, годинава во категоријата за најдобар филм се номинирани десет филма.

Покрај споменатите, во изборот се уште и „Слепата страна“, „Областа 9“, „Образование“, „Сериозен човек“ и „Горе“.

Но, сепак, и покрај големиот избор, филмските критичари немаат многу големи дилеми за тоа кој ќе си замине дома со статуетката. Нивниот избор паѓа на „Аватар“ и на „Наредникот Џејмс“. За нивниот муабет да биде поверодостоен или барем позабавен придонесуваат и обложувалниците кои стандардно ги имаат Оскарите во својата понуда. Тие најголеми шанси, односно најмал коефициент му даваат на филмот на Џејмс Камерун или во бројки - 1.5. Коефициентот за „Наредникот Џејмс“ е малку поголем и изнесува 2.25, а останатите филмови се далеку со помали шанси од нив. Така, третиот на листата е „ Неславни неранимајковци“ со 21, па следуваат „Горе во воздухот“ со 34 и „Драгоцено“ со 61.

Но, сепак, ние повеќе би сакале да им веруваме на луѓето кои професионално се ангажирани во филмската индустрија, па така ќе ви ја пренесеме дилемата што постои за „Аватар“ и за „Наредникот Џејмс.



Филмот на Камерун не носи во спектакуларниот свет на имагинацијата, во кој еден херој влегува во епска авантура, го засакува вонземскиот свет, учи да го нарекува свој дом и потоа го спасува. Се работи за филмот кој ни носи нова генерација специјални ефекти и една сосема модерна технологија на снимање за подобро восприемање на приказната. Филмот веќе ја надмина заработката на претходникот на Камерун - „Титаник“ и веќе има направено повеќе од 666 милиони американски долари за само два месеца.

Во вонземскиот свет влегуваме преку очите на Џејк Сали, поранешен маринец кој е парализиран и е во инвалидска количка. Тој е избран да оди на Пандора, Месечина на планетата Полифемус, каде што корпорациите се обидуваат да присвојат редок минерал, кој би требало да ја реши енергетската криза на Земјата. Бидејќи атмосферата на Пандора е токсична, создадена е т.н. аватар-програма во која луѓето преку својата совест можат да се поврзат со аватари, биолошки тела кои можат да преживеат во таа околина. Тие, всушност, претставуваат генетски создадени хибриди од човекова ДНК помешана со гените на населението на Пандора - Нажви.

Џејк, препороден во новата форма, може повторно да оди, па времето поминато контролирајќи го аватарот му станува задоволство. Иако е пратен да се инфилтрира и да помогне во експлоатацијата на местото, тој се вљубува во Нејтири, девојка-вонземјанин која му го покажува нејзиниот чудесен свет. Со текот на времето, тој веќе станува еден од нив и на крајот се соочува со најголемиот тест во неговиот живот, со една епска битка која одлучува за ни повеќе ни помалку, туку иднината на целиот свет.

ЕКСБРАЧЕН ДУЕЛ


Филмот „Наредникот Џејмс“, пак, е воена драма, која следи еден воен тим на американската армија во Ирак, екипа која е специјализирана за деактивирање бомби, работа која не остава простор за грешки, нешто што тие најдобро го учат кога ќе го загубат својот лидер во една мисија. Потоа тимот го презема наредникот Вилијам Џејмс, а останатите членови се шокирани од тоа што за нив изгледа како апсолутно занемарување и непочитување на воениот протокол и основните безбедносни мерки. Тие се прашуваат дали Џејмс е навистина модерен каубоец, кој живее за високиот адреналин или пак е неверојатен професионалец кој го има усовршено својот занает.

И додека околу нив се случува вистински хаос, тие се трудат да го сфатат својот нов лидер со што би си го обезбедиле патот за дома. Имаат уште 38 дена до крајот на нивното присуство во Ирак, но со секоја нова мисија, тие повторно се соочуваат со смртта и со оглед на навиките на нивниот лидер, изгледа дека е само прашање на време кога ќе се случи катастрофа.

И тука се соочуваме со дилемата „Аватар“ или „Наредникот Џејмс“, Џејмс Камерун или Кетрин Бигелоу. Интересното е што и двата филма имаат по девет номинации за годинешните награди, а уште поинтересно е тоа што Камерун и Бигелоу своевремено беа и во брак (од 1989 до 1991). Во едниот агол од рингот го имаме филмот со неверојатен успех на бокс офисот, а во другиот пак стои филмот кој е миленик на филмските критичари. Прашањето сега е на кого ќе се наклони Академијата. Треба да се земе предвид дека и двата филма се моќни, а, и покрај нивните големи разлики, ја имаат онаа магична нишка која луѓето во Холивуд знаат да ја препознаат.

Сепак, филмот на Камерун ги премина сите досегашни граници, постигна досега незабележан успех и стана глобален феномен. Дојде до фазата во која луѓето чувствуваат дека мора да го гледаат, да ги однесат своите пријатели да го погледнат, да имаат мислење за него, анегдота поврзана со филмот. Остварувањето на Бигелоу не може да се пофали со тоа, но може да се пофали со навистина добра приказна и со големата почит кај филмската критика која го дели мислењето дека филмот е извонредно добар и значаен.

Доброупатените сметаат дека давањето на статуетката на „Аватар“ ќе оствари повторно поврзување со публиката и ќе ги покачи рејтинзите, па тоа е доволно добра причина Академијата да ги даде своите гласови за филмот на Камерун.

СТИВ МАРТИН И АЛЕК БОЛДВИН КАКО ДОМАЌИНИ



Во секој случај, не чека интересно издание на Оскарите, а тука не влегуваат само наградите, туку и забавниот дел за кој оваа година ќе се погрижат водителите Стив Мартин и Алек Болдвин.

- Мислам дека Стив и Алек се совршена двојка за Оскарите. Стив ќе го донесе искуството од претходниот пат кога ги водеше, а Алек ќе внесе сосема нова свежина во настанот - вели еден од продуцентите на манифестацијата, Адам Шанкман.

Мартин во изјава за медиумите се шегува и вели - „Среќен сум што ќе ги водам Оскарите со мојот душман Алек Болдвин“, а Болдвин пак признава - „Навистина сум возбуден што ќе ја водам манифестацијата - тоа е единствено животно искуство“. А како потврда за падот на рејтинзите и послабата заинтересираност за манифестацијата доаѓа и фактот што оваа година Оскарите се одржуваат подоцна од вообичаеното за да не се натпреваруваат со Зимските олимписки игри во Ванкувер. Да не беа тие, Оскарите ќе беа веќе одржани во неделата на 21 февруари. Една од опциите биле и да се одржи една недела претходно, но тогаш ќе се совпаднеа со најгледаниот ТВ-настан во САД - финалето во американската фудбалска лига.

Како и да е, датумот е 7 март и ветува добра забава. Во меѓувреме, доколку се уште не сте ги погледнале, погледнете ги барем двата најголеми фаворити - „Аватар“ или „Наредникот Џејмс“. Првиот е на редовниот репертоар во киното во „Рамстор“ во Скопје, а вториот ќе морате да го побарате на дивиди или преку интернет, но како и да е, нема да зажалите за потрошеното време.

Нема веќе патетични говори
Од оваа година, организаторите донесоа и една одлука, која е навистина паметна. Тие, на традиционалниот ручек на кој присуствуваат сите номинирани, на гостите им соопштиле дека го скратиле времето за заблагодарување и го ограничиле на 45 секунди. Објаснувањето било дека заблагодарувачките говори, кои се состојат од бескрајна листа луѓе на кои им се заблагодаруваат учесниците, не само што се здодевни, туку се и најомразениот дел од целата манифестација. Но, бидејќи знаат колку им било битно заблагодарувањето на Господ, целата фамилија, пријателите, колегите и на домашните животни, организаторите ќе обезбедат камера во бекстејџот на која добитниците ќе можат да се заблагодаруваат на кого сакаат и колку сакаат, а снимките потоа ќе се објават на официјалниот сајт на Оскарите.

(Текстот е објавен во неделникот Сега на
25 02 2010
)

Блог апдејт - Македонските телевизии не обезбедија пренос од оскарите, па доколку сакате да ги проследите ќе мора да се послужите со преносите на јавните сервиси на соседните Србија (РТС) и Хрватска (ХРТ1) кои се пренесуваат на кабелските телевизии.

Mar 2, 2010

0
Шо си мочал, то ќе си сркаш

Учителке! Учителке мила! Учителке прекриена со свила! Учителке што живее во прекрасна вила! Учителке на Хаваи што си била! Учителке што ми личиш на Лила! Учителке што сечиш дрва со пила! Учителке што тежиш стопечеес кила! Учителке дрога што дила! Учителке што имаш ко Чак Норис сила! Учителке мори! Дојди ваму! Ја решив! Конечно ја решив задачата. Конечно сфатив з'ш ни ги ограбувет банкине ко за добро утро, а кладилницине ко за добра ноќ и пријатни ноќни мигови со програмата на Зона М1 радио.

Сфатив сега пред едно печеснаес минути дур си купвев ужинка на голем одмор. Пред пекарата паркиран полициски „крајслер“, во него седит еден полицаец а во пекарата полицајка, колешка на горенаведениот. И не, не беше влезена во амерички филм, па да барат крофни, и не, не ја казнуваше продавачката шо го фатила бурекот со рака наместо со хартија или евентуално со нога. Полицајкава, учителке, и шиткаше на продавачкава козметики од „Авон“. По каталог. Кармин црвен-бордо, лак за нокти со боја на праска и креон со вкус на портокал. Исто ко ограбувачине на банки.

По каталог. Денес Прокредит, па правец Косово, утре Стопанска на отворен пат, а задутре Охридска на затворен, исто така, со вкус на портокал. И пошо на полицајкава веројатно пубо & ојт козметичкиов отколку криминалистичкиов каталог во слободно, шо уствари & е работно време, дилат козметики. Ако не мојш да зејш бонус з'ш си фатила ограбувач на банки од кај Гоца, ќе зејш бонус з'ш си продала парфем една боца. Толку учителке моја мила за нашата безбедност гнила. Туку дај кажи шо прајме со езероно. Ќе се удајме или ќе куртулиме?

Ти учителке, за која партија рече беше? За ВМРО? Уф, па ти немаш гајле. Ич да не ми се секираш. Шом се твојве на власт, не потонвиш ти. Туку кажи шо ќе прајт учителон по физичко Петре од Пештани. Тој за Есдеес е и види му ги подрумине, со вода му се полни. Ама кој му е крив. Пак тој за Бранко и за Ацета Петрески да е. Убо му викаше ти пред изборите - абе гласај за Нанче да видиш шо е туристичка преродба - ама тој тврдоглав - не, јас за Ацета ќе си гласам. Е пак нека гласат за него. Е истиот тој Аце до потонувачки стап го донесе. Не бе Петре бе, не, не, не... Се знајт која партија се гласат ако сакаш да немат поплави. ВМРО се вистинските за таа работа. Есдеес за урагани беа. А во Македонија и така никогаш немало урагани. Добро сега, во времето на Александар Македонски имало ама... Уствари ако ги прашам во институтон „Павел Шатев“ веројатно на научна основа ќе ми докажат дека помеѓу измислувањето барок и Виндоус Седмица Аце измислил и печес урагани така набрзинка, ама то е веќе друг муабет... научен.

Дур сме кај научнициве и научниве муабети учителке, многу големи научници се и премиерон Коле, министерон Миле и младата им партиска надеж Александар Николовски. Убо му го плеснаа на Ацета Петрески. Му викет - море Аце, шо тук ги лажиш луѓево дек езероно се бунтувало и дек ќе се прелеело само за политички поени да собериш. Николовски и уште поубо му го плесна. Му викат - Опасност од прелевање на езерото и преплавување на Охрид и Струга не постои во овој момент. Поради непотребното ширење паника, многу туристи овој викенд не допатуваа во Охрид, сметајќи дека градот ќе биде преплавен.

Море Аце, море паничар еден, море како не ти е срам! Ги бркаш туристине шо ги имаше договорено туристичката агенција ВМРО-Транс за манифестацијата шо викендов се одржуваше во Охрид - ВОИ Охрид 2010. Да де, за Вмровски олимписки игри ти прам муабет. И сега поради тебе Аце, како не ти е срам, туристите наместо во Охрид заминале во Ванкувер. А убо имал предвидено Николовски во програмата. Прва дисциплина - трчање по кејон, од пристаниште до трскана пред мостон. Тој шо ќе исцедел најмногу литри вода од бундата шо ќе ја носел, а на која ќе мавале бранојте ќе бил победник. Втора дисциплина - сурфање на браној. За даски ќе сме се снаоѓале по принципот - абе тебе дан ти фалит некоја даска во глата - и даските ќе ги донирале властодржциве пошо тие биле најпаметни и не само шо не им фалеле, туку и отпојќе даски имале. Трета дисциплина - потонвење брод и поднесвење морална оставка. Само што за оваа дисциплина имало многу малку пријавени пошо од напред бил познат фаворитот и викет џабе било да се пријавуваш ко се знаело кој ќе победит. Некое дете, многу јако било, мислам ми рекоа Миле го викале...

Четврта - уметничко лизгање. Ко шо дознав од моите разузнавачки извори, планот бил да се остајт езероно да се излејт и водана да дојт до на плоштад. После Коле ќе издаел декрет со кој ќе го задолжел времево да ја смалит температурата на плоштадон и да ја отерат под нулата, како би замрзнал истиот. Од ко ќе си смрзнел, спонтано ќе се собереле дваестина мажи и жени и ќе почнеле да се лизгет и да прает пируети околу споменикон од Климчета. Стручно жири ќе биле Коле, Миле и Аце Николовски и ќе давале оценки кревајќи пригодни табли во портокалова боја согласно страница 147 од Преродбата.

Петтата дисциплина согласно предвидените проекции на Николовски била со работниот наслов - Мис рибарска чизма 2010. Натпреварот ќе се одржвел во Пештани во подрумите на Пештанци. Тие ќе шетале со рибарските чизми низ подрумот, а стручното жири од претходниот пасус ќе ја изберело најубата чизма обрнувајќи внимание кон појќе карактеристики меѓу кои - изглед, издржливост во поплавен подрум, можност за подоцнежно користење за време на рибарење и слично.

Последната дисциплина или како што слушнав дека ќе ја викале - Ди ултимејт челинџ, ќе било санкањето со боб санки. Планот бил да се остајт да се поплавит цел Охрид освен старион дел. Таму на водата ќе & се дозволело да се качвит само по улицине, а не по куќине и кафичине.

После Коле наместо декрет ќе издаел секрет, овојпат за замрзнување на водата од улиците, па стартната позиција за санките ќе била кај Самоиловине. Учесниците ќе можеле сами да си ја одберат најдобрата патека по принципот - како сакате идајте, битно е да стигните в езеро.

Разбрав и уште нешто, ама ова нека останит меѓу мене, хартијава, продавачкана во трафикана од кај шо го купивте весников и вас пошо информацијава е од неофицијални извори (под неофицијални извори се подразбирет извори кои биле изградени за време на мандатот на одредена политичка партија и граѓаните редовно пијат вода од нив ама премиерот се уште не пошол да ја исечит црвената лента и да се сликат дур го прајт то, ама не секирајте се, ќе го напрајт то ко ќе дојт време за избори).

Ко шо слушнав, целава работа со езерово била уствари масло на скопјанишчана. Имале таен договор да идат секое лето и да ни се мочет во езерово. За да можат поуспешно да ја извршат операцијата „Да ти се мочам во езерото, да ти се помочам...“ дури и да не им се пиело купвеле сокој и пива без да прашват за цена, па после влегвеле в езеро ко демек да пливет, а тие уствари... И еве ги резултатите. Езерово сакат да се излејт. Ама не. Не им е нив финтата да го потонат Охрид и охриѓани. То океј, ама друго ги мачит нив. Планот било да се потонит све од Охрид нагоре, соси Кичево, Гостивар, Тетово... па се до пред влезон во Скопје. И ко ќе го дотерале езерово до таму само ќе го преименувале во Скопско и ѓорчепетровци ќе имале езеро на пет минути од дома. Ама немат да ви успејт да ви кажам право. Ве открив!

Не само шо немат да го напрајте то, туку и ќе ве натераме да ги зејте лајците и да дојте ваму. Ко шо можевте да го мочате сега ќе мојте и да го сркате. Знајте како велат... Шо си мочал, то ќе си сркаш...

(Авторот планират да си ќутит следниот пат ко ќе врнит снег и да не кажвит на никого, како не би собрал политички поени врз основа на изјавата или снешкото во дворот)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на
24 02 2010
)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 04 03 2010 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 09 03 2010 )