Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Feb 2, 2010

Марето од прво два

Кај си бе читателу мој почитуван? Шо си прајш? Арен, здрав, жив, поручан од сабајле четврт бурек и јогуртче во чашка? По дома арни? Како на работа? Уште те нервират оној шефон шо нон стоп ти стојт над гла и ти барат да работиш појќе и од кого не мојш на мира да си ги провериш новите нотификејшнси на Фејсбук? Остај го, шо разбират тој, не е во чекор со времево ново...

Туку... да те прашав нешто... Читателу, дали ти теквит ко бевме прво одделение? Да бе, тогаш, на времето... така малечки и збунети, дотерани ко за на свадба во нова облека, залижани во косите, со тато или мама за рака кај учителката. Гледаш околу тебе уште еден куп други збунети малишани и си викаш – ова да ти било школо, а? Вртиш со глата наоколу така срамежливо и не ја пушташ мајка ти да излезит од училницата дур во меѓувреме влегвит учителката и почвит да зборвит нешо. Ти уште појќе си збунет и си викаш – добро бе, шо зборвит оваа, и шо ми требаше да станвам олку рано и да се зезнам вака... После многу години ко ќе завршиш со образование можда истото пак ќе си го речиш, ама тогаш си малечок и стварно не знајш многу за светот околу тебе. И уште не си сфатил шо се дешават, ѕвонало ѕвончето и завршил првиот час. Не си запамтил ни како ти се викат учителката али слушаш како викат дека сте имале пет минути одмор па ќе сте продолжеле. Истовремено сфаќаш дека мајка ти ќе морат да си ојт пошо, нели, сите родители требит да си одат во тој момент. Тука почвиш да плачиш, да пиштиш, да се дрецкаш од земја, пошо ти е страв сам да останиш со уш 30 збунети дечиња шо не ги познаваш. Или не? Не беше ти таков, нели читателу? Ти дури и ја бркаше мајка ти да си ојт шо побрзо... Знам, знам, храбар читател си ти, се бориш против неправди, секогаш прифаќаш предизвици...

Еееееј... прво одделение. Времиња беа тоа бе читателу... Па таа Марија... првата симпатија... Или не беше Марија? Абе не ме зезај, морало да имат некоја Марија со тебе во клас... Или некоја Елена. Или Катерина. Е добро де, неа Кате ја викавте, знам. Ама таа... симпатијата. Ти теквит прв пат ко ја забележа? Ти се случуваше нешто таму во стомакот. Ама појма немаше шо е то. Али сигурно ко ти текна како си се дрецкал по мајка ти на првиот час ти се заруменале обравчињата пошо си се сетил дека и таа те гледала. Е добро де... и таа еднаш плачеше. Шо дека... Ама Маре... На клупата пред тебе седеше. Заедно со Елена. Колку ли само пати ќе слушнеше како и барат на Елена острилка за моливот... Па Елена се мачит да ја најт нејзината низ ташната а твојата острилката на маса. Ама срам ти е да и ја дајш. Па дур си мислел како да и кажиш дека уствари ти имаш и сакаш да и ја дајш, Ели ја нашла нејзината па нишо. Мишн фејлд. За цело време дур траела операцијата „острилка“ и ти дур си се препотувал и црвенеел, другарчето од клупата те гледало и се чудело шо ти се дешават.

А ти теквит тогаш ни Маре ни Ели ко не носеја учебник а ти и другарчето ко имавте само еден, па учителката и рече на Маре да си го зејт столчето и да седнит до тебе и да гледат од вашиот учебник. И Ели замина на некоја друга клупа да седит ама сега не мојш да се сетиш на која. А и како би се сетил ко тебе целиот свет ти беше претворен во Маре, а и Маре ти беше целиот свет. Не се сеќаваш ни дали било то на час по Македонски или по ЗПО, ни дали сте го читале оној расказон со наслов „Петка за мама“, или пак сте ја учеле онаа лекцијана за семејството и за улогите кои членовите ги имаат во него. А и шо е битно. Битно Маре тогаш за прв пат седна толку блиску до тебе, а ти уште појќе се доближи до неа пошо столчињата ви беа доближани па ако те прашаше з`ш си го напрајл то, можеше сосема слободно да и речиш дека немат место, па ќе морат да се туткате малку. Да читателу, то беше часот ко си рече – е стварно го сакам ова школово. А и Марево си ги сакам.

А и како да не го сакаш, ко момето го имаше најубото и најмило лице на целиот, за тебе дотогаш познат свет. Беше иста ко Росалинда, нели читателу? Па ти, ако ти теквит, сакаше дури и да украдиш цвеќе од оние шо ги чуваше мајка ти по дома за да и го дајш да си го ставит во косата, ко цвеќаркана од серијана, ама ти беше срам. Па тебе ти беше срам и муабет да и напрајш иако ти беше пред тебе секој ден...

А ти теквит ко заврши првото полугодие и ко ве пуштија на зимски распуст? Беше среќен пошо идаше Нова Година а ти тогаш сеуште веруваше во Дедо Мраз. Веруваше и во многу други работи за кои отпосле дозна дека се само лага и измама. Ама тогаш, ко шо се согласивме и претходно, не знаеше многу за светот околу тебе, немаше други обврски освен то шо требаше да ојш на школо, а то шо знаеше да читаш и да пишиш, беше врвен успех со кој се гордееа твоите дома. Се гордееа, те фалеа пред роднините, па дури и те тераа да им читаш на тетинот и тетката. Да бе, онаа истата тетка шо те прашвеше кого го сакаш појќе, татко ти или мајка ти. А ти црвенеше и се мислеше како да и одговориш а да не навредиш никого. Гледано од денешна перспектива таа тетката беше многу безобразна, нели читателу? Па кај се поставувале на дете такви прашања... Ама остај ја неа. Дај да се вратиме на Марето. Кажи колку ти недостигаше дури бевте на распуст. Е добро, можда тогаш не ни знаеше шо е то недостигање, ама го чувствуваше то. Сакаше да се вратите пак на школо за да ги видиш другарчињата. За да ја видиш неа... Па после конечно почна и второто полугодие па ти сеуште секој ден одеше на школо, а Марето сеуште седеше во клупата пред тебе.



Каде ли е сега Марето бе читателу? Ја имаш видено? Си напрајл муабет? Сте испиле кафе заедно? Си и кажал за твоите детски емоции?

Знајш дека сега имат некое ново збунето мало детенце ко тебе? И то учит во прво одделение. И то си имат некоја своја Маре. И нему му се дешавет вакви случки. И то ја осознават љубовта во нејзините почетоци и невини форми... Ама ако детето по некоја случајност е Албанче, и ако по некоја друга случајност се родило во оваа погрешна географска точка, на почетокот од второто полугодие наместо да се занимават со својата Марија, то се занимават со нечии туѓи глупости.

Си размислил ли читателу што се случува во главите на малите првооделенчиња Албанци деновиве? Си помислил ли што размислуваат и колку им е вкусна оваа чорба од образование во која е фрлена најгнасната од сите можни мирудии, наречена политика, а која тие мораат да ја јадат? Сега кога ти текнува на твоето Маре, нека ти текне и на сите сегашни Мариња кои треба да бојкотираат настава и часови по Македонски јазик, иако од нештата кои започнуваат на буквата „б“, не стигнале многу подалеку од „боенка“ и „барбика“. Па што е тоа бојкот? На што ли ќе се потсетува Марето секој нареден пат кога ќе го слуша зборот „бојкот“?

Драг читателу, ако случајно се викаш Никола. Или ако се викаш Али. Или ако си дел од владата. Или собранието. Или Министерството за образование. Или ВМРО-ДПМНЕ. Или ДУИ. Или што и да е, а се наоѓа некаде помеѓу. Драг читателу, прочитај го текстов, потсети се на твојата Марија, па потоа размисли малку и на денешните првачиња. Помисли дека таму некаде има некое мало детенце, и дека тоа детенце сега почнува да го осознава светот околу себе, а и убавината на чувството наречено љубов. И дека и тоа си има некоја своја Марија.

Драг читателу, викни го на кафе твојот коалиционен партнер, потсетете се заедно на вашите првоодделенски мигови и решете ги проблемите. Ама погрижи се политиката да остане таму кај вас, во вашите убави кабинети, кај вашите убави кожни фотелји. Има време... еден ден сите тие дечиња ќе започнат да следат политика, некои од нив ќе се зачленат и во вашата партија а некои ќе седнат и во вашите фотелји.

Ама засега... оставете ги нека мечтаат и нека живеат во својот свет на бајки. Да... бајки. Наместо бојкот.

(Авторот посакува да се врати во прво. Тогаш се беше некако полесно...)


(Колумната е објавена во неделникот Сега на

28 01 2010)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 04 02 2010 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 09 02 2010 )

No comments:

Post a Comment