Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Aug 28, 2010

Шиткање ќебиња и лажен патриотизам

Во последно време ме мачи една работа. Цело време размислувам и се прашувам како е можно ние новинарите а и луѓето кои живеат овде да сме толку многу глупи и ништо да не можеме да сфатиме и да разбереме. Кутри властодржци, нон стоп само нешто ни дообјаснуваат.

Еве, новиот амбасадор на Македонија во НАТО, Мартин Треневски да го земеме за пример. Во обраќањето пред пратениците најави дека во седиштето на НАТО ќе ги спори принципите на консензус и солидарност кои, патем кажано, постојат од 1949 година кога е формирано НАТО, и поради кои Грција успеа да ја реализира својата блокада и да го спречи нашиот прием пред две години во Букурешт. Кога го слушнав почнав спонтано да потскокнувам од радост низ дневна бидејќи ако успее да го направи тоа од корен ќе го реформира НАТО и неговото функционирање што, мора да признаете, воопшто не е мала работа.

Вети и дека ќе работи на корегирање на заклучоците од самитот во Букурешт од 2008 кога ни била нанесена политичка и економска агресија. На ова почнав да размислувам што да му купам ко подарок и решив дека најпаметно ќе ми е да му купам коректор бидејќи не гледав поинаков начин на кој би го направил тоа.

Рече и дека ќе ја развива економската дипломатија, односно дека ќе работи на шиткање на ќебиња и слични намирници во НАТО, мејд ин Маседониа. Е кога конечно го чув и ова се скрив под ќебето од троседот во дневна на кој ги гледав вестите.

Да не претерам, ама Треневски изнакажа еден куп глупости кои врска си немаат со реалноста и на кои, ако ги слушнат во НАТО, долго време би се смееле. Ама тоа го мислев само два-три дена. Се додека не излезе Груевски и не кажа дека погрешно сме го разбрале човекот и дека ќе ги дообјасни своите ставови и планови во интервју за некој медиум. И го направи тоа. Даде интервју за Макфакс.

Запрашан за желбата да ги смени принципите на солидарност и консензус и како планира да го претстави тоа пред колегите во алијансата, Треневски вели – „Неспорен факт е дека принципите на НАТО ги дефинираат самите земји членки, јас немам никакви дилеми во однос на системот на функционирање на Алијансата“, и го продолжува одговорот потенцирајќи го вложувањето на Македонија во мисиите на НАТО и војниците кои учествуваат во нив, велејќи дека ова требало да биде аргументот за менување на принципите. „Освен меѓу самите земји-членки, солидарноста треба рамноправно да се применува и кон земјите чии војници рамномерно ги ризикуваат своите животи, рамо до рамо со војниците од САД, Велика Британија, Полска“, вели тој.

Значи, иако нема дилеми за функционирањето на НАТО и се сложува дека принципите ги дефинираат земјите членки, тој, како претставник на земја кандидат за членство сака да ги промени принципите и очекува поддршка од земјите членки и солидаризирање со Македонија (земја-кандидат) а не со Грција (земја-членка). За жал, нема никакво објаснување за принципот на консензус според кој се донесуваат сите одлуки во алијансата, но сигурен сум дека има некаква генијална идеја и за негово премостување.

На прашањето за тоа како планира да го смени заклучокот од самитот во Букурешт, Треневски вели – „Сосема е јасно дека заклучокот од Букурешт е релевантен документ, но сепак, тоа не значи дека треба да престанеме да се обидуваме, заедно со нашите пријатели во НАТО да издејствуваме модификација на самата содржина на заклучокот. Таа промена треба да биде базирана на принципот на заемно почитување на реалните критериуми за интегрирање во Алијансата, а тоа се доброволното пристапување, подготвеноста и способноста на една земја да го даде својот придонес во остварувањето на целите на Северно-атлантската организација.“

Се разбира, за Треневски не постојат принципите од пред малку (солидарност и консензус) туку само оние кои му се посиматични а неговата стратегија за менување на заклучоците од, како што вели, релевантниот документ, е постојано обидување, или удирање со главата во ѕид, споменик, или што ќе се најде поблиску.

Да, по излагањето и дообјаснувачкото интервју, вака изгледа човекот кој ќе ја претставува Македонија во НАТО, и кој, сосема очекувано, наиде на еден куп симпатии кај многумина поради неговите ко демек патриотски ставови скарани со секаква здрава логика. Верувам дека исто толку симпатичен ќе им биде и во седиштето на НАТО и ќе се забавуваат додека го слушаат. Ако пак се побунат и му речат дека тоа што им го зборува нема никаква смисла ќе им го пуштиме премиерон да им објасни дека лошо го разбрале.

(Авторот сака сам да си се претставува во НАТО)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на
27 08 2010
)
(Наредната во сабота на 04 09 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

1 comment:

Развигор said...

Ми се допадна текстов и затоа го гласав на http://ping.mk. Во тој контекст, еден корисен линк http://razvigormk.blogspot.com/2009/12/blog-post.html.

Единствено што би сменил погоре е параграфите со цитати да ги издвојам и со блокквоут, да имаат идент од другиот текст, како што е пракса на Глобал војсис онлајн.

Post a Comment