Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Sep 4, 2010

Укинете ја Антикорупциска!

Пред нешто повеќе од месец дена ја напишав, луѓето кои работат во весников ја ставија на странициве а вработените во печатницата „Мисирков“ ја испечатија колумната насловена како „ВМРО и СДСМ, фала ви, баш сте срциња“. Ме инспирираа тогашните настани со функционерите кои имаа по две функции и земаа по две плати од буџетот, спротивно на законот. Новинарите направија еден куп прилози и текстови а од Антикорупциска стигнаа 116 апели за да се откажат од една од функциите но ништо не се случуваше. Се до моментот поради кој ја напишав тогашната колумна (24 јули 2010) од која ви го издвојувам следното:

„Најогромната благодарност би сакал да ја упатам кон двете партии чие име може да се пронајде во насловот на оваа благодарница. Во секој случај поголема кон ВМРО-ДПМНЕ бидејќи оваа партија прва одржа состанок на Централниот комитет на кој беше решено дека нивните функционери ќе мора да се откажат од една од функциите. Но се разбира, не поради апелите од предавничките медиуми и Антикорупциската комисија туку поради нивните лични убедувања и заложби за подобра Македонија. Благодарност упатувам и до СДСМ бидејќи веднаш по нивните владејачки колеги, и тие решија и им го наложија на своите функционери истото.

Тука ќе морам да се запрашам и што ли ќе се случуваше да не постоевте вие, драги партии, па да се грижите за спроведувањето на правото и законите во оваа држава. Сигурен сум дека башибозук ќе беше правиот збор. Цела среќа што сме се нашле тука на ова волшебно парче земја на кое вие одредувате што е закон а што нема врска, и што треба да се почитува а што не. Ептен ви благодарам.“

На месец дена по колумнава, односно до 31 август, крајниот датум поставен од владејачката партија, сите (или барем оние за кои знаевме) функционери со по две функции се откажаа од едната. И нормално, за тоа не ја известуваа Антикорупциската комисија туку „комисијата“ која им ја даде наредбата – партиската. Претседателот Илми Селами им се пожали на новинарите дека од медиумите дознаваат и прибираат информации за тоа кој функционер дали и од која функција се откажал.

Во меѓувреме со ребалансот на Буџетот им беа скратени 30 посто од финансиите па од комисијата велат дека сега немаат пари за нормално функционирање а Министерството за правда има изготвено измени на законот со кои се крати мандатот на членовите од пет на четири години со што овој состав би требало да си замине во февруари.

И додека Селами обвинува за упад во работата, министерот Маневски вели дека законот бил многу европски, а премиерот Груевски вели дека често се случувало од нив да бараат нешто да направат а откако ќе го направеле да прашуваат зошто го правеле тоа. „ За жал во Македонија многу често се случува тоа, меѓутоа гледаме што е добро, а не што викаат и како викаат“, беше ставот на премиерот. Не знам на кого точно мислеше со ова ама ќе си дозволам да претпоставам дека дека токму Селами ги барал измените а сега откако ги добива не му чинат.

И да, добро претпоставувате. Следува делот каде треба да поентирам со она што го пишува во насловот на колумнава. Кога веќе никој не ги слуша препораките на комисијата а таа нема законска можност да го изврши законот (како во случајот со двојните функционери), кога веќе парите кои од буџетот се издвојуваат за нејзино функционирање се преголем товар за истиот, кога веќе власта сака да им го скрати мандатот со што сегашните антикорупционери ќе си одат за неколку месеци, не гледам ништо пологично од мојот апел - укинете ја Антикорупциска!

Нејзините ингеренции префрлете ги на партиите па потоа повторно ќе чекаме партијата да се смилува и да упати наредба до своите членови да се откажат од нешто или да престанат да го кршат законот. Очигледно тоа најдобро функционира па со тоа владејачката партија (па и другите партии) ќе може да си запише уште еден поен на своето конто, за борба против корупцијата.

Ај што се знае, па бар и нека се озакони тоа дека партијата е најголем закон во оваа држава!

(Авторот им посакува многу среќа на учениците кои ќе учат од нашите учебници во новата учебна година. Ќе им треба)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на
04 09 2010
)
(Наредната во сабота на 11 09 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment