Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Sep 18, 2010

Временска машина – 15 години наназад

Помеѓу оваа влада и минатото има некоја посебна врска, некоја магија која ги спојува. Тие се совршени, како создадени еден за друг, и не можат еден без друг. Оваа влада не може без минатото бидејќи тоа и е главната тема и преокупација, а минатото не може без оваа влада бидејќи инаку нема да ни биде главна тема на муабет во сегашноста а како што тргнала работата и понатаму во иднината.

Токму за владењеето на оваа гарнитура почнавме поинтензивно да го прекопуваме ова парче земја и да си ги бараме корените, чичко Александар Големиот ни стана главен фраер и ѕвезда водилка, а се убедувавме и дека Античките Македонци се наши директни предци, односно дека освен што нашите пра-пра-пра-пра-пра... дедовци биле дел од фалангата, тие низ годините воопшто не се измешале со други народи и сме останале чисти и антички. Во античката еуфоријата по Ацета Големиот го именувавме и воопшто неголемиот скопски аеродром а ова име го доби и автопатот Скопје-Велес.

Токму за владењеето на оваа гарнитура фрламе милиони и милиони евра за градење на споменици на јунаците од минатото на оваа точка на планетава. Добро сега, да си бидеме искрени, покрај за јунаците фрламе пари и за личности кои и не биле баш јунаци а во приказната влегуваат и разни животински видови. За тоа време во сегашноста бележиме рекордна сиромаштија, за да не примат во болница треба да викнеме камерман, а децата ни учат од учебници со сомнителна содржина и квалитет.

Токму за владењеето на оваа гарнитура сите грешки ги наоѓаме во владеењето на претходниците и Бранко е дежурен виновник за сето она што е лошо овде и сега додека никој не знае да ни каже што ќе биде утре а уште помалку задутре.

Таква е и најновата приказна која е актуелна деновиве. Работниот наслов е „95-та“а по потреба може и да се развлекува нанапред и наназад низ деведесеттите. Првично ја започна нашиот ни претседател, Ѓорге Иванов. Наместо да си ужива во погледот на Охридското Езеро, тој ги викна новинарите-дописници од Охрид во вилата Билјана на по едно кафе и на муабет официјално облежан како брифинг (не се носат камери и диктафони и не се снима а информациите обично се пренесуваат без точно да се наведе кој ги дал, освен ако бриферот дозволи да му се спомнува и името) и си направи проблеми.

Иванов на новинарите им кажал дека кога бил во Сребреница се сретнал со европратеничката Дорис Пак која му открила дека во 1995 Македонија пропуштила голема шанса за влез во ЕУ и НАТО под референцата ФИРОМ. Тогашното раководство добило покана но ја одбило од неразбирливи причини.

Медиумите ја пренесоа оваа информација, па на еден новинар му текна да ја побара европратеничката и да ја праша нешто повеќе околу пропуштената шанса. Сепак, наместо да почне да му објаснува за шансата таа му кажа дека не се ни сретнала со претседателот а не пак да му кажала нешто такво и му се закани со тужба доколку не се извини за лажната информација.

Потоа Иванов и се јавил и и кажал дека новинарите погрешно го разбрале и погрешно ја пренеле неговата изјава а тој само сакал да поттикне истражувачко новинарство. Таа решила да му поверува и да не го тужи а приказната кај нас продолжи да се развива.

За пропуштената шанса обвинуваа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ а дојде и европратеникот Бернд Поселт кој ја потврди информацијата. По сето ова сосема очекувано и премиерот Груевски не ја пропушти шансата повикувајќи се на Иванов и Поселт уште еднаш да го обвини Бранко за лошите деведесетти и пропуштената шанса во 95-та.

Некаде при крајот на оваа приказна своја изјава даде и амбасадорот на Европската Унија Ерван Фуере кој претходно споменатите ги нарече луѓе со бујна фантазија. Премиерот одбиваше да прифати дека амбасадорот го демантирал но докажувањето на демантот и не ми е баш тема на муабетов.

Сакав само да прашам, доколку некој ни понудил таква покана, каде се документите и доказите? Бидејќи мене ми даваат покана и кога ме канат на свадба а не пак кога цела една држава канат во така сериозни институции. И нормално, таквиот доказ треба да го дадат оние кои што тврдат дека постоело такво нешто. Сигурно нема да очекуваме Бранко да даде документ во кој пишува дека не ни било понудено членство...

Друга работа... сиве овие години Европската Комисија прави годишни извештаи за напредокот на државава во кои секогаш има забелешки и работи кои што треба да се поправат. Ситуацијата со судството, корупцијата, слободата на медиумите и еден куп други. Веќе дојдовме во ситуација кога ни велат дека сме океј и дека ако го решиме проблемот со името ќе почнеме со преговорите за членство но зарем тогаш сите овие работи биле решени и немало проблеми за влез а со тек на годините сме се вратиле многу чекори наназад и сега треба да дојдеме на истата ситуација како во 95-та па за да можеме да влеземе во меѓународните институции?

Ако е така тогаш тоа зборува многу лошо за вас, дами и господа кои ја имате власта и го обвинувате Бранко за неговото време, а се фалите дека овие години биле најдобрите за Македонија и само уште да не била светската економска криза...

И сосема за крај... не знам дали во 95-та имало шанса да влеземе во ЕУ и НАТО а некој ја пропуштил, но знам дека 15 години подоцна, во 2010, имаме шанса за влез во НАТО и за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Се надевам дека нема да има потреба некој за 15 години од сега, во 2025, да пишува за сегашната пропуштена шанса...

(Авторот се моли за Нимиц да може точно да го разбере Иванов утре во Њујорк)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 18
09 2010
)
(Наредната во сабота на 25 09 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment