Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Sep 26, 2010

Џоле во Њујорк

Бетонска џунгла каде се создаваат соништата, место каде не постои нешто што не може да се направи, улици кои ќе направат да се чуствувате како нов, големи светлечки реклами кои ќе ве инспирираат... Така некако изгледа Њујорк во очите на Алиша Кис. Да де, да. И во очите на Џеј Зи ама мене сепак повеќе ми се допаѓа побавната верзија каде пее само госпоѓица Кис додека свири на пијано.

Деновиве таму е и нашиот ни претседател, Ѓорге Иванов. Го пративме да прошета , да каже некој збор на Генералното собрание на Обединетите Нации, да се види со некои чичковци таму па и тој да го доживее Њујорк низ своите очи. Најпрвин се виде со медијаторот во спорот за името Метју Нимиц а потоа и со грчкиот премиер Јоргос Папандреу. Од првата средба се очекуваше многу. Ако не повеќе, барем нов предлог. Но сепак, освен што не даде нов предлог, Нимиц му кажа на Џоле дека веќе му е смачено од занимавање со нашиот проблем и му кажа дека решението треба да си го бараат раководствата на двата соседи. Добро сега, не било баш со тие зборови но во суштина тоа е пораката на Нимиц.

Втората средба не беше планирана но сепак се случи. Откако премиерот Груевски до последен момент се мислеше и премислуваше сепак реши да не оди во Њујорк и средбата со грчкиот премиер да му ја препушти на претседателот. Иако медијаторот Нимиц порача дека токму раководствата на двете земји треба да разговараат и да изнајдат некакво решение, сепак нашиот премиер сметаше дека поважно е да ја отвори Илинденска и да прошета по штипските села, додека средбата со грчкиот премиер треба да ја оствари нашиот претседател кој нема ингеренции за решавање на вакви проблеми.

Според информациите од Њујорк, средбата имала за цел да придонесе во градењето на доверба меѓу двете земји а и двајцата соговорници се согласиле дека треба да преовладува позитивната реторика. Нашиот претседател го замолил грчкиот премиер да внимаваат со црвените линии и споменувањето на промена на Уставот бидејќи тоа е чуствително за македонските граѓани, а Папандреу имал разбирање за ова.

Сепак, само два дена претходно Иванов имаше обраќање пред Генералното собрание на ОН каде и не покажа нешто преголема чуствителност а и не се мачеше да одбира зборови опишувајќи го односот на Грција кон Македонија. Како што кажа Иванов, со блокирањето на влезот во НАТО и ЕУ Грција директно го спречува економскиот развој на Македонија, нешто слично како ембаргото од деведесеттите.

Освен тоа што ваквиот говор не соодвестува на тенденцијата за градење меѓусебна доверба, покажува и различно видување на ситуацијата кај врвот на државата, односно различни ставови на премиерот и претседателот, кои, како што слушнавме од Груевски, се во постојана комуникација.

Ако се сеќавате, пред три недели Груевски даде отчет за сработеното во овие четири години владеење и таму муабетите за пропаѓање во случај да не влеземе во ЕУ и НАТО ги оцени како црни сценарија на опозицијата направени за оцрнување на владејачката гарнитура, што, нели, значи дека Грција и покрај тоа што не не пушта да влеземе во меѓународните институции, не може да ни го запре развојот.

Можеби сепак и не разговараат за толку сериозни теми по телефон. Можеби Ѓорге му кажува на Никола за Њујорк и колку многу му се воодушевува а Никола пак му објаснува колку добро му стои новата лопата со која шета низ државава.

Инаку, обраќањето на нашиот претседател се случуваше на самитот посветен на остварувањето на милениумските развојни цели. Колку за потсетување, се работи за целта која си ја поставија Обединетите Нации уште во 2000 година, а таа е – преполување на сиромаштијата, гладта и болестите низ светот до 2015, како и еднакви можности за сите жители на планетава.

И ако за застојот во борбата против сиромаштијата Иванов ги обвини лошите грчишта, за здравството и образованието не обвинуваше никого бидејќи, како што кажа, Македонија може да се пофали со намалувањето на здравствените ризици и проширувањето на образованието.

- Забрзувањето на напредокот во една област повлекува забрзување на напредокот и во други области. Ваквата синергија е видлива и во Република Македонија, каде унапредувањето на здравјето на родилките, мајките и децата резултира со ниска смртност кај децата – му објаснуваше Иванов на светот.

Да, драги читатели. Убаво е светот да ја чуе таа наша приказна. Но колумнава не ја чита светот па затоа овде можеме слободно да се потсетиме и на другата наша приказна. Онаа каде за да влезете во болница ви е потребна камера. Онаа каде умираат и деца и родилки а министерот уверува дека процентот и не е така страшен. Онаа каде децата учат од учебници со сомнителна содржина. Онаа нашата. Преродбеничката.

(Авторот имаше роденден вчера. Ама не е проблем, и денес прима подароци)

No comments:

Post a Comment