Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

May 8, 2010

Назад, назад, 2014-то моме

Гоце: Брате Даме! Брате Даме! Брате, дали ме слушаш?

Даме: Ауууу братееееее. Едвај те слушам. Многу гласни ова зурливе и тапаниве... Што ли слават? Да не сме се ослободиле од турско ропство?

Гоце: Па да ти кажам право дури не носеа овде во црни темници си мислев му бегаме на окупаторот. Ама после го слушнав султанот и ми олесна.

Даме: Султанот? Како тоа го слушна султанот и ти олесна? Кај е сега тој да го нанишанам со пушкава?

Гоце: Полега брате Даме. Не треба ич да се секираш. Сега сме 2014 година и нема османлии. Не сме под турско ропство. Султанот беше всушност премиерот... некојси Никола. А ова сега е Република Македонија. Слободна и независна!

Даме: Македонија слободна и независна во 2014? Па зарем тоа е можно..

Гоце: Можно е Дамјане. Само што не сум баш најсигурен дека е 2014. Можно е да е и 2010. Така прочитав на неколку места додека не носеа навака синоќа. Ама потоа премиерот спомна нешто 2014... и Скопје нешто... А, да. И не е баш Република Македонија. Низ светов сме повеќе познати како Поранешна Југословенска Република Македонија.

Даме: Поранешна? Е зошто поранешна? Даскале, почнуваш да ме збунуваш...

Гоце: Тешко е за објаснување брате Даме. Сега немаме проблеми со турците. Сега со нив се сакаме. Посебно си ја сакаме Шехерезад. Сега си имаме проблеми со грците. Тие не ни го признаваат името.

Даме: Чекај, чекај. Сега ептен ме збуни. Како се сакаме? И како тоа јас да да не знам ништо и да те прашувам тебе, а ти да знаеш се и да ми одговараш? Па нели ти загина три години пред мене?

Гоце: Ауууу... е за тоа ќе треба да го прашаш Јофе. Тој го пишува ова, не јас.

Даме: Јофе? Кој е па сега тој? И зошто ми се чини дека веќе сме правеле муабет по весници неделава?

Гоце: Јофе ти е овој што се прави паметен секоја сабота во Шпиц. А дека сме правеле, сме правеле. Прво пред четири дена кај Пецко во Време, а после и пред три дена кај Жарко Трајановски во Дневник. Ама Јофе и покрај тоа, сепак реши да ја реализира идејата за дијалог помеѓу нас двајца во колумна со изговор дека нему прв му текнало а колумната му била вака касно, скоро цела недела откако не донесоа овде.

Даме: Будала работа...

Гоце: Е така ти е кога им даваат на секакви да пишуваат по весници...

Даме: Остај ти тоа, туку кажи како се живее сега овде? Што вели рајата?

Гоце: Рајата? Супер и е, си се преродува со тој султанот Никола што ти го спомнав. Туку кажи ми што барам јас качен на коњ во одело со вратоврска? Кога ме носеа навака ми текна на онаа – „Врана коња јавам јас, одам по невестата. Ќе умрам мајко, загинам, без неа дома не одам...“

Даме: Подобро таа, отколку онаа што ни ја пее Бранко...

Гоце: Море што си бевме големото друштво, големото друштво – сите пијаници?

Даме: Реков нас што ни ја пее, не тој што си ја пее во слободно време... Јас мислев на „Назад, назад, две илјади и четиринаесто моме, немој да идеш на плоштад... кај нас си има длабока дупка буџетска, не ќе можеш да ја поминеш...“

Гоце: Дамјане, немој да пееш анти-патриотски песни. Тоа предавниците лажат дека буџетот бил празен, дека проектов бил популистички, дека луѓево леб немале да јадат... Ене види ги децана. Освен леб, и лепак си имаат во кесана. И си го дуваат. И не гледаат нас. И ни се восхитуваат.

Даме: Хмм... тоа некако чудно ми е. Се некако ми се чини дека луѓево премногу кратко стојат овде. Доаѓаат затрчани од една страна, ќе фрлат еден поглед навака и ќе се затрчаат на друга страна. И се така.

Гоце: Ауууу... тие се болни Дамјане.

Даме: Како тоа болни? Мислиш психички болни? Па зарем не го слушнале Вангел Божиновски? Зарем не знаат дека нивните психички проблеми лежат во минатото и непознавањето на сопствената историја и идентитет? Зарем не знаат дека за да ги излечат своите фрустрации треба да седат овде и да не гледаат како ги јаваме коњиве бронзени?

Гоце: Ааааа... тоа да. Ама тие уште не се дојдени. Тие ќе дојдат покасно, спонтано и со автобуси. Овие други се. Овие лото играат. Погодуваат во кои аптеки има лекови на рецепта, и колку ќе треба да доплатат за да ги купат.

Даме: Аааааа... натпревар значи. Од оние твоине, културнине. Скопје 2014 е полето.

Гоце: Паметно говориш, брате Дамјане. Скопје 2014 е натпревар помеѓу народите. Само не е баш културен. А и ич не го разбирам да ти кажам право.

(Авторот е предавник на Македонија и на СЕ што е македонско! Токму затоа и вака го валка името на револуционерите)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 08 05 2010)
(Наредната во сабота на 15 05 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment