Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jul 3, 2010

Поранешна Џунгловска Република Мунгла 4


Лека полека, почитувани читатели, стигнавме и до четвртиот и последен дел од басната наречена Поранешна Џунгловска Република Мунгла, басна која зборува за една глутница лавови, која живее во својата Мунгла во пустината. По бегањето од џунглата и осамостојувањето таму живеат речиси 20 години и можеме да забележиме дека им е убаво. Некогаш е премногу жешко и не се издржува, некогаш немаат што да јадат, но, сепак, се уште се тука и не се жалат многу.

Само што имаат еден голем проблем. Проблемот со нивното име. Име кое од Република Мунгла се претвори во Поранешна Џунгловска Република Мунгла и по кое ги викаат останатите животни од пустината. Ајкулите се нивни соседи и нивна најголема ноќна мора. Поради нив мораа под тоа име да влезат во Обединетите животински нации (ОЖН), а сега не им дозволуваат да влезат во друштвото наречено БАТО кое се грижи за безбедноста во пустината како ни во Пустинската унија (ПУ), која најмногу се грижи за пустинската економија.

Но, по петнаесет години проблеми, лавовите го избраа Коле - Кралот Лав за нивен предводник. Така го викаа, а и многу го сакаа сите лавови. Ама сите. Од најмладо до најстаро. Коле беше нивниот пастир. Ги водеше и ги бранеше од сите што сакаа да им наштетат. А такви имаше многу. Еден цел куп. Кој од кој полош. Ама лавовите го имаа Коле - Кралот Лав и не се плашеа од никого. Беа среќни и весели. А и како да не бидат кога се им беше прекрасно и волшебно. Се, освен една работа. Проблемот со името и лошите ајкулишта.

Всушност, лавовите го избраа Коле токму поради тоа што тој најгласно рикаше кога стануваше збор за името. Тој велеше - Едно име имаме, во лавовсково срце го носиме, за тебе живот даваме, оооооооо Мунглооооо најубаваааааа...

Лавовите во тој период веќе беа кандидати за членство кај големите батковци слонови во БАТО, а една година пред доаѓањето на Коле на чело на глутницата лавови, станаа и кандидати за членство во Пустинската унија. Лошите ајкулишта и не беа толку многу лоши. И покрај се, тогашниот главен ајкул Кара Манлис не им постави блокада и им го дозволи тоа. Всушност, драги читатели, ајкулите во тоа време се плашеа дека лавовите ќе победат во битката за името. А и имаа и зошто да мислат така. Една година пред тоа, најголемите и најсилните од сите животни во пустината - китовите, решија да ги викаат лавовите како што тие си сакаа - Република Мунгла. Лавовите имаа поддршка и од многу други силни и големи животни, а орелот посредник од ОЖН Ним Иц предложуваше по 3 години од влегувањето во друштвата сите да ги викаат под името Република Мунгла.

На почетокот од царувањето на Коле, ајкулот Кара Манлис се закануваше дека лавовите ќе можат да влезат во БАТО и во ПУ ако најдат ново заемно прифатливо решение или како Поранешна Џунгловска Република Мунгла. Втората опција на лавовите кои веќе долги години го користеа тоа име и не им се чинеше многу страшна. Баш напротив, можеме да кажеме дека дури и им одговараше.

Сепак, Коле - Кралот Лав не мислеше така. Тој реши да го преименува аероживотнодромот на кој слетуваа орлите, гулабите, јастребите и другите птици во Касандра, да стави постер од Касандра и Ранду пред неговиот дом во Мунглата, а сакаше да и направи и гооооолем споменик среееед Мунгла.

Ќе речете, па добро, што има тоа врска? Па, и има да ви кажам право, драги читатели. Многу од лавовите ја сакаат Касандра и ја сметаат за свој предок, но проблемот е што има и многу ајкули кои го мислат истото за неа и кои ваквите потези на Коле ги сфатија како провокација. Дури и некои од лавовите го обвинија Коле за тоа, но тој почна да им вели дека тие не се за тука, дека треба да одат кај ајкулите, а во Мунглата полека се отвораше војна за тоа кого треба да го сакаат повеќе, дали Касандра или Шехерезад.

Во меѓувреме слоновите од БАТО одржуваа состанок на кој лавовите очекуваа покана, но тоа не се случи. А не се случи поради ајкулите и нивната висока блокада. Сепак, ајкулите велеа нешто друго. Според нив, лавовите со Касандра ја кршеле времената спогодба од Кит Јорк, па токму затоа не можеле да ги пуштат во БАТО.

Потоа, лавовите уште повеќе почнаа да ги мразат ајкулите, а Коле ги собра сите лавови од својата глутница и им даде уште една шанса да кажат дали сакаат тој да ги води. Тие среќни што нивниот крал им го зачувал името, повторно го избраа и тој продолжи да владее се до крајот на оваа басна.

Во двете години што поминаа Коле и лавовите околу него се повеќе ги обвинуваа ајкулите за сето зло што им се случуваше, а се бараа и виновници кај лавовите кои немаа никаква моќ во глутницата. Главниот кит и голем поддржувач на лавовите, Борџ Џуш, си замина од кралската позиција кај китовите, се помалку животни од пустината ги дружеа лавовите, а предлозите кои доаѓаа како решение за името беа се полоши и полоши. Лавовите имаа се помалку храна и почнуваа да јадат и корења, но не се откажуваа од одбраната на нивното име. Само што не сме баш најсигурни кое име го бранеа. Дали тоа првичното - Република Мунгла, или тоа новото со кое сите ги нарекуваа, каде и да одеа - Поранешна Џунгловска Република Мунгла.

Иако ова е последниот дел од оваа басна, приказната на нашата глутница лавови се уште не е завршена. Коле е се уште нивен крал лав и лавовите се уште го сакаат најмногу, но што ќе се случува понатаму со нашите јунаци најмногу зависи од самите нив, најмногу од Коле - Кралот Лав. Знаеме ние дека е мудар и дека ќе ја донесе правилната одлука, нели драги читатели?

(Авторот требит да частит... веќе цела година пишит колумни во неделникот „Сега“ и во „Шпиц“)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на
03 07 2010
)
(Наредната во сабота на 10 07 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment