Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jul 26, 2010

ВМРО и СДСМ, фала ви, баш сте срциња

Почитувани,

Најпрвин би сакал да ви упатам многу поздрави и честитки за храброста со која долго време останувавте цврсти под нападите на предавничките медиуми и Антикорупциската комисија кои, замислете бе, велеа дека вашите функционери не го почитувале Законот за судир на интереси и незаконски земале по две плати извршувајќи по две функции, најчесто како советници во општините и како директори на јавни институции.

Исто така, би сакал да упатам и поддршка за одредени од функционерите како Владимир Бахчовановски, кои не само што не ги слушаа повиците на гореспоменатите предавници, туку и ја имаа таа храброст да им се спротивстават со прашања кон новинарите од типот на „Ти си таа што ме пљукаше?“ и слично.

Би сакал да ја искористам приликава и да упатам посебна поддршка и благодарност до градоначалникот на Битола, господин Владимир Талески, кој на предавниците мошне убаво им објасни дека за татковината се работи и дека нивните функционери се жртвуваат за нејзино добро, работејќи на две функции и земајќи по две плати од буџетот, бидејќи нема кој друг да го прави тоа. Мала е земјата беа вашите зборови господине Талески. Дефинитивно една од најпаметните работи кажана во последно време.

И за крај најогромната благодарност би сакал да ја упатам кон двете партии чие име може да се пронајде во насловот на оваа благодарница. Во секој случај поголема кон ВМРО-ДПМНЕ бидејќи оваа партија најпрво одржа состанок на Централниот комитет на кој беше решено дека нивните функционери ќе мора да се откажат од една од функциите. Но, се разбира, не поради апелите од предавничките медиуми и Антикорупциската комисија, туку поради нивните лични убедувања и заложби за подобра Македонија. Благодарност упатувам и до СДСМ, бидејќи веднаш по нивните владејачки колеги, и тие решија и им го наложија на своите функционери истото.

Тука ќе морам да се запрашам и што ли ќе се случуваше да не постоевте вие, драги партии, па да се грижите за спроведувањето на правото и законите во оваа држава. Сигурен сум дека башибозук ќе беше правиот збор. Цела среќа што сме се нашле тука на ова волшебно парче земја на кое вие одредувате што е закон а што нема врска, и што треба да се почитува а што не. Ептен ви благодарам.

Со почит,

Центар за комуникации на Јован Постолоски

(Да, да, авторот има свој центар за комуникации)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 24
07 2010
)
(Наредната во сабота на 31 07 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment