
Беше промовиран од општина Чаир но според најавите на Адеми градбата ќе се плати од Буџетот. Според информациите соопштени на презентацијата на идејата, парите за проектирање им биле префрлени со последниот ребаланс на Буџетот, а како што изјави вицепремиерот, за изградбата на плоштадот на десетте милиони денари ќе треба да им се додадат уште толку, но овојпат со предзнакот евра. Веднаш подоцна информациите ги негираше министерката за култура и рече дека тие немале издвоено пари за реализација на проектот, односно дека тој единствено би можел да се реализира со пари од општинскиот буџет.
Како и да е, се чини дека она што не успеаа да го добијат во проектот Скопје 2014, албанците го компензираат со овој проект. Иако Адеми на презентацијата на која присуствуваа само албанските министри убедуваше дека плоштадот не служи за продлабочување на поделбата помеѓу двете најголеми етнички заедници во земјава, сепак тоа е сосема логично да се помисли. Од десната страна на Вардар го имаме плоштадот Македонија накитен со сите споменици од македонската историја, а веднаш од другата страна ќе го имаме плоштадот Скендербег со само еден споменик и со многу празен простор за собири или други намени, место каде и досега се одржуваа митинзи и собири на албанците.
Ако досега тешко се преминуваше замислената линија на Камениот мост, сега можеме слободно да ја официјализираме поделбата и да поставиме граница. Барем не треба да се грижиме каде ќе ги правиме прославите за поделбата. Првите на Македонија, вторите на Скендербег. И првите и вторите затворени во своите светови полни со омраза кон оние другите, поинаквите.
Но и едните и другите заведени од политичките елити кои профитираат од омразата и презирот кои се создаваат со потезите на другите, односно чувството на своевидна победа за потезите на своите. Чувство кое сите нас скапо не чини. Милиони и милиони евра народни пари кои се трошат за проекти кои нас не разделуваат а на тие што ги прават им обезбедуваат место во историјата. Кога веќе не можат да си го обезбедат тоа место преку подобрување на животот на граѓаните, вака им е полесно, вака ќе останат низ центарот на главниот град и откако ќе мора да си заминат од власт.
А во меѓувреме им обезбедуваат прекрасна тема на разговор и на едните и на другите. И едните и другите сега имаат дел од градот кој им служи за чукање во гради и за доживување како свој триумф. Во истото тоа меѓувреме и едните и другите тонат во истите проблеми. Бројката на сиромашни која се искачи на 31,1 посто за 2009 не ги вклучува само едните. Истата борба за преживување ја водат и едните и другите.
Но за единствениот излез од ваквата ситуација, членството во НАТО и ЕУ, не се прави ништо посебно. Решение за името се бара само декларативно а многу поефикасно на властите им се чини подгревањето на национализмот и форсирањето теми како Скопје 2014 кои треба да направат да заборавиме на реалните проблеми, се разбира, доколку воопшто се проблеми. Не... не дека јас ја имам дилемата за тоа дали имаме проблеми. Така вели нашиот претседател, Ѓорге Иванов. На новинарите во Њујорк им кажа дека ние сме немале проблем туку дека Грција имала проблем. Фактот што поради тоа не можеме да продолжиме со евроатланските интеграции за Иванов не е воопшто проблем.
Дајте му на народот леб и игри и ќе биде среќен. Тоа е правилото на римјаните. Овде ни ги даваат само игрите. Лебот сеуште го чекаме.
п.с. Очекувавте да пишувам за заканите? Пуштете А1 утре во 18:30. Може и ќе кажам нешто за тоа.
(Авторот сака свој плоштад!)
(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 02
10 2010
)
1 comment:
Ал'л да ти е ;)
Post a Comment