Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Oct 9, 2010

Фантастични стратегии

Навистина е интересна нашата стратегија за решавање на спорот со името.

Да, да, дефинитивно имаме стратегија, иако злобниците велат дека сме немале и сме биле изгубени на патот кон евроатланските интеграции.

Стратегијата која ја користат нашите власти се состои од бескрајно повторување дека грчиштана се лоши и дека поради нив не можеме да напредуваме, дека тие се најголемата препрека на патот на нашата успешна иднина. Ова се повторува насекаде низ светот, на сите средби, и со официјални претставници на ЕУ и НАТО, и со претставници на нивни земји членки.

Од таму пак добиваат одговор дека е време да ја прифатат реалноста, дека Грција е земја членка на овие организации, и според правилата и принципите на солидарност и консензус може да ни го блокира членството колку и душа сака. Единствениот излез од оваа игра е наоѓање решение на спорот, или што би рекол нашиот ни претседател, разумен компромис.

А за наоѓање такво нешто се потребни разговори помеѓу раководните луѓе на Македонија и Грција. Барем така му рече Нимиц на Иванов на средбата во Њујорк. Иако очекувавме нов предлог, медијаторот не сакаше ни да даде некаков рок во кој би можело да се очекува решението на спорот. Во Њујорк требаше да пристигне премиерот Груевски и да зборува на Генералното собрание на ОН а престојот да го искористи и за средба со грчкиот премиер Папандреу, но во последен момент го откажа патувањето а обраќањето пред ОН и средбата со Папандреу му ги препушти на претседателот Иванов. Со оглед на тоа што Иванов нема овластувања да решава било што поврзано со името средбата, очекувано, не донесе ништо ново.

Со оглед на тоа што нема никакво решение ниту иницијатива за такво нешто а наближува ноемврискиот самит на НАТО во Лисабон и декемврискиот состанок на Европскиот совет во Брисел, нашите власти и додаваат нова димензија на стратегијата. Бараат членство во овие организации под привремената референца – Поранешна Југословенска Република Македонија.

Министерот за одбрана Коњановски ова го најави уште пред да тргне на својата турнеја каде остварува средби со своите колеги од САД, Канада и Германија. Потоа истата идеја ја спомена и министерот за надворешни работи Милошоски на средбата во Советот на Европа во Стразбур.

Веднаш стаса ладен туш од генералниот секретар на НАТО, Расмусен, кој во интервју уште еднаш повтори дека ваквите надежи се нереални и дека одлуката од Букурешт е јасна – мора да се најде решение на спорот па потоа да се оствари влезот во НАТО според децениските принципи на солидарност и консензус.

Претседателот Иванов како одговор на ова ја обвини Грција дека не ги почитува обврските од привремената спогодба и дека таа е виновна што не можеме да влеземе во НАТО под референцата ФИРОМ. Оваа изјава на Иванов е дел од стратегијата опишана на почетокот од текстов.

Кога на стратегијата на плачење ќе и се додаде и новата невозможна димензија – барање членство под привремената референца и паралелни преговори со Грција за името, се добива совршен изговор кога повторно ќе се вратиме без резултати и од Лисабон во ноември и од Брисел во декември. Ние сме се труделе ама лошите грчишта и лошите чичковци во ЕУ и НАТО што повеќе ги сакаат грчиштана од нас не не пуштиле да влеземе во организациите.

Изговорот го имаме уште од сега но јас имам и две дилеми.

Првата – нели ФИРОМ е името поради кое сиве овие години им префрлувате на Глигоров и Црвенковски, дека тие ни ја зезнале судбината кога ја прифатиле оваа срамна референца? Како тоа сега се крстите во него и барате членство во ЕУ и НАТО токму под ова име? Да не зборувам за сите случаи каде сте седеле позади ова име низ меѓународните институции.

Втората – која е разликата, дали ќе го решите спорот со името сега или откако ќе добиеме членство во НАТО и преговори за членство во ЕУ под референцата? Ако планирате да го решите, решете го сега и нека ни се тргне од дневен ред еднаш засекогаш. Или можеби планирате да ги зезнете и грците и сите членки во меѓународниве организации, да не примат под ФИРОМ па да го заборавиме спорот?

Секоја чест ако е така, многу јака стратегија...

(Авторот сака да земе кола за без пари, ќе ја плати некогаш во текот на возењето, чесен збор бе)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 09
10 2010
)

No comments:

Post a Comment