Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Oct 16, 2010

Внимание - демократија од другата страна на границата

Недела вообичаено е ден за одмор дури и за таквите како мене што имаат емисии тој ден, но ги имаат снимено ден-два претходно. Тоа е ден за уживање, релаксација, седење по пижами на компјутер или пред телевизор, можеби и шетање ако времето го дозволува тоа...

Но минатата недела во Белград ни најмалку не личеше на описов. Пред шест дена таму се славеше демократијата и се славеа правата и слободите на граѓаните. Впрочем, минатиот викенд во Белград се одржа геј парада преку која луѓето со различни сексуални ориентации покажаа дека се тука, дека постојат, дека и тие се дел од општеството и дека и тие сакаат да ги уживаат истите права како и останатите. Парадата помина во најдобар ред, учесниците прошетаа по определената маршрута и ги пренесоа своите пораки.

Сепак, истовремено, главниот град на Србија беше претворен во нешто налик на воена зона и, според проценките, низ улиците шест илјади хулигани се пресметуваа со исто толкуте полицајци. Над 150 повредени од кои најголемиот дел полицајци, и над 250 приведени, нормално, хулигани, е резултатот од дивеењето, заедно со штета од над милион евра.

Но и покрај сево ова Србија го одбрани правото на протест, правото на слобода, правото на различност, правото на живот. За разлика од првата геј парада во 2001 кога насилниците ги претепуваа парадерите и од минатата година кога поради заканите за насилство властите не дозволија одржување на парадата, годинава нашиот сосед докажа дека е вистинска демократска земја. Властите дозволија одржување на парадата и жестоко ја бранеа а многу јавни личности ја дадоа својата поддршка и ги осудија насилствата.

Пофалби за ова стигнаа и од Европската Унија и од Американсата амбасада како и директно од американската државна секретарка Хилари Клинтон на нејзината посета на Србија.

Лондонскиот весник Индепендент во редакциски коментар вели дека причините за ваквата реакција на српските власти треба да се бараат во тоа што многу амбасадори решиле да парадираат на белградските улици, па било незамисливо да се остави можност тие да се соочат со хулигани. Како причина се наведува и тоа што на Србија и е важен влезот во ЕУ а знае дека правата на малцинските групи со посебно внимание се разгледуваат и се дел од условите. Како и да е, реакцијата беше одлична и навистина е за секоја пофалба.

Јас лично не можам потполно да ги сфатам геј парадите. Нелогични ми се бидејќи на некој начин претставуваат фалење. Демек - еј видете, не сме како вас и шетаме по градов за да ви го кажеме тоа. Логично ми е кога се протестира за остварување на некакви права или против некакви неправди, како резултат на незадоволство од одлуките на властите и слично. Ова ми личи само на фалење. Но припадниците на овие групи често сведочат за дискриминацијата и неправдите кои им се случуваат па веројатно давањето на знаење дека се тука и дека постојат е многу голема причина за парадите. И иако не можам потполно да го сфатам овој начин на изразување сепак го поддржувам и ќе дадам поддршка доколку и во Македонија ЛГБТ популацијата реши да парадира, бидејќи ми е сосема логично да се поддржат настани кои служат за остварување на нечии права.

Можеби во Македонија не се ни размислува за вакво нешто но сепак познавајќи ги луѓето кои живеат овде, сигурен сум дека и кај нас ќе се најдат хулигани, слични на тие од улиците на Белград, подготвени да искршат од ќотек секој кој не мисли како нив, а попатно да искршат и по некој излог, да ограбат некоја продавница, нешта кои Белград ги доживеа во неделата. И сето тоа во името на Бога и семејните вредности. Такви хулигани можат да се најдат секаде низ светот и е апсолутно невозможно да им докажете дека сите имаат еднакви права а тие не се ништо повеќе од нив и не смеат да им ги нарушуваат и оспоруваат тие права. Уверени се дека Бог е со нив и дека ќотекот излегол од рајот, од истото место од каде потекнуваат и Адам и Ева, нивните најголеми аргументи зошто некој би требало да се истепа или убие.

Но има една многу голема разлика. Разликата е во одговорот на властите. Дали ќе застанат во одбрана на правата и слободите на сите граѓани и ќе испратат армија од полицајци кои ќе ги заштитуваат оние што решиле да протестираат, или ќе седат пред телевизор и ќе гледаат како дечките со качулките ја претепуваат демократијата.

Српските власти ја избраа првата опција но се плашам дека доколку во Скопје се организира геј парада нештата нема да бидат слични. Сегашната влада на многупати досега има докажано дека е против остварување на правата на луѓето со различни сексуални ориентации а еден пратеник од владејачкото мнозинство убедуваше дека хомосексуалноста е болест. Истата таа влада покажа и дека не се грижи премногу ни за правото на протест. Така беа истепани студентите кои протестираа против изградбата на црква на градскиот плоштад додека полицајците седеа и гледаа сеир, така полицајците дозволуваа возачите да ги газат стечајците кои протестираа на улиците на главниот град.

Сепак, се надевам дека реакцијата на српските власти ќе им служи како поука и на нашите власти. Многу пати досега сме докажале дека не можеме да гледаме на далеку, ни во иднината, ни во стандардите... сега примеров ни е пред нос, па можеби ќе го земеме во предвид.

(Авторот премногу се надева)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 16
10 2010
)

No comments:

Post a Comment