Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Oct 23, 2010

Плачковци

Во вторникот во Скопје дојде најголемиот европеец, претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпуј. Се повоза низ скопските улици, се сретна со премиерот и претседателот и си замина, на пат кон следните дестинации – БиХ и Албанија. Човекот беше прилично отворен и уште еднаш го повтори она што сите овде многу добро го знаеме. Тоа е дека мора да го решиме спорот со името со Грција доколку сакаме да мрднеме напред на патот кон ЕУ. И уште повеќе, Ромпуј рече дека скорешното решавање е единствена шанса за влез низ европската врата.

Се разбира, премиерот го ислуша и му кажа дека правиме се што можеме за да најдеме решение. „Македонскиот пристап и понатаму ќе биде проактивен и конструктивен со цел изнаоѓање решение кое нема да наштети на двете држави, кое што би било прифатливо од двете држави и од двата народа“, рече Груевски на заедничката прес конференција по средбата.

Да видиме како изгледа македонскиот проактивен и конструктивен пристап. Ќе ја земеме за пример конструктивноста на претседателот Иванов.

Тој пред еден месец беше во седиштето на ОН. Таму заменувајќи го Груевски се сретна со грчкиот премиер Папандреу. Според информациите од Њујорк, средбата имала за цел да придонесе во градењето на доверба меѓу двете земји а и двајцата соговорници се согласиле дека треба да преовладува позитивната реторика. Нашиот претседател го замолил грчкиот премиер да внимаваат со црвените линии и споменувањето на промена на Уставот бидејќи тоа е чуствително за македонските граѓани, а Папандреу имал разбирање за ова.

Сепак, само два дена пред таа средба Иванов имаше обраќање пред Генералното собрание на ОН каде и не покажа нешто преголема чуствителност а и не се мачеше да одбира зборови опишувајќи го односот на Грција кон Македонија. Како што кажа Иванов, со блокирањето на влезот во НАТО и ЕУ Грција директно го спречува економскиот развој на Македонија, нешто слично како ембаргото од деведесеттите.

По средбата нашиот претседател се обрати и на 65-то Генерално Собрание на Обединетите нации. Таму обвинувањата му беа поблаги но сепак ја искористи и таа прилика за уште еднаш да се пожали на неправедната политика на нашите соседи.

Еден месец по Њујорк, деновиве во Стразбур, нашиот претседател се обрати и на 60-годишнината од донесувањето на Европската конвенција за човекови права во Советот на Европа. Искористувајќи го поводот тој удри по Грција и храбро и порача – „Нема ниту една држава, ниту една влада и ниту една сила која може да им го оспори правото на Македонците да бидат Македонци, бидејќи човековите права се и посилни и потрајни од минливоста на одредени влади или одредени политичари“.

Тооооооооо претседателееееееее! Секоја чест, конечно некој им ја плесна целата вистина в лице!

Вака изгледаат голем дел од коментарите на интернет на овој а и на претходните говори на претседателот Иванов пред меѓународните институции каде ја покажува целата своја силина додека во меѓувреме дома или молчи или не знае што ќе прави во врска со измените на законот за разузнавање. Колку за потсетување, со измените се предвидува спојување на Агенцијата за разузнавање и Управата за безбедност и контраразузнавање под капата на МВР со што претседателот ќе ја изгуби можноста за добивање разузнавачки информации, дел од неговите уставни надлежности.

Сепак, претседателот во очите на многумина е херој за изјавите за името, кои се дел од стратегијата за која пишував на ова место пред две недели во колумната под наслов „Фантастични стратегии“.

„Стратегијата која ја користат нашите власти се состои од бескрајно повторување дека грчиштана се лоши и дека поради нив не можеме да напредуваме, дека тие се најголемата препрека на патот на нашата успешна иднина. Ова се повторува насекаде низ светот, на сите средби, и со официјални претставници на ЕУ и НАТО, и со претставници на нивни земји членки“, пишував на 9. Октомври. Тогаш зборував и за невозможната мисија која ја промовираа нашите власти - барање членство под привремената референца и паралелни преговори со Грција за името.

Иако сите што се барем малку упатени во ЕУ и НАТО интеграциите знаат дека ова е невозможно, сепак нашите властодршци го продаваа како можна варијанта па мораше уште еднаш и официјалните претставници на организациите каде сакаме да влеземе да повторуваат дека тоа не може да се случи. Тоа тогаш го повтори генералниот секретар на НАТО, Расмусен, а сега истото го потврди и Ромпуј од ЕУ.

И овие двајца а и сите останати повторуваат дека доколку сакаме да напредуваме во евроатланските интеграции мора да најдеме решение на спорот. Но ако нашите власти се одлучат конечно да го решат спорот и да го најдат тој фамозен разумен компромис, откако ќе го направат тоа па додека да ги почувствуваме благодетите од членството во НАТО и ЕУ ќе помине мноооогу време па и политичките поени ќе дојдат мноооогу подоцна. Она што не мора да се чека и може да дојде веднаш се политичките поени кои се собираат со плачење и обвинување на Грција на секој чекор проследено со чукање в гради.

(Авторот е доумерено облачен со повремени врнежи од дожд и појава на магла по котлините)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 22
10 2010
)

No comments:

Post a Comment