Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jun 12, 2010

Поранешна Џунгловска Република Мунгла 1

Си беше еднаш, многу далеку, преку седум планини, седум мориња и седум слободни економски зони - Бунарџик 1, Бунарџик 2, Бунарџик 3 и остатокот веќе го знаете... Си живееше таму еден крал. Коле - Кралот Лав. Така го викаа, а и многу го сакаа сите лавови. Ама сите. Од најмладо до најстаро. Коле беше нивниот пастир. Ги водеше и бранеше од сите што сакаа да им наштетат. А такви имаше многу. Еден цел куп. Кој од кој полош. Ама лавовите го имаа Коле - Кралот Лав и не се плашеа од никого. Беа среќни и весели. А и како да не бидат кога се им беше прекрасно и волшебно. Се, освен една работа. А за да можеш да ја разбереш таа работа, драг читателу, ќе мораме да се вратиме многу години наназад во приказнава.

Вака беше...

Еден сончев ден... Не, не. Едно сончево неделно утро... Не, не. Не бива и така. Пред многу години... Е вака веќе може.

Пред многу години, во една прекрасна џунгла си живееше една глутница лавови најубава на цел свет. Имаа се што им треба. Живееја во сојуз со останатите животни од џунглата и не работеа многу, ама имаа доволно храна и прекрасни услови за живот. Тие тоа сакаа да си го викаат - клати кокос, земај мокос (збор што во џунглата означуваше приход, нешто како плата, а всушност големи количества храна). Иако живееја во сојуз со останатите жители на џунглата, лавовите си имаа своја територија која си ја викаа Мунгла. Мораа да ги слушаат наредбите кои доаѓаа од горе, од високите дрва од џунглата, но, сепак, си имаа свое парче земја кое многу си го сакаа. Живееја така многу години, во хармонија, братство и единство со другите жители на џунглата.

Живееја, се додека не настапи џунглокалипсата. Животните почнаа да се убиваат и да се јадат меѓу себе. Само лавовите успеаја да се разделат од џунглата на мирен начин. Си ја зедоа својата Мунгла и си ја однесоа на едно од малкуте места останати по џунглокалипсата. В пустина.

Си најдоа убаво место, си ја сместија и рекоа - од денес сме независни. Тогашниот Крал Лав - Кире излезе пред насобраните лавови и им рече – „Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Мунгла!“. Лавовите почнаа да рикаат и да скандираат - Мунгла, Мунгла, Мунгла... Беа оставени сами на себе, беа независни и пресреќни. Очекуваа многу од својата Мунгла. Но, не знаеја што ги очекува. Или подобро да кажеме, драг читателу, не ни беа свесни низ што се ќе треба да поминат со својата независна Мунгла.

Уште во наредната година посакаа да се зачленат во Обединетите животински нации (ОЖН), организација во која членуваа сите животни во пустината, преживеани по џунглокалипсата и сите останати калипси. Главни таму беа орлите. Тие раководеа со организацијата, најмногу поради тоа што можеа да летаат, да ја обиколуваат целата пустина и да гледаат што прават нивните животни-членки.

По упатеното барање, орлите долетаа кај лавовите и направија контрола, увидоа како лавовите си ја обележале својата територија, што прават во неа и дали ги исполнуваат условите за влез во големото животинско семејство. И всушност да, лавовите ги исполнуваа сите зацртани услови. Но, не драг читателу, немој да мислиш дека лавовите така среќни и весели веднаш влегоа во ОЖН.

Се појави проблем кој доаѓаше од едни од најблиските соседи на лавовите, ајкулите. Ајкулите беа многу страшни. Мноооогу страшни. Со големи, страшни и никогаш со четкичка и пастичка неизмиени забиштааааа... По океанокалипсата и тие беа дел од пустината и живееја веднаш до лавовите, од нивната јужна страна. Тие веќе беа членки на ОЖН и имаа право на збор. А правото на збор го искористија на еден многу гаден, ем гнасен начин.

Велам гаден ем гнасен, како прво поради тоа што говорејќи од нечистите забишта се ширеше ептен непријатна миризба, а како второ поради тоа што не им дозволија на лавовите да влезат во ОЖН и им поставија блокада... толку висока што овие не можеа да ја прескокнат.

Ајкулиштата се жалеа дека новите северни соседи (лавовите), со своето име (Мунгла) го нарушуваат суверенитетот на нивниот простор во пустината и покажуваат територијални претензии кон истиот. Тие раскажуваа како во океанот каде што живееле имале место кое и тие си го викале Мунгла, па не сакаа лавовите да влезат во ОЖН под тоа име.

На лавовите им доаѓаше да заплачат. Конечно си најдоа свое парче земја и сакаа со него да влезат во заедница со останатите животни од целата пустина, а лошите ајкулишта не им го дозволуваа тоа. Што ќе правиме сега, велеа тие.

Што направија? Приклучете се на фреквенција на „Шпиц“ во најблиската трафика на 5-денарски мегахерци и наредната сабота и дознајте. Приказната продолжува...

(Авторот ко мал читал басни од Езоп)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 12 06 2010)
(Наредната во сабота на 19 06 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment