Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jun 19, 2010

Поранешна Џунгловска Република Мунгла 2


Си беше еднаш, многу далеку, преку седум планини, седум мориња... Ви изгледа претходната реченица како дежа-ву? Е па, ако сте редовен читател, така и треба да ви изгледа. Бидејќи, драги мои, токму така го почнавме првиот дел од басната во која главни јунаци се глутницата лавови предводена од Коле - кралот Лав. Само што, пред да почнам да ви раскажувам за него, ви ја раскажував историјата на неговата глутница лавови.

Минатата сабота ви кажав како глутницата лавови по џунглокалипсата си ја зеде својата Мунгла и од џунглата ја однесе во пустината. Таму сакаше да влезе во сојуз (Обединетите животински нации) со останатите животни кои по сите можни калипси беа населени на тоа место, но нивните најблиски соседи од јужната страна, ајкулите, не им го дозволија тоа под нивното име Република Мунгла, тврдејќи дека со тоа го нарушуваат суверенитетот на нивниот простор во пустината и покажуваат територијални претензии кон него.

На лавовите им доаѓаше да заплачат. Конечно си најдоа свое парче земја и сакаа со него да влезат во заедница со останатите животни од целата пустина, а лошите ајкулишта не им го дозволуваа тоа. Што ќе правиме сега, велеа тие.

Што направија? Е па, драги мои, орлите кои шефуваа со Обединетите животински нации (ОЖН) решија да помогнат во надминување на проблемот. Застанаа на границата меѓу лавовите и ајкулите и почнаа да одлетуваат, те на едната, те на другата страна. Преговараа, се договараа, се објаснуваа... се додека не дојде главниот во ОЖН, орелот Бутрос Гали. Тој како најпаметен предложи привремено решение, колку за да можат лавовите да влезат во друштвото на останатите животни од пустината.

Предлогот гласеше Поранешна Џунгловска Република Мунгла, а согласност од страната на лавовите даде Бранко - кралот Лав Џуниор, по налог на постариот крал Лав - Кире. Кире ја убедуваше глутницата лавови дека тоа име ќе им биде само за кратко време, но подоцна лавовите сфатија дека тоа воопшто не е така. Лавот Бранко, пак, уште од тоа време е крив.

Две години по доаѓањето во пустината, ОЖН конечно ги прими лавовите во своето животинско царство. Само што лавовите овојпат не беа кралеви на царството. Далеку од тоа, тие беа примени под привремено име, нешто што не беше дел од условите на орлите и на ОЖН. Сепак, лавовите беа среќни што конечно се дел од големото животинско семејство и што не се сами во пустината.

Почнаа почесто да одат кај другите животни кои живееја низ пустината, да рикаат и со тоа да воспоставуваат пријателски односи и да ги убедуваат дека се одѕиваат на името Република Мунгла, а не на лошото Поранешна Џунгловска Република Мунгла. Злобните ајкулишта, пак, ги убедуваа останатите животни низ пустината дека лавовите се лоши, дека сакале да им го земат нивното парче земја и да ги изедат.

Освен што лавовите имаа такво долго и глупаво име во ОЖН, новиот главен ајкул (машки род од ајкула) Папа ен Дреу реши дека не сака повеќе ни муабет да им прави и да се договараат за конечното име на парчето земја на лавовите.

Кире - кралот Лав ги убедуваше лавовите дека тие го имаат најубавото место во целата пустина и дека нема потреба од никакви грижи и секирации. Им велеше дека нивната Мунгла е оаза. Лавовите, пак, не се чувствуваа така. Откако се разделија од нивната џунгла и дојдоа во пустината, секој ден имаа се помалку за јадење. Кралевите на глутницата почнаа да го распродаваат она што го имаа понесено со себе од џунглата во замена за храна. Само што храната не беше за сите. Некои од лавовите имаа по многу за јадење, а имаше и такви кои остануваа без ништо, па бараа од нивните пријатели. За ситуацијата да биде уште полоша ајкулите решија, освен контактите, да прекинат и се останато. Му забранија и на кртот да поминува низ нивната територија за да им носи храна на лавовите. Кутрите лавови мораа да се снаоѓаат и да бараат други животни кои ќе можат да им доставуваат храна.

Така беше година и пол. Или подобро да кажеме, драг читателу, тоа беше една долга година и пол. За среќа, тука беа китовите, најголемите и најјаките од сите животни во пустината. Тие ги викнаа и лавовите и ајкулите и ги натераа да потпишат времена спогодба во Кит Јорк. Со спогодбата лавовите се согласија да извадат половина од перките од вентилаторот со кој се ладеа од пеколните пустински жештини и да останат на осум. Исто така, се заколнаа во мајка дека нејќат да им го земат местото на ајкулите и дека нема да ги изедат. Ајкулите, пак, се заколнаа дека нема повторно да им поставуваат високи блокади, кои овие нема да можат да ги поминат кога ќе сакаат да влезат во друштво со животните од пустината.

Китовите се откажаа од убедување и тоа им го препуштија на орлите од ОЖН. Низ годините се изредија многу орли посредници... од Венс, преку О'Нил, па се до господинот орел Ним Иц.

Се прашувате дали се договорија нешто?

И јас се прашувам да ви кажам право. Ај ако не да почекаме до следната сабота, па да прочитаме...

(Авторот чека до следната сабота)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 19 06 2010)
(Наредната во сабота на 26 06 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment