Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jun 26, 2010

Поранешна Џунгловска Република Мунгла 3


Ви текнува на она чувство кога читате нешто и тоа ви се чини навистина многу познато, исто како да сте го доживеале самите вие? Е па, така некако би требало да ви звучи и оваа басна во продолженија, која зборува за една глутница лавови која по џунглокалипсата си ја однесе својата Мунгла в пустина. Наиде на проблем кога сакаше да влезе во сојуз (Обединетите животински нации) со останатите животни од пустината, проблем кој доаѓаше од нивните страшни јужни соседи - ајкулите. Тие не дозволуваа прием во организацијата под нивното име Република Мунгла, па со посредство на орлите од Обединетите животински нации (ОЖН) беше изнајдено привремено решение - Поранешна Џунгловска Република Мунгла.

Според договорот, лавовите и ајкулите требаше да разговараат и да дојдат до конечно решение, но главниот ајкул Папа ен Дреу одлучи дека не сака повеќе ни глас да им чуе. Дури му забранија и на кртот да поминува низ нивната територија за да им носи храна на лавовите. За среќа, на помош на лавовите им дојдоа китовите кои ги натераа и двете страни да потпишат привремена спогодба во Кит Јорк. Убедувањето продолжи преку неколку орли посредници.

Низ годините и не се случуваше нешто посебно. Лавовите преживуваа во еден од најпустите делови од пустината, во место во кое немаше многу храна и вода, некои умираа поради тоа, но проблемот со ајкулите не се решаваше. Сепак, како што поминуваа годините тие се откажаа од првото барање - во новото име воопшто да не се споменува зборот Мунгла.

На десет години по преселбата во пустината, и шест години по привремената спогодба од Кит Јорк, се случи голем настан за лавовите. Извештај за спорот помеѓу лавовите и ајкулите направи Животинската кризна група (ЖКГ). Таму за првпат паметни животни од целата пустина даваа решенија за проблемот. Тие предлагаа најпрво меѓусебно да се договорат лавовите и ајкулите, а потоа да се најде посебно решение кое ќе го користи целата пустина. Едно од можните решенија за меѓуживотинска употреба кое го нудеа тие беше со чудната транскрипција на универзалниот јазик на животните Републиц оф Мунгла, наместо како што требаше да биде - Републиц оф Мунгле.

Паметните животни од ЖКГ нудеа и име кое ќе го користат ајкулите кога ќе им прават муабет на лавовите. Решението беше Горна Мунгла, што претставуваше сложено име со географска одредница. Се нудеа и други предлози како - Северна Мунгла, Нова Мунгла, Уставна Република Мунгла, Независна Република Мунгла, Демократска Република Мунгла и многу други.

Најмногу за проблемот се заинтересира орелот посредник Ним Иц од ОЖН. Тој досега понуди многу предлози, но сите се одбиени, или заеднички и од лавовите и од ајкулите, или само од едниот од соседите во пустината.

На 14 години по прогласувањето на независноста на Република Мунгла, господинот орел Ним Иц понуди еден куп идеи за решавање на проблемот. Нудеше имиња за меѓуживотинска употреба, почнувајќи од Република Мунгла со транскрипција на универзалниот животински јазик како Република Мунгла или Републиц оф Мунгла. Според предлогот, животните кои престојуваа на тоа парче земја се означуваа како лавови на Република Мунгла, односно лавови на Републиц оф Мунгла. Лавовите го прифатија овој предлог без премногу рикање и покажување задоволство, но, сепак, и покрај тоа, лошите ајкулишта не беа задоволни и бараа повеќе и повеќе.

Иако лавовите веќе беа влезени во Обединетите животински нации, се спремаа да влезат и во другите животински друштва. Сакаа да се придружат во друштвото наречено БАТО кое се грижеше за безбедноста во пустината, каде главни беа големите батковци - слоновите. Сакаа да влезат и во Пустинската унија (ПУ), која најмногу се грижеше за пустинската економија и каде што главни беа мравките. Да, да, мравките. А што, вие да не очекувавте дека штурците ќе се грижат за економијата во пустината?

Глутницата лавови навистина многу сакаше да се придружи кон овие друштва, но слоновите и мравките не беа единствените кои одлучуваа за прием на нови животни членки. Исто како и во ОЖН, ајкулите од поодамна беа членки и на БАТО и на ПУ, па не даваа согласност за влез на глутницата лавови во овие организации сe додека не го решат проблемот со името. Веќе се наближуваше самитот на БАТО во Кукурешт, а лавовите ги фаќаше паника.

Што се случуваше во периодот кој следуваше со глутницата лавови и нивниот Крал Лав - Коле, дознајте следната сабота во последното продолжение од нашата пустинска басна.

(Авторот си замислува дека пишува шпанска серија, па ја прави баснава во сто продолженија)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на
26
06 2010)
(Наредната во сабота на 03 07 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment