Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jun 4, 2010

Каква Таква Република Македонија

Лелеееее браааааат! Леееееее брааааааат! Лееееее браааааат, немаш појма колку само сум возбуден! Немаш појма во каков седум-осмински такт ми чукат срцево! Немаш појма колку шеснаескраки сонца ми ја греат душава! Немаш појма колку само темјан имат во шталава универзална!

Господ! Господ ни го прати божјиот ангел Груевски! Да не штитит ко антиракетен штит! Да не бранит ко Касиљас! Да не чуват ко бејбиситерка! Да ни продават бајки ко браќата Грим!

Дали виде? Дали само виде кој е вистинскиот лидер и пастир на македонскиот народ? Дали само виде кој е тој што го сака својот народ и не се плаши од него, тој што е бесмртен и е вечен негов лидер и водач?

Ти мислиш дека Пастирот туку така ќе потклекнит пред многубројните политичари, колумнисти и мисионери? Ало, бреееееее! Овде имат народ! Два милиони живи души! И СИТЕ... да, да, добро прочита, СИТЕ тие размислуваат со своја глава, имаат свои потреби, имаат свои ставови и свои чувства! И пази ваму... СИТЕ тие два милиони имаат ИСТ став за името!

Шо? Се чудиш како можит два милиони живи души кои размислуваат со своја глава, имаат свои потреби, свои ставови и свои чувства, да имаат ист став за некое прашање? Е, па еве го одговорот:

- Овој народ, каков-таков, е господар на овој простор и тој одлучува за своето име и за својот идентитет!!!

Да! Точно така. Немој да мислиш дека ова е каков било народ. Немој да мислиш дека ова е некој незначаен народ, присобран од улица, испарталавен, искинат, измрсулавен, необразован, без пари в џеб...

Не бре! Ова е каков-таков народ!!! И како таков, овој народ ја има силата! И го има Пастирот! И многу добро знае што е разумен компромис!

Шо? Ти не знајш шо е разумен компромис? Е, па извини шо вака ќе те разочарам, ама ти по се изгледа не си каков-таков читател! Ти си сигурно еден од малкутемина кои не се какви-такви и кои заедно со колумнистине се во црниот тефтер за ликвидација на Миленко. Предавници едни! Не-какви-такви едни!

Еве кој знајт шо е разумен компромис и како се постигнуват!

- Ако дојде решение компромисно, кое што е прифатливо за граѓаните, кое што не прави штета на државните и на националните интереси, ние со задоволство тоа би го охрабриле, би го поддржале и се надевам дека и граѓаните би го поддржале - изјави премиерот на Република Македонија, господинот Каков Таков.

Каков компромис? Таков компромис! Сега сфати бе, читателу не-каков таков? Искрено се надевам дека сфати пошо јас имам една многу важна работа да им кажам на останативе какви-такви читатели.

Вака беше...

Си седам јас пред компјутер, закачен на Јутјуб, го гледам клипчено кај шо Господ, каков-таков, ни се јавуват на нас Македоноидите и ни објаснуват како тоа ние сме зачетници на белата раса. Си викам, убо викат Господ. Какви-такви, ние сме зачетници на цела раса, бре! То не е мала работа, да знајш.

И дури си седам и си се воодушевувам, наеднаш ми заѕвоне ѕвончено лево од вратана. Си викам, де бееееее... пак Јеховини сведоци? Каков сведок бре, нит сум видел, нит сум чул, нит знам нешто... ја бев у подрууум!

Ама не. Не беа тие. Отворам и гледам некој господин. Фин вака на прв поглед. Со црвени панталони и жолто палто. Под палтото портокалова маица, „Еден за сите“ му пишеше. Сигурно од ланските избори му беше останата. Носеше и ружа на реверот. Само шо отворив, одма се развика:

- Јас дојдов!

- Дојде? Чекај малку бе. Кој си ти? И кој те викнал па да дојдиш?

- Како кој? Јас сум бе Јофе. Шо, не ме познаваш?

- А бе... на секоја раскрсница гледам знамиња вака ко тебе облечени, закачени на јарболи од по сто метри ама... тебе, вака искрено... не те имам видено досега. А, па можда те имет сменато некоја втора сабота од месецот, па зато...

- Ма какво знаме... не биди смешен. Јас сум ти компромисно решение. Господин Разумен Компромис, мило ми е - ми викат, и ми подават рака.

- Па, кај си бе господине Разумен?!? Па, знајш од кога те чекавме? Па, знајш од кога се чудевме шо ќе ни кажиш ко ќе се видиме?

- Знам, знам... ама чекав да ме викнат. И еве сега Коле конечно ме викна. Тој рече ако дојдам ќе ме прифатите, и еве јас дојдов. Сега уште да ми кажиш кај да го најдам него...

- Их, па то е лесно бе господине Разумен. Мојш да го најш во кое било време од денот и ноќта на Илинденска 24/7. Не се секирај, кога и да појш ќе го најш, пошо тој секогаш е таму. Нон стоп работит. Не преродуват. Само можда ќе требит да го почекаш едно пола саат дур да дојт ама ќе се снајш, голем си веќе...

- Сполај ти Јофе. Фала ти многу. Еве, веднаш одам да му го кажам решението.

- Чекај бе, чекај! Барем едно кафе да се напиеше. Барем решението да ми го кажеше пред да заминиш...

И ми го кажа да ви кажам право. И сигурен сум дека е заемно прифатливо решение и дека Грчиштана немат да се бунат. Само ми рече да не го пишам по текстој. И не го пишам. Ама го зезнав. Го ставив во насловот!

(Авторот е каков-таков)

(Колумната е објавена во весникот Шпиц на 04 06 2010)
(Наредната во сабота на 12 06 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц)

No comments:

Post a Comment