Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jul 27, 2009

Џорџ Бенсон направи вечер за паметење во Антички театар

Енергичен настап, препознатливо моќен глас и одличен флерт со гитарата, кој публиката не ја остава рамнодушна. Ако се додаде и одличната придружба на другите членови од бендот, се добива впечаток дека се работи за уште еден успешен концерт. Ова може да го потврди и триилјадната публика, која во саботата вечерта го пречека легендарниот американски џез-музичар Џорџ Бенсон во целосно исполнетиот Антички театар во Охрид.

Концертот, кој беше најавен за во 21 часот, почна со 20-минутно доцнење за што веројатно беа заслужни и дел од посетителите, кои се' уште доаѓаа и по најавениот термин за старт. Сепак ова може да се разбере бидејќи Охрид викендов беше преполн, а во периодот од 18 до 21 часот патот од плажите и централното градско подрачје се преблокирани, а и ако се движите пешки ќе ви требаат посебни вештини за пробивање низ метежот во тесните улички на стариот дел од градот. Дополнителен проблем беше жешкото време и забраната да се внесат вода и други течности за разладување. Но, сето тоа се заборави уште со појавувањето на десеткратниот добитник на наградите „Греми“, Бенсон, и почетокот на концертот. Своевидното загревање траеше околу половина час, по што дел од публиката веќе почна да станува и да игра, но кулминацијата се случи за време на еден од неговите најголеми хитови Give Me The Night, кога буквално сите беа на нозе и пееја заедно со него.

По вжештувањето на атмосферата Бенсон и бендот продолжија со енергични хитови, поради кои голем дел од публиката остана на нозе и со аплауз го придружуваше ритамот на Never give up on a good thing, Kisses in the Moonlight, Shiver, а на On Broadway публиката одлично се снајде во улогата на ехо на Бенсон. А легендарниот изведувач со својата виталност, играње и држење на сцената воопшто не изгледа како 66-годишник. Со своето препознатливо движење со колковите и секогаш насмеаниот израз на лицето слободно може да се измеша меѓу помладата публика и одлично да и' парира.

По брзиот ритам некаде на половината од концертот изведувачите се повлекоа од сцената на една минута по што дел од посетителите помислија дека се работи за крај на концертот, но следуваше претставување на членовите на бендот и прашањето „дали сакате уште“ по што забавата продолжи. Во вториот час од концертот највпечатливи беа баладите како што се Nothing’s Gonna Change My Love for You, The Greatest Love of All, In Your Eyes“, You Are the Love of My Life, на кои дел од публиката го осветлуваше Античкиот театар со своите мобилни телефони, а дел беше во прегратките на своите партнери.Бенсон можеби е и првиот музичар што настапува во Античкиот театар, а кој се пошегува и со сите што беа над и околу театарот и бесплатно го следеа концертот, што е вообичаена практика за сите концерти што се одржуваат таму.

- Некој треба да почне да им собира пари на луѓето од куќите горе. Педесет концерти годишно? О, па тоа се навистина многу пари - рече тој, по што наиде на смеа кај публиката, чиј добар дел за волја на вистината претходно коментираше за високата цена на влезниците - од 2.000 и од 3.000 денари. Меѓу публиката имаше и многу познати личности, а особено многу македонски пејачи и музичари. Во Античкиот театар беше присутен и претседателот Ѓорге Иванов со својата сопруга.Останува впечаток дека Бенсон и неговиот бенд во речиси два часа успеаја да направат вечер за паметење на присутните и надеж за уште вакви имиња во нашата земја. Концертот беше дел од неговата летна европска турнеја на која ги изведува своите најголеми хитови, дел од оф-програмата на Охридско лето и дел од серијата настапи на проектот „Културен шок“ во организација на „Авалон продукција“. На 7 јули во Скопје настапи Дејвид Брн, а за 20 ноември е најавен концертот на џезерката Дајана Крол.

Текст - Јован Постолоски

Фото - Дарио Јанковиќ

(Текстот е објавен во дневниот весник Дневник на 27 07 2009)

No comments:

Post a Comment