Полни плажи, чаршија и кафулиња и километарски колони од автомобили од плажите кон градот е сликата на Охрид од минатиот викенд. Шпицот на сезоната конечно почна. Низ градот има многу забави, познати личности, печена пченка, бижутерија, промоции, кловнови, музичари, сликари, циркус... Низ градот се слушаат многу дијалекти, но и многу јазици од кои најчест е српскиот. И без да ги прашате хотелиерите и станоиздавачите, може да заклучите дека српските туристи деновиве се најмногубројни во Охрид.
А само ден-два пред викендот впечатокот беше сосема различен. Ја немаше раздвиженоста, а плажите и угостителските објекти беа полупразни. Размислувањата се поделени, едни велат дека конечно почнала туристичката сезона, а другите дека Охрид ова лето може да се пофали само со викенд-туризам, но сите се согласуваат во едно, дека оваа туристичка сезона се очекува да биде посиромашна од претходната за триесетина отсто. Таков е впечатокот и на Дончо Танески, претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија.
Хотелиерите го чекаат август
- Викендов имавме гости што дојдоа заради маратонот и другите настани, но повеќето веќе ги напуштаат хотелите. Минатиот исто така имавме гости заради отворањето на Охридско лето, но и тие беа дојдени на ден-два. Општиот впечаток е дека оваа сезона е послаба од претходната - вели тој.
Тој вели дека нема големи резервации и за периодот што претстои. Повеќето гости, како што вели тој, доаѓаат тука на неопределен период. Кај хотелиерите останува надежта дека август ќе донесе повеќе туристи, а ако тоа не се случи сезоната ќе ја спасуваат веќе закажаните аранжмани во периодот од 15 август до 20 октомври од кои голем дел се семинари. Танески потсетува на барањето од мај со кое хотелиерите и угостителите бараа од Владата да го намали ДДВ од 18 на 5 насто со што би се создале поконкурентни цени во споредба со регионот.
Од градското туристичко биро „Лихнидос“, кое посредува во приватното сместување, се согласуваат дека сезоната е послаба од минатогодишната, но се надеваат дека бранот на туристи што викендов го зафати Охрид означува и почеток на туристичката сезона. За досегашниот период велат дека најголемиот дел од туристите престојувале во викендот, на 2-3 дена. Во приватните капацитети најмногубројни се гостите од Србија, Холандија и од Германија, но, како што велат од „Лихнидос“, сите се жалат на висината на цените. Цената е иста како и во почетокот на месецов со што соби во приватното сместување може да се најдат по 300 денари па нагоре, во зависност од местоположбата и условите.
Концесионерите на плажите исто така полагаат надеж на шпицот на туристичката сезона, односно периодот од еден месец, кој претстои. Илија Џепароски, сопственик на плажата „Корали“, вели дека досегашниот период е задоволителен, но послаб од лани, иако годинава плажите може да се пофалат со подобри услови поради големите вложувања од концесионерите. Во врска со зголемувањето на концесиите, Џепароски вели дека успеале да издејствуваат од Министерството за транспорт и врски да останат истите цени.
- Министерот е млад човек и има разбирање за нас и нашите вложувања и заложби за поубав лик на охридското крајбрежје. Па, оваа година нема да ги зголемат цените за концесии - задоволен е Џепароски.
Спасувачи на сите плажи
Светската економска криза и неконкурентноста на цените во споредба со нашите соседи се посочуваат како најголеми виновници за послабата туристичка сезона. А што се однесува до понудата, таа е навистина богата. Покрај вообичаените секојдневни забави по ноќните клубови и дискотеките, има и целодневни, но и вечерни журови на отворено по охридските плажи. Оваа недела во Охрид гостуваат и неколку диџеи од странство, како и турбо-фолк ѕвезди од нашите северни соседи. Македонските изведувачи се исто така присутни, а Охрид деновиве покрај другото има и циркус, сместен до спортската сала „Билјанини Извори“. Има и богатапонуда на настани од културата секоја вечер во рамките на фестивалот Охридско лето.
По акцијата на Министерството за транспорт и врски и охридската Капетанија од викендов, кога осум плажи беа забранети за капење, завчера сите концесионери потпишаа договори со Црвениот крст од Охрид и поставија спасувачи на плажите. Ако не го направеа тоа им се закануваше одземање на концесијата.
- Очигледно забраната имаше ефект и веќе сите охридски плажи имаат спасители. Продолжуваме со ригорозни контроли и во Охрид, но и во Струга. Таму повеќето плажи немаат спасители, но досега не сме изрекле казни, а ако не постават, ќе се случи и тоа - предупредува капетанот на охридската Капетанија, Љупчо Настоски.Илија Џепароски, концесионер на „Корали“, една од плажите што беше забранета за капење, потврдува дека склучиле договор со Црвен крст, но додава дека не се задоволни од нивните услуги и токму затоа досега немале спасители.
- Плаќаме многу пари, спасителите ни седат по шанковите, а и не се доволно опремени. Ако има давеник на поголема оддалеченост немаат ниту гумен чамец за да стигнат до него. Ние иако немавме ангажирано спасители од Црвениот крст, имавме наши спасители опремени со чамци и глисери и плажата беше безбедна - вели тој.
Последниот случај со давење во Охрид беше предминатиот викенд, кога две момчиња што изнајмиле педалинка се удавија на плажата пред хотелот „Парк“, каде имаше спасители, но не успеале да ги спасат.
Текст - Јован Постолоски
Фото - Дарио Јанковиќ
(Текстот е објавен во дневниот весник Дневник на 22 07 2009)
No comments:
Post a Comment