Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jul 21, 2009

„Нора“ ја остави публиката без зборови

Неколку минути громогласен аплауз и овации поради кои актерите се вратија на повторно поклонување на сцената. Вака беше поздравен крајот на претставата „Нора“, во режија на познатиот Харис Пашовиќ на „East west“ - театарскиот центар од Сараево. Тазе поставената сцена од задната страна на црквата Св. Софија во Охрид беше доволна да ја прими целата публика заинтересирана за претставата, со тоа што останаа и дваесетина празни места. Освен охриѓани, посетители имаше и од други градови, но и многу гости од соседна Србија, кои овој период ги има во голем број во градот. И сите тие си заминаа задоволни, но и со многу отворени прашања за размислување.

Како што велат од театарот, претставата треба да ја гледаат сите што се во брак и сите што планираат да стапат во брак, бидејќи таа еднакво говори и за мажите и за жените, а особено ја третира темата за еманципација на жената. Претставата направена според драмата на Херик Ибзен од 1979 година, говори за млад брачен пар, чиј брак на прв поглед е совршен. Мажот има успешна кариера и многу пари, а жената ужива во трошењето на тие пари бидејќи нивното шушкање најмногу ја возбудува. Имаат и бурен сексуален живот, во што можат да се уверат и гледачите на претставата бидејќи има повеќе еротски сцени, но сепак нивниот брак е далеку од совршен. Како одминува времето така повеќе се откриваат проблемите и лагите со кои живеат и на крај жената тргнува во потрага по својата слобода.

Речиси два и пол часа актерската екипа нуди и смеа и солзи, и среќа и тага, и голотија и еротика, хитови од светската музичка сцена и класична музика, но и многу психолошки елементи. И сето тоа за да докаже дека ослободениот поединец е основата на здравото општество.Театарот „East west“ и режисерот Пашовиќ пред охридската публика настапуваат и вечерва. Ќе ја изведат претставата „Класен непријател“ според прочуениот текст на Нигел Вилијамс. Претставата е актуелна и зборува за соочувањето со се' поголем број млади луѓе што се однесуваат агресивно, наркоманијата е во пораст, пребрзото возење секојдневно има фатални последици за младите луѓе. Кај многу од нив владее чувството на безнадежност. Ова е дело што говори за она што ние го пропуштаме во воспитувањето на младите генерации, зошто тие се оддалечуваат од нас, стануваат груби. Се' почесто се свртуваат кон криминалот. Со дозвола на авторот, режисерот го адаптирал текстот, така што дејството се одвива во едно од средните училишта во БиХ, при што се направени опсежни опсервации на учениците односно младите луѓе. Почетокот е закажан за во 21 часот, во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски“, во близина на Горна порта и црквата Св. Богородица Перивлепта.

Текст - Јован Постолоски

Фото - Маја Златевска

(Текстот е објавен во дневниот весник Дневник на 21 07 2009)

No comments:

Post a Comment