Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Sep 10, 2009

Како си го поминав летниот распуст...

Прв школски ден. Модерно опремена училница во жална Македонија. Компјутер за секое дете и амбиции тоа дете да завршит два факултети и на крај да завршит во оние триеснешо посто невработени или во пубав случај растоварајќи камиони со дрва. Состав на тема „Како си го поминав летниот распуст“. Прв станвит да читат Трајче – „Јас ова лето си го поминав убо. На моменти и многу убо. Годинава не ојдов ни на езеро, ни на море, ни на планина поради реконструкцијата на партијата и поради то шо шефот рече дека ова лето ќе бит жешко и работно. Зато јас летово претежно бев во штабон и таму се дружев со другите партиски другарчиња од младината. Пошо немаше клима стварно беше жешко а пошо немавме плакати за лепење не беше баш најработно. Во јуни и негде до средината на јули чекав да видам шо функција ќе ми дајт шефот и на 17-ти јули ми даде глумец во комедија да бидам. И така јас пресреќен цел јули и август со другарчињата од младината ја вежбавме претставата и последниот викенд од распустот конечно ги викнавме чичковцине со камерине, ги однесовме кај Бикон и ја изведовме претставата. Не знам з`ш немаше аплауз ама шефот ни рече дека сме биле најубај. Кога ќе пораснам сакам да бидам партиски полтрон!“

После Трајчета, втор за читање излегвит Александар, онај шо е најголем и највисок од сите во училницана. Аце вака пишит – „Јас ова лето си го поминав убо. Малку фалеше за да ми бит најубо. Женска не фатив пошо мама ми рече дека женските биле покварени и расипани и зато јас не и вервам на никоја. Само на шефон му вервам. Зато цело лето си го поминав дружејќи се со другарчињата од штабот. Неколку дена бев и на море Грција ама за то не смеам да зборвам пошо нашата партија е патриотска и одењето во Грција ни е забрането. Едно време бев тро исплашен да не си поднесам оставка поради лични причини ама убо поминав и ја преживеав епидемијата шо беше кај нас в партија. Најголемото достигнување за летово ми е то од последниов викенд од распустот ко не викна шефот в штаб, ние шо сме најредовните таму. Од ко му бацивме рака не пикна во едно комбе и не однесе пред некоја фабрика, не знам ни како се викаше ни за шо беше, ама шефот ни рече дека Бранко бил крив за нејзе. После ни остаде едно ливче и се скри таму зад една грмушка да ѕиркат а ние почекавме некое време па дојдоја чичковци со камери а јас се насмеав и го прочитав то шо беше напишано на ливчето. Од многу возбуда напрајв и неколку грешки и не памтам шо читав, ама баба ми рече дека ме гледала на телевизија и дека сум бил најубав. Кога ќе пораснам сакам да бидам партиски полтрон!“

Трет по ред за читање беше Филип Комитана шо имал пишано за некој натпревар и некој мост кај шо се гаѓал со камења ама штета, ѕвона ѕвончето и остана составот непрочитан. Ама бар овие од Трајче и од Аце беа интересни. Само не знам з`ш Трајче рече дека глумел во комедија ко сите колективно сме дел од една голема трагикомедија ама ајде, нека си замислуват тој така. Баш убо е да видиш како некои дечки наместо како сите нормални бркет женски, изигравет мајмуни на улица во име на партијата. А пак то шо го зборвет... ко Бичиклиски да ги учел и едните и другите.

Интересни се уствари нашиве политичари и полтрони. Никој не кажвит шо напрајле тие убо за државава. Си кажвет како другиве ја сјебале. Излегвет едниве и кажват дека другиве ја украле цела држава. После еден сат излегват другиве и одма демант – „Аааааа цела, цела... така ги лажите луѓево, мислите тие не гледет шо се дешават. Не лажи море, кај сме ја украле цела, ам то шо ви го остадовме на вас да го украдите, то не се важит? А? А? А?“ И гледаш за пола сат во редакција ти стигвит факс а во него демант на демантот – „Шо ни остадовте бе, оди бегај таму, нели требеше да ни ја остајте ЕСМ ние да ја продајме, ама не заебавте, само Телекомон ни го остадовте.“ После то стигвит смс во редакција – „за пола сат изјава на нога пред штабон од партијана“. А таму продолжвит шпанскава серија – „Колку години бевме ние на власт, ако сакавме можевме цела држава да ја ограбиме, за вас ништо да не остајме, ама ние демек арни да се напрајме, да ви остајме нешто и вас, ама вие ептен сте биле неблагодарни. Да знаевме дека вака нефер ќе испадните...“

Од еден штаб во друг, од едно соопштение преку друго, од еден демант кон трет... И така цел ден работно. Да ти е ќејф да си новинар, ојш во редакција, палиш колата и возиш цел ден на релација ВМРО-СДСМ и имаш материјал за пола вести да ги пополниш. За другата полојна сигурно некој ќе се убиет, некој ќе ограбит банка и ќе заминит Косово и никој не ќе го видит и ете ти, вести за мерак. А, да, и ко спешл гест стар го имаш премиерон кај шо фрлат лопати.

Ама ми се чинит, најубо им е на новинарине шо го пратат Џолета, прецедателон наш. Поради него ќе прошетет на места на кој шо никогаш не би им текнало претходно. Ако не беше Џоле никогаш на никој новинар не ќе му текнеше да појт во некоја нива и да снимат стенд-ап пред некоја дупка шо се замислуват дека е бунар. А и да му текнеше на некој да појт таму сигурно не ќе знаеше да кажит како Павле ми пиел, не вино ем ракија, туку вода, античка, македонска, онаа шо ја пиеле Македоноидите од кои потекнуват белата раса. Ама барем не се секирам за Џолета. И утре да го избркет од работа, ќе мојт да си се вработит хонорарно во МТВ и да прајт прилози за „Отворено со џебот на народот“ на Томиќ и да земат дел од 90-те илјади еврулиња. Ќе земвит камерман и ќе барат дупки по ливадине, ќе ѕиркат во нив, и ќе кажвит приказни. Така барем немат да имат досадни новинари шо ги интересират нешто за сегашноста и за иднината на државава античка. Запнале, името та името. Џоле за Павлета ви раскажвит, вие сте се фатиле за името. Џоле бајки ви продават, вие одма со прашањата... Џоле за малку в бунар шо не пропадна, вие микрофоните... Јас стварно не знам кого го интересират како ќе се викаме, или дали ќе влезиме во ЕУ и НАТО, или дали ќе имат утре шо да јајме. Се знајт бе брат шо ни е најважно – од која дупка Павле вода ми пиел!

Сега чекам некој ден да видам топ вест на денот – „Претседателот во Свирипичино ја откри ливадата каде Црвенкапа го сретнала волкот лош!“ И собрани новинариве околу Џолета во некоја полјанка, а тој берит љубичици и раскажвит како Црвенкапа тука си шетала одејќи накај баба и со кошничката со топол оброк земен од народната кујна шо ја отворила партијава од која беше предложен ко најнезавиен кандидат. И така наеднаш излегол волкот и ја излажал. После ги носит до некоја распадната куќарка во селото и раскажвит како волкот преправен како Црвенкапа и со предизборни ветувања дека ќе ја попрајт економијата и ќе и дајт субвенции за зарзаватот в бавча, влегол и ја изел бабата, па после дошла Црвенкапа... И од ко ќе им ја раскажит ќе дајт и една изјава така посериозна – „ Самото присуство на извориштето на местото каде се случил овој настан кој е еден силен доказ дека волкот живеел и работел во времето на Античка Македонија ни создава и обврска и ние како земја тоа да го промовираме, да го чуваме и да го негуваме...“

Ама џабе Џоле ќе се мачит ко пак ќе имат некоја невоспитана новинарка да го прашат за името... или за луѓено шо рошкет по контејнерине. Ама Џоле еднаш кажа, мојт и пак да и кажит. Прашања на шести септември! И немат Џоле намера да се расправат со некои си обични новинари. Главни уредници бе брат! Прецедател е или шо е? На обични новинари мојт приказни да им раскажвит, за државнички прашања ќе прајт муабет со главните. А и кај мојт в нива да знајт шо да кажит. Ко ќе е в телевизија мојт и да побарат помош од шефот, уствари од пријател. Мојт и да закаснит и да дојт на пола сат пред изборниот молк и да немат време да го прашет за името. Ќе речит дека бил Паљурци да се помолит на бунарот од Павлета. И ак се побунит некој уредник одма ќе му објаснит Џоле – „Тие што зло мислат и зло прават, и прашања овоземски поставуваат, зло ги снаоѓа. Кога-тогаш. Ако не сега, до седмо колено зло ќе ги следи.“ И на крај ќе им дајт еден речник кај шо е објаснато шо е разумен компромис и ќе си заминит.

Зато јас ги откажав сите обврски шо ги имав за шести септември и ќе го чекам Џолета на телевизија да видам која приказна ќе ни ја кажит. И после емисијата мојт да склучит договор со МТВ во паузите меѓу два владино-кампањски рекламни блокови да кажвит приказни и бајки за гладни народни маси. Од толку шо се возбудив чекајќи го шести септември дури заборајв и да го гледам Охрид-Фест минатата недела во Охрид. А гледам жестоко било. На Маја Вукичевиќ и ветиле местенка за да влезит во финалето ама во последен момент ја заебале. И Маја одма со закани – Ќе ви го пуштам бато да ве натепат, или ќе ве кажам на премиерон, мислите не се знам со него, а?

А премиерон викендов беше Канада. Не застанвит со ветувања. Пошо кај нас немат вонредни избори и немат на кого да му ветуват, таму на нашинците им ветувал дека ќе можеле да гласет на следните избори. И овие од толку шо му повервале и шо се израдвеле му купиле торта роденденска и му пееле „Среќен роденден, мистер премиер“ и после му се фрлиле да се сликет со него. Ѕвезда бе брат, ѕвезда. Такви се политичариве наши. Од ко ќе ги заокружиш на ливчено за избори, после мојш само да се сликаш...

(Авторот е пред телевизорон, го чекат шести септември)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 03 09 2009)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 10 09 2009 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 15 09 2009 )

No comments:

Post a Comment