Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Nov 25, 2009

Враќање од иднината

Светло, СТОП. Крајот на тунелот, СТОП. Усвоена резолуцијата за укинување на визниот режим, СТОП. Среќа, СТОП. Радост, СТОП. Пакувам куфери, СТОП. Идам, СТОП. Трчам, СТОП. Летам, СТОП. О Европа, СТОП. Оу јеа, СТОП. 19 декмври, СТОП. На граница, СТОП. Е з`ш СТОП?

- З`ш ова не е телеграма бре. И з`ш не планирам да пуштам секакви голтари без пари во Европа. Дај џебојте ваму да видам.

- Ама чичко граничар... Ама јас едвај чекав да дојт овој свечен, сончев, волшебен, себеспознавачки, в небовоздигнувачки, круцијалнозначенички деветнајсто-декемвриски ден „Д“... Ама јас уште од летото ги имав спакувано куферите и го чекав денов за да можам да забегам шо подалеку од овде и ни око да не свртам наназад. Ама јас...

- Ама ти немаш е..н денар в џеб за да можам да те пуштам...

- Е да ми извиниш, ама такви денари имаме колку да сакаме кај нас, сите ги онаквивме . Ние државава ја онаквивме, за некој книџиња било проблем...

Пауза. Тишина. Црн екран. Големи црвени букви на него – „Враќање од иднината“. Продорен машки глас – „Наскоро... на граничните премини блиску до вас... Не пропуштајте!!!“.

А така! Се надевам ви се свиѓат трејлеров за новиов македонски филм во европска копродукција. Се викат „Враќање од иднината“ и се работит за истинита прича чие дејствие се случвит на граничен премин и во која граничарот ве враќат од вашата замислувана и посакувана светла иднина за живот далеку од античкиве убајни. Ако не ти се свиѓат трејлеров, тогаш можда ќе ти се свиѓат филмот кој е многу веројатно дека мојт да го видиш и ти. И една инсајдерска информација – имаше и едно алтернативно сценарио за филмов во кое напатеново Македонче го пуштет во Европа и таму сваќат дека се заебало уш појќе ама решивме да ојме со ова сценарио за да му ги скратиме маките уште од почеток.

Ко на Демостенине шо им ги скратија маките уште непочнати. И Вмровцине и Сдсмовцине одма ги изетикетираја убо, ко шо си е редот, з`ш во државава ако немаш етикета ти е ко да не си заведен во Матична книга на родени. Таков е адетот, шо би рекла баба ми, која, со оглед на то шо не е нешо многу многу образована многу убо знајт шо зборвит. А овие од „Демос“ се даааааалеку пообразовани и уш пубо знает.

Прво излегвит Нано Ружин и викат - „Наша единствена цел е да се победи ВМРО-ДПМНЕ. Но, и биполаризмот е лоша опција. Веројатно третата опција пред да се формира треба да помине низ транзиција“. Аха, значи Демостениве планирет да ги победат властодршциве ама истовремено викет и дека само вртењето на ВМРО и СДСМ 20 години во круг е лоша работа. Добро... значит, сакат да кажит – ќе прерасниме во политичка партија и ќе го победиме Вмровциве па ќе плачат заедно со Сдсмовцине. ОК, со среќа дечки, убо шо ви текнало...

Еве и Ѓорѓи Спасов се слагат со него. Викат - „Идејата на „Демос“ е да отвориме простор за критичко мислење, да има услови за дебата помеѓу интелектуалците и политичарите од разни политички партии, која нема да зависи од милоста на Груевски и од волјата на Бранко Црвенковски. „Демос“ нема амбиции да се трансформира во политичка партија и нема никаква врска со најавите за формирање на нова опција наречена Трет пат“.

Чекај, чекај, чекај малце... Ружин викат ќе се трансформирал во партија, Спасов викат не. И ај сеа, на кого да му вервам јас... Ах, еве ми ја Шеќеринска. Таа ќе ми објаснит најубо.

- „Демос“ според сите документи, и според сите информации коишто ги добив, не беше формиран за да владее, туку за да помага на политичката алтернатива во Македонија. И се додека тоа е така, јас ќе бидам член на Советодавниот одбор на „Демос“ – Радмила Шеќеринска – завршен цитат.

Значи, чекај уш еднаш... Ружин викат дека имало шанси „Демос“ да станит политичка партија, Спасов викат – каква партија, шо ви е вас, да не сте будали, и Шеќеринска која е член на Советодавниот одбор се спремат за новинарка. И фалеше уште да кажит „од анонимни извори блиски на Советодавниот одбор на „Демос“ дознаваме дека институтот нема да прерасне во политичка партија“. „Ама какви анонимни извори госпоѓо Шеќеринска, па вие сте дел од Советодавниот одбор, да не се зезате вие со нас случајно?“ „Ееееееј, да бееееее, па јас стварно сум дел од Советодавниот одбор... Па... видете вака... се враќаме по рекламите...“

А во рекламине се е розево. Посебно во оние портокалевине шо одат 24/7 на МТВ. А по рекламите сцена трета. Чичкото премиер со 20.000 контејнери до него. Кој од кој поличен. Генерална проба за прославата на плоштад ко ќе се менит името со 20.000 задоволни Северномакедонци в публика. Ќејфој! И изјава за името пред контејнер, така симболично. За да се знајт кај ќе завршит на крај. Петокраката веќе заврши. Ја видов, умираше зафрлена во еден контејнер на 36 чекори северно од Колета. Последните зборој и беа „ве молам... не убивајте... не убивајте ги... моите жолти дру... другарки.. од знамето на Европска...“. Иту го кажа ова баш филмски, неразбирливо. Дури отпосле разбрав дека стратегијата на властодршциве била ко ќе сме влезеле во ЕУда ги тргниме сите ѕвезди од знамено нивно, да им помогниме, да ги ослободиме од старите бремиња. И така ти викам... почнав да и објаснувам дека мораше да го напрајме то з`ш петокраката ни беше најголемиот проблем и кочница на преродбеничкиот прогрес на државава и дека дури 20 години сме го мислеле новово решение и дека сега грбот ни е каде-каде пубав, а инспирацијата сме ја нашле во јајцето кое пак е извор на животот како што и Македонија е непресушен извор на будали... ама ништо, испушти душа кутра петокрака, остана в контејнер дур Коле пред нејзе објаснуваше дека Бранко и Грчиштана се криви за све.

Ау да, и медиумине се криви. Како не им е срам бре! За Раскољников прво кажвеа дека бил првенец на генерација и учено дете, па после мајка му викаше дека то не било точно. Срамота! Само да се лажело. Еве, и Гоца се слагат со мене. Им го плесна на новинарине во фаца. Им рече дека медиумите кажвеле шпекулации за случајот.

- Пријавата против Карамарков судот ја прифати, а за случајот не е важно каде тој учел и дали бил најдобар ученик во генерацијата бидејќи тоа тој и го кажал на полицијата по апсењето – викат Гоца.

Видиш, паметно зборвит, шо е битно кај учел и дали бил најдобар ил најлош. Шпекулатори едни невоспитани! Само уште да знам од кај ви имат текнато то па да го лажите народов... Упс... тој тоа и го кажал на полицијата по апсењето? А полицијата то им го кажала на медиумите и тие то му го пренесле на народов? Ииииииих безобразниииииии! Иииииих преварантииииииии! Како не ви е срам бре! Како смејте така да пренесвите информации даени од полиција. Шо мислите вие, полицијана МВР да не е, па да мојте да ги сметате за веродостојни информациите даени од таму, а? За друг пат да си знајте, да си прашвите во МВР, тие знает, остајте ги полицајцине, глупи се тие, можат да ве излажат. Прости им Гоцо на колегиве мои, не знает шо прает, и не знает шо зборвет. Цела среќа кај шо си тука да им кажиш.

А јас да ви кажам право, многу и се радвам на оваа Нова Година. Освен промоцијата на филмот од почетокот на текстов уште нешо ни се дешават. Уште едно светло на крајот од тунелот за напатеното Македонче. Уште еден автобус на перонот за неповрат. Муабетот е дека од оваа Нова Година пак ќе имат лотарија во државава. И бинго, и лото, и све по список, и тоа државни. Конечно! Конечно ќе се решат проблемите на третината од населениево шо немат работа. Конечно ќе имат пари за сите. Ова е дефинитивно то шо ни требеше во државава. Супер. Прекрасно. Значит, следната 2010 година нудит три начини на решавање на проблемите. Првиот (технички, според времето ко ќе дојт е трет али...) е да се фрлите од новион мост „Око“ шо ќе никнит на три кома седумнајс чекори од Камени. Вториот е да играте бинго и да ви паднит џек пот. А третиот е да забегате шо подалеку од овде, освен ако не го видите филмот шо ви го раскажав на почеток. А ако успејте да го избегните, дозволете да ви ја пренесам препоракава од Твитер - По повод паѓањето на Шенгенскиот ѕид, се замолува последниот Македонец кој што ќе излезе од државава да не заборави да го изгасне светлото.

(Авторот спремат црвено-жолти куфери... патриотски!)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 19 11 2009 )

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 26 11 2009 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 01 12 2009 )

No comments:

Post a Comment