Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jan 12, 2010

Сега му е мајката за... Лаптоп

(постар текст)

Минатата недела му беше мајката за пуштање мустаќи а оваа ја прогласуваме за недела на лаптопите. Доколку сеуште не сте пуштиле брк тогаш послушајте го новиот совет за купување лаптоп па потоа и така ќе сте возбудени и преокупирани со новиот лаптоп па нема да имате време за бричење. А следната недела, откако ќе го купите новиот број на весников, избричете ја само брадата а оставете ги мустаќите. Тогаш ќе сте комплетен фраер – со мустаќи и лаптоп. Зошто мустаќи, ви кажавме. Редно е да ви кажеме и зошто лаптоп.

Па... најпрво бидејќи е фраерски а секој сака да биде фраер, нели. Фраер е и авторот на овие две страници бидејќи токму овој текст е пишуван на лаптоп при скок со падобран од новите авиони за гаснење снег, пардон, пожари. И, што би можеле да заклучите од претходно-реченично-наведеното освен фраерскиот дел? Дека авиони за гаснење пожари се набавуваат пред да почне летото и сезоната на пожари и притоа треба да се има и обучени луѓе кои би ги возеле истите а не само пилоти од Шпанија кои би свртеле две три кругчиња за пред камери? Да, можете да го заклучите тоа, а можете да заклучите и дека лаптопот ви овозможува максимална мобилност и слобода во движењето. Ако не ми верувате пробајте да пишувате нешто на вашиот десктоп компјутер додекате летате со падобран. Откако ќе пробате вратете се и дочитајте го остатоков од текстов.

А во остатокот од текстот уште еднаш – авторот е фраер а фраери се и останатите луѓе кои го прават овој магазин бидејќи сето она што го читате на овие страници е напишано на лаптопи на најразлични локации. Да бевме дневен весник за ставовите на премиерот за името ќе известувавме директно од контејнер, еден од оние 20.000 пред кои премиерот даваше изјави за спорот. А и не мора да сте новинар за да бидете фраер со лаптоп. Многу често гледаме луѓе кои со лаптоп одат на кафе со своите пријатели или со своите дечко или девојка. И така седнати еден спроти друг наместо да предизвикуваат осудувачки погледи од околината за бакнежи и страсти на јавно место си праќаат вирутелни гушки и бакнежи преку Фејсбук. На крај на келнерката и плаќаат со тоа што и префрлаат чипови на Тексас Холдем Покерот.

http://www.corolus.com/Images/LaptopCouchGirl.jpg

Со оглед на тоа што бесплатни вајарлес интернет зони има насекаде, по кафе-барови, ресторани, трговски центри, па дури и паркови и Старата скопска чаршија, имањето лаптоп е многу поисплатлива варијанта од плаќање интернет по интернет кафеа. А и ќе придонесете за успешноста на проектите на бесплатен интернет на отворено низ главниот град. Дел од зоните се наоѓаат во Градскиот парк како и во паркот Жена – борец но таму ретко можете да видите пензионери како играат шах на лаптоп. Сеуште се употребуваат старите дрвени фигури на уште постарите клупи изгравирани со срциња во чија внатрешност се наоѓаат три букви од кои онаа средната е секогаш „и“.

Доколку немате, шетајќи со лаптопот низ град можете да си фатите и женска. Начините се безбројни а еден од нив е да и покажете колку „лајкови“ имате на вашата најнова фотка на Фејсбук по што и таа ќе посака да ве „лајкне“, нешто за што ќе треба да ве додаде за пријател. Откако сте се „лајкнале“, се е веќе полесно.

Дека имањето лаптоп е фраерско покажува и информацијата од минатата недела која доаѓа од Прилеп. Таму две млади девојки сакајќи да бидат фраерки, украле 2 лаптопа. Тие ноќта меѓу 27 и 28 октомври, шетајќи по улицата Кеј Први мај, ги забележале лаптопите во излогот на продавницата за компјутерска опрема „Твист“. Во нивните глави тогаш светнала идејата да ги украдат компјутерите, но не веднаш, туку решиле првин да се подготват за грабежот.

- Двете осомничени отишле во домот на едната од нив, се пресоблекле, зеле две црни маски-фантомки и по извесно време се вратиле пред продавницата - велат од полицијата.

Девојките ги украле компјутерите од излогот, кршејќи го стаклото, но начинот на кој го сториле тоа е по малку комичен. Прво се обидела едната девојка со камен да го искрши стаклото од излогот, но откако не успеала, каменот го зела нејзината помлада пријателка и го удрила од стаклото. Но пак ништо, излогот останал како недопрен. Бариерата што ги делела девојките од нивниот плен, на крајот паднала во парчиња, кога двете во исто време удриле со нозете во стаклото – пренесува Нова Македонија.

http://aura0.gaia.com/photos/30/293294/large/LaptopAdventure.jpg

Оваа возбудлива прилепска прикаска потсетува на онаа на советниците од скопската општина Кисела Вода. Паметните чичковци и тетки таму (фраери з.н.) решија да си ги задржат лаптопите кои им беа дадени на користење кога ја напуштаа функцијата пролетва. Бидејќи платите што ги земале биле премногу мали, немале пари за да си купат свои ги зеле општинските и сеуште не ги враќаат и се големи фраери со нив. Новите советници пак донесоа заклучок дека треба да се набават нови компјутери ако наскоро не бидат вратени присвоените.

За фраерското кај лаптопите говори и тоа што два од приватните универзитети ги користат за да привлечат студенти кај себе. Се работи за ФОН и Европскиот Универзитет. А ни владата не заостанува кај трендот. Нема кој не чул за проектот „компјутер за секое дете“. Нема да зборуваме за успешноста, но ќе дадеме забелешка дека десктопите не се доволно фраерски но затоа пак владата се покажува кај прво, второ и третоодделенците на кои им дава мали лаптопи. Со нив беа израдувани учениците во основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје на крајот на минатиот месец. Таму премиерот Груевски информираше дека половина од компјутерите од претпоследната набавка се веќе распределени, а останатите ќе се поделат во текот на месецов. Покрај лаптопите за малите ученичиња, владата ќе подели и лаптопи за наставниците и професорите во сите училишта низ Македонија со што нашето образование ќе стане фраерско во целост. Тоа што најголемиот дел од наставничкиот и професорски кадар не знае да работи а и не сака да научи е друг муабет.

http://www.funny-potato.com/images/computers/laptop/egg-laptop.jpg

За фраерското во кај поседувањето лаптоп на листава го додаваме и фактот што со лаптопот можете да продолжите со работата дури и во вецето, седејќи на шолјата. Далеку пофраерско од читањето весници. Така, нема да изгубите ниту дел од работниот ден, секако, доколку сте толку многу загреани за работа, а и ќе допринесете за вашите колеги да ве гледаат почудно од вообичаено. Во секој случај ќе бидете фраер. Со лаптоп можете дури и не одите на работа и да работите од дома. Ќе речете дека тоа може и со обичен десктоп компјутер но можностите кај лаптопот се граничат со бесконечност. Така, најзагрозените видови воркохолици ќе можат да се посветуваат на работата дури и кога се во кревет со своите партнери помеѓу две партии.

Во прилог на ова оди и едно истражување спроведено во Велика Британија според кое скоро две третини од Британците кога би требало да бираат помеѓу својот компјутер или својот партнер го одбираат компјутерот и се гушкаат со него. А ако е десктоп не можете да се гушкате, нели... има премногу големи делови кои не би можеле да ги опфатите во една гушка. Резултатите велат дека дури 37 проценти од испитаниците го земаат својот лаптоп на пауза со себе. Младите најчесто го користат за проверување на профилот на Фејсбук и комуникација со пријателите додека луѓето постари од 50 години си го носат својот лаптоп на одмор и преку него откриваат повеќе за местата кои ги посетуваат.

А со многуте бесплатни интернет зони како и усб-стикчињата кои ги нудат мобилните оператори интернет конекцијата може да се оствари буквално секаде. За среќа нашите министри и пратеници имаат интернет во Владата и Собранието па нема потреба да издвојуваат и дополнителни пари за такво нешто од својот тенок џеб. Тие исто така активно ги користат. Владата најмногу на отворените седници кои се пренесуваат и репризираат како шпанска серија на Собранискиот канал, а пратениците на своите седници кои исто така се пренесуваат на тој канал.

Во една дебата која зборуваше за односот помеѓу пратениците и новинарите дознавме и дека дел од пратениците своите лаптопи ги користеле за да гледаат порнографски материјали за времетраење на седниците. Тоа веројатно е поврзано со муабетот за Британците кои повеќе ги љубат своите компјутери отколку своите партнери. Е сега, со оглед на тоа што недостигот од секс може негативно да влијае врз работните резултати, ваквата замена кај нашите народни избраници, ќе се сложите, е прекрасна и допринесува за попаметни одлуки од кои државата ни цвета и мириса како јоргован. Ете, така, фраерски и со „хепи енд“ ја завршуваме нашата приказна и убедување да си набавите лаптоп доколку сеуште не сте го направиле тоа.

Сега им кликаме „сејв ес“ на овие две страници и преку лаптопот ги пуштаме на печатење за вие да можете да ги прочитате. Ах, па вие веќе сте го направиле тоа...

(Текстот е објавен во неделникот Сега на 19 11 2009)

No comments:

Post a Comment