Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jan 6, 2010

Писмо по гулаб до Дедо Мраз

(првиот дел)

Кај си бе Дедо Мразу бе, љубави стара. Знам дека со нетрпение го чекаше мејлот мој ама јас да ти кажам право си имав нешо проблеми со компјутерот. Таман го напишав и кликам ентер да го пратам, кога ми викат – ерор, сајт нот фаунд, преродбата продолжува, проект на владата на Р.М. И ај шо ќе прам, зедов, го препишав писмото, се потпишав своерачно и ојдов да барам гулаби. Ќути среќа, комшијана Перо имат гулабарник па му го украдов гулабов, му го стајв писмово в џеб, му дадов пеефче едно кафе да пиет, и го пратив да те барат по светов. Шом го читаш ова, значи си го добил.

Е сега... во мејлот шо ти го пратив минатиот четврток ти објаснував шо се дешаваше во државава наша најуба во првата полојна на 2009, до јуни, а сега ќе ти раскажвам за втората полојна. Ако ти теквит, на крајот од мејлот ти го спомнав Трајко Славевски со изјавата дека Македонија ќе подвлезела тро во рецесија во вториот квартал. Ама пошо во никаква рецесија нит сме влегле, нит ќе влезиме, Коле го избрка Трајчета од министерската позиција. И иако пред то новинарине му викаа дека ќе го избркат, тој викаше дека немало шанси и глумеше Анџелина Џоли. И на крај од ко сфати дека госпоѓа Џоли си го сакат господин Пит, а не него, си замина, ама на крај, со спакувани куфери кажа дека требело под итно да се напрајт ребаланс на буџетот или држава ќе заминела во банкрот. Е добро де, тогаш му текнало на чоекот, тогаш кажал. Шо имат врска шо дотогаш бил министер за финансии и шо буџетот бил во негова надлежност...

Ама Дедо Мразу, да ти кажам право, Трајче ич не беше умно дете. Дури неговите другарчиња така спонтано пишеа оставки, тој така си седеше и чекаше друг да му дајт оставка. Ич не е спонтан, да ти кажам право, и не заслужвит пакетче. Неговото пакетче да им го поделиш на бившиот вицепрепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, бившиот министер за образование, Перо Стојановски, за земјоделство Ацо Спасеновски, и неговиот заменик Христијан Делев, како и на бившиот генерален секретар на Владата, Стојан Тодоров. По едно пакетче заслужвет и новите луѓе шо дојдоа на овие позиции ама гледај најголемото пакетче да му го дајш на министерон за образование Тодоров, и гледај во него да имат некое лаптопче со македонска поддршка за да не пишит си-вија на латиница и со утнати букви. А така!

Во истиот месец јули, Џоле му даде орден за заслуги за Македонија на Мориконе, чоекот шо рече дека случајно дошол во Македонија и чија единствена заслуга беше отворањето на годинешното Охридско Лето. После за малку и на Ламбета ќе му доделеше помилување, поради оној лошион чичко Бранко, шо му го подметнал во списокот за помилување. Цела среќа шо си го имаме Бичиклиски да ни кажвит такви работи па да не се секираме. Мразу, пази се и ти, опасен е овој Бранко, мојт да ти подметнит некоја бомба во пакетчињата шо ги носиш, па да настрадаш и ти и ирвасите. Зато најубо ти е да си го зејш Бичиклиски за ирвас и мирна глата...

После, дедо, во август, покрај сите ѕвезди шо ги си имаме во државичево, се појави уш една. Спаска Митрева е ѕвездата и со нејзе си се забавувавме цеееел месец. Е добро, во меѓувреме сите партии, кабинети на претседатели и државни архиви го бараа Рамковниот договор ама никој не успеа да го најт, али то не е нешо многу значајно пошо и не е некој значаен документ шо напрајл големи промени па да се чуват. После и на дечкине шо сакаа да го гледет фудбалскиот меч – Македонија – Шпанија им напрајвме да им е интересно и да си се подружат пред билетарници дур чекет да сменет билети и дур паѓет во несвест поради убајте температури. После то едни други дечки шо гледаа фудбал тргнаа да покажвет меѓуетничка љубов и толеранција во Нерези.

Пред почетокот на учебната година детето на кое требит да му донесиш лаптоп со македонска поддршка објави дека ќе им дават бесплатни учебници на сите ученици од основните и средни училишта во државава. И пошо е многу дарежлив уште им дават, се до Нова Година и второ полугодие, и по малку ти навлегвит во твоите надлежности, али аку, нека дават, нека си учат децана, па после да пишат си-вија пола-пола, и на кирилица и на латиница. Кога сме веќе кај децата и образованието, на почетокот на учебната година се отпуштија над 1.000 наставници, од кои повеќето со поголемо работно искуство и експресно се вработија нови, се со цел поуспешно да се преродуваме.

На почетокот на септември во Охрид потона и Илинден и освен то шо загубивме 15 животи, добивме и нов херој. Херојот се викат Миле Морал и во овој момент го прогласвам за најморален чоек за минатата 2009-та година. На Милета му го пуштам и дедо Блаже Ристовски, да му прајт друштво на тронот на луѓето кои оставиле најголем печат на годинава шо си заминвит. Да не беше неговата енциклопедија јас стварно не знам шо ќе праевме цел септември, па и дел од октомври. Вака си листавме и си баравме кого го имат а кого не, броевме кој колку реда имат, кој е шиптар а кој планинец... После во октомври го избркаа од уредничката позиција на енциклопедијата и сега нова ќе прает. Се надевам дека пак ќе имат со шо да си се забавуваме ко ќе ја напишат.

Во меѓувреме за подобро место на грбот се бореа лавот, орелот и петокраката. Никој не победи. Само петокраката изгуби и сеа си имаме јајцевиден грб. Изгореа и конаците во Бигорски, и сега граѓаниве македонски збирет пари за пак да се изградат. Парите од МПЦ се чувет за нови цркви, шо ќе им е гајле за старите... И на чичко Обама ич не му е гајле. Си доби Нобелова за мир во време на војна. И за да ја оправдат го зголеми и бројот на војниците во Авганистан. Точно Дедо Мраз, баш како што и размислуваш. Не е за пакетче тој. За пакетче на пример, ти е Медо, новион студентски лидер, кој тргна да ги водит студентиве кон посветла иднина, по стапките на Самоил. Моментално со студентите е стигнат до пред седиштено на ЕУ во Скопје и таму ја пцујат Европа. Студентите му се од оние повозраснине, собрани со автобувчиња од по државава, онаму кај шо имат дисперзирани студии... штабој шо ги викет. Добро, то беше сега во декември ко не ни дадоа датум, а тогаш ко го избраа него ни дадоа, ама препорака за старт на преговори. Истиот месец и Албанија и Косово ги сакаа моштите од Мајка Тереза од Индија ама не ги добија, ни едните ни другите. Битно си поиграа малку со нив, ко на пазар...

Минатиов месец сите си се плашевме од свинскиов грип и шетавме со маски по улици а сега ко дојдоа вакцините никој не се плашит и не ојт да се вакцинират. Дедо Мразу, ако планираш да носиш свински грип, уште од сега да ти кажам да не се мачиш пошо ич не му се плашиме да ти кажам право. Ко можеше Коле да не се плашит од Ричард Квест на СиЕнЕн, шо останвит за нас. И дедо, аман, заман, гледај да не стигнит писмово до Квест, после ќе требит да му објаснувам шо сум сакал да кажам и дали сум ги делел европските вредности... Кога веќе го спомнав Колета, да ти кажам Дедо Мразу, Коле во ноември дури два пати си се виде со Јорго и сега големи другарчиња си се. Првиот пат во Брисел заедно книги читаа а вториот пат во Преспа риби ловеа.

И дедо, вака ко за крај на годинава, не пуштија да мојме без визи да шетаме по Европана, и зато, ако не ти отворат некој ко ќе ојш да му носиш поклон, да не се секираш, сигурно е негде на шетање заминат. А после шетањето сигурно ќе се вратит со некоја идеја за разубавување на државава и нејзин развој. Ко Коце шо се врати од Париз со идејата за враќање на коцките на плоштад. Поседи и ти овде кај нас појќе време па можда ќе добиеш некоја идеја за унапредување на бизнисот со ногододишни желби и подароци. Уствари најубо ќе ти е да дојш овде за везден, да си ги проживејш пензионерските деној. Таман ќе го фатиш условон од Колета, па можда и на бања ќе те пратит без пари. Не само ти да даваш поклони... Туку дур сме кај поклони, шо ти требеше бе Мразу еден низаеден, да им даваш поклон на ЕВН и на Топлификација та да ни идет сега повисоки сметки за струја и парно... А? Срам те било!

Е сега, за да се оправдаш ќе требит да ми исполниш по некоја желба новогодишна... Да видиме шо викат списокот...

Ко прво, сакам во новата 2010 година секој ден на насловна во Вечер да се појавуват нова листа со предавници, па да се дознает кој се сите предавници кој шо го кочет развојот на државава и воедно патот до европскана иднина и античконо минато. Ако е можно, и на Томиќ да му дајш емисија секој ден со по три репризи следниот ден и да ја зголемиш таксана за МТВ шо требит да ја плаќаме, пошо ептен сме задоволни од програмата шо ни ја нудит. Прашај го Љубе Бошковски да виш колку е задоволен...

Ко второ, да ни ги дуплираш, а ак мојш и труплираш министрине за странски инвестиции пошо постигнувет неверојатно-фантастични резултати и Македонија е веќе инвестициски рај број еден во светов. Истото ако мојт да се напрајт и со рекламине би било уште попрекрасно. И оние по СиЕнЕн шо им кажвет на странцине колку ни е розево, и оние по МТВ шо ни кажвет нас колку ни е розево.

Исто така, Дедо Мраз, би сакал да мојш да ги смениш закониве и да ставиш таму некој член со кој шо сите јавни набавки, тендери и слично, ќе ги добиват Линк Медиа Плус, маркетинг агенцијана шо успешно го украсвит Скопје, набавуват маици и панцири за полицијана и све по список. Бар да е регулирано со закон, а не вака во неизвесност да сме кој ќе го добиет следниот тендер.

Мојш да напрајш и некој закон со кој шо сите граѓани ќе се вработат во државнана администрација. Така сите ќе бидат среќни и задоволни. Само ако планираш да ми ја исполниш желбава, во пакетчињата шо ќе ги носиш по државава реди и по една партиска книшка, за пуба позиција. Дај веќе еднаш да го решиме проблемов со невработеноста. Сите во јавна администрација и готово...

Во пакетчињата шо ќе ги носиш мојш да ставаш и по едно цеде од Колета или од Џолета кај шо објаснувет дека Грција не мразит, дека не сакат да си играт со нас и дека не сакат да се решит проблемот со името.

Сакам и смена на законине шо се за избори. Ако мојт да се средит избори да имаме секоја година. А не вака да сме во исчекување дали ќе имало или не ќе имало предвремени. Така ќе си знајме и не ќе се возбудвиме на секое. Имам и една желба шо не е за мене, ама ако мојш да ја исполниш многу голем ќејф ќе ми напрајш. А и не е тешка – сакам да го смениш седиштето на католичката црква од Ватикан во Паљурци и Џоле да го ставиш за папа. Сакам и да го запознам чоекот шо ги смислуват филмскине имиња на операциине во МВР. Оние де, „Змиско око“, „Бумеранг“, „Пепел“...

Ако не мојш некоја од овие желби да ми исполниш и не е така страшно ама следнава... најважна ми е. А и не само мене туку и на уш три-четвртини Македонија. Слушај ваму Дедо Мраз! Дај види среди работа во 2010 да се земат Шехерезад и господинот Онур и да напрает гооооооолема свадба. Па здравје за 2011 и дечиња... Ете така Дедо Мразу... оди сега фаќај се за работа, пошо имаш многу работа вечерва. Се читаме до година, а јас одам да го чекам први на компјутерон закачен на интернет...

Среќен нов лимит!

(Авторот посакуват да ви се исполнат сите пиперки за Нова Година)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 30 12 2009 )

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 14 01 2010 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 19 01 2010 )

No comments:

Post a Comment