Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Jan 20, 2010

Сега му е мајката... За граѓански активизам

Секоја шега е мала револуција. Што и да е тоа што го уништува достоинството и ги паѓа моќниците од своите удобни фотелји, по можност со силен тресок, е смешно. И колку е посилен тресокот, толку е поголем хуморот. Ова го вели Џорџ Орвел за хуморот како форма на одговор на општествените случувања и погрешните политики на властите.

Една своевидна револуција во последниот период прават тетовчани со серијата протести за решавање на проблемот со најголемата дива депонија во Македонија која се наоѓа кај железничката станица во Тетово, на стотина метри од училиште и детска градинка. Неподносливата смрдеа и можностите од зараза испровоцираа група тетовчани која се нарекува „Свесни и совесни граѓани“ со серија активности да ја анимираат јавноста и надлежните за нивните проблеми.

Тие најпрвин на неколку денови пред новата година на градскиот плоштад накитија новогодишна елка, но наместо лампиони украсите беа отпадоци. Со тоа, како што кажаа, сакаа да покажат какво е нивното секојдневие и како ќе ја дочекаат новата година. А уште во вториот ден од 2010 нивниот Дедо Мраз ги услиши желбите на тетовчани и се појави на градскиот плоштад. Но за разлика од останатите Дедо Мразовци од плоштадите кои нудат фотографирање и пакетчиња и си го наплаќаат тоа, овој Дедо Мраз навистина даваше подароци. Неговите подароци беа тегли со чист воздух, бидејќи, како што рече, тоа била најголемата новогодишна желба на граѓаните на Тетово. Активностите на групата се одвиваа на градскиот плоштад во последната сабота од 2009 и првата од 2010 и освен членовите на групата, ретки беа граѓаните кои им се приклучуваа но веќе минатата сабота организираа и поголем протест на кој се собраа околу 300 граѓани. Тие направија протестен марш насловен како „Будење“ со кој сакаа да ги разбудат одговорните, да го видат нивниот проблем. За таа цел членовите носеа различни инструменти, тенџериња, свирчиња, за со бучавата да ја победат смрдеата. Нивниот марш заврши на дивата депонија каде поставија цвеќе со кое порачаа дека на тоа место сакаат парк и зеленило а не депонија. Здружението на свесни и совесни граѓани најави продолжение на ваквите протести секоја сабота се додека не се реши проблемот а веќе има најави од надлежните дека решението ќе дојде наскоро.



Во услови кога оние кои народот ги плаќа да ги решваат проблемите не го прават тоа, и создаваат нови проблеми, ваквите активности се сосема оправдани. Доколку политичарите или луѓето од јавната администрација не се отворени за проблемите и ставовите на „обичните“ граѓани, протестите се секогаш добар начин за да се покаже дека граѓаните не се само обична гласачка машина која заокружува бројка еднаш на четири (или со трендот на предвремени избори на помалку) години. Протестите и активностите секогаш стигнуваат до медиумите а оттаму и до одговорните па под притисокот на јавноста и новинарите тие мораат да направат нешто или барем да дадат одговор на прашањата.

Се разбира, протестите не секогаш завршуваат славно. Тука ќе го споменеме примерот од 28 март минатата година, кога на плоштадот протестираа студенти од Архитектонскиот факултет и други граѓани, кои беа нападнати од друга група на граѓани, кои, како што кажаа, спонтано се собрале. Тие тогаш беа спречени да го искажат своето мислење за изгледот на плоштадот во главниот град но токму тој настан испровоцира поголема јавна дебата за изградба на верски објекти но и за слободата на говор во државава. На неколку дена по тој протест беше организиран и уште еден поголем наречен „Плоштад слобода“ со кој беше испратена порака против насилството, за остварување на правото на слободно и различно мислење како и правото на слободен протест. Од таму се роди и здружението на граѓани „Плоштад слобода“ кое од тогаш активно реагира на одлуките поврзани со градот Скопје.



Дел од активистите на ова здружение и други млади лица се вклучени во хорот Распеани скопјани и секоја сабота настапуваат со различна песна на различна локација во главниот град. Песните ги избираат во зависност од актуелните случувања и преку нив ги испраќаат своите пораки. Бидејќи не ги најавуваат своите настапи и никој не знае за локацијата на која ќе се појават следната сабота, публика им се само случајните минувачи кои најчесто се чудат што се случува или пак ги прифаќаат и ги снимаат со мобилните телефони. Токму снимањето е клучниот елемент. Тие ги снимаат сите свои настапи и потоа ги закачуваат на видео мрежата Јутјуб. Понатаму видеата се шират преку социјалните мрежи а според бројот на прегледи, пораките кои ги испраќаат стигнуваат до многумина. Нивното најгледано видео има скоро 9.000 прегледи а на него е изведбата на песната Дирлада од групата Меморија пред грчката амбасада во Скопје која зборува за невозможната љубов помеѓу македонец и гркинка поради визните бариери. Како што пишуваат на Јутјуб од хорот, со стиховите „љубовта Јорго нема граници“ го поздравуваат премиерот на Грција, Јоргос Папандреу и сакаат да придонесат во затоплувањето на македонско-грчките односи. Настапот го завршуваат со стиховите од седумдесетите - „Why can`t we be friends?“, или зошто не би можеле да бидеме пријатели?

Првата нивна изведба е на песната Чија си од Славе Димитров, изведена пред МАНУ а алудирајќи на спорната енциклопедија издадена од академијата. По позитивниот извештај на Европската комисија во октомври хорот прославуваше со песната Unite Unite Europe на Тото Котуњо. За денот на ВМРО, Распеаните скопјани застанаа пред музејот на ВМРО кој што е во изградба и ја запеаа детската песничка Ние сме македонци, а хорот со песна одговори и на предизборното ветување на градоначалникот Коце Трајановски за ресетирање на часовникот на Старата железничка станица кој е застанат за време на земјотресот од 1963. Ја испеаа Временска машина од Нокаут и му порачаа на Трајановски, освен ресетирање и изведба на по една народна песна на секој час, да го намести часовникот да врти во обратна насока со што ќе ги врати граѓаните во времето кога се играше на диско ритамот, во барови што работеа до сабајле и продавници кои продаваа алкохол и по 19 часот. Распеаните скопјани го поддржаа и маршот на толеранцијата и на нетолерантните им ги испеаа стиховите „Не сум како тебе, немам иста боја, омразата е твоја, твојата боја...“ на песната Убиј ме од Bernays пропаганда.

Како одговор на сечењето на дрвата од Илинденска Трајановски ја доби изведбата на The Lumberjack Song (песната на дрвосечачот) од Монти Пајтон. Од паркингот позади Соборниот храм ги упатија и свештениците од МПЦ да помогнат сами во обновата на манастирот Св. Јован Бигорски, наместо да бараат пари од граѓаните. Ја пееја и песната Mercedes Benz во која Џенис Џоплин го бара од Господ токму овој автомобил. Утрото на 19 декември, денот кога се случи либерализацијата на визниот режим, хорот во 7 часот од пред владата со песна ги испрати граѓаните кои заминаа на бесплатно патување во Париз. Тие ја пееја песната Freedom од Џорџ Мајкл за да порачаат дека покрај слободата на патувањето, ЕУ гарантира и слобода на изразување.



Последниот настап на групата беше неодамна кога активистите на Плоштад слобода со картонски коцки на главите се појавија на плоштадот и протестираа против идејата на градоначалникот за враќање на коцката. Тие потоа се упатија и до седиштето на Градот каде што му испеаа преработка на народната песна Коце берберот, насловена како Коце таткото низ чиј текст му порачаа дека градот не е само негова сопственост и дека граѓаните треба да бидат консултирани за одлуките поврзани со него. Распеаните скопјани велат дека решиле своите пораки да ги испраќаат само преку новите медиуми на интернет и дека не сакаат да даваат изјави за традиционалните изјави но најавуваат и понатамошни изненадувања на локации низ главниот град. Дека нивните акции се добро прифатени зборуваат и солидните бројки на прегледи на Јутјуб и многуте позитивни коментари. Хорот дури има и поддршка од соседна Србија.

Уште еден од примерите за креативен граѓански активизам доаѓа од минатата година кога пред споменикот на Мајка Тереза на улица Македонија се најде шолја поставена на постамент на кој стоеше напишано „Празнење“, „изработено од Павел Шатев“, како и натписот „Културата на Министерството на РМ“. Иако поставувачот не се појави да каже зошто го направил тоа, лесно може да се заклучи дека гестот претставуваше исмејување со владиниот проект за поставување 35 скулптури во централното градско подрачје. Сепак, властите покажаа дека немаат смисла за хумор и шолјата беше експресно отстранета, што наиде на осуда од Максимилијан Хартмут, историчар на уметноста при Универзитетот „Сабанци“ во Истанбул, на трибина на „Форум Скопје 2009“.

- Златната веце-шолја е уметност. Авторот на ова дело не треба кривично да се гони. Напротив, Република Македонија треба да му даде орден, бидејќи ако немаше ваква реакција ќе се сметаше дека меѓу граѓаните владее песимизам - рече тој а пренесе весникот „Дневник“. Според него, одлуката за распределување десет милиони евра за споменици и статуи преку ноќ без објаснување е постапка што ја потврдува чудноста на целиот проект. А дека постапката им се допаѓа на многумина говори и Фејсбук групата „ Вратете ја шолјата на улица Македонија!!!“ која има близу 4.000 членови.

Ваквите начини на изразување револт се секојдневие и во светот а еден од поистакнатите примери доаѓа од САД каде групата граѓани наречени „Милјардери за Буш“ ја исмеваше политиката на поранешниот претседател. Тие во една прилика за време на партиска конвенција им ставаа лажни пари на полицајците в џеб со благодарност што не ги угнетуваат, а како одговор на војната во Ирак поставуваа штандови на кои бараа од граѓаните да ја дадат својата крв во замена за нафта, нешто што, според нив, всушност и се случувало.

И дефинитивно секој граѓански одговор на случувањата околу него заслужува внимание од јавноста, посебно оние во кои е вложена и креативноста. А веќе помина и првата половина од првиот месец во новата 2010 година. Ние означуваме, а вие дејствувајте – Сега му е мајката за граѓански активизам!

(Текстот е објавен во неделникот Сега на 14 01 2010)
фото 1 - Утрински Весник
фото 2 - Дневник
фото 3 - Јутјуб

No comments:

Post a Comment