Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Dec 23, 2009

Коцка прва класа

Се молат сите бабички кои моментално се бањаат за без пари да земат крпа, да се забришат и да побрзаат до најблиското училиште кај своето внуче за да му го побараат компјутерот шо е за секое дете, па да пишат по еден мејл и да се пријават за во арката на Дедо Николче со реден број 24/7 бидејќи истата тргнува во сабота сабајле на единствениот директен лет од Скопје до Париз. За тие што избегавет бањање немат Париз.

Наградите ќе бидат извлечени кај Томиќ на МТВ во најновото шоу „Кој сака да биде ко Коце?“. Замислата на ова ново риалити шоу е да можат и обичните македонски граѓани да го видат градот на кој шо ќе личит главниот им град, или во превод – Пинки го виде Тито, Коце го виде Париз, а стоте најсреќни ќе можат да ја видат коцката во Париз. Емисијата ќе ја отворит Коце кој ќе ве водит низ првиот сегмент наречен „Коцевите патувања“ каде главен акцент ќе се ставит токму на Париз.

- И ви викам, имав неколку саати слободни па си викам дај да шетнам и јас малце. Ииииии... си шетам јас така по Париз и си викам дај да видам колку ојде сатот, дан закаснам, дан ми заминит авионот па после да требит пешки да се враќам, кога оп – гледам на левата рака – ништо. Се вртам кон десната – пак ништо. Сатот нигде. А поклон ми беше, башка и тазе рестартиран по париско време... И шо ќе прам сега? Ништо, фатив да го барам па тргнав да се враќам назад од кај шо дојдов и све надолу гледав. Барај, барај, саатот нигде, кога наеднаш... гледаааааам коцкаааааааааа...

Ќути кај шо не му текнало да се опулит нагоре, ќе ја видеше Ајфелова, после шо ќе праевме... Да, ова би го рекол јас оптегнат на двоседон пред телевизор дур во студио имаш спонтано зачудување на публиката и испуштање неартикулиран крик. Па Коце уште поемотивно продолжвит:

- Да бе, стварно коцка. И одам таму и и викам, амори, ти стварно си коцка? Ми викат – да бе брат, јас сум ти коцка прва класа, од посебна раса, ми каса ес су каса... Ја гледам така од околу, па се тргам малку, па така наеднаш воскликнувам и оддекнувам на сред Париз – аииииииии, шуба си билааааааа морииииии... Знајш шо, и викам. И та ми враќат – шо бе Коце? И ја прашвам – амори, од кај ми го знајш имево? И ми враќат – Коце бе љубавиииии, за добрите градоначалници надалеку се слушат. Јас сакам ваков маж ко тебе, прогресивен, со снажни раце градителски, а не ко овај нашиов, за нишо шо не го биват. Од кога го убедвам да изградит уш два-три моста на Сена, тој не па не. Му викам, види Коце во Скопје покрај Камени и Железен, ем „Око“, ем уш еден мост ќе прајт и ич око не му трепкат, а ти стојш така, неспособен еден, ваков еден, таков еден, никаков еден... И да ви кажам право, во право беше коцкава, а и башка ме личит за градоначалник на Париз ама јас сум патриот бре, и пред да заминам Париз да им го средвам, ќе поседам овде, малце од малце Скопјево да заличит на чоек. И и го кажав ова, и коцкава остана скршена од жал по мене, ама пред да заминам и да си продолжам да си го барам сатот ми рече дека ќе ми откриела една тајна. И стварно ми откри. Ми кажа дека сатот ми бил уствари Скопје под плоштадон закопан и дека ќе морало да го ископам плоштадон за да си го најдам и да си го извам. И сега драги мои, ќе ме извините, јас немам многу време, дајте да ги извлечиме овие шо ќе одат за Париз па да одам јас, ме чекат копачон во колана долу пред МТВ.

И тука Томиќ се уфрлат – ха, ха, ха, баш е духовит господинот градоначалник на главниот град, прстолнината на големиот Александар, избран од партијата на пастирот. Всушност тој дур бил во Париз влегол во некоја коцкарница и... Оп, тука имаш прекин на програмата и се уфрлат некоја нова владина кампања за... за... ај да речиме нека е за викање добар ден ко ќе виш постар чоек на улица.

Чекајте сеа сериозно. Добро, шо ви е бре вас луѓе и народе македонски, се нешо ви фалит. Пенов ја извајл коцката – не чинел. Коце ќе ја враќат – и тој не чинел. Па дајте остајте ги нека си поигрет децана, ако не го орет плоштадон дур се на власт, кога? Да не се тепавте за субвенции и да им остаевте да земат некоја нива немаше да си игрет на плоштад, ама ко сте лакоми шо да ви прам... Башка и досадно ќе е ако не се дешават нишо. Еве сеа Коце ќе враќат коцки, ќе го носит Ацета на Букефал качен, па уш катаљарда споменици, па уш некој мост на Вардар, па музеј на ВМРО, па музеј восочен, па проширување на Илинденска, па рестартирање на сатон...

Еве, замислете... за некоја година нови избори, си ојт Коце од функцијава и новиот градоначалник да речит – све си е убо во градов, јас нишо не чепкам. Ќе речите – види го, мрза, на готово си најде и така си седит сеа. Се знајт бре, уште од прв ден, ќе го изорат уш еднаш плоштадон, па ќе ги извајт коцките и ќе го пуштиме на пат околу светов за да одлучит шо ќе градит со нив. И ќе ни се погодит да појт во Пиза и ќе имаме кула. Шо сакате појќе? После ќе појт кај фонтаната, ќе го станит Ацета од на Букефал и на негово место ќе ја седнит шмизлата а Ацета ќе го отерат бикон да го јават. Фонтаната од кај Ацета ќе ја ставит на сред Вардар, на местото од мостон „Око“, пошо истиот ќе го префрлит на местото од жичарата на Водно а жичарата ќе ја ставит да изиграват јавен превоз на местото од двокатните автобуси. Во еден од нив ќе ја преселит својата канцеларија и градот убав пак ќе рикне. После него можда ќе дојт некој со пиромански фетиши па...

Морат да се исполнувет желбите и фетишите на властодршците онака како шо им се појавувет. Денес на пример ги мразиме и грчиштана и европјаништана и едно име имаме, во душата го носиме, за тебе живот даваме, оооооо Македонијооооооо... Утре на пример се смешкаме пред камери со Јорго и името го даваме, грците ги сакаме а европјаните се срциња најубај. Задутре пак грчиштана ги мразиме а европјанине се сеуште срциња најубај и името го даваме ама за идентитетот можат да ни се фатат. После ко ќе се појавит некој новинар лош и ко ќе прашат шо прајме уствари, ќе им кажиме дека сме за разумен компромис, а шо е разумен компромис ќе си прочитет сами на страница 146.

Ама добро, ако властодржците појма немет шо прает, бар опозиционериве имет. Чичко Тачи шо барат протекторат и чичко Бране шо му дават на Колета бланко, да не речам бело, минатата недела имале средба за доброто на Македонија мила. И средбата била на најубото место кај шо мојт да се решават за судбина на една земја – в кафана во Тетово. Проблемите ги согледувале со шопска салата а решенијата ги наоѓале со ж`та. Мотото на журката било – ако требит и дрво ќе се напрам за доброто на Македонија. Од ко сфатиле дека никакво добро не ја чекат гореспоменатата, фатиле уш појќе да пијат, да кршат, да плачат и да фрлет пари по певаљката.

Дур сме кај фрлање пари и воопшто кај пари да си прашам јас шо е работава со дечкиве од Завод за статистика. Викет просечната плата за јули била 19.763 денари, за август 19.867 денари а за септември 20.044 денари. И дополнително викет дека од една плата можело многу убо да живејт четиричлено семејство. Имам три прашања до луѓето таму:

1 – кај живејте бе вие?

2 – чии плати мерите?

3 – з`ш ме гледат намќоресто комшијана од трети?

(Авторот за градоначалник на Скопје! Изберете го па ќе ви ставит ламинат на плоштад!)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 17 12 2009)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 24 12 2009 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 29 12 2009 )

No comments:

Post a Comment