Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Dec 31, 2009

Сега му е мајката... За на Токсикологија

I gotta feeling... That tonight's gonna be a good night, that tonight's gonna be a good night, that tonight's gonna be a good good night... Или што би рекол преводот, дечките од Black Eyed Peas чуствуваат дека ноќва ќе биде ептен добра.

А и не може да не биде добра ако сте вработени на Клиниката за токсикологија. На вработените таму секоја 31-во декемвриска ноќ им е ептен добра. Впрочем тие цела година работат и живеат за овој ден, односно ноќ, кога ќе имаат најмногу работа и најубаво ќе си поминат детоксирајќи нивни сограѓани и сограѓанки, претходно квалитетно налиени за уште поквалитетен старт на новата година.

Но, да одиме од почеток. А почетокот е некаде на средината од октомври, или септември, по принципот, што побрзо, тоа подобро. Почетокот налага собирање на друштвото на сериозен муабет на кој се одлучува што ќе се прави на најважната ноќ во годината – вечерта на 31-ви декември спроти 1-ви јануари. Се разгледуваат понудите, се одбира место, па се оди на местото кое сте го одбрале и се разгледува масата која сте ја одбрале... Доколку ви дале маса со една покуса ногарка која предизвикува нишање лево-десно кога ќе прилегнете на неа, веднаш се буните и ја пронаоѓате најубавата маса во целата кафеана, пишувате „зафатено“ со фломастер и големи букви и задоволно го чекате последниот ден од годината. И бидејќи ако останете дома или одите на плоштад за да ја пречекате новата година сте лузер број еден, гледајте да ја одберете најскапата понуда и кафеана во градот. А се што е под 3.000 денари е исто така лузерско. И бидејќи само еднаш е Нова година (и по уште еднаш секоја наредна година), не би ве личело да заминете на новогодишната прослава облечени во некое парче облека кое сте го носеле и претходно. Токму затоа минатиот четврток ви објаснивме како се кова и реализира шопинг стратегија. Понатака во текот на текстот ќе ви објасниме и зошто е од исклучителна важност да имате нови парчиња облека на себе.

http://images.spaces.covers.com/Upload/UserImages/john19.jpg

Но пред да дојдете до фамозната ноќ, не ги испуштајте ни возбудливите моменти од претходните денови. Бидејќи периодот пред Нова година е единствениот во кој имате што муабет да си направите кога случајно на улица ќе се видите со познаник кого не сте го виделе долго време и немате поим што прави во животот, а и не ви е ни важно. Единствено во тој период, можете наместо за моменталната температура и состојбата со временските услови, да зборувате на тема - каде за Нова година? Откако ќе сфатите дека тој одбрал многу поповолна понуда со поубава „певаљка“ и подобар избор на турбо фолк си викате „е добро, ум за друг пат“ и тргнувате да се припремате за т.н. најлуда ноќ. Припремите мора да вклучуваат квалитетен избор на плеј листи со најновото (Ѕвезде Гранда) но и нешто од постарото (Јужни Ветар) од турбо фолк музиката за слушање по дома и повторување на материјалот.

Она што е од исклучителна важност на новогодишната вечер покрај местото, друштвото и изборот на музика е и облеката. Облеката е можеби и најважниот дел од целата новогодишна прослава бидејќи кога сите ќе се испијанат и освен чашките со алкохол нема да гледаат ништо друго пред себе ќе биде доста значајно дали носите долг фустан со кој им помагате на работниците од Комуналец во чистењето на градот или пижамите со кои спиете.

Исто толку значачаен е и изборот на алкохол со кој ќе ја дочекате Новата година. Доколку сте обезбедиле аранжман кој вклучува неограничено пиење, осигурајте се дека сте ги пробале сите можни видови алкохол кои постојат во локалот. А бидејќи по некое време нема да знаете како се викате а не што сте пиеле претходно, таа задача доверете и ја на келнерката, па таа нека ви го прави изборот. Колку подобар алкохолен коктел направите во вашиот организам, толку подобро ќе можете да ги восприемате вибрациите кои ќе доаѓаат од звучниците, па доколку сте способни, ќе можете и да клекнете кога ќе ве погоди вашата песна или пак да се качите на стол, маса, лустер или покрив. Ако количеството алкохол во крвта не ви дозволува ни да мрднете, тогаш ако имате среќа можеби некој од вашето друштво ќе ве крене. Можеби на маса, можеби на раце па најпрвин во веце. Таму прописно ќе ве разшамара и полие со вода па ќе ве врати на забавата. Доколку не покажувате знаци на желба за забава, туку на желба за повраќање, следниот чекор е изнесување надвор од локалот, пробивајќи се низ останатите славеници кои се клатат во ритамот на музиката или неконтролирано и неартикулирано како што алкохолот ги шета низ просторот. Додека излегувате обичајот е да ве потурат со по малку коњак или вотка а не е исклучено и горење со цигара, за подобар старт на годината.

Доколку по некоја случајност вие сте личноста која изнесува пијани пријатели надвор од локалот, уште еднаш ќе потенцираме, исклучително е важно да носите некое ново и убаво парче облека, бидејќи нема смисла вашиот пријател да повраќа на стара кошула, на пример. Да, повраќањето е новогодишната фаза која се случува надвор од кафеаната, доколку имате пријател кој ќе ве однесе таму. Доколку немате, оваа фаза може да се случува и внатре, веднаш до парот кој страсно се бакнува. Само внимавајте тоа да не биде врз нив, бидејќи иако ќе бидат пијани, нема да бидат среќни со вашата одлука за начинот на решавање на последиците од пијанството. Веќе рековме дека е подобро кога имате трезен пријател кој ќе ви асистира при моментите на метење на подот со вашето достоинство. Откако неколку пати ќе ве изнесе надвор да повраќате и ќе ја помине пола од прославата заедно со вас, ќе реши дека е време за последната фаза од новогодишното лудило. Фазата која вклучува фаќање такси, влечкање на пијаното другарче до него и правец на Токсикологија.

Ако вие сте трезната фаца, ова е моментот кога наоѓате човек со кого ќе можете си честитате Нова година, и да бидете сигурни дека знае што ви кажал. Нема врска што честитката доаѓа со дупла цена и што подоцна ќе ве пцуе бидејќи вашето другарче му го исповратило таксито. Важното е да ве однесе до клиниката чие име стои во насловот на текстот. Откако ве однел таму полека ја отворате вратата од клиниката и набрзина го фрлате другарчето внатре и му посакувате среќни новогодишно-болнички моменти. Вие фаќате такси за назад и ја повторувате операцијата уште неколку пати во текот на ноќта а вашето пијано другарче преминува во рацете на дежурните на Токсикологија, луѓето кои, како што споменавме, со душа ги чекаат овие моменти од годината. Дочекувањето на првото изгрејсонце или врнежи од снег во новата година во болница е, се разбира, најдобриот можен начин да се почне годината и да почнат да ви се исполнуваат сите желби кои ви ги пишуваат во новогодишните честитки, почнувајќи од тие за здравјето, поради кое сте таму, и парите, кои ќе треба да ги оставите таму (околу 2.500 денари).

Доколку пак не се напиете доволно добро за да добиете билет за Токсикологија на новогодишната ноќ, не очајувајте, имате можност за поправен испит веќе уште наредната ноќ, во втората епизода од лудилото (втора вечер Нова година). А кога веќе сте убаво напиени за време на новогодишната ноќ пристапете кон почнување муабет со рандом момци или девојки кои се исто така поднапиени. Статистиката покажува дека во моментите на новогодишно лудување можете многу поуспешно да „фатите“ некого/некоја отколку во обично излегување за време на викендот бидејќи Новата година ги поместува сите можни граници и правила.

http://preseljenje.javno.com/gn/slike/gn_slike_3/r1/g2009/m02/x23542195271461153632.jpg

И не очајувајте доколку не се сеќавате на ништо освен на утрото на Токсикологија. Секогаш, ама баш секогаш ќе има луѓе кои ќе бидат во истиот локал и ќе бидат доволно трезни за да се сеќаваат и на вашите а и на лудориите на останатите славеници. И не само да се сеќаваат, туку и да ги прераскажат на сите кои ве знаат. А, да, добро би било една од првите работи кои ќе ги направите веднаш по будењето на први (после зачудувањето колку многу ве боли главата и што ден е) да биде логирање на Фејсбук. Ако вие немате поим што сте правеле минатата ноќ, вашите пријатели веќе ги закачиле фотографиите од кои сте дел, а кои никако не би сакале да стигнат кај вашиот работодавец, или кај вашиот партнер.

Епа, на здравје!

(Текстот е објавен во неделникот Сега на 30 12 2009)

No comments:

Post a Comment