Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Mar 5, 2010

Оскари 2010 - Avatar vs The Hurt Locker

Доаѓаат Оскарите - една од најпопуларните манифестации во светот и еден од најгледаните ТВ-настани. Награди на Американската академија за филмски уметности и науки кои го верификуваат успехот на најдобрите во кинематографијата, пред се, во Холивуд.

А кога се зборува за Оскарите не се мисли само на 34-сантиметарската статуетка што ја добиваат филмските работници. Освоениот Оскар значи и дополнителна популарност и зголемени приходи, како на филмовите, така и на актерите, режисерите и на сценаристите. Од 16 мај 1929 година и свечена вечера за 270 луѓе затворена за јавноста, па се до денес, со милиони гледачи од над 200 земји, веќе 82 година по ред се одржува оваа манифестација. Годинава се закажани за 7 март и ветуваат добра забава, а ние ветуваме дека во овој текст ќе прошетаме низ номинациите, предвидувањата и интересните факти поврзани со овој настан.

„АВАТАР“ Е ФАВОРИТОТ БРОЈ 1

Номинациите беа објавени на почетокот од овој месец, а според нив во трката за најдобра машка главна улога влегуваат Џеф Бриџис, Џорџ Клуни, Колин Фирт, Морган Фримен и Џереми Ренер. Кај понежниот пол за оваа титула во рингот се позиционирани Сандра Булок, Хелен Мирен, Кери Малиген, Габори Сидибе и Мерил Стрип. Оваа година Академијата за најдобри зад режисерската палка ги смета Џејмс Камерун за „Аватар“, Кетрин Бигелоу за „Наредникот Џејмс“, Квентин Тарантино за „Неславните неранимајковци“, Ли Даниелс за „Драгоцено“ и Џејсон Ритман за „Горе во воздухот“.

Кој ќе ја добие наградата ќе дознаеме на крајот од следната недела, а интересно е дека филмовите на сите пет номинирани режисери се наоѓаат и во најважниот избор на манифестацијата - изборот за најдобар филм. Интересно е и тоа што Академијата годинава одлучи да го зголеми бројот на номинации во оваа категорија. Така, од досегашните пет, годинава во категоријата за најдобар филм се номинирани десет филма.

Покрај споменатите, во изборот се уште и „Слепата страна“, „Областа 9“, „Образование“, „Сериозен човек“ и „Горе“.

Но, сепак, и покрај големиот избор, филмските критичари немаат многу големи дилеми за тоа кој ќе си замине дома со статуетката. Нивниот избор паѓа на „Аватар“ и на „Наредникот Џејмс“. За нивниот муабет да биде поверодостоен или барем позабавен придонесуваат и обложувалниците кои стандардно ги имаат Оскарите во својата понуда. Тие најголеми шанси, односно најмал коефициент му даваат на филмот на Џејмс Камерун или во бројки - 1.5. Коефициентот за „Наредникот Џејмс“ е малку поголем и изнесува 2.25, а останатите филмови се далеку со помали шанси од нив. Така, третиот на листата е „ Неславни неранимајковци“ со 21, па следуваат „Горе во воздухот“ со 34 и „Драгоцено“ со 61.

Но, сепак, ние повеќе би сакале да им веруваме на луѓето кои професионално се ангажирани во филмската индустрија, па така ќе ви ја пренесеме дилемата што постои за „Аватар“ и за „Наредникот Џејмс.



Филмот на Камерун не носи во спектакуларниот свет на имагинацијата, во кој еден херој влегува во епска авантура, го засакува вонземскиот свет, учи да го нарекува свој дом и потоа го спасува. Се работи за филмот кој ни носи нова генерација специјални ефекти и една сосема модерна технологија на снимање за подобро восприемање на приказната. Филмот веќе ја надмина заработката на претходникот на Камерун - „Титаник“ и веќе има направено повеќе од 666 милиони американски долари за само два месеца.

Во вонземскиот свет влегуваме преку очите на Џејк Сали, поранешен маринец кој е парализиран и е во инвалидска количка. Тој е избран да оди на Пандора, Месечина на планетата Полифемус, каде што корпорациите се обидуваат да присвојат редок минерал, кој би требало да ја реши енергетската криза на Земјата. Бидејќи атмосферата на Пандора е токсична, создадена е т.н. аватар-програма во која луѓето преку својата совест можат да се поврзат со аватари, биолошки тела кои можат да преживеат во таа околина. Тие, всушност, претставуваат генетски создадени хибриди од човекова ДНК помешана со гените на населението на Пандора - Нажви.

Џејк, препороден во новата форма, може повторно да оди, па времето поминато контролирајќи го аватарот му станува задоволство. Иако е пратен да се инфилтрира и да помогне во експлоатацијата на местото, тој се вљубува во Нејтири, девојка-вонземјанин која му го покажува нејзиниот чудесен свет. Со текот на времето, тој веќе станува еден од нив и на крајот се соочува со најголемиот тест во неговиот живот, со една епска битка која одлучува за ни повеќе ни помалку, туку иднината на целиот свет.

ЕКСБРАЧЕН ДУЕЛ


Филмот „Наредникот Џејмс“, пак, е воена драма, која следи еден воен тим на американската армија во Ирак, екипа која е специјализирана за деактивирање бомби, работа која не остава простор за грешки, нешто што тие најдобро го учат кога ќе го загубат својот лидер во една мисија. Потоа тимот го презема наредникот Вилијам Џејмс, а останатите членови се шокирани од тоа што за нив изгледа како апсолутно занемарување и непочитување на воениот протокол и основните безбедносни мерки. Тие се прашуваат дали Џејмс е навистина модерен каубоец, кој живее за високиот адреналин или пак е неверојатен професионалец кој го има усовршено својот занает.

И додека околу нив се случува вистински хаос, тие се трудат да го сфатат својот нов лидер со што би си го обезбедиле патот за дома. Имаат уште 38 дена до крајот на нивното присуство во Ирак, но со секоја нова мисија, тие повторно се соочуваат со смртта и со оглед на навиките на нивниот лидер, изгледа дека е само прашање на време кога ќе се случи катастрофа.

И тука се соочуваме со дилемата „Аватар“ или „Наредникот Џејмс“, Џејмс Камерун или Кетрин Бигелоу. Интересното е што и двата филма имаат по девет номинации за годинешните награди, а уште поинтересно е тоа што Камерун и Бигелоу своевремено беа и во брак (од 1989 до 1991). Во едниот агол од рингот го имаме филмот со неверојатен успех на бокс офисот, а во другиот пак стои филмот кој е миленик на филмските критичари. Прашањето сега е на кого ќе се наклони Академијата. Треба да се земе предвид дека и двата филма се моќни, а, и покрај нивните големи разлики, ја имаат онаа магична нишка која луѓето во Холивуд знаат да ја препознаат.

Сепак, филмот на Камерун ги премина сите досегашни граници, постигна досега незабележан успех и стана глобален феномен. Дојде до фазата во која луѓето чувствуваат дека мора да го гледаат, да ги однесат своите пријатели да го погледнат, да имаат мислење за него, анегдота поврзана со филмот. Остварувањето на Бигелоу не може да се пофали со тоа, но може да се пофали со навистина добра приказна и со големата почит кај филмската критика која го дели мислењето дека филмот е извонредно добар и значаен.

Доброупатените сметаат дека давањето на статуетката на „Аватар“ ќе оствари повторно поврзување со публиката и ќе ги покачи рејтинзите, па тоа е доволно добра причина Академијата да ги даде своите гласови за филмот на Камерун.

СТИВ МАРТИН И АЛЕК БОЛДВИН КАКО ДОМАЌИНИ



Во секој случај, не чека интересно издание на Оскарите, а тука не влегуваат само наградите, туку и забавниот дел за кој оваа година ќе се погрижат водителите Стив Мартин и Алек Болдвин.

- Мислам дека Стив и Алек се совршена двојка за Оскарите. Стив ќе го донесе искуството од претходниот пат кога ги водеше, а Алек ќе внесе сосема нова свежина во настанот - вели еден од продуцентите на манифестацијата, Адам Шанкман.

Мартин во изјава за медиумите се шегува и вели - „Среќен сум што ќе ги водам Оскарите со мојот душман Алек Болдвин“, а Болдвин пак признава - „Навистина сум возбуден што ќе ја водам манифестацијата - тоа е единствено животно искуство“. А како потврда за падот на рејтинзите и послабата заинтересираност за манифестацијата доаѓа и фактот што оваа година Оскарите се одржуваат подоцна од вообичаеното за да не се натпреваруваат со Зимските олимписки игри во Ванкувер. Да не беа тие, Оскарите ќе беа веќе одржани во неделата на 21 февруари. Една од опциите биле и да се одржи една недела претходно, но тогаш ќе се совпаднеа со најгледаниот ТВ-настан во САД - финалето во американската фудбалска лига.

Како и да е, датумот е 7 март и ветува добра забава. Во меѓувреме, доколку се уште не сте ги погледнале, погледнете ги барем двата најголеми фаворити - „Аватар“ или „Наредникот Џејмс“. Првиот е на редовниот репертоар во киното во „Рамстор“ во Скопје, а вториот ќе морате да го побарате на дивиди или преку интернет, но како и да е, нема да зажалите за потрошеното време.

Нема веќе патетични говори
Од оваа година, организаторите донесоа и една одлука, која е навистина паметна. Тие, на традиционалниот ручек на кој присуствуваат сите номинирани, на гостите им соопштиле дека го скратиле времето за заблагодарување и го ограничиле на 45 секунди. Објаснувањето било дека заблагодарувачките говори, кои се состојат од бескрајна листа луѓе на кои им се заблагодаруваат учесниците, не само што се здодевни, туку се и најомразениот дел од целата манифестација. Но, бидејќи знаат колку им било битно заблагодарувањето на Господ, целата фамилија, пријателите, колегите и на домашните животни, организаторите ќе обезбедат камера во бекстејџот на која добитниците ќе можат да се заблагодаруваат на кого сакаат и колку сакаат, а снимките потоа ќе се објават на официјалниот сајт на Оскарите.

(Текстот е објавен во неделникот Сега на
25 02 2010
)

Блог апдејт - Македонските телевизии не обезбедија пренос од оскарите, па доколку сакате да ги проследите ќе мора да се послужите со преносите на јавните сервиси на соседните Србија (РТС) и Хрватска (ХРТ1) кои се пренесуваат на кабелските телевизии.

No comments:

Post a Comment