Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Mar 24, 2010

Заглавени во втора димензија

Неодамна бев во Софија на обука за новинари со неколку мои колеги од Македонија, ама сега нема да ви зборувам за обуката. Ќе ви раскажам за нешто што се случи по неа, во делот за слободни активности. Решивме да прошетаме низ градот и завршивме во еден трговски центар. На неговиот надворешен дел со големи букви пишуваше „Mall of Sofia“ и со неговата грандиозност ветуваше добар избор за шопинг, само што по кратката обиколка на бутиците сфативме дека освен скапи брендови, не може ништо друго да се најде, па ни пропадна шопинг-планот.

Но, кога ќе ти пропадне еден, на патот ќе ти се испречи друг план. Добро, да бидеме искрени, на нашиот пат не се испречи друг план, туку двајца, на прв поглед кловнови, а веќе на втор поглед - маскирани забавувачи, едниот облечен како Шапкарот, а неговата колешка како Алиса. Шетаа низ трговскиот и го најавуваа новиот, сега веќе филмски хит и број еден на Бокс офисот - „Алиса во земјата на чудата“ на Тим Бартон.

Датумот за кој ја најавуваа премиерата во киното, во трговскиот центар беше 5 март, што всушност претставува и негова светска премиера. Беше јасно дека сме подраниле за тој филм, но, сепак, отидовме до киното за да го видиме целосниот репертоар. На наше изненадување, плакатите залепени пред киното најавуваа филмови во 3Д, а меѓу нив беше и спектакуларниот „Аватар“ на Џејмс Камерун - филм на кој, според многумина во Холивуд, му беше нанесена неправда од страна на Филмската академија со тоа што не му беше доделен Оскар за најдобар филм.

- Ииииииииии... „Аватар“ во 3Д?!? Морам да го гледам!!! - вака некако изгледаше мојата реакција и побрзав да ги видам термините во кои беше предвидено да се емитува за тој ден. Бев возбуден иако го имав гледано уште пред два месеца во Скопје, па зедов и флаерче и почнав да ги убедувам моите колеги да дојдат да го гледаат.

Првата тура убедување и не беше баш најуспешна, но веќе вториот пат успеав да го обезбедам друштвото на две од моите колешки. Дел од останатите се премислуваа, но доцниот термин (беше останато уште едно емитување од 23.20 часот) беше пресуден за да решат да останат во хотелот.



Трите билети ги резервирав преку интернет на сајтот на киното. А сајтот има навистина добар систем преку кој можеш дури и да го видиш распоредот на седиштата, да видиш кои се дотогаш зафатени и да си одбереш најпогодно место од слободните. Треба само да се остават податоци, како името и презимето, а плаќањето е на касата на киното. Единствено се бара да бидеш таму најдоцна 10 минути пред почетокот на филмот. А бевме таму дури и побрзо од тоа. Резервираните билети не чекаа, а ние возбудени тргнавме кон киносалата. На влезот ни дадоа и пластични поларизирани очила за гледање филмови во 3Д. Салата во која требаше да седнеме беше прилично голема, а платното беше дефинитивно најголемото што дотогаш го имав видено. Ние бевме во првите редови и го очекувавме стартот. А за да дојдеме до него моравме да изгледаме и десетина трејлери за други филмови, кои (ќе) се емитуваат во киното. Додека траеја, повеќепати ги стававме очилата, но ништо не се случуваше. Заклучок - овие филмови не се во 3Д.

Но, конечно се појави трејлер, чијшто филм знаев дека е во 3Д. Беше тоа трејлерот на „Алиса во земјата на чудата“. Веднаш ги ставив очилата, па откако видов дека постои разлика, се развикав (веројатно звучело непристојно) и им кажав и на моите колешки да го направат истото. Трејлерот не траеше повеќе од минута и половина, но тоа беше сосема доволно да не обземе 3Д-магијата и да почнеме заеднички да се чудиме и да се восхитуваме на тоа што го видовме. А тоа продолжи и понатаму, бидејќи веднаш по трејлерот почна и филмот за кој бевме таму. Стартуваше „Аватар“, а веројатно ние тројца бевме највозбудени во целата сала. Ама и вредеше. Гледањето филм во 3Д е едно поинакво доживување на филмот. Со 3Д-технологијата филмските ликови не се повеќе заробени во платното. Сега тие доаѓаат кај вас, а со себе го носат и целото нивно опкружување. А кога опкружувањето е вештачки создадено, навистина има што да се види. Па, така, доста чести беа моментите кога пружав рака пред очилата за да ги фатам разните растенија и животни на Пандора.

Можеби најдобро од целиот филм се доживува сцената во која Џејк Сали за првпат доаѓа на Пандора и бега од едно страшно животно. Можеби беше така затоа што тоа беше првата интензивна сцена откако се соочив со чудото наречено 3Д, но знам дека по завршувањето на сцената срцето ми биеше како лудо. Велам по завршувањето, бидејќи за време на сцената немав време да размислувам за него, мислите ми беа насочени кон барање безбедно засолниште за аватарот на Сали. Дефинитивно, 3Д-искуството не се опишува со зборови. Тоа е нешто што мора да се доживее!

Проблемот е што во Македонија таквото нешто не е возможно. Иако градот Скопје се пофали со 3Д визуелна презентација за проектот „Скопје 2014“, неа немавме каде да ја видиме во 3Д.

Сепак, можеби и премногу бараме со оглед на тоа што во повеќето градови во Македонија не ни има кино. Во некои градови, филмови се прикажуваат во домовите на културата, но ретко каде има посетители. Со нив може да се пофали киното во трговскиот центар „Рамстор“ во Скопје, кое, пак, мора да признаеме се почесто приредува и значајни светски премиери (во исто време со остатокот од светот). За да можат македонските граѓани да погледнат филм во 3Д, моментално мора да одат во Белград, Софија или во Солун - најблиските градови од соседството со 3Д-киносали.

Сакајќи да дознаеме до кога ова ќе биде практика, контактиравме со раководството на кината во главниот град. Во дел од нив не сакаа да зборуваат на оваа тема, а останатите, пак, се во тек со светските трендови и велат дека наскоро 3Д-технологијата ќе стане и наша реалност.





Златко Стефковски, директор на МКЦ, под чија капа се кината „Милениум“ и „Фросина“, вели дека размислувале за опремување на таква киносала, но дека за подетални информации ќе мора да почекаме додека нештата се конкретизираат.

А нешто конкретно за унапредување на состојбата со кината во земјава е проектот за дигитализација на киносали на европскиот филмски фонд „Еуроимаж“.

- Идејата е да се покријат и да се поддржат киносалите кои се влезени во мрежата на Еуроимаж, а не се членки на медија програмата. Кај нас тоа се три сали - Домот на културата во Битола и салите во кината „Фросина“ и „Рамстор“ во Скопје. Еуроимаж покрива една третина од средствата за опремување киносала со дигитална технологија - вели директорот на македонскиот Филмски фонд, Дарко Башевски.

Тој објаснува дека донацијата изнесува околу 20.000 евра по киносала, а проектот остава можност и за купување поскапи проектори или опремување на 3Д-киносала, со доплата. Проектот треба да се реализира годинава, а покрај Македонија, опфатени се и Србија, БиХ, Албанија и Турција.

Решивме да ги изоставиме техничките детали за тоа како функционира 3Д-технологијата или колку таа чини, но ќе ви ги доставиме информациите од Холивуд. А тие велат дека филмаџиите имаат инвестирано милиони и милиони долари во оваа технологија. 3Д-филмовите навистина добро поминуваат во кината, а минатата 2009 година овие филмови (иако во мал број) собрале 10 отсто од целокупната заработувачка. И додека нас од 3Д-технологијата не делат стотици километри и граници, големите компании од типот на Сони, Панасоник и Самсунг работат на носење на оваа технологија во домовите на гледачите со правење домашни кина во 3Д. Планирано е да се појават на американскиот пазар во средината на оваа година, а според едно истражување 80 отсто од гледачите кои виделе филм во 3Д на големо платно, би сакале да го гледаат и во домашни услови, исто така во 3Д.

А ние тројца? Ние излеговме од киното максимално возбудени и радосни што имавме можност да бидеме дел од светските трендови, но и тажни што за неколку дена подранивме и не можевме да уживаме и во 3Д-магијата на „Алиса во земјата на чудата“. Останува да се надеваме дека наскоро нема да има потреба од минување граници за гледање филм во 3Д, или барем дека тоа ќе дојде кај нас пред низ светот да се појават и кина со мирис или со реални ефекти - како, на пример, прскање на публиката со вода за време на бродолом на филмското платно.

(Текстот е објавен во неделникот Сега на 11 март 2009)

No comments:

Post a Comment