Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Mar 16, 2010

Сто два кома седамнаес посто суперистични

Не бе брат, не ми идет и не ми идет. Никако не сакат да дојт. Обично ова време другпат ми идет ама сега ја немат. Ми каснит брат... ми каснит инспирацијава. А без инспирација не се пишит колумна.

А пак шо се секирам и јас. Ако не ми дојт ќе му ѕвонам на Ацета Петрески, тој ќе му се јавит на другарчето му Бојко од мајка Б'лгарија, тој пак ќе му ѕврцнит на некој б'лгарски колумнист и ете, готово, свршена работа.

З'ш ја имаме мајка Б'лгарија... Ако не ти помогнит мајка ти, кој ќе ти помогнит... Сега од ко ни го испија езероно и од ко му покажавме на Колета дека мојме и без него, мојме да тргниме во мисија за спасување и на светов.

Прво ќе почниме со комшииве, со Грчиштава, ќе им купиме неколку острови и ќе им дајме некој денар за да си ги платат долгојте, па после продолжвиме во мисија за спас на планетава. Со Ацета и со Бојко ќе напрајме една мисија „Спаска за спас на светов“ и ќе ги решиме сите проблеми - од глобално затоплување преку хранење на гладните и запирање на војните... После то веќе ќе имам добиено инспирација и ќе можам и сто колумни ако требит да напишам.

Ама дур добијам ќе се послужам со нешо шо го напишав пред скоро три и пол месеци на истово ова место. Колумната се викаше „Враќање од иднината“, а датумот беше 19 ноември 2009. Пошо ептен многу ме харесват ко ќе сум во право еве ви дел:

„Светло, СТОП. Крајот на тунелот, СТОП. Усвоена резолуцијата за укинување на визниот режим, СТОП. Среќа, СТОП. Радост, СТОП. Пакувам куфери, СТОП. Идам, СТОП. Трчам, СТОП. Летам, СТОП. О Европа, СТОП. Оу јеа, СТОП. 19 декември, СТОП. На граница, СТОП. Е з'ш СТОП?

- З'ш ова не е телеграма бре. И з'ш не планирам да пуштам секакви голтари без пари во Европа. Дај џебојте ваму да видам.

- Ама чичко граничар... Ама јас едвај чекав да дојт овој свечен, сончев, волшебен, себеспознавачки, в небовоздигнувачки, круцијалнозначенички деветнајсто-декемвриски ден „Д“... Ама јас уште од летото ги имав спакувано куферите и го чекав денов за да можам да забегам шо подалеку од овде и ни око да не свртам наназад. Ама јас...
- Ама ти немаш е..н денар в џеб за да можам да те пуштам...

- Е да ми извиниш, ама такви денари имаме колку да сакаме... кај нас, сите ги еб...е. Ние државава ја онаквивме, за некој книџиња било проблем...

Пауза. Тишина. Црн екран. Големи црвени букви на него - „Враќање од иднината“. Продорен машки глас - „Наскоро... на граничните премини блиску до вас... Не пропуштајте!!!“.

А така! Се надевам ви се свиѓат трејлеров за новиов македонски филм во европска копродукција. Се викат „Враќање од иднината“ и се работит за истинита прича чие дејствие се случвит на граничен премин и во која граничарот ве враќат од вашата замислувана и посакувана светла иднина за живот далеку од античкиве убајни. Ако не ти се свиѓат трејлеров, тогаш можда ќе ти се свиѓат филмот, кој е многу веројатно дека мојт да го видиш и ти. И една инсајдерска информација - имаше и едно алтернативно сценарио за филмов во кое напатеново Македонче го пуштет во Европа и таму сфаќат дека се заебало уш појќе, ама решивме да ојме со ова сценарио за да му ги скратиме маките уште од почеток“.

И пошо знам дека ич не е убо ко ќе ти речит некој нешто, а ти не ќе го послушаш, па после тој ко ќе ти речит „ти рекоооов?“, еве ви и од мене едно - „ви рекоооооов?“.

Сега извинете шо испадна вака, али во последен момент европската копродукција со која соработувавме реши дека алтернативното сценарио пубо ќе одговарало и ќе напраело појќе пари, па дејствието наместо на граничниве премини, реши да го сместит во европската престолнина Брисел. И то не било каде, туку кај нашите туристи таму. Да бе, туристи, луѓе шо имале отпојќе пари па решиле да шетнат, да ја видат Европава малце... А шо, ти мислеше тие одат таму нешо работа да барет, азил, Бразил...? Не бе брааааат. Прашај го Амди Бајрам. Одма ќе ти ја кажит вистината, а вистината е една и единствена - на ромине во Шутка им е најубо! И немат врска оној Влатко Стефановски... само лажит дека Шутка и Топана имале една маана, а мааната да ти била шо не биле во Индија. Слушај ваму Влатко, чичко Амди да ти кажит тебе убо… На Ромине од Шутка им е суперистично! То ти е збор шо е изведен од супер и фантастично и е посупер и пофантастичен од двата заедно, или во проценти - сто два кома седамнаес! И друга работа... Ромине од Шутка имет пари во секое време да појдат и до Белгија и до Индија, а богами и до мој је живот Швицарска! Е така да си знајш... безобразен еден!

Иту безобразен исто ко оние млекарине од Битолско. Премиерон ојт по селана, се прајт со калој по кондурине, фрлат лопати, сечит ленти црвени... тие средба сакале... Каков е овој безобразлук невиден?!? Какво е ова невоспитување бре?!? Ако некој сосем случајно се нашол на отворање млекарница и ако уште послучајно пиел јогурт на отворањето, па после најслучајно на цел свет рекол дека инвестицијава е топ, и ти си топ, и пак сум топ... Шо ми беше муабетов... А, да... Ако го напрајл само то на отворањето сега тој ви е крив шо не ви имет исплатено печес миљончиња?!?

И да ви кажам право, од толку шо беа безборазни, премиерското обезбедување ги избркало и не останале за да видат како Пастирот го пуштат во употреба водоводот помеѓу општините Новаци и Могила.

Сега ќе речите - добро, шо им е битен на млекарите водовод, тие за млекото биле појдени таму... Епа баш во то е финтата бе луѓе. Коле од водоводот планирал да пуштат мед и млеко. Многу логично, млекото сакал да го откупвит од млекарите од битолско, а медот од оние шо седат покрај патон кај Кичево, па ќе имало добивка за сите. За млекарите и медарите - пари, за жителите на Новаци и Могила - мед и млеко, а за цела Македонија - туристичка атракција плус. Па, така за четири години во аранжманите, на туристине наместо само прошетка низ Дизниленд 2014 и веслање со гондола низ охридските сокаци, ќе можевме да им понудиме и извори со мед и млеко ама... Некои луѓе стварно не можам да ги сфатам...

А некои пак совршено добро можам. Еве на пример господин Селмани - македонскиот Обама. Совршено добро го разбирам човекот кој сакаше да биде претседател на сите граѓани и за кого гласаа еден куп Македонци, кога го гледам како жестоко се бори само за правата на Албанците... или за владејачка фотелја...

Уште подобро ги разбирам женине од Есдеес. Беа на протестен марш за Осми март, маршираа низ метрополата и си ги бараа своите права. Цветанка Ивановска во изјавата за медиумите се испожали колку многу и е тешко на македонската жена и рече дека во Македонија имало политичка диктатура. Море потполно се слагам со Цветанка! Коле и неговата гарда спроведувет политичка диктатура во земјава, а најголеми жртви се жените! Затоа предлагам жените од Есдеес да побарет помош од нивниот претседателски кандидат - господинот Фрчкоски, чоекот кој одеше на чело на минатогодишниот марш, веднаш до жените од првите борбени редови кои го носеа плакатот на кој пишеше - „Жените гледаат напред“.

И молим ви се... следен пат немојте со вакви катастрофални грешки. Кај се видело и чуло - марш за Осми март без маж на чело. За следната година да си се организирате поубо и без Фрчко или Бранко на чело да не ве видам!

И само ако чујам уште некој да ја искритикувал маестралната идеја на ЈСП - интернет во автобуси. Пази ова - Утрински весник викат дека пред некој ден се замрзнале ем заглавиле вратите на „осумка“ на постојка на Илинденска и не можело да се излезит од автобусот. Дур дошла служба да ги одглавит поминале 20 минути, а луѓето каснеле, кој за на работа, кој за на школо...

А замисли да имаа интернет... Отвораш Фајарфокс, пишиш Јутјуб.ком, па на срчон бараш „Скопје 2014“ и добиваш видео долго 6 минути и 27 секунди. Иииииих... во 20 минути мојш трипати да го изгледаш, и трипати да ти поминит нов двокатен автобус пред триумфалнана капија.

Преродбата продолжува... откако ќе се одмрзнат вратите!

(Авторот и е многу добро познат на редакцијата. Дури и кафе имат пиено со уредниците!)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 11
03 2010
)

(Наредната во сабота на 20 03 2010 во прилогот „Сега“ во дневниот весник Шпиц*)

*Минатиот 43-ти број на неделникот Сега беше всушност и негов последен број и весникот нема повеќе да излегува. Причините беа наведени во последното издание но еве ги и тука.
Накратко - весникот успеа за релативно кратко време да се пробие на пазарот и според продаваноста да стигне на второто место во конкуренција на политички магазини. Сепак, не успеа да ги привлече огласувачите, а без тоа нема добивка. Логичниот чекор на издавачот беше да престане со издавање.
Добрата вест е дека колумнистите и аналитичарите на „Сега“ продолжуваат да пишуваат - секоја сабота во прилог наречен „Сега“ во дневниот весник Шпиц. Таму продолжува и овој серијал на колумни насловен - „З`ш да не...“
Се читаме во Шпиц!

No comments:

Post a Comment