Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Mar 9, 2010

Проблем за секое решение

Отсекогаш сум се чудел з'ш во болница или в аптека ти викет добар ден. Како добар бе луѓе? Да бил добар сигурно немало да дојдам кај вас! Ама зато ич не ме чудит ко ќе го чујам Бранко ко ќе шетат по градој и села и ко ќе им викат добар ден на луѓено. Не знам од кај излезе детено ама се гледат дека имат елан, енергија, дека е способен да им помогнит на луѓено и шо е најбитно, дека сакат!

Јас стварно не знам кај беше овие дваес години и шо чекаше досега, ама убо кај шо се појави да не спасит сите сега кога ни е најпотребен. Ене на пример го гледам пред некој ден појде кај стечајцине Куманово, ги сослуша нивните маки, го обвини Колета, му рече да ги остајт спомениците и да им помогнит на луѓево. Све од убо поубо. А вака од страна гледано немат никаква обврска кон нив. Ај да речиш да беше премиер или претседател, или пак во политика многу години па да го окривиш за судбините на луѓено, ама не бе брат. Не, не и не! Бранко е многу фино дете, се гледат дека е од уба фамилија, во цутот на младоста е... сосема невин и без дамки, без сомнителни приватизации, октоподи, татовци, без лажни ветувања, брда и долини... абе ништо, ништо ич. Можда ќе речите - како мојш да му вервиш, нов е во политикава и неискусен - ама јас одма ќе ви вратам - па баш то ни требит - свежа крв, нешто поинакво од сиве овие лажговци низ годиниве.

Ќе ме прашате и како ќе успејт да ги решит проблемиве во државава ама и то ќе ви го одговорам. Бранко, мили ем драги мои, дури овие другиве ја крадеа државава решаваше равенки со по шест непознати и се припремаше за решавање државнички проблеми.

Така да, сега ко ќе дојт на власт не очекувам нишо помалку од решавање на проблемите на стечајците, млекарите, јаболкарите... море на сите можни проблеми! Очекувам и да вработит бар по петнаес души од секое семејство на први септември. Или беше по еден на петнаести септември. Море како еден, испод печес души Бранко не ве остават! Бранко е чоек од збор! Бранко никогаш во животот немат нишо излажано! Тој дури и ко ќе немал домашна работа на учителката не и викал дека кучето му ја изело тетратката туку и ја кажвел вистината - дека бил зафатен со изнаоѓање решенија за Македонија и зато немал време за пишење домашна. Си знаел уште од тогаш шо му се приоритетите.

А и Коле не е лош за одредување приоритети. Ко се урна цела планина од камења на патон Маврово - Дебар тој поставуваше камен-темелник за изградба на карпа за спортско качување во Карпош. А и во право е. Радоста во животот ја прает малите работи. Шо ќе се секираш и ќе се трудиш да расчистуваш миљон стари камења ко мојш да напрајш само еден, ама вреден бре! И нов пред се! А и требит да се вложвит во спортот. Шо би праеле дебарчани да не е карпата од Колета. Пошо не можат да поминат по патот ќе си седат дома пред телевизор и ќе си гледет спортско качување на карпата во Карпош.

И шо ќе им се секираш на охриѓани. Езероно им претеквело па зеле се бунат. Будала работа! Во Сахара вода ни за лек немет, па никој не излегвит пред камери за да дават изјави и да собират политички поени. А и не само таму. И кај нас луѓено имет проблем со недостиг од вода. Зато Коле наместо во Охрид кај Ацета Петрески, си појде во Кратово кај другарот му Ѕинго и пушти во употреба резервоар за вода. Е не, само охриѓани ќе имет вода...

А и убо решение најде на проблемон со луѓено шо одат Брисел да барет азил. Пошо имат многумина од Шутка кои наводно (не на Водно, туку во Шутка) ги организирал Амди Бајрам, им појде таму и фрли неколку лопати и означи старт на реконструкцијата на патот од Шутка до селото Горно Оризари. Шо ќе ви е Брисел бе дечки. Види шубав пат ќе имате сега. И плус немат да имат никакви ограничувања и ќе мојте кога сакате да ојте по патот. Е шо... ваљда Брисел не е погоре од Горно Оризари...

Абе ти викам, Коле е чоек со визија. Ене и на стечајцине им најде решение. Пошо нели се бунеа дека многу време поминале во зградана во Куманово кај шо се штабојне од сите партии и никој не пошол да ги видит, Коле пред некој ден фрли лопата и на камен-темелникот за изградба на фискултурна сала во Трубарево. Шо имат да протестирате бе луѓе и да штрајкувате со глад па да се разболувате. Фино лепо ќе си дојте во Трубарево и ќе си вежбате, ќе си се рекреирате со слоганите - во здраво тело, здрав дух, јас сум Македонија, а ти си стечаец итн, итн... Ако во меѓувреме се зголемит бројот на стечајци, технолошки вишоци и слични категории немат проблем. За секој случај Коле фрли лопата и на спортска сала во школо во Тетово. Ако се преполнит салата во Трубарево, вишокот стечајци спонтано ќе се соберат, спонтано ќе влезат во автобус, и ќе ги префрлиме Тетово. Плус ќе имет водич во автобусот и дури одат натака тој ќе им објаснуват кај се моментално.

- Драги стечајци, од нашата лева страна можете да го видите местото каде се реконструира пат каде лопата фрли нашиот почитуван премиер, Пастирот охридски и македонски, господин, господин Коле. Па тука имаш спонтани овации и скандирања, бранови во публиката...

Така се решавет проблеми бе брат! Лопатата во рака и во поход - на изградба на државата! Ножиците во рака, лентата црвена пред тебе и остварувај! Еве ние дома денојве го реновиравме вецено, нешто нови плочки, доводи, одводи, го исчистивме бигорот од бољерон, ставивме нова чешма, а богами и шолја... На почетокот јас ја фрлив првата лопата и свечено го одбележав почетокот на изведбата на градежните работи. Викнавме и сликар од едно фотостудио да го овековечит моментот, а фотките после ги закачив на Фејсбук. Добив... да не претерам, ама сигурно имаше појќе од триесет лајкој. Се гледат дека народот ја препозна мојата посветеност на решавање на проблемите и активно работење на исполнување на ветувањата дадени во програмата, како и заложби за поголема удобност за време на тврда столица. Само све то убо, ама не знам шо да прајме за свеченото пуштање во употреба. Малку глупо ќе испаднит пак јас да се сликам, па би сакал да го поканам Колета да дојт и да ја исечит црвената лента. Ако сакат можам да го пуштам и прв да ја искористит новата шоља. Таман, портокалова е, ќе му одговарат на вратоврската.

И така ти викам. Овај Коле ти е нон стоп паметен и умен, се грижит за нашата иднина и не преродуват, а овај Бранко иако е нов ми се чинит дека мојт да ја унапредит државава уш појќе и дека ги имат вистинските решенија за сите проблеми. Или проблеми за сите решенија, како и да е... Можда минатите политичари ни го сјебаа минатото, али битното е дека со вакви политичари, ич не требит да се секираме за иднината!

П.С. Гледам дека од Министерствоно за транспорт и врски по вторпат во весник објавија листа на луѓе кои го прекршиле Законот за јавна чистота, односно плукнале, мочале, фрлиле ѓубре на земја и слично. Листата со имиња, презимиња и адреси на живеење ги викат луѓето во рок од 5 дена од објавата да појдат во министерството за да им ги даеле известувањата за поднесување прекршочни пријави против нив.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци по втор пат им кажвет дека објавувањето е казниво според Законот за заштита на лични податоци ама кој да ги слушат. Миле морат да ги ставит пљукачите на страницата на срамот, пошо ѕид, нели, немаме. Епа пошо јас немам пари за да платам оглас во весник ќе ја искористам колумнава за да ја објавам следната:

Листа на сите граѓани на Република Македонија кои знаат што е тоа морал:

1. Миле Јанакиевски

(Авторот се возит со петка и сурфат на интернет. Моментално е закачен на Јутјуб кај шо го гледат видеото за Скопје 2014)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 0
4 03 2010
)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 11 03 2010 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 17 03 2010 )

No comments:

Post a Comment