- Сараиште не е познато само по големиот број културно-историски споменици туку и како единствено место во урбаната средина на крајбрежјето на Охридското Езеро што може слободно да го посети секој добронамерник и да ужива во природните убавини. Само на овој дел постои природен брег со песок и камчиња, кои претставуваат и значаен филтер на водата. Само на овој дел нема огради и е достапен за секој граѓанин или посетител што сака да ја користи плажата без да биде принуден да пие кафе, сок или да користи лежалка - вели еден од иницијаторите, член на Месната заедница и на Советот на Општина Охрид, Тони Тунтев.
Писмо до министерот Миле Јанакиески испрати и градоначалникот на Општина Охрид, Александар Петрески, во кое наведува дека локалната власт им изразува поддршка на граѓаните. По ова прашање како ретко кога сложни беа и советниците од власта и од опозицијата на седница одржана во минатата недела.
Поддршка на иницијативата и' дадоа и други институции.
- Со издавањето на Сараиште ќе се наруши автентичноста на тој дел од градот и ќе се загрози подрачје под заштита на УНЕСКО, дел од една ретка амбиентална целина добро препознатлива за Охрид - вели директорката на Завод и музеј, Тања Паскали-Бунташеска. Таа појаснува дека без нивна согласност не смее да се поставуваат привремени објекти во заштитениот дел на градот, но за конкретниот случај никој не ги консултирал, па затоа и Заводот со допис реагирал до министерот.
За значењето на Сараиште најдобро објаснуваат локалните жители. Миле Христоски се сеќава на своето детство во 50-тите години, кога тоа место било рибарска населба, а рибарите таму ги поставувале своите мрежи и таму ги чувале и чуновите.
- Треба да се врати автентичноста на ова место. Доста ни е од кафеани, ги има премногу. Ова е единствената плажа што остана овде и во неа се крстиме. Тука се капеме, тука и седиме, а Министерството, лакомо за пари, сака и тоа да ни го земе. Кај можам јас да плаќам лежалки или пијалак секој ден - прашува Христоски. Тој вели дека местото е уредено од мештаните, кои во минатите години се организирале и со нивни пари го уредиле просторот.
Неговиот сограѓанин Ванчо Цигло вели дека нема друго место во светот на кое може да се најде ваков пример на плажа меѓу куќи. Тој се потсетува на времето кога како плажа го користеле и делот на Ј’но во непосредна близина, кој сега е целосно затворен од кафе-барови.Најгласна меѓу жителите загрижени за судбината на Сараиште е 61-годишната Наде Патчева.
- Нека дојде министерот и од нас нека ја побара. Ако треба, по еден бубрег ќе дадеме, ама плажава не ја даваме. Ако треба, ќе излеземе овде со децата и со жив штит ќе ја браниме - вели Патчева.Покана до министерот упати и Климе Филев, чија куќа излегува директно на плажата.
- Министерот нека преспие една вечер овде за да види како ни е нам. И вака не се спие до 4 часот наутро, а како ли ќе биде ако ја издадат и плажава - вели Филев. Граѓаните се сомневаат во регуларноста на издавањето на тој простор и велат дека постапката мора да се стопира.
(Текстот е објавен во дневниот весник Дневник на 06 08 2009)
No comments:
Post a Comment