Хајлајц

Старион БлогСтарион Блог Овде пишував повеќе од осум месеци и има што да се чита. Ако ве интересира клик на линкот.

Линк

З`ш да не...З`ш да не... Нови колумни од серијалот „з`ш да не...“ секоја сабота во весникот Шпиц.

Линк

Моине фото сторииНа рапорт со Јофе Сите емисии на Youtube каналот.

Линк

Aug 25, 2009

Т`га за Охрид

Си пазарам јас пред некој ден в продавница и влегват некој туристи внатре. Ги познав по муабетот, од скопјанишчана беа. Викат едниов „Добар ден. Имате Марлборо?“ Продавачов фино лепо му враќат „Имат“ „А лајт?“ „З`ш да лајт... не е куче да лајт...“ – му викат продавачов. Убо му рече. Ај сеа, ти им даваш то шо ти барет, пак уште и маани наоѓет. Да лаеле. Абе оди таму, ги знам јас скопјанишчана какви се. Ништо не им се погаѓат. Ама зато сеа од на есен ко ќе им стават на цигарине слики страшни, тогаш ќе ги видам дали ќе барет да лајт. Страмота.

И ти викам купив шо купив и излегвам од продавница и тргвам по чаршија да шетнам тро. А многу сакам да шетам на лето по чаршија. Ама ноќе да е, за пубав доживљај. Тргвиш од кај Чинарон и фураш накај езеро. Прво кај фонтанана го прескоквиш онај со куклине шо демек свират на пијано и продолжвиш надолу. Одма од десно до флиперине застанвиш на првата постојка за парфемирање, кај чичконо со ченкана де. Во гужвата дур чекаш да се разминиш ќе се намирисаш тро со мирисон на тазе печена ченка и продолжвиш натака. После прескоквиш уште некој питач, па продавач на цедиња пиратски, па продавач на рогој шо светат црвено, па продавач на сладолед – волна, па продавач на ветар и магла и тераш така надолу по чаршија. Од четири страни Ѓорѓи сардисан, чекорит ко војник од петта дивизија и ако случајно подзастанит да ѕирнит некој излог со намаление од 102, 17 посто ризикуват да бит згазнат од штикла. Онде после Амамон имаш чкарт уметнички дела за стопеес динари, и безболно бушење уши, нос и друго. Шо сакаш ти бушат бе. Тука, на лице место, одма до змиине за сликање шо се. „Дечко, дан касат змијата, отровна да не е?“ „Абе какво касање, мене шо ми фалит цело лето шо ја држам, еве ме, жив, здрав, убав... Ела, ела, ја ти гарантирам“. Атракција бе брат. Ние охриѓани знајме како да привлечиме туриста. Му ставаш змија околу врат, му светвиш со блицон и оп – сите среќни и весели.

После то го седвиш на столче, му црташ уш една змија на грбон и еден крст на градине, па му прајш ланче со името негово и му даваш пеес денари па го пушташ на плоштад да се частит една ченка варена. Пуканки и крофни сам ќе си купит, богат е. И ете ти. Имат слика со змија, уш една змија тетовирана од позади, и еден крст тетовиран од напред. Плус најаден. Сувенири, спомени, убајни... да имат да раскажвит дома му ко ќе си ојт. Ако не се најал со ченките го пушташ по сендвичарине и му даваш хамбургер од 100 денари. Ако се побунит ќе му речиш „Шо се буните море, шо се буните, само се буните, аман веќе. Кај ќе најш на друго место и сендвич да јајш и без пари жива музика да слушаш. Иту каква сакаш по избор, од еднава страна Лепотан од Цеца ти свирит, од другава Љепша од ночи и ти пак се буниш. Абе оди таму...“. И стварно брат, во Охрид летово ко некој клетва да ни имаше фрлено „Од музика да не куртулиш“. И стварно не куртуливме. Посебно онде од плоштад накај старион дел ко ќе ојш, од една страна слушаш „дупси, мупси, фупси“, од друга страна ни мупси ни фупси, туку певаљка со цел репертоар од Цеца, Шемса и Драгана Миркович. Цела вечер. Секоја вечер. Милина! До нејзе колега шо ги кинит Миле Китич и Шабан Шаулич и журката е комплетна. Седиш во една кафана, слушаш музика од три кафани. Само во Охрид и нигде на друго место! И сиве пеачи со посебни поздрави до наше пријатеље од севера. „Живела мајка Југославија, живели другови. Ајмо сада једне пјесми само за вас моји пријатељи. Ово сад су пјесме мојој младости. Кад сам ја био Титов пионер и кад сам носио ону маицу. Јел ви текнува на тој маицу? Ајмо друговиииииии, сва моја пјесма је од бола, а та је пјесма живот мооооооооој... па кажеееее, рууууууукееееее лоооомиииим, чаше ми крвавеееееее, па кажеееее...“

Ма каже, не викам дека не каже, ама каже на српски, и то на лош српски. Јас не знам з`ш морат секош ко ќе прајте муабет со некој Србин, Хрват или шо и да е да го уклучвите одделот во мозокот задолжен за лош српски пропратен со понижавање. Јас сфаќам дека сме биле дел од заедничка држава ама то не значит дека требит и после 20 години да се осеќате ко потчинети. Ко мојте вие да ги разбирате на српски, можат и тие на македонски... ама ај, на кого да му кажиш... Можеше мене еден Јапонец на Семинарон за македонски јазик да се потрудит, да искршит јазик и да ми напрајт муабет на лош македонски, наместо да фурат на англиски, а вие не мојте. Ама добро пак, можда зато јас немам фатено србинка летово. Можда пошо ми е глупо прво да им понудам неко пиче, за после да добијам неко пиче...

Како и да е, ти викам Охрид имат шо да им понудит на туристиве. Еве на пример, единствено во Охрид мојш да се сликаш со споменик и со продавач на ченки одеднуш. Како каде? Па на плоштад. Застанвиш пред споменикон од Климчета, до продавачон на ченки и имаш фотка со два значајни делој од охридската историја. И од христијанско-образовниот и од модерно-кичерајскиот. На сред плоштад бе брат. На срееед! После ојш потака кај учителите негови, Кирил и Методиј. Уствари не морат ни да ојш кај нив за да се сликаш. Ќе се качиш на трамболинана на пристаниште и ќе му го дајш апратот на некој да те фатит во скок. Таман, и тебе и Кирил и Методиј во позадина. После мојш да ојш да јајш Лесковачка позади споменикот. Па и ако не јајш бар ќе ја осетиш миризбата, пошо нели, добрата скара, надалеку мириса. Од киноно до второно пристаниште, кај шо одат заљубени... или изгубени... сеедно.

Туку све убо луѓево шо идат Охрид ама сеа да ти кажам право, љут сум му на премиерон, шо не дојде кај нас на одмор. Пред некој ден во Вест прочитав дека бил на одмор на Бриони. И се чуствувал ко Тито, пардон ко дома. Не бе, баш убо си поминал премиеров наш таму. Викат со сопругата се капеле, шеткале, читале книги... А меѓудругото Груевски и точак возел таму. По 5-6 километри дневно. Можам да го замислам таму, возит со точкот, пензионери седат на клупите покрај патеката а тој развикан – „За нас нема рецесија“, „Наместо да ги кратиме, ќе ги зголемиме пензиите“, „Ти си Македонија“, „Знаењето е сила, точакот е моќ“, „Раѓајте трето дете“, „Сакајте се“, „Толерирајте се“, „Античка Македонија“, „Европска Македонија“, „Македонија во НАТО“ „Остварувамеееееееееее“... А пензионериве со црвени шамии околу гуша и плави титовки на глајте развикани: „Такааааа ееееееееее“...
Милина бе, милина, одмор од соништата. Подолу во текстот Груевски кажвит дека морало да избегат од државава за да мојт на мира точак да возит, кај нас не можел, многу обожаватели, ова она, знајш како... Викат „Го сакам Охрид, ама таму не можам да се одморам. Ќе возам велосипед низ Горица и ќе се расправам со обезбедувањето!?“. Епа господине премиере, не знам дали знајш али пред некое време отворивме скејт-парк во Охридов, онде Ајван плажа кај шо беше порано. Ќе те викнев да поскејташ тро, ама паркот го отвори градоначалникон наш охридски, а вие колку шо знам не се љубите многу, многу па така да, ништо од бизнисот. Али зато овај другиов бизнис со кичерај цутит.

Охрид, ооооооо Охрид. Охрид на лето... убајни. И одморалиште, и летувалиште, и место за забава, и место за одмор, и место за панаѓур, и место за релаксација, и духовен центар, и шопинг центар, и лулка на писменоста, и лулка на неписменоста, и лулка на кичерајот, и све бе брат, све... Ваков град тешко се наоѓат... Зато си го чуваме, и секое лето се појќе го усовршуваме во неговата мултифункционалност. Али уба стратегија си имаме... на едно место ги нудиме сите видови туризам и нормално дека ќе сме најјаки и најпосакувани.

Ене од в година ќе прајме и трка на 500 метри со пречки. Пречките ќе се продавачине на ченки и крофни а победник на трката ќе е тој шо прв ќе успејт да најт кафана кај шо се свирит македонска народна или староградска музика. Ќе организираме и натпревар во старион дел на градот. Ќе имат натпреварувачи од цел свет, ќе ги пикаме по куќи и ќе ги легвиме да спијат. Победник ќе е тој шо прв ќе успејт да заспиет а ќе имат појќе дисциплини, ко на пример „спиење дур трештит техно“, „спиење дур имат жива свирка“ или „спиење со отворено пенџере дур имат караоке со Жаре Берберот“.

Стварно Охрид е убав град... само шо тешко мојш да го осетиш то загушен од сето она претходно спомнато и од насоката кон која се движит градов. При толку природни и историски убајни шо ретко каде ги имат, ние главниот акцент го ставаме на турбо-фолк журки и ченки варени, нешто што сегде мојт да се напрајт. Убав град, да, али уште поубав би бил кога би знаеле да го искористиме неговиот вистински потенцијал. И уште поубав кога би ги избркале сите Охриѓани, соси туристи и продавачи на ченки и пуканки. И така во тишина, без некакви си квази-певаљки мојш да застаниш Канео и вистински да го почуствуваш она што сакал да го кажит Константин Миладинов:

Тамо зората греит душата и с'нце светло зајдвит в гората. Тамо дарбите природна сила со с'та раскош ги растурила: Бистро езеро, гледаш белеит, или од ветар сино темнеит: поле погледниш, или планина – сегде Божева је хубавина. Тамо по с'рце в кавал да свирам, с'нце да зајдвит, ја да умирам!

(ак не се приметвит, авторот е охриѓанец)

(Колумната е објавена во неделникот Сега на 20 08 2009)

(Наредната во печатена форма во Сега во четврток на 27 08 2009 а во електронска на Мојон Блог во вторник на 01 09 2009 )

No comments:

Post a Comment